Борба што претстои со новата оска на злото: С.А.Д.-Израел-Саудиска Арабија, одговарајќи му на Џејсон Мико

mohammed-at-mecca

Мухамед во Мека од сликарот Андреас Мулер, доцен 19-ти век. Мухамед е оној на камилата и е насликан како ги отфрла идолите од Кааба.

„Aко каузата на мирот и безбедност е каузата на Алах, тогаш зошто Мухамед го ширел исламот преку војна и освојување? Ова е добро документиран дел од исламот, кој не е многу дискутиран меѓу интелектуалците, имамите или политичарите.“ (Џејсон Мико во својата колумна „Борба со радикалниот ислам“ за Дневник, 21 август 2014)

Џихадот како само-одбрана

Капиталистичкиот лажлив јазик на Мико лесно може да се отсече со брз преглед на историјата на џихадот од времето на Мухамед. Историската вистина е дека исламот не се ширел со меч затоа што така му било ќеф на Мухамед туку затоа што бил принуден со меч да ги заштити муслиманите без да му биде оставено друг избор. Тие војни на кои алудира Мико биле наметнати на муслиманите. Муслиманите не ги предизвикале тие војни. Муслиманите не започнале ниту една битка со било кого. Тоа биле неверниците од 365-те арапски пагански племиња, а подоцна перските и римските империи кои воделе војни против муслиманите. Па бидејќи муслиманите не биле агресорите тогаш ова е она што значи џихад: „На Аллаховиот пат убивајте ги оние кои вас ве убиваат. Но, не преминувајте ги границите; Аллах, навистина, не ги љуби претерувачите!“ (Сура 2 Ел-Бекера, стих 190)

Кога Аллах му го издиктирал Куранот на пророк Мухамед и станал гласник на Аллах, Мухамед морал да го пренесе исламот на 365 пагански арапски племиња. Овие племиња покажале толку многу непријателство кон муслиманите и исламот што предизвикале битки против муслиманите. Самиот пророк преживеал неколку обиди за убиство а кога неговата порака на Аллаховите закони се судрила со властите на Мека малата муслиманска заедница била прогонета. Работите се влошиле кога муслиманите морале да мигрираат до Медина каде биле нападнати од војската на Мека. Војната траела пет години а кога Мухамед почувствувал дека настаните се развивале во негова полза, тој целосно ја сменил тактиката. Се фокусирал на градење мирна коалиција меѓу племињата и поттикнал инспирирачка смела и оригинална политика на ненасилство. Ова имало толку успех што на крајот Мека им ги отворила на муслиманите своите порти доброволно без да се пролее една единствена капка крв[1]. Додека поглаварите на арапските пагански племиња не земале заложници, туку едноставно убивале секого што ќе го фатиле. Мухамед знаел дека ако муслиманите бидат поразени сите тие би биле масакрирани до последен маж, жена и дете[2]. Единствената војна оправдана во Куранот е војна од самоодбрана[3]. „Борбата е голем грев!“ (Сура 2 Ел-Бекара, стих 217) но понекогаш таа е нужна за да се стави крај на прогонувањето против муслиманите (Сура 22 Ел-Хаџџ, стихови 39 и 40). На муслиманите им е забрането од Аллах да предизвикуваат непријателства и агресија (2:190). Додека борбата трае, муслиманите мора да се посветат целосно на војната за да го вратат поредокот колку што е можно побрзо но ако непријателот бара мир тогаш непријателството мора да прекине: „А ако престанат да го прават тоа, та, Аллах, навистина, е Простувач и Сомилосен!“ (Сура 2 Ел-Бекара, стих 192). Правилата на војување во исламот се многу праведни, кои велат да не се убиваат жени, деца и старци, да не се сечат дрва или да не се уништуваат населени места и да не се ограбува за време на војна (Види хадити Сахих Муслим 19:4319, Сунан Абу Давуд 8:2663 и Малик ал-Мувата 21:9).

310845_363217980456683_1502418670_n

Америка го помага радикалниот „ислам“

Како лицемерот Мико може да тврди дека либерална капиталистичка Америка ќе се бори со радикалниот „ислам“ кога нејзината државна и бизнис елита всушност го продолжува тој радикален „ислам“ давајќи воена и политичка поддршка за Саудиска Арабија чие монархиско семејство е политички и крвно поврзано со вахабистичката свештеничка класа. Вахабизмот, официјална доктрина на Саудиска Арабија, воопшто не е „радикален ислам“, туку поточно анти-ислам за што ќе аргументираме подолу. Саудискиот арапски тиран кралот Ибн Сауд ‘и порачал на американската капиталистичка олигархија дека ако таа има волја да овозможи политичка и воена поддршка за кралството, тој би ‘и понудил на нејзината влада (американскиот народ нема влада, затоа велам „нејзината“ реферирајќи на олигархијата) посебен пристап до саудиската нафта. Во февруари 1943 година американскиот претседател Рузвелт овластил ленд-лиз помош за Саудиска Арабија и со тоа практично капиталистички С.А.Д. го отпочнале своето долго и длабоко мешање во политиката и нафтата на Саудиска Арабија. Една година подоцна во февруари 1944 година, се водела прочуена расправа меѓу британскиот амбасадор во Вашингтон Лорд Халифакс и претседателот Рузвелт, кога Рузвелт му покажал на амбасадорот мапа на средниот исток и рекол: „Персиската нафта е ваша. Ние ја делиме нафтата на Ирак и Кувајт. Што се однесува до нафтата на Саудиска Арабија таа е наша.“ Оттогаш капиталистички С.А.Д. фанатично го поддржуваат автократското владејачко семејство на Саудиска Арабија и политички и воено. На крајот од Втората светска војна, Саудиска Арабија станала доминантен фокус на политичките кукли на американската олигархија. Во октомври 1950 година, американскиот претседател Хари Труман му напишал на тиранот Ибн Сауд: „Јас сакам да ви ги поновам уверувањата кои ви беа дадени неколку пати во минатото дека С.А.Д. се заинтересирани да ја сочуваат независноста и територијалниот интегритет на Саудиска Арабија. Не може да му се случи закана на вашето Кралство а да не биде од непосредна загриженост за С.А.Д.“ Оттогаш до денешен ден „либералните“ С.А.Д. даваат политичка и воена сигурност за територијалниот интегритет и независност на Саудиска Арабија. Тоа е само наводно неверојатен сојуз меѓу бедуински Арапи и тексашки нафташи – вахабистичка квази-исламска автократија во сојуз со современиот американски капитализам. Сепак, тоа е сојуз кој бил планиран да трае, макар што вахабизмот е точно она под што Мико подразбира „радикален ислам“. Затоа изјавата на Мико дека „ние не се бориме со 1,8 милијарда муслимани. Само со неколку милиони, што е доволно да го уништат светот ако сакаат“ е во самата срж лицемерна оти токму С.А.Д. со воената и политичка поддршка за Саудиска Арабија го хранат чудовиштето од „ислам“, вахабизмот. На муслиманите им е наредено од Аллах за непријателите „пофаќајте ги и убивајте ги каде било да ги најдете“ (Сура 4 Ен-Ниса, стих 89). Вахабистичкиот принц Осама Бин Ладен сакал да ги цитира овие стихови но тоа го правел на лицемерен селективен начин така што никогаш не ги цитирал наговарањата за мир и попуштање што ги ублажуваат овие сурови наредби во стиховите кои веднаш следат. Според тоа, „ако не ве задираат и ако не се борат против вас – и ако ви понудат мир, Аллах не ви даде за право да бидете против нив“ (Сура 4 Ен-Ниса, стих 90). Капиталистички С.А.Д. не ги помагаат и не соработуваат со мирните и умерени муслимани, туку со вахабистите, следбеници на вахабизмот. Вахабизмот е ултра-радикална секта на сунитскиот „ислам“ со потекло во Саудиска Арабија. Само мало малцинство од 3 до 5 проценти од овие 1,8 милијарди муслимани се вахабисти. Токму вахабистичкиот квази-ислам е примарното религиозно движење зад „радикалниот ислам“ на кој реферира Мико во својата колумна. Тогаш зошто од крајот на Втората светска војна, ако наводно секуларните С.А.Д. се борат за светски мир и толеранција, сепак, тие фанатично даваат политичка, дипломатска и воена поддршка за земја на автократски владеачи чија државна идеологија се заснова на „радикалниот ислам“ односно вахабизмот? Одговорот е уште појасен кога ќе се земе предвид фактот дека многу важни членови на саудиското кралско семејство се инвеститори во корпорациите управувани од важни републиканци како поранешниот државен секретар Џејмс Бејкер и поранешниот секретар за одбрана Френк Карлучи. И она што Мико лицемерно му го припишува на Мухамед може со сигурност да се тврди и за официјален Вашингтон кој ја шири т.е. наметнува либералната „демократија“ ширум светот преку бомбардирања. Тоа е доктрината на Колин Пауер: војна со бомбардирање без човечки и материјални загуби на американска страна, односно војна без војна.

12107_719241118095284_1474166023_n

Вахабизмот како анти-ислам

Вахабизмот е злосторничка и насилна идеологија, заснована од умствено болен човек по име Мухамед Ибн Абдул-Вахаб пред 300 години. Главниот принцип на вахабизмот е дека сите муслимани кои извршуваат општење преку светците на Аллах (пророците, имамите и други побожни лица) и ги посетуваат нивните гробови се одметници и неверници. Според тоа, одземањето на нивниот живот, имот и жени, како тие на неверниците, треба да биде верски законито и дозволено.

Мухамед Ибн Абдул-Вахаб го усвоил овој принцип од претходните ханбелиски учители како Ибн Тајмија и неговиот ученик Ибн ал-Кајим ал-Џавзија. Голем број луѓе пројавиле негодување за неговите верување кога тој прв почнал да ги споделува своите гледишта и повикува луѓето да ги прифатат.

Всушност, дури неговиот татко – кој бил судија во градот Ујајна – остро се спротивставил на неговите гледишта заедно со неговиот брат Сулејман ибн Абд ал-Вахаб кој напишал книга да ги побие неговите гледишта. После смртта на својот татко, тој објавил книга со наслов „Ал-Тавхид“. Тогаш настанале сериозни расправии меѓу него и луѓето на Хурејмала поради што тој за малку ќе бил убиен.

Сепак, Ибн Абдул-Вахаб на крајот открил чаре кога Мухамед бин Сауд – принцот на ад-Дарија и првиот поглавар на Аал Сауд – се согласил да го поддржи за да ги зајакне темелите на неговата власт над Наџд. Народот во Наџд според фатвата на Ибн Абдул-Вахаб бил составен од неверници кои заслужувале да бидат угнетувани.

Оттогаш мирољубивите градови биле нападнати и ограбувани, биле предизвикани крвопролевања и невини луѓе биле убиени на Арапскиот Полуостров од страна на Аал Сауд и неговите синови.

Во муслиманската година 1216, вахабистичката војска пробила во светиот град Карбала. Тие влегле во градот додека мноштвото жители отишле да го посетат светиот грам во градот Наџаф. Војниците на Вахаб безмилосно ги масакрирале децата, жените и мажите кои останале во градот. Потоа, тие тргнале кон светиот храм на имамот Хусеин и ги ограбиле драгоценостите кои се наоѓале таму и потоа избегале на пладне пред жителите на Карбала да се вратат.

Уништувањето на светите храмови на побожните луѓе е витален дел од вахабистичката стратегија. Сиот храм на имамите во Баки бил ограбен и уништен од вахабистите. Светиот храм на имамот Хусеин бил уништен од нив покрај светиот храм во Самара.

Тие дури имале намера да го уништат гробот на пророкот Мухамед во Медина. Сепак, нивниот обид бил одложен поради предупредувањето дадено од кралот на Египет во тоа време. Тој им се заканил дека ќе ѝ наредил на египетската војска да ја нападне земјата на Наџд ако тие се осмелиле во тоа. Кога Сауд бин Абдул-Азиз ја освоил Медина во 1805 година, неговите следбеници, вахабистите, го уништиле скоро секој гроб во Медина. Гробот на Мухамед бил соголен од златните и скапоцени украси но куполата на гробот преживеала поради неуспешниот обид да ја уништат нејзината тврда структура. Слични инциденти се случиле во 1925 година кога саудиските војски го презеле и овојпат успеале да го задржат градот. Во 2007 година, според еден памфлет објавен од саудиското министерство за исламски прашања и одобрен од големиот муфтија на Саудиска Арабија – Абдул-Азиз ибн Абдулах Ал аш-Шеик – „зелената купола ќе биде уништена и трите гроба израмнети.“

Едно од раскажувањата кое конкретно се однесува на народот од Наџд (вахабистите) се наоѓа во една од најавтентичните хадити, на Сахихул Бухари: „Ибн Умар раскажувал: Пророкот рекол: „О Аллах! Нека бидат благословени Сирија и Јемен.“ Луѓето рекле: „Нашата Наџд исто така.“ Пророкот пак рекол: „О Аллах! Нека бидат благословени Сирија и Јемен.“ Тие пак рекле: „Нашата Наџд исто така.“ Кон тоа пророкот одговорил: „Таму ќе се појават земјотреси и неволји и од таму ќе се појави главата на Сатаната.“

Без сомневање – барем метафорично – главата на Сатаната е Ибн Абдул-Вахаб а малите ѓаволчиња неговите следбеници вахабистите.

[1] Освојувањето на Мека било предизвикано откако многубошците од Мека ја раскинале спогодбата со муслиманите. Освојувањето не било предизвикано од муслиманите туку од многубошците а сепак тоа било бескрвно освојување. Битката кај Хунаин се случила после бескрвното освојување на Мека од муслиманите. Многубошците од соседните арапски племиња се обединиле да ги нападнат муслиманите и да го докрајчат исламот. Иако тие биле трипати помалку бројни од муслиманите во почетокот напредувале но на крајот муслиманите победиле. Повеќето стихови за џихадот се однесуваат на паганските племиња на Арабија бидејќи тие ги прекршувале спогодбите и предизвикувале војни против муслиманите дури после освојувањето на Мека. Поради нивното прогонување на муслиманите во период од 18 години и нивното раскинување на спогодбите, муслиманите немале можност за мирно коегзистирање. И не било само тоа причина за водење џихад туку и заради тоа што многубошците ги угнетувале слабите во нивното општество, новородените женски деца биле закопувани живи ако тие се родиле како прво дете, жените биле наследувани од мажите а сиромашните биле игнорирани. Исламот им донел политичка еднаквост и социјална благосостојба за овие категории на граѓани.

[2] Само за споредба, во исламот, на невините немуслимани им е овозможена слобода на религија според Сура 109 Ел-Кафируун, Стих 6: „Вам – верата ваша, а мене – верата моја!“ или според Сура 22 Ел-Хаџџ, Стих 17: „Аллах, навистина, ќе ги издвои на денот суден оние кои веруваа од оние кои беа Евреи, Сабејци, христијани и меџусии и оние кои беа многубошци!“ или според Мухамедовите свечени договори со христијаните од светот: „Христијаните се мои граѓани. И со помош на Аллах, јас се борам против било што им наштетува.“; во исламот дозволено е исто така хранење на воените заробеници според Сура 76 Ел-Инсан, Стих 8; Пророк Мухамед секогаш предупредувал и никогаш не присилувал никого според Сура 22 Ел-Хаџџ, Стих 49 и според Сура 67 Ел-Мулк, Стих 26; поканување на немуслиманите да се преобратат со мудрост и убава проповед и аргументирање на најблаг начин според Сура 16 Ен-Нехл, Стих 125: „Повикувај кон патот од Господарот твој, и со мудрост и со ука добра. И расправај со нив на најдобар начин! Господарот твој, секако, најдобро го познава оној кој скршнал од патот Негов. Он најдобро ги знае упатените!“. На пример, кога пророк Мухамед го испратил својот гласник до Кисра, владетелот на Персија, запознавајќи го со исламот, Кисра наредил гласникот на муслиманите да биде егзекутиран, што било кукавичко недело. За разлика од персискиот крал, египетскиот патријарх љубезно одбил да го прифати исламот. Тој не го убил гласникот на муслиманите и наместо тоа испратил подароци до пророк Мухамед поради неговата покана за преобратување. Муслиманите не го нападнале бидејќи за разлика од Кисра и Ираклиј I, тој бил невин немуслиман.

[3] Христијанските Римјани на пример во една од своите многу битки против муслиманите е кога тие тие препознале закана за нивната религија во Средниот исток, па кралот Ираклиј I испратил војска од 100 000 луѓе и им наредил да одат во Медина т.е. денешна Саудиска Арабија за да го уништат исламот еднаш засекогаш. Муслиманите во тоа време не биле сè уште консолидирани и испратиле војска од 3000 луѓе за да ги прогонат христијанските Римјани од Медина. Битката била наречена „Битка на Мота“ која се случила во Мота, денешен Јордан. Планот на муслиманите бил да ги сретнат христијанските Римјани далеку од Медина и да ги оддалечат од Медина. Војската од 3000 луѓе успеала да се бори против христијанските Римјани во текот на неколку дена а потоа се повлекле и се насочиле на југот од Јордан. Римјаните се оддалечиле од Медина а малата војска од муслимани успеала да побегне низ планините. Повеќе од половина од 3000 муслимани сепак биле убиени во оваа битка. После освојувањето на Мека, пророк Мухамед се борел против Римјаните во нова кампања наречена битката кај Табук. Овојпат тој имал 30 000 спремни муслимански војници. Пред тие да влезат во Табук, византиската војска побегнала откако слушнала дека доаѓала голема војска да го заземе Табук. Христијаните кои останале или се преобратиле во ислам или пак плаќале данок џизија за да бидат под заштита на исламската држава.