Мрзоволниот хипопотам од Велес

richSOCIALISTАко социјализмот би требал да обезбеди поволни општи социјални услови за производството на вишок труд, ако работниците чувствуваат дека тие работат „за доброто на сите“ отколку за профитите на газдата, тогаш како може „логичарот“ Бошко Караџов да рече дека „моралното вреднување на трудољубието“ во услови на социјализам е „шизофрена идеолошка и антислободарска перверзија“? Како кандидат за советник од шизофрената и антислободарска ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Караџов зборува со класни предрасуди, и тука ние би требале веднаш да ја завршиме нашата реплика, но сепак, заради одбрана на научната вистина која премногу ни е мила, не треба да им се дозволи на политички битанги како овој велешки хипопотам да мислат за себе дека се паметни. Треба буквално да бидат минирани на столбот на срамот.

Не чествувањето на трудот и работата, како вели Бошко Караџов, туку чествувањето на приватната сопственост и мртвиот труд-капиталот нè закотвува во антислободарски режим за навикнување на еден ропски менталитет. Во услови на социјализам, работниците не го чествуваат, не го слават, не прават идол од самиот труд, туку таков однос негуваат кон трудот кој е ослободен од прангите на приватната сопственост а која го прави трудот на работниците средство за животно оспособување, ги принудува да работат за да преживеат. Каде средствата за производство се во приватна соопственост таму средствата за живот не се приватизирани и значи работниците мораат да работат за да ги присвојат тие средства за живот. Само во тој случај, под претпоставка на приватна сопственост, трудот е нерадост за работниците.

Маркс во еден ракопис кој е вклучен во критиката на Мил зборува за човечкиот начин на производство во комунистичкото општество:

„Да земеме дека ти и јас сме произведувале како луѓе, секој од нас двајца во своето производство двојно се потврдуваше самиот себе и другиот. Јас, прво, во моето производство би ја опредметувал мојата индивидуалност, нејзината посебност и затоа и за времето на таа дејност уживав некое индивидуално изразување на животот, а од друга страна, во однос на предметот, знаев за индивидуална радост. Второ, во твоето уживање на мојот предмет, твојата употреба на мојот предмет јас непосредно би ја уживал во свеста дека јас со својот труд сум задоволил човечка потреба и дека сум опредметил човечко битие. Трето, јас за тебе би бил посредник меѓу тебе и твојот труд, така што ти самиот би знаел за мене како дополна на твоето сопствено битие и како нужен дел од тебе самиот. Мојот труд би бил слободно пројавување на животот, затоа и уживање на животот. Под претпоставка на приватна сопственост, мојот труд е оспособување за живот, зашто работам за да би живеел, за да би создал средства за живот. Мојот труд не е живот.

Маркс тука подвлекува некои битни претпоставки на комунистичкото производство: моето задоволство во задоволувањето на твоите потреби, и обратно – твоето задоволство во задоволувањето на моите потреби, ние, секој поединец, како услов за вистински живот на другиот.

„Бидејќи едно општество, според Смит, не е среќно доколку повеќемината трпат, а бидејќи најбогатата состојба на општеството води до тоа патење на повеќемината и дека националната економија (воопшто општеството на приватниот интерес) води кон таа најбогата состојба, излегува дека несреќата на општеството е цел на капитализмот. … Да земеме сега едно општество во кое богатството расте. Оваа состојба за работникот е единствено поволна. Овде настанува конкуренција меѓу капиталистите. Побарувачката за работниците ја надминува нивната понуда. Меѓутоа: Повишувањето на надниците доведува до исцрпување на работниците. Доколку посакуваат повеќе да заслужат, дотолку мораат повеќе да жртвуваат од своето време и потполно да се одречат од секаква слобода, извршувајќи робовски труд во служба на лакомоста. Притоа тие го скратуваат својот живот. Тоа скратување на траењето на нивниот живот е поволна околност за работничката класа во целина, бидејќи на тој начин постанува нужна секогаш нова понуда. Таа класа мора секогаш да жртвува дел од себе за да не би сосема пропаднала“,

заклучува сосема правилно Маркс уште во 1844 година, а чија негова идеја толку очебијно ја сетиме освен Бошко Караџов кој е ослепен од класни предрасуди.

Првокласно идиотство од страна на Бошко Караџов е што го критикува глорификувањето на трудот во услови на социјализам каде што средствата за производство се поопштествени, додека молчи за капиталот

„мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што толку повеќе живее, колку повеќе ќе исцица од него“,

а тоа вампирство на капиталот подразбира

„продолжување на работниот ден преку границите на природниот ден до во ноќта“

иако тоа

„дејствува само како палијатив, само донекаде ја гаси вампирската жедност за живата крв на трудот. Затоа присвојувањето на трудот за сите 24 часа е иманентен стремеж на капиталистичкото производство.“

Бошко Караџов практично го премолчува сето она под капитализмот/наемното ропство а што го префрла на социјализмот како стахановизам или претерана работа (според Бошко Караџов на старословенски преведено како робување) наспроти состојбата на уживање, игра и слобода кои би требале да преовладуваат. Тој иманентен стремеж на капиталистичкото производство кој Бошко Караџов како негов скриен апологет го премолчува е многу добро сосредоточен во мислата дека „капитализмот немаше да биде толку лош ако човек во него можеше доволно да се наспие.“

Капитализмот ги разделува трудот и уживањето. Ужива онаа класа (крал, поп, професор, проститутка, наемен војник, државен чиновник, адвокат итн.) која не работи, а онаа која работи (работници во материјално производство) е лишена од можностите за уживање. Ова раздвојување на трудот и уживањето има корен уште во самата поделба на трудот:

„Со поделбата на трудот се овозможува, па дури и се остварува духовната и материјалната дејност, уживањето и трудот, производството и потрошувачката да паднат во дел на различни индивидуи“ (Маркс и Енгелс, Германска идеологија).

Тогаш, како совесен човек да не посакува „божја казна“ за цела општествена интелигенција! Нема крај на глупирањето на „логичарот“ Бошко Караџов. Овој владин паралогист се дрзнува да го критикува марксизмот без да ги чита Маркс и Енгелс. Неговата филозофска помпезност во морфологијата на неговите текстови не го спасува од мојата „марксистичка гилотина“.

За разлика од капиталистичкото производство, комунистичкото производство има иманентен стремеж да го укине трудот за да со тоа се овозможи сестран развој на секоја индивидуа, преку укинување на капиталистичката општествена поделба на непроизводствен/умствен и производствен труд/мануелен труд и преку автоматизација на физичкото производство од која во услови на капитализам (производство за апстрактна вредност-пари) на долг рок произлегува пад на просечната профитна норма и следствено економски кризи.

Комунизмот, за кој треба да се изборат граѓаните, односно работниците, се состои во менување на сегашниот, капиталистички начин на производство со машините, што би имплицирало кратење на работното време, или со Маркс-Енгелсови зборови

„лост од царството на нужноста кон царството на слободата“.

На пример, направена е машина со која се произведува многу повеќе отколку со претходната. Сопственикот, кој ја купува, ги отпушта „непотребните“ работници, на задржаните им ја зголемува колку-толку наемнината и им го продолжува работното време. Во целина, во „добивка“ е само сопственикот на машината, а сите други се во загуба. Тогаш, не е чудно што работниците во минатото ја спречувале употребата на машините. А не гледаат со „добро“ око ни денес. Но, ни тие, ни капиталистот, не се во право. Зошто? Кога би биле на место на капиталистот и тие не би ја употребиле машината поинаку. Машината треба да го скратува работното време и да го олеснува производството, но поради капиталистичката примена, со неа се постигнуваат спротивни општествени ефекти.

Понатаму, Бошко Караџов вели:

„Марксијанската антропологија на трудотворството како одговор за каквоста, штоството и којството на човекот е комплетно реакционерен дискурс кој одвлекува од поривот за финална еманципација на човековата слобода. Празнувањето на 1 мај и стахановизмот поеднакво придонесуваат кон заборавот дека човекот е homo ludens. Суштество предодредено за игра и слобода. Слободата се манифестира во своето полно акме само и исклучиво во играта.“

Следните цитати од Маркс-Енгелсовите дела го побиваат тврдењето на овој неизлечлив игнорант во марксизам дека нивното еманципаторско учење се сведува на „честувањето на работата и моралното овреднување на трудољубието“. Покрај горенаведените, еве уште неколку побивачки цитати кои за жал ја немаат моќта да пробијат низ дебелокожниот филозоф:

„Прво, трудот за работникот е надворешен труд т.е. тој не ѝ припаѓа на неговата суштина, дека тој затоа во трудот не се потврдува туку се негира, дека не се чувствува среќен туку несреќен, дека не ја развива слободната, физичка и духовна енергија, туку ја малтретира својата природа и го упропастува својот дух. Затоа работникот се чувствува добро дури надвор од работата, а на работа се чувствува лошо. Дома си е кога не работи, а кога работи не е дома. Затоа неговиот труд не е доброволен туку присилен труд. Затоа тој труд не е задоволување на една потреба, туку само средство за задоволување на потребите надвор од него. Неговата туѓост, исто така се покажува во тоа што работата се избегнува како чума, штом не постои физичка или друга (економска, биолошка) принуда. Надворешниот труд, трудот во кој човекот се отуѓува, е труд на саможртвување, малтретирање. Најпосле, надворешноста на трудот за работникот се појавува во тоа што тој не е негов сопствен труд, туку труд на некој друг, дека тој не му припаѓа, дека тој во трудот не си припаѓа на самиот себе туку на некој друг. Како што во религијата самодејноста на човечката фантазија, на човечкиот мозок и човечкото срце дејствува независно од свесниот индивидуум т.е. дејствува на него како туѓа, божествена и ѓаволска, така дејноста на работникот не е негова самодејност. Таа му припаѓа на друг, таа е загуба за него самиот. Затоа се доаѓа до резултатот дека човекот (работникот) се чувствува самодеен само во своите животински функции – јадењето, пиењето и раѓањето, најмногу уште во станот, наќитот итн., а во своите човечки функции се чувствува само како животно.“

„Во комунистичката организација на општеството во секој случај отпаѓа потчинувањето на уметникот на локалната и националната ограниченост, којашто во целост произлегува од поделбата на трудот… Во комунистичкото општество нема сликари, туку само луѓе, кои меѓу другото, и сликаат… во кое секој не може да има исклучиво само еден круг дејности туку може да се изгради во која и да сака гранка на дејност, општеството управува со општото производство и токму со тоа овозможува денес да работиме ова, а утре она, наутро да ловам, попладне да рибарам, навечер да сточарам, по вечерата да критикувам, според моето задоволство, а затоа да не станам ловец, рибар, сточар или критичар.

„Вистинското богатство на општеството и можноста за постојано проширување на неговиот процес на препроизводство зависи не од должината на вишокот на трудот, туку од неговата производност и од повеќе или помалку богатите услови за производство, во кои тоа се врши. Царството на слободата всушност почнува дури таму, каде што престанува трудот кој е определен од нужда и од надворешна целесообразност; значи по самата природа на работата тоа лежи од онаа страна на сферата од вистинското материјално производство. Како што дивјакот мора да се бори со природата, за да ги задоволи своите потреби, за да го одржи својот живот и да препроизведува, така тоа мора да го прави и цивилизираниот човек, и тој тоа мора да го прави во сите општествени форми и под сите можни начини на производство. Со неговиот развиток се проширува и царството на природната нужност, зашто се зголемуваат и потребите; но едновремено се прошируваат и производните сили, кои ги задоволуваат овие потреби. Слободата во оваа област може да се состои само во тоа, што поопштествениот човек, здружените производители, рационално да ја регулираат неговата размена на материја со природата, да ја доведат под своја заедничка контрола, наместо таа нив да ги владее како некоја слепа сила; да ја вршат неа со најмалку трошење сила и под достојни и адекватни услови на природата од човекот. Но тоа секојпат си останува царство на нужноста. Но преку него почнува развитокот на човечката сила, која се појавува како самоцел, но кое може да расцвета само врз она царство на нужноста како негова основа. Скусувањето на работниот ден е основниот услов.

„Кога сите би морале да работат, би отпаднала спротивноста меѓу претераното работење и безделничење – и тоа секако би било консеквенција на тоа што капиталот би престанал да постои, што производот не би давал повеќе право на туѓ вишок на труд – и ако освен тоа се земе во вид развојот на производствените сили, како што капиталот ги создал, тоа потребниот општествен вишок ќе се произведе за 6 часа, повеќе отколку сега за 12 часа, и воедно сите работници би имале 6 часа „време со кое располагаат“, ќе имаат вистинско богатство; време кое нема да биде апсорбирано со непосредно производствен труд, туку ќе им останува слободно за уживање, за разонода, така што тоа дава простор за слободна дејност и развој. Времето е простор за развој на способностите. Знаеме дека економистите дури и ропската работа на наемните работници ја правдаат со тоа што таа создава разонода, слободно време за други, за другиот дел од општеството – а со тоа и за самото општество на наемни работници. Кога капиталот би престанал, тие би работеле само 6 часа, а безделничарите би морале да работат исто толку. Материјалното богатство за сите би било со тоа намалено на ниво на работниците. Но, сите би имале слободно време за развој.

Да се вратиме на стахановизмот кој Бошко Караџов го поистоветува со „марксијанаска наративна стратегија како антрополошки дискурс за оправдување на перзистенцијата на економското устројување.“

Во името на некоја класно-пролетерска солидарност, за време на квази-социјализмот работникот мораше да го издржува војникот, милиционерот, судијата, политичарот, писателот, новинарот, функционерот, а попот, иако од друга страна си земаше сам во размената со пари, и тој се качуваше на грбот на работникот; исто така со балерината, спортистот како и сиот оној декласиран елемент од крадачи, проститутки, просјаци и сл. Како можеше на работникот да му биде подобро во тој случај во „социјализмот“, отколку во капитализмот. И со кој резон работникот требаше да го трпи уште тој систем? Сите наброени неработници ги преименува или распоредува во една категорија – пролетерска култура. И тие сега намножени го продолжуваат своето паразитирање. Само сега наместо за царот, пееја оди за Ленин и работничката класа, цртаа црвени знамиња и сликаа мурали со снажни работнички раце, правеа скулптури на борци и рудари и живееја подобро од работникот. Не смееше во светот да се чуе дека „работниците од пролетерската култура“ живеат лошо. Затоа работникот мораше да биде експлоатиран повеќе отколку во капитализмот. А тој, сиромавиот, запнуваше. Тука се првите ударници – Стаханов и Сиротановиќ, кои Б.Караџов ги споменува, но и Лениновите „саботници“[1]. Мораше да се покаже на светот дека во „социјализмот“, бидејќи е „похуман“ од капитализмот и „работникот работи за себе“, дека тој е подготвен и повеќе да се заложи во производството. Но, од тоа залагање имаше слаба полза за работникот. Јасно, сè што ќе произведеше тој, јадеа, мелеа и претвораа во фекалии „социјалистичките“ паразити.

Во научниот социјализам каде што е укината капиталистичката општествена поделба на интелектуален и мануелен труд, придонесот на високо продуктивниот работник е признаен и охрабрен, меѓутоа не секој мора да биде Стаханов или Сиротановиќ, и нема повик за омраза на помалку продуктивниот работник ако тој не се преправа дека е нешто друго, како што Бошко Караџов се преправа дека е интелектуалец и го цитира анархо-примитивистот Боб Блек, но од друга страна како кандидат за советник од ДПМНЕ, на крајот од својот есеј, ги повикува македонските работници да го игнорираат 1 Мај кој треба да биде ден на покажување на демонстрација против наемното ропство „кое е извор на сите неволји во светот“ (Боб Блек), барем „додека ние мрзоволните созерцатели не го редизајнираме светот и не го устроиме по начелноста на играта и слободата“ (Б.Караџов). И Караџов, како Цуцуловски, својата егзистенција практично ја бави на сметка на преувеличеното работно време на работничката класа. Тој од неа добива сè, а таа од него само беда на филозофија. Сега, можете да го разберете вистинскиот мотив на Караџов да го редизајнира светот по начелата на играта и слободата, и воопшто желбата на овие професионални филозофи „што помал број од општеството да се осуди на робувањето на трудот, на принудна работа“ (Маркс).

Бошко Караџов е полуинтелектуалец кој вие ‘рбет како глиста под диктатурата на матичната партија. Според Слободан Јовановиќ: „Полуинтелектуалец е човек кој уредно, па можеби дури и со многу добар успех завршил училиште, но во поглед на културното образование и моралното воспитување не стекнал речиси ништо.“ Таков профил има Бошко Караџов.

[1] Ленин повеќепати оди на доброволна работа на таканаречените „саботници“. Скромен е до крајност – пакетите што му ги праќаат работниците од секаде во Советска Русија и секаде каде што е воспоставена советска власт, наредува да се предаваат на детските градинки. Сепак „комунистите“ не знаеја дека пролетерскиот „цар“, за разлика од буржоаскиот, кој прима апанажа и живее на висока нога со сите почести, ако сака да јаде мора и да работи. Според тоа, жално е Лениновото работење во саботниците кога неговата Нова економска политика од 1921 год. доведе до повампирување на старото општество. Наместо да извлечат консеквентни заклучоци од марксизмот, тие го задржаа стариот економски систем. Го оптоварија работникот со издржување на уште поголем број паразити, отколку во капитализмот. А овие денешните антикомунисти го повторуваат тоа од една страна, смалувајќи го бројот на вработените, а од друга страна зголемувајќи ги непроизводствените структури на население како што се трговци, дипломати, услуги, агенции за обезбедување, криминалци, контракриминалци и сл.

One thought on “Мрзоволниот хипопотам од Велес

Leave a comment