Фер избори не гарантираат демократија: против преодна влада

11261437_939817222716287_1493894901833814033_n

Формирање на преодна влада со мандат да постави темели за демократија и правна држава и држава за граѓаните, на крајот, ќе ги исклучи како активни учесници и ќе го препушти кормилото на државата во рацете на политичката олигархија. При неизменети односно неукинати услови на капиталистичко производство и наемен систем на плаќање, слободата на граѓаните и во правна и во фактичка смисла е непостоечка.

„Фабрикантот е апсолутен законодавец. Тој издава фабрички правила како што му е волја; тој ги изменува и дополнува неговите закони како што си сака, а и ако придаде најлуди работи, тогаш сепак судиите му велат на работникот: Бидејќи доброволно си се подал под овој договор, ти мораш сега него и да го исполнуваш.“ (Енгелс, Положбата на англиската работничка класа)

Мнозинството од македонскиот народ – обични работници, прекаријатот, мајстори, трговци на мало и аргати на земјоделски имоти – присилени поради овој наемен систем на плаќање да работат за да преживеат, не можат активно да учествуваат во слободарската репресија врз институциите на сегашната ниту врз тие на некоја идна евентуална преодна влада да се казнуваат криминалните маневри на непријателите на правната држава и човековите права и слободи.

Во спротивно, идната преодна влада би морала да признае дека демократија би имало само кога граѓаните кои се сиромашни а се во мнозинство ја контролираат владата додека олигархија би се изродила секогаш кога контролата ќе се препушти на богаташката класа а којашто е во малцинство. Идната преодна влада ако ја признава оваа единствено точна дефиниција на демократија, тогаш таа би требало да ги отфрли кандидатурите за нејзини членови кои доаѓаат од граѓани кои од раѓање се богати и имаат завршено образование на странски престижни универзитети зашто тие се дефинитивните белези на олигархијата, а да ги прифаќа во свој состав граѓаните со мали имоти од раѓање, ниски доходи и производствени работни места зашто тие се типичните белези на демократијата.

Изборот на преодна влада е олигархиски чин а само пополнувањето на јавните служби преку случајна селекција меѓу обичните граѓани (би било добро како превентивна мерка да се воведе класна дискриминација на сметка на богаташката класа а во прилог на сиромашните барем додека не се укине наемниот систем на плаќање!) би било демократски чин. Изборите – ма каква и да биде избрана влада, преодна, експертска или технократска – секогаш ќе бидат благонаклонети кон богаташите кои се способни да ги трошат своите пари за да ги корумпираат изборите и веројатно да имаат доволно образование кои би ги оспособило како уверливи јавни оратори. Треба многу пари за да се победи на парламентарни избори и поради тоа кандидатите неминовно стануваат зависни од своите богашки мецени. Мора да ни биде јасно дека во Собранието на РМ парите се тие кои говорат а не избраните „народни“ претставници. „За да биде една демократија од каква било корист за работниците, масите мора да бидат суверени, ослободени од државното право, и способни да прогласуваат декрети, коишто ги кршат добровоспоставените сопственички права за земја и капитал“ (Кокшот и Котрел, Кон Нов Социјализам, 1993).

Без истовремено укинување на капиталистичкиот фабрички систем, историската улога на една таква преодна влада би била фарса, чиста демагогија и буржоаско-просветителски популизам. Фактичкото враќање на институциите во власт на граѓаните би било нивно учество во едно народно демократско собрание кое ќе ги изгласува сите закони и ќе одлучува за сите прашања од јавен карактер (даночење, склучување политички сојузи со други држави, економски спогодби, итн.). А јавната администрација би била составена од случајно селектирани граѓани, и таа би ја составувала агендата која потоа би била „тестирана“ од страна на народното демократско собрание. И владеењето на правото да биде спроведувано од страна на обичните граѓани. Сите судови да бидат контролирани од големи случајно одбрани пороти. Да се укинат професионалните судии. Итн. Само случајниот урнек од нацијата може да поддржи создавање на вистински претставителна законодавна, извршна и судска власт. Никако поинаку нема да може да се спречи „по Груевски на власт да дојде гарнитура која нема да преземе суштински реформи и ќе продолжи со сличен (веројатно помалку разуздан, но подеднакво неморален) начин на владеење.“

Залудна би била изградбата на поширок фронт на критична маса ако нејзината улога на корективен механизам би се сведувала само на „буден посматрач“ за тоа „дали и како се поставуваат темелите на општествената промена“. Тоа е крајно нечесна и контра-продуктивна идеја којашто може да дојде само од демагози. Обичните граѓани се доволно компетентни во споредба со просечниот политичар на кој му недостига техничко знаење за конкретни прашања. Случајниот урнек од нацијата ги елиминира ваквите просечни политичари. Експертноста во непосредна демократија е работа на пракса. На пример, кинеското крајбрежно предградие Жегуо со популација од 120 000 жители има свое народно демократско собрание кое одлучува за општинскиот буџет. Секоја година, 175 луѓе се случајно селектирани за да ги претставуваат сите жители. Потоа, им се даваат куси упатства за спорните прашања изготвени од експерти со спротивставени гледишта. После тие се состануваат во мали групи и излегуваат со прашања пред експертите за кои бараат детално објаснување. Потоа, тие се состануваат на пленарна седница за да го слушнат одговорот на експертите и имаат воопштена расправа. Процесот на мали состаноци и пленарна седница е повторуван уште еднаш. Се спроведува завршно гласање и буџетските приоритети на собранието се објавени и усвоени од локалната влада. За да се истурка овој процес потребни се три дена. Процесот совршено се развивал макар што учесниците не се многу едуцирани: 60% се земјоделци.

Добивањето политичка власт за не-мејнстрим опција преку парламентарни избори е практично неизведливо поради две причини: изборниот закон кој ги фаворизира големите политички партии и финансиската немоќ, освен да ве финансира дел од олигархијата која потоа ќе бара концесии за себе. Во услови на сегашниот изборен модел во Македонија, како што Драган Алчинов пишува во својата анализа на изборите од 2011-та година, „речиси 10% од излезените гласачи воопшто не добија своја мандатна манифестација, а нееднаквоста се појави и во однос на разликите во потребните гласови за еден пратенички мандат… Така на пример еден пратенички мандат на ВМРО-ДПМНЕ претставува 8.266,7 граѓани … додека НДП еден пратенички мандат го плаќа со дури 14.998 гласа! … Од вкупно 18 партии кои учествуваа на предвремените парламентарни избори, само 5 партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и НДП) добија статус на легислативни партии… Загрижувачки е тоа што според пресметките 106.027 од излезените гласачи останаа непретставени во претставничкиот дом. Процентуално изразено, таа бројка изнесува 9,43%.“

Алчинов како правен лек против ова кршење на правото на еднаквост во избор на свој претставник нуди нов изборен модел, меѓутоа добронамерноста на Алчинов за проширување на претставничката демократија останува на волјата или неволноста на политичката класа во лицето на 5-те партии да отстапи претставништво за тие 106.027 излезени гласачи. Само наивно дете може да верува дека политичката класа дополнително ќе го „демократизира“ сегашниот изборен модел за да допушти претставништво за пролетаријатот! Алчинов самиот не верува во тоа дека некогаш системот самиот од себе ќе се реформира и дека 5-те големи левијатани ќе им дадат правда на над 100-те илјади непретставени излезени гласачи. Останува друга антибирократска, автентично демократска алтернатива, таа на демократија со народ, за која коментирав уште во почетокот на оваа статија.