Како настанал капитализмот? (втор дел)

Како настанал капитализмот? (прв дел)

Краток есеј од Роберт Курц, автор на Црна книга на капитализмот (Schwarzbuch Kapitalismus), за улогата одиграна од „воената револуција“ во 16 вековната Европа во генезата на капитализмот и историскиот статус на војниците на националните држави во појава, како „првите современи наемни работници“ и кондотјерите (condottieri) како „прототипи на современиот бизнисмен“.

Опис на Фарината Уберти од Андреа дел Кастањо, кој покажува типична облека на кондотјер во 15-ти век

Опис на Фарината Уберти од Андреа дел Кастањо, кој покажува типична облека на кондотјер во 15-ти век

Има безбројни верзии на раѓањето на современата доба. Историчарите дури не се согласуваат околу датумот на овој настан. Одредени историчари сметаат дека современоста започнала во 15-от и 16-от век, со таканаречената Ренесанса (концепт измислен во 19-от век од францускиот историчар Жил Мишле). Други историчари ја наоѓаат почетната точка на современоста во 18-от век, кога филозофијата на просветителството, Француската револуција и почетоците на индустријализацијата го потресоа светот. Но, без оглед на тоа кој датум историчарите и современите филозофи го претпочитаат за почеток на нивната појава, тие се согласуваат за едно нешто: неговите несомнени победи скоро секогаш се оценувани како негови оригинални импулси.

Уметничките и научните изуми на италијанската преродба се сметаат важни за појавата на современоста колку и големите откритиски патувања на Колумбо, протестантската и калвинистичката идеја за конкретна индивидуална одговорност, просветителското ослободување од неразумните верувања и појавата на современата демократија во Франција и САД. Во технолошко-индустриското поле, измислувањето на парната машина и на механичкиот разбој се смета како „почетни топови“ за современиот општествен развој.

Ова последно објаснување беше истакнувано пред се‘ од марксизмот, поради фактот што тоа беше во хармонија со филозофското учење за „историскиот материјализам“. Вистинскиот мотор на историјата, според ова учење, е развојот на материјалните „сили на производството“, кои повеќепати влегуваат во судир со „односите на производство“ кои станале премногу ограничувачки и бараат нова форма на општество. Скокот во индустријализацијата, според тоа, е решавачки момент за марксизмот: парната машина, според оваа упростена формула, беше првата машина што раскина со „токот на старите феудални односи на производство“.

Овде се појавува јасна противречност во марксистичкиот аргумент. Според тоа, во познатата глава за „првобитната акумулација на капитал“, Маркс се занимавал во својот магнум опус со периодите кои претходат на парната машина со векови. Нели е ова самопобивање на „историскиот материјализам“? Ако „првобитната акумулација“ и парната машина историски се сметаат разделени една од друга, производствените сили на индустријата не би можеле да бидат решавачката причина за раѓањето на современиот капитализам. Точно е дека капиталистичкиот начин на производство беше само дефинитивно наметнат од индустријализацијата во 19-от век, но, ако ги бараме корените на овој развој, ние мораме да копаме подлабоко.

Исто така логично е дека првото семе на современоста, или „големата експлозија“ на нејзината динамика, би морало да се појави во широко предмодерна околина, бидејќи поинаку не би можело да има „потекло“ во строга смисла на зборот. Според тоа, самата предвремено созреана „прва причина“ и самото подоцнежно „целосно обединување“ не претставуваат противречност. Ако исто така е точно дека за многу области на светот и за многу општествени групи почетокот на модернизацијата бил одложен се‘ до денес, исто е сигурно дека самиот прв импулс мора да се случил во далечно минато, кога ние го земаме огромното привремено ширење (од перспективата на животниот век на една генерација или дури на изолирана индивидуа) на општествените процеси.

На крајот, што било ново, во прилично далечно минато, што неизбежно ја стави историјата на модернизација во движење? Ние можеме да се согласиме со историскиот материјализам дека најголемата и главна важност не одговара на едноставна промена на идеи и менталитети, туку поточно на целосен развој на конкретни материјални факти. Сепак, тоа не била производствената сила, туку напротив одекнувачка уништувачка сила која го отвори патот до модернизацијата, односно, изумот на огненото оружје. Иако овој сооднос е многу постар отколку што е општо признат, најпрославените и највлијателни теории на модернизацијата (вклучително марксизмот) секогаш го потценуваат.

Тоа беше германскиот економски историчар Вернер Зомбарт кој, кратко по Првата светска војна, во својот труд „Војна и капитализам“ (1913), го подложи ова прашање на длабоко и детално испитување. Само во последните неколку години технолошко-воените и воено-економските потекла на капитализмот беа нашироко дискутирани, како на пример во книгата Cannons and Plague (1989) од германскиот економист Карл Георг Зин, или во делото The Military Revolution (1990) од американскиот историчар Џефри Паркер. Но, ниту едно од овие истражувања не го добија признанието што го заслужуваат. Очигледно, современиот западен свет и неговите идеологии само со тешко срце ќе го прифатат гледиштето дека последниот историски темел на нивните свети идеи за „слобода“ и „напредок“ мора да се бара во изумот на ѓаволски смртоносните инструменти на човечката историја. А оваа врска исто така се применува на современата демократија, бидејќи „воената револуција“ останува до денешен ден таен мотив за модернизација. Самата атомска бомба беше демократски изум на западот.

Изумот на огненото оружје ги уништи предкапиталистичките форми на владеење, бидејќи тој ја направи феудалната коњаница предмет на воен потсмев. Дури пред изумот на пиштолите, општествените последици на далекусежните оружја биле очекувани па поради тоа, Вториот латерански собор, во 1139 година, ја забранил употребата на самострелот против христијаните. Не случајно, самострелот, увозен од неевропски култури во Европа, бил се‘ до 1000 година сметан за оружје кое го бирале бандити, одметници и бунтовници. Кога многу поефективни оружја стапиле во употреба, судбината на коњичките и оклопните војски била запечатена.

Огненото оружје, сепак, за разлика од самострелот, не бил повеќе во рацете на опозиција „од долу“ која се спротивставила на феудалното владеење, туку поточно предизвикал револуција „од горе“ со помош на принцеви и кралеви. Производството и мобилизацијата на системите на нови оружја не биле можни врз основата на локални и децентрализирани структури каква што дотогаш била општествената репродукција, туку барале целосно нова организација на општество на различни нивоа.

Огненото оружје, и пред се‘ големите топови, повеќе не можеле да се произведуваат во мали работилници, како лакови и катапулти. Поради тоа била развиена посебна индустрија за оружје, која произведувала топови и пушки во големи фабрики. Во исто време, се појавила нова одбранбена воена архитектура, во формата на џиновски тврдини кои морале да бидат отпорни на топовски оган. Се појавил натпревар помеѓу офанзивнoто и дефанзивното оружје, како и трка на вооружување меѓу државите, која продолжува до денешен ден.

Огненото оружје целосно ја променило структурата на војските. Борците повеќе не можеле да се вооружуваат самостојно и морале да бидат снабдувани со оружје од страна на централизирана општествена сила. Поради оваа причина, воената организација на општеството се одвоила од граѓанската. Наместо граѓаните да бидат мобилизирани во секој случај за кампањи, или локалните лордови да ги свикуваат своите вооружени хонорарци, се појавиле „постојани, професионални војски“: „вооружените сили“ се појавиле како конкретна општествена група, а војската станала туѓо тело во рамките на општеството. Чиновничките трупи биле преобразени од лична служба на богатите граѓани во современа „професија“. Паралелно на оваа нова воена организација и новите воени технологии, големината на војските масивно пораснала. „Бројот на вооружени луѓе, помеѓу 1500 и 1700, скоро бил удвоен“ (Geoffrey Parker).

Индустријата за оружје, трката во вооружување и одржувањето на постојаните војски, разделени од граѓанското општество и во исто време брзорастечки, неопходно довеле до радикален пресврт во економијата. Огромниот воен комплекс, одвоен од општеството, барал „постојана воена економија“. Оваа нова економија на смртта брзо се проширила во земјоделските структури на старото општество.

Бидејќи војските и нивните оружја не можеле повеќе да се потпираат на локално земјоделско производство, бидејќи морале да се снабдуваат со ресурси во голем размер и во непознати односи, тие зависеле од посредството на парите. Производството на стоки и монетарната економија, како основни елементи на капитализмот, биле поттикнати во почетокот на современата доба преку ослободувањето на економијата врз основа на производството на оружје.

Овој развој ја произвел и ‘и користел на капиталистичката субјективност и нејзиниот апстрактен менталитет за „што поголемо производство“. Постојаните парични дефицити на воената економија довеле, во граѓанско општество, до зголемување на бројот на трговци и лихварски капиталисти, на големите инвеститори и воените финансиери. Но, новата организација на самата војска исто така го создаде капиталистичкиот менталитет.

Старите земјоделски воини биле преобразени во „војници“, што значи луѓе кои добиваат „плата“. Тие биле првите современи „наемни работници“ кои морале да ги репродуцираат своите животи единствено преку монетарен доход и потрошувачка на стоки. И поради оваа причина тие повеќе не се бореле од идеалистички мотиви, туку само за пари. Не било важно за нив кои тие убивале, бидејќи она што „било важно“ за нив било нивната плата. На овој начин тие станале првите претставници на „апстрактниот труд“ (Маркс) во современиот систем на стоковното производство.

Она што ги интересирало генералите и командирите на „војниците“ било собирањето на ресурси преку грабеж и нивно претворување во пари. Според тоа, приходот од грабеж морал да биде поголем од трошоците на војната. Ова е потеклото на современата деловна рационалност. Повеќето генерали и командири на војски во почетокот на современата доба профитабилно го инвестирале производот на својот воен плен и тие станале партнери на паричниот и трговскиот капитал.

Значи, не биле тоа мирољубивите трговци, работливите собирачи на залихи или производителот полн со идеи кои го одбележале почетокот на капитализмот, туку сосема спротивно: токму како што „војниците“, крвавите мајстори на огненото оружје, биле прототипи на современиот наемен работник, исто така командирите на војските и кондотјерот „кој ги умножувал парите“ биле прототипи на современиот бизнисмен и неговата „природа да презема ризик“.

Како независни претприемачи на смртта, кондотјерите сепак зависеле од големите војни меѓу централизираните државни власти и финансиските капацитети на овие власти. Овде се наоѓа потеклото на современиот взаемен однос помеѓу пазарот и државата. За да можат да финансираат воени индустрии и утврдувања, џиновски војски и војни, државите морале да изнудуваат пари од своите народи, а тие го правеле ова на необичен начин: наместо старите наметнувања на данок во натура, тие ги подложувале своите народи на парично даночење. Според тоа, луѓето биле обврзани да „заработуваат пари“ за да ги плаќаат своите даноци на државата. Значи, воената економија и индиректно и директно го создала системот на пазарната економија. Помеѓу 16-ти и 18-ти век, даноците на народите во европските држави пораснале за скоро 2000%.

Очигледно, луѓето против своја волја допуштиле да бидат воведени во новата монетарна и воена економија. Тие биле само присилени да прават така преку крваво угнетување. Постојаната воена економија на огнено оружје довела до векови на постојано народно востанување и постојана војна. За да ги собираат своите чудовишни даноци, централизираните државни власти морале да изградат чудовишна полиција и административен апарат. Сите современи државни структури се појавија од овој историски почеток на современата доба. Локалната самоуправа била заменета од централизирана и хиерархиска управа, под надзор на бирократија чие јадро било формирано со поддршка на даночењето и домашното угнетување.

Позитивните освојувања на модернизацијата секогаш биле одбележани со стигмата на овие потекла. Индустријализацијата од 19-ти век, во нејзиниот технолошки, организациски и духовен историски карактер, била наследник на огненото оружје, на военото производство на почетоците на современоста и на општествените процеси кои следеа. Во оваа смисла, не изненадува тоа што вртоглавиот капиталистички развој на производствените сили од првата индустриска револуција можел единствено да се случи во уништувачка форма, наспроти неговите навидум невини технолошки изуми.

Современата западна демократија е неспособна да го прикрие фактот дека таа е наследник на воената диктатура на почетокот на современоста – и не само во технолошката област, но исто така во нејзината општествена структура. Под тенката површина на гласачки ритуали и политички говори, ние го откриваме чудовиштето на еден апарат кој без прекин ги управува и дисциплинира навидум слободните граѓани на државата во името на вкупната парична економија и на воената економија за која таа е поврзана до денешен ден. Ниту едно општество во историјата немало толку голем процент на јавни функционери и управници на човечки ресурси, на војници и полиција. Ниту едно општество не трошело толку голем дел од своите ресурси за оружје и војски.

Бирократските диктатури на „доцната модернизација“ на истокот и југот, со своите централизирани апарати, не беа спротивните, туку имитаторите на воената економија на западната историја, без, сепак, да можат да бидат еднакви на неа. На крајот на краиштата, најбирократизираните и милитаризирани општества се, од структурна гледна точка, западните општества. Неолиберализмот исто така е современо потомство на топот, како што џиновскиот милитаризам на „реганомиката“ и историјата на 1990-тите покажаа. Економијата на смртта ќе остане како вознемирувачко наследство на современото општество засновано на пазарната економија се‘ додека камиказе-капитализмот не се уништи самиот себе.