Популистичката платформа на „левичарското“ „движење“ „Солидарност“

NTkzNjE3NjUz_o_andrew-kliman---the-failure-of-capitalist-production-

Кејнзијанистичките економски „промени“ понудени од „левичарското“ „движење“ „Солидарност“

„Солидарност приоритет им дава на суштинските економски промени засновани на премисата дека луѓето не треба да му робуваат на капиталот, туку капиталот да биде во служба на граѓаните.“

Капиталот не е можно да биде во служба на граѓаните бидејќи капиталот може да постои само со помош на команда над трудот што значи не е можно постоење на капиталот без работниците да му робуваат нему.

„Внатре во процесот на производството, капиталот се разви во команда над трудот, т.е. над работната сила што се ставила во дејство или над самиот работник. Персонифицираниот капитал, капиталистот, гледа работникот да ја исполни својата работа како што прилега и со нужниот степен на интензивност.“ (Маркс, Капиталот)

„Капиталот се развил во заповедништвото над трудот и затоа се грижи да се работи добро и интензивно. Тој, понатаму, го присилува работникот да изврши повеќе работа отколку што е потребно за негово одржување – и во испумпувањето на вишокот на вредноста ги надминува сите поранешни производствени системи во кои постоеле директно присилна работа.“ (Маркс, Kапиталот)

„Капиталот е мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што толку повеќе живее, колку повеќе ќе исцица од него.“ (Маркс, Капиталот)

„Нерасипничко, компетентно и одговорно ракување со јавните ресурси“ е илузија во услови на капиталистички начин на производство!

„Капиталистичкото производство, наспроти целата своја скржавост, е воопшто сосема растурничко кога е во прашање човечкиот материјал, исто како што е, од друга страна, благодарение на методот за расподелбата на неговите производи преку трговијата и на неговиот начин на конкуренција, мошне растурничко со материјалните средства, при што општеството го губи она што одделниот капиталист го добива.“ (Карл Маркс, Капиталот)

„Напуштање на практиката на фаворизирање на странските компании пред домашните“ – домашниот капитал наводно треба да биде помалку жеден вампир од странскиот капитал?!

„Солидарност се залага за политики за прераспределба на доходот, преку прогресивно оданочување, затоа што само на тој начин економскиот раст е одржлив и инклузивен.“

Прогресивно даночениот приход на капиталистите не гарантира одржлив и инклузивен економски раст бидејќи:

1) За кратко време тоа даночно обременување ќе биде префрлено во цената на производство и низ механизмот на пазарното стопанисување пак пренесено на терет на широките народни маси.

2) Капиталистите поинтензивно ќе го експлоатираат трудот на работниците. Стапката на вишок вредност капиталистите можат да ја зголемат продолжувајќи го работниот ден за работниците и интензивирајќи го процесот на труд (работниот процес, процесот на производство).

3) Капиталистите ќе го преселат капиталот во странство. Капиталот инвестиран во земјите од Третиот свет може да даде повисоки профитни стапки бидејќи таму, поради пониското ниво на капиталистички развој, и профитната стапка и експлоатацијата на трудот се генерално повисоки.

„Се залагаме за достоинствена минимална плата за да му се овозможи на секој вработен да има доволно примања за пристоен живот наместо бедно преживување.“

Барањето за минимална плата e давање легитимност на наемното ропство! Барањето за минимална плата не само што е антисоцијалистичко и ненаучно издржавно туку е и демагошко и популистичко, според тоа, тоа е неморално барање! Правилно решение би било укинување на условите, кои секојдневно, покрај производот, ги репродуцираат и општествените односи, во кои работникот е наемен роб кај капиталот. Значи, укинување на капиталистичкиот начин на производство! Тоа е системот на наемно ропство во кој работникот работи за наемнина, која од ден на ден е сè пониска, поради што и положбата на работникот е сè полоша.

„Не е високото или ниското ниво на наемнините она што ја прави економската деградација на работничката класа: оваа деградација се состои во фактот дека работничката класа наместо за својот труд да го добива целиот производ од својот труд, мора да се задоволи со дел од својот сопствен производ кој се нарекува наемнина. Капиталистот го присвојува сиот производ (и од тој производ ги плаќа работниците), затоа што е сопственик на средствата за работа. И затоа нема вистинско ослободување на работничката класа сè додека таа не стане сопственик на сите средства за работа – земја, суровини, машини итн. – и со тоа сопственик на сиот производ од својот сопствен труд.“ (Енгелс, Наемен систем)

Митот на левичарското движење Солидарност за одржлив економски раст врз прогресивно даночење

Солидарност се залага за политики за прераспределба на доходот, преку прогресивно оданочување, затоа што само на тој начин економскиот раст е одржлив и инклузивен.

Зошто одржлив развој врз основа на прогресивно оданочување не е долгорочно решение за благосостојбата на широкото мнозинство? Едноставно бидејќи одржливиот развој зависи од приходите во капиталистичкото стопанство. Единствениот начин да се намали зависноста е да се зголеми делот на некапиталистичкиот сектор на производството од којшто е можно да се прераспределуваат ресурсите за да се имплементираат прогресивни реформи. Ако рамнотежата на силите во стопанството се променила во корист на индустрискиот капитал и работниците на сметка на изнајмувачкиот капитал; чие движење и способност да извлекува камати и дивиденди се ограничат на тоа да одржуваат високи нивоа на инвестирање. Меѓутоа, високите нивоа на инвестирање имплицираат големи последици за развојот на едно капиталистичко стопанство. Кога големината на работната сила се стабилизира и стапката на раст на продуктивноста во важните индустрии не може да се крева понатаму, високите нивоа на инвестирање ќе ја снижат просечната профитабилност на инвестираниот капитал. Во исто време работниците се концентрирани во индустрии коишто ја зајакнуваат нивната преговарачка моќ, бидејќи синдикалните акции таму влијаат на голем дел од целото стопанство. Целосната вработеност ќе создаде општествени и политички промени коишто ќе ја уништат довербата на индустрискиот капитал. „Всушност, под режим на постојана целосна вработеност, ’отказот’ би престанал да ја игра својата улога како дисциплинирачка мерка. Општествената положба на газдата би била поткопена, а самодовербата и класната свест на работничката класа би растеле. Штрајковите за зголемување на платите и подобрување на работните услови би создале политичка тензија“ (Михаил Калецки, полски економист).

Понатаму, индустриските капитали би се обиделе да ги компензираат платежните барања и даноците зголемувајќи ги цените, односно инфлацијата, којашто ги оштетува интересите на изнајмувачите. Со други зборови, токму тоа беа високите нивоа на инвестиции, коишто овозможиле простор за прогресивни реформи, а коишто довеле до два одделни процеси (1) опаѓачка стапка на приход од инвестираниот капитал и (2) растечка сила на работничкото движење, резултирајќи во криза на профитабилноста и деловната доверба во развиените капиталистички стопанства во текот на средината од 1970-те години. Воопшто, социјалдемократијата немала алтернативна стратегија освен истите кејнзистички политики. Таквите политики ќе се соочат со опаѓање на деловната доверба, бегање на капиталот и оттука макроекономски проблеми. Наместо работничкото движење, тоа беа претставниците на финансиската класа кои иницирале во текот на кризата и ја промениле рамнотежата на силите во глобалната економија во текот на 1980-те години: Движењето на капиталот било отворено, како и нови пазари и резерви на труд на истокот; целосната вработеност била напуштена во прилог на ниска инфлација и високи каматни стапки; следеле приватизации и кратење на јавно финансираните услуги на благосостојба. Ова исто така имплицирало крај на успешните „класични“ политики на европската социјалдемократија.

Вулгарниот социјализам (а од него еден дел од демократијата) има наследено од буржоаските економисти дистрибуцијата да ја разгледува како независна од начинот на производство и поради тоа социјализмот да го претставува како тој главно да се врти околу дистрибуцијата. Откако вистинскиот однос е одамна разјаснет, зошто враќање назад? (Маркс, Критика на Готската програма)

Митот на левичарското движење Солидарност за порамномерна прераспределба на доходот во услови на приватна сопственост

Солидарност се залага за политики за прераспределба на доходот, преку прогресивно оданочување…

Зошто порамномерната прераспределба на општественото богатство во услови на приватна сопственост над средствата за производство би била невозможна мисија за ЛД Солидарност? Бидејќи капиталистите имаат повеќе пари од работниците! Тие можат да ги употребат овие пари за да вработат работници да работат за плати. Како што заклучил Адам Смит, во која било спогодба за цената на својот труд, работниците се наоѓаат во послаба положба од работодавачите. Нивните плати се многу помали од вредноста која работниците ја создаваат во текот на работната седмица. Бидејќи капиталистите може да го продаваат производот за поголема вредност отколку што исплатуваат во плати, капиталистите стануваат сè побогати и побогати додека работниците стануваат сè посиромашни. Овој процес е суштинската причина за разликата помеѓу богатите и сиромашните.

Постои и втор облик на експлоатација што им дозволува на капиталистите да го зголемуваат своето богатство: давањето пари на заем со камата. Овој процес му дозволува на позајмувачот на пари да станува побогат од година во година, не правејќи апсолутно ништо. Овој процес станал многу важен како облик на експлоатација во рамките на развиените капиталистички земји. Ширењето на кредитите во последните 30 години значи дека голем дел од работничката класа и пониските средни класи се во долг, експлоатирани од банките и претпријатијата за кредитни картички. „Неолибералните“ политики од последните децении го прошириле јазот помеѓу богатите и сиромашните. Голем дел од приходот на општествата сега е концентриран во многу малку раце. Богатите се стремат да заштедат голем дел од својот приход. Поради тоа, би имало недоволна потрошувачка за да продолжи функционирањето на стопанството без ширењето на потрошувачкиот кредит. На системот му треба потрошувачка од страна на вработените, но, за да се остварува профит, вработените може да добиваат само дел од создадената вредност. Богатите потоа им позајмуваат на работниците дел од вредноста што тие ја создале. Но, овој процес е самоограничувачки и по одредена точка задолжувањето не може да расте понатаму.

Левичарското движење Солидарност бара социјална правда со зголемување на класните разлики меѓу самите работници!

Како нужни чекори во борбата за социјална правда ги гледаме: развивањето на поквалитетни, достапни и бесплатни јавни услуги за граѓаните во здравството, образованието и социјалната заштита; зачувување на јавните добра, а пред се на водата за пиење, чистиот воздух, животната средина и сите природни ресурси кои безмилосно се распродаваат. Се залагаме и за зголемување на социјалната помош за сиромашните и општествено маргинализираните и преку посебни програми и мерки за надминување на структурните нееднаквости, зашто само на тој начин може да се излезе од маѓепсаниот круг на сиромаштијата и да се оствари еманципација.

Социјалната сигурност на невработените, децата, студентите и учениците би морала да биде обезбедена преку „даночење“ на трудот, или во услови на капитализам, преку данок на приход. Но, треба да се има предвид дека невработеноста не е неизбежна, дека и децата можат да бидат вклучени во производството, како и студентите и учениците во производство коешто им соодветствува на нивната изучувана струка. „Од фабричкиот систем, како што може во детали да се проследи кај Роберт Овен, се јави никулецот на воспитанието на иднината, што ќе ги сврзува за сите деца над извесна возраст производниот труд со наставата и гимнастиката, не само како метод за зголемување на општественото производство, туку како метод за производство на сестрано развиени луѓе“ (Маркс).

Стопанството може да функционира со целосна вработеност. Социјалната сигурност бара висока стапка на данок на приход за да биде финансирана, со индиректни ефекти на дестимулација врз работноспособните луѓе вклучени во производството, оти тие нема да сакаат да гарантираат општествен доход без оглед на тоа дали корисниците работат или не. Социјалната сигурност де факто е трошење на општественото богатство, а не негово акумулирање. Левичарското движење Солидарност, според тоа, треба да биде против принудна социјална сигурност на одредена категорија на луѓе а на сметка на мнозинството работно население што ќе ја издржува таа категорија на луѓе.

Социјалната сигурност им овозможува на пензионерите да бараат дел од идниот производ на општеството. Но, пензионерите всушност се поддржани не од своите заштеди, туку од работата на помладите членови на општеството. Младите сè уште ќе бидат единствената поддршка за старите. Меѓутоа, кај селанството оваа поделба на труд на непроизводствен и производствен не постои. Сите членови на едно селско домаќинство учествуваат во взаемна корист. И стари и млади. Значи, и пензионерите во општество на социјална сигурност и правда работат според своите способности, бидејќи суштината на општеството на социјална сигурност и правда е спречување на секакво егзистирање на нечиј туѓ труд.

Социјализмот (од делата на Маркс и Енгелс) не ги учи луѓето дека тие имаат барања без разлика на нивниот придонес. Може некој да помисли дека има само право, но тоа не е точно. Со своето укинување на разликата меѓу непроизводствениот и производствениот труд, социјализмот не само што се оградил дека тоа не може да му се префрли, туку тоа не смее ни да се прави. А тоа што се претставуваше за социјализам, беше всушност ленинизам, кој нема врска со социјализмот.

Ова ново навидум поправедно општество на ЛД Солидарност е создадено за паразити. Тие во него, како во денешното граѓанско општество, ќе се котат како глувци без природни непријатели. Марксизмот или научниот социјализам со укинувањето на парите, разликата меѓу интелектуалниот и мануелниот труд, и имплементација на економска пресметка во единици работно време, ја сече во корен секоја можност за постоење на паразити и паразитизам.

ЛД Солидарност со задржување на капитал односот и форсирање директна демократија само ќе ги заостри класните судири!

Ние веруваме во демократијата, работиме на нејзино воспоставување и унапредување и нејзина одбрана од корумпираните елити, узурпацијата и тиранијата на мнозинствата, дискриминацијата на малцинствата и труењето со реторика на омраза, поделби и клеветење. Се залагаме за што поширока примена на принципите на партиципативна и непосредна демократија и изразување на волјата на граѓаните преку граѓански форуми и пленуми, јавни дебати и сите облици на непосредна комуникација по клучни прашања. Солидарност ја слави и воздига различноста како предност, а не ја смета за пречка за напредок. Воедно, се залагаме за крајно транспарентно и отворено административно работење и управување и цврсто стоиме против корупцијата од секаков вид, авторитарните тенденции и форми на владеење и нивните системи за експлоатација, манипулација и принуда.

Демократијата постои кога сиромашните а не имотните се владетели. Имотните не ја сакаат демократијата. Тие сакаат да ја поистоветат, да ја претопат во државата која е спротивставена на интересите на општеството. Поради тоа, економската основа на општеството која овозможува производство на стоковни вредности не е сигурна почва за развој на општеството, туку го уназадува и му се заканува да го уништи. Тоа го признава и еден од најголемите поборници за слободен пазар, Фридрих фон Хајек: „Мојот личен избор се наклонува кон либерална диктатура отколку кон демократско владеење лишено од либерализам“. Учителот на фон Хајек, Лудвиг фон Мизес заради спас на слободниот пазар отворено го поддржува фашизмот како единствена реална закана на комунизмот, филозофијата на безимотните: „Не може да се порекне дека фашизмот и сличните движења, коишто имаа за цел да воспостават диктатури, се исполнети со најдобри намери и дека нивната интервенција за момент ја спасила европската цивилизација. Големината што фашизмот на тој начин ја освои за себе ќе живее вечно во историјата“. Кон антидемократските мислења на фон Хајек и фон Мизес се придружуваат и српските апологети на слободниот пазар. „Некако за чудо, во Чиле се разви Хајековиот спонтан поредок под диктатура, многу подобро отколку под западните демократии. Мислам дека Пиноче е лош пример бидејќи тој не беше деспот. Тој беше она што се нарекува комесарски управник“, вели Иван Јанковиќ. Според Борислав Ристиќ „каде што постои тоталитарна демократија, така е можен авторитарен либерализам, тие не се спротивставени… Пиночеов Чиле, или Кралска Југославија, на пример, иако не беа демократски држави, беа правни држави во кои имало повеќе слобода отколку во одредени парламентарни демократии“.

Ако економската структура на македонското општество не е поволна за граѓанското движење, односно не е срушена, тогаш тоа нема да успее макар добиле класични и подемократски мнозински механизми на демократијата. Доказ од историјата е неуспешната еманципација на робовите, жените, сиромашните селани и занаетчии во услови на директната демократија во античка Атина. Неуспехот на атинската демократија не се должел на природната слабост на директната демократија, туку, прво, на фактот дека директната демократија останала делумна, опфаќајќи само дел од населението, и второ, директната демократија никогаш не била завршена со соодветна економска демократија, бидејќи „демократија постои кога сиромашните, а не имотните, се владетели“ (Аристотел).

Оттука и потребата да се радикализира сфаќањето на демократијата од страна на ЛД Солидарност, односно да се сфати дека демократијата и пазарот не се компатибилни, туку лути опозити. Заложбите на ЛД Солидарност изнесени во нивната платформа за зауздан пазар или со нивни зборови „луѓето не треба да му робуваат на капиталот, туку капиталот да биде во служба на граѓаните“, наместо слободен пазар, е логички погрешно вртење во круг. Историјата го демаскира овој мит со „социјалистичкото“ самоуправување врз економска основа на стоковно-парично стопанисување.

„Без економско ослободување на трудот, уредувањето на комуната би било невозможно и измама. Политичкото владеење на производителите не може да постои паралелно со овековечувањето на неговото економско робување.“ (Маркс, Граѓанската војна во Франција)