Во одговор на старо-новите анти-марксисти

Marx_by_techpriester

Не можејќи да присуствувам на утрешниот симпозиум со наслов „Марксизмот денес“ поради недобро здравје, принуден сум да одговорам само на приложените апстракти во кои забележав анти-марксистички идеи кои треба да подлежат на бескомпромисна критика и истите веднаш да бидат отфрлени од следбениците на класичниот марксизам (Маркс-Енгелсовите дела, понатака МЕД).

Првиот излагач (што убаво се поклопува со зборот „лагач“) академик Милан Ѓурчинов во својот апстракт под наслов „Марксизмот и човечките вредности (Некогаш, денес, перспективи)“ пишува дека „кај класиците на марксизмот“ има „еден парадокс“, но притоа не кажува точно што е тоа парадоксално кај Маркс и Енгелс, па соодветно на тоа не е можно да му се одговори, но затоа веднаш поставува дилема: „Марксизмот во согласност со или наспроти духот на Марксовата мисла (младиот Маркс и неговите рани трудови).“, на што би можело да се одговори: Од магистерското дело на Слободанка Марковска – „Човекот и надежта“, може да се прочита дека Ерих Фром не прави такво разликување меѓу „млад и стар Маркс“, и наведува дека тоа е измислица на Г. Плеханов: „Во дискусијата за континуитетот на Марксовата мисла, Фром се противставува на гледиштето, кое прави разлика помеѓу стариот и младиот Маркс, при што младиот би бил оној од времето на „Економско-филозофските ракописи“, а стариот авторот на „Капиталот“. Фром смета дека таквата поделба е сосема излишна и дека зрелиот, односно научникот Маркс воопшто не се откажал од идеите за човекот формулирани во раните трудови; можеби во неговите подоцнежни текстови се променила фразеологијата, но не и содржината на неговите теориски настојувања“. Чудни се филозофите: не гледаат разлики таму каде што тие вистински постојат, а измислуваат таму каде што ги нема. Кој да ги разбере „филозофите“?

Ставот на Ѓурчинов дека „сета моќ е во рацете на мала група олигарси, кои се поддржани од банкарите и од политичарите“ воошто не е марксистички став и повеќе делува на изјава од заговорничкиот шоумен Алекс Џоунс. „Ако суштината и појавата на стварите непосредно се совпаѓаа, сета наука ќе беше излишна“ (Маркс). Контролата врз светската економија не се наоѓа во рацете на мала група олигарси или Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка или Федералните резерви или Wall Street. Тоа што ја контролира капиталистичката светска економија е законот на вредност чија функција – независна од нечија волја или намера – Маркс ја опиша во подробности во својот магнум опус „Капиталот“. Ниту капиталистите ниту нивните меѓународни финансиски организации и централни банки сакаат односно планираат да има стопански кризи. Вистината е дека овој закон на вредноста е вродено самопротивречен, себенегирачки и токму тој ги предизвикува стопанските кризи на капитализмот.

„Противречноста, изразена сосем општо, се состои во тоа што капиталистичкиот начин на производство содржи тенденција за апсолутен развиток на производните сили, без оглед на вредноста и на во неа содржаниот вишок на вредност и без оглед на општествените односи во чии рамки се врши капиталистичкото производство“ – што за пример го имавме „социјалистичкото стоковно производство“ во СФРЈ – „додека, од друга страна, има цел да го одржи постоењето на вредноста на капиталот и оплодувањето на неговата вредност во најголема мера (т.е. постојано забрзано растење на оваа вредност). Специфичниот карактер на капиталистичкиот начин на производство е да ја насочи постојната вредност на капиталот како средство за колку што се може поголемо оплодување на оваа вредност. Методите со кои тој тоа го постигнува се следниве: паѓање на профитната норма, обезвреднување на постојниот капитал и развивање на производната сила на трудот за сметка на веќе создадените производни сили. Периодичното обезвреднување на постојниот капитал, кое е иманентно средство на капиталистичкиот начин на производство за задржување на паѓањето на профитната норма и за забрзување на акумулацијата на вредноста од капиталот со образување нов капитал, ги растројува дадените односи во кои се врши процесот на циркулацијата и на препроизводството на капиталот, и поради тоа е следено од ненадејни сопирања и кризи на процесот на производството“ (Маркс, Капиталот, том III, Глава 15, II. Конфликт меѓу раширувањето на производството и оплодувањето на вредноста, стр.228).

Во својот апстракт „Маркс и сегашноста: Некои аспекти“, д-р Љубомир Цуцуловски пишува дека „надминувањето на капитализмот ќе значи и надминување на Марксовата мисла – губејќи го својот предмет, и самата Марксова теорија ќе стане безпредметна“, но тоа нема да се случи сè додека помал број од општеството – меѓу нив и професионалните филозофи – сакаат да бидат исклучени од „робувањето на трудот, од принудна работа“.

Д-р Петре Т. Георгиевски во својот апстракт под наслов „Актуелноста на Марксовата теорија на отуѓување и нејзината хуманистичка димензија“ пишува дека „револуцијата … ќе се одвива во две фази: социјализам и комунизам“. Во глава 5 од „Држава и револуција“ Ленин прави лажно разликување помеѓу социјализам и комунизам во обид да докаже дека, во согласност со Маркс, државата најпосле не би исчезнала до „комунизмот“ и така би постоела и понатаму под „социјализмот“. Маркс и Енгелс всушност не правеле разлика меѓу социјализам и комунизам; тоа биле термини кои тие ги користеле разменувачки за да се повикуваат на идното бескласно, бездржавно општество засновано на општествена или заедничка сопственост. Лениновата „Држава и револуција“ не е, како што се тврди, реафирмација на Марксовата теорија на државата, туку нејзино целокупно лажно претставување. Маркс гледа на социјализмот како укинување на сопственоста (имплицирано во изразот „заедничка сопственост“). Неговата визија е бездржавен, бескласно и безпарично општество кое, по својата природа, би можело единствено да дојде до буење кога тоа ќе го сака свесното мнозинство и во кое работите на луѓето би биле демократски раководени.  Лениновата едноставна дефиниција на социјализмот е изнесена во Наидувачката катастрофа и како да се бори против неа (септември 1917): „Социјализмот е само државно-капиталистички монопол којшто е направен да му служи на цел народ“. Ленин знаеше дека тој воведува нова дефиниција на социјализмот овде којашто не може да се најде кај Маркс но тврдеше дека постојат две фази после капитализмот: социјализам (негова нова дефиниција) и комунизам (што марксистите секогаш го разбирале како социјализам: бездржавно, бескласно, безпарично, неплатежно општество). Сепак, толку нова беше оваа дефиниција што другите болшевички публикации од истиот период сè уште тврдеа дека „социјализмот е највисоката форма на општествена организација којашто човештвото може да ја постигне“. Маркс очигледно ќе се сложеше со последното тврдење, но целосно ќе го отфрлеше предлогот дека социјализмот има некаква врска со национализацијата или дека би можел да биде воспоставен од страна на професионални револуционери.

Д-р Ристо Солунчев во својот апстракт насловен „Извлекувана слобода – христијанството и марксизмот како терапевтика“ тврди дека спојот на марксизмот со христијанството е единствената легитимна терапевтска пракса, дека марксизмот и христијанството во однос на нивната социјална филозофија може потполно природно да се врзат во една подлабока иднинска перспектива и затоа според Солунчев е потполно јалово да се спротивставуваат христијанството и марксизмот врз оската на теизам-атеизам, макар што самиот Маркс не се штедел во разобличувањето на реакционерната контура на социјалните принципи на христијанството; според тоа Солунчев јалово се обидува да спои нешто што важи за оксиморон: „Социјалните принципи на христијанството го одобруваaт античкото ропство, го глорифицираат средновековното кметство и тие знаат, кога е потребно да го бранат тоа, иако со нажалено лице, и денешното угнетување на работничката класа. Социјалните принципи на христијанството го прогласуваат како нужно постоење на класите – експлоататорски класи и класи на експлоатисани и тие само изразуваат побожна желба првата класа да биде милостлива спрема другата. Социјалните принципи на христијанството ја пренесуваат на ново наградата ветена од конзисториските праведници, за сите беди, гнасотии што се прават овде на земјата, и со тоа тие го оправдуваат и понатамошното постоење на таа беда на земјата. Социјалните принципи на христијанството ги објаснуваат сите арамилаци што ќе ги направат експлоататорите над експлоатираните, или како праведна казна за прародителските и други гревови или како искушение што Господ во својата мудрост им ги праќа на луѓето што ги откупил. Социјалните принципи на христијанството го глорифицираат кукавичлукот, презирањето на самиот себе, самоунижението, покорноста, понизноста, накусо сите својства на никаквец; но за работничката класа, што не сака со неа да се постапува како со измет на човечкиот род, за нејзе храброста, свеста, чувството на понос и независноста се поважни од секојдневниот леб. Социјалните принципи на христијанството носат печат на сервилност и лицемерство, додека работничката класа е револуционерна.“

Според Љубомир Гајдов, „Марксова заблуда беше бескласна држава преку револуција на работничката класа. Се разбира, со насилие, укинување на опозициските политички партии. Тоа, за жал, се случи во т.н. социјалистички земји, почнувајќи со Лениновата, а потоа и Сталиновата Советска Русија.“ (Цитат од неговиот апстракт насловен „Маркс и Платон – Дали Маркс беше марксист?“) Прво, никаде Маркс не промовирал идеја за „бескласна држава“, за него тоа би било оксиморон, правилно е да се каже дека за него државата отсекогаш имала класно-угнетувачки карактер: „Владата е алатка на угнетување; тоа се органите на авторитетот; тоа е војската; тоа е полицијата; тоа се службениците, судиите, министерите; тоа се свештениците“ (Маркс, Класните борби во Франција). За Маркс и Енгелс, „државата постои само поради приватната сопственост“ (МЕД, 6/69) и според тоа за нив, „оној кој го поистоветува укинувањето на државата со укинувањето на општеството личи на луд инжинер кој за да очисти куп смет на патот наместо лопата користи 10 килограми експлозив“ (МЕД, 11/341). Во „Декларацијата на германските демократски комунисти“ во Брисел, организирана од Маркс и Енгелс во 1847 година, за време на дискусиите што довеле до формирање на Сојузот на комунисти и објавувањето на Комунистичкиот манифест неколку месеци подоцна, стои следното: „Ние не сме меѓу оние комунисти кои се за уништување на личната слобода, кои посакуваат да го преобразат светот во една огромна касарна или џиновска работилница. Се разбира, постојат некои комунисти кои, со лесна совест, одбиваат да ја прифатат личната слобода и би сакале да ја отфрлат бидејќи тие ценат дека таа е препрека за да се доврши хармонијата. Но, ние немаме желба да ја менуваме слободата за еднаквоста… Ајде да работиме да воспоставиме демократска држава во којашто секоја партија би можела со збор или со пишување да го освои мнозинството со своите идеи…“ За разлика од она што Гајдов – се разбира лажно – сака да ни го приложи како идеолошка доследност во сфаќањето на политичката слобода меѓу Маркс-Енгелс и болшевиците, во едно писмо од мај 1891 адресирано до Бебел еден од водачите на Германската социјалдемократска партија, Енгелс му го напишал следното: „Ниту една партија во ниту една земја не може да ми нареди мене да молчам ако јас сум одлучил да зборувам.“ Навистина, на 8 март 1921 година, Ленин наредил на Десеттиот партиски конгрес сите фракции да бидат распуштени и секој кој се противи на партиските одлуки да биде казнет. Во тој случај, ако Енгелс беше слободоумен под режимот на Ленин најверојатно тој ќе беше исклучен од партијата.

Не, тоа не е критика на марксизмот (тој од Маркс-Енгелсовите собрани дела на српско-хрватски во 46 тома), туку теоретска шпекулација од страна на д-р Бошко Караџов во однос на Маркс-Енгелсовото сфаќање на поимот слобода, во неговиот апстракт насловен: „Бедата на стахановистичката антропологија“. Караџов никогаш не се штеди во тоа негово антикомунистичко сикофантство да се служи и со лаги и клевети против ликот и делото на Маркс (и Енгелс). Караџов се занимава со личноста и карактерните црти на Маркс и Енгелс, нешто многу слично на идиотската пресметка на Џорџ Зерзан во неговиот текст „Практичниот Маркс“. Самиот Караџов си знае зошто за мојата реплика сум го одбрал саркастичниот наслов „Мрзоволниот хипопотам од Велес“ – зашто тој во еден текст пак преку извртувања се обидува да го дискредитира Маркс како страстен наместо разумен дебатер со своите современици, и што е најбезобразно, во таа своја трачарска пресметка се служеше со спореден извор наместо да провери од самите Маркс-Енгелсови дела дали навистина Маркс се служел со погрдни именувања на своите современици. И тоа не се мои аргументи туку Марксови, така што само еден цитат од приложените во мојата реплика е доволен да ја расчисти фатаморганата на овие подмолни заведувања од страна на Караџов дека успеал да се пресмета со Маркс-Енгелсовиот марксизам. Читателите ако почувствуваат потреба да се борат со силно чувство на гадење за да ме читаат, тогаш подобро за нив ќе биде да се изборат систематски да ги исчитаат 46-те тома за да сами ја увидат злонамерноста во шарлатанската критика на Караџов кон ликот и делото на Маркс и Енгелс. На крајот на краиштата, покрај блогерскиот медиум, зошто да му се оддава толкава важност на еден таков шарлатански критичар на Маркс на ниво на еден Џорџ Зерзан па да му се одговара на симпозиум, на еден акшамлар филозоф кој за Маркс вели „Француската идеја која му се допадна на луди Немац која пак ја спремаше за индустриска Англија, а се случи во рурална Југославија“ (11.10.2011 кај блогот на антикомунистот Виктор Трифуновски), на еден слаб логичар кој ми одговара вака: „Со аргументот „како треба да биде“ не можеш да го побиеш „фактот како било““. На што мојот одговор беше: „Ма немој! А кој е фактот, компромитатору?“ Да, Караџов е таков критичар на марксизмот – строга битанга – кој во својата идеолошка пресметка со Маркс и Енгелс се служи со извртувања, лажења и клеветења против нивниот лик и дело.

Leave a comment