Одговор до Трајче Стојанов: Ние сме во перманентна братоубиствена војна

Живееме во состојба на предполитичкото, ние живееме, искусуваме некава класична„природна состојба“ во која човек на човека му е волк.

Сè додека граѓанинот не го преземе политичкото, сè дотогаш ќе живееме во пред-политичкото, во племенското и ќе ги оставаме вака да се договараат, да преговараат и да носат вакви бесмислени решенија.

кога би живееле во „природна состојба“, осветата би била сосема легитимна, но откога сме „договориле“ заедница, сме ја „нашминкале“ таа освета, сме ја „замоткале“ во она што се нарекува правда, за да се чувствуваме барем малку човечки кога се осветуваме. Да, тоа сепак останува освета, ама барем е легализирана и организирана, подеднакво достапна за секого (еднаквост пред законите). Ова е само како илустрација на тоа што значи таа природна состојба и што значи заедница, правен и политички поредок што го договараме како членови на заедницата за да не настане хаос. Но, во овој случај хаосот е веќе овде. Ние регресиравме во природна состојба.

Кога имате узурпирани и киднапирани институции, тогаш немате политичко, а со тоа и правно. Затоа повеќе пати констатирам дека оваа криза не се решава со партиски договори, туку со еманципација и враќање на демосот, со скоро плебисцитарно учество на граѓанинот без кој нема систем, политичко, а камо ли демократија. Оваа криза мора да ја решиме на планот на историското со „грабнување“ на политичкото во рацете на демосот.

Сè додека граѓанинот не го преземе политичкото, сè дотогаш ќе живееме во пред-политичкото, во племенското и ќе ги оставаме вака да се договараат, да преговараат и да носат вакви бесмислени решенија.

Суверенот мора да воспостави „народна власт“. Како таа ќе се организира е чисто техничко прашање. Дали тоа би била широка полтичка коалиција? Веројатно не – затоа што за таква треба најважното „политичка волја“, а веќе видовме дека неа ја нема. Веројатно тоа треба да биде некаква „техничка“ со мандат подолг од 12 месеци која треба да има ограничени ингеренции да го среди хаосот

Луѓе правото е мртво овде,правото допрва треба да се воспостави! Не може да се бара решение во овој референтен систем, мора истиот да се воспостави! Ова е предполитичка џунгла! Какво право, какви бакрачи. 

Сѐ додека „политичкото“ не е детерминирано во насока на класно субјективна војна (!) сѐ дотогаш ќе владее катадневното објективно укинување на приватната сопственост за коешто зборува Жан-Пол Мара: „Кога човек нема ништо, има право да го земе од друг вишокот во којшто ужива, не туку повеќе, тој има право да му ги одземе неговите неопходни работи и наместо да гладува, има право да му го пресече гркланот и да го проголта неговото растреперено месо. … Каков и престап да изврши, какво и злосторство да учини против своите сограѓани, тој не го нарушува поредокот на природата повеќе од волк којшто раскостува јагне. … Милоста е измислено чувство, добиено во општество. Ако никогаш не му зборувате на човека за идеи на добрина, понизност и љубезност, тој ќе остане незапознаен во текот на сиот свој живот дури за зборот милост.“ Значи, Мара, со право, не верува дека милоста или правдата се природни чувства, туку индоктринирани и измислени. Според Мара, таква е состојбата на природата, ужасна состојба, предизвикана не од недостиг на политички договор (Устав и закони) како што мисли Трајче Стојанов, туку од немање економска правичност (монопол над средствата за производство на средства за живот во рацете на малцинската класа).

Со пазарното стопанисување се постигнува Хобсовото „Човек на човека е волк“, бидејќи во него „Брат убива брат за грст пари или за педа земја“. Кога нема љубов ни меѓу родени браќа, како може да има сожителство меѓу луѓе, кои се расно, национално, верски и класно разединети? Тоа протагонистите на денешниот „најдобар од сите можни добри системи“ не ги загрижува. За нив е важен профитот, а што стои зад него – тоа за нив не е важно. И како човек да не каже за такви општественици дека се или идиоти, или геноцидни злосторници штом бранат систем во кој „мајката на синот душман му раѓа“.

Лениновата „револуционерна мисла“ беше „правилна стоковна размена“. Тој не гледаше дека секоја стоковна размена е „правилна“, бидејќи е размена на еквиваленти. Никој не може да те натера да купиш нешто што не сакаш, ниту некој може да ти ги земе силум парите од раце. Таман работа! Та, целиот систем е тука да обезбеди „слобода и еднаквост“ во размената. А тоа што нема слобода и еднаквост меѓу капиталистот и работникот, бидејќи во капиталистичкото производство работникот е сопственост на капиталот и каква „правилна“ размена може да има меѓу класите работници и капиталисти. Од оваа нееднаква размена почнуваат сите неправилности во општеството и се остварува Хобсовото „човек на човека е волк“.

„Човекот не е лош по природа“, бидејќи е тој „општествено битие“, „зоон политикон“ и тој не може да живее сам. А сепак, луѓето се однесуваат еден кон друг како непријатели, заради што Хобс ја создал изреката „човек на човека е волк“. Да, но само таму каде што „приватната сопственост“ над средствата за производство е економска категорија. Каде што таа не постои, таму не важи Хобсовото, туку комунистичкото: „Еден за сите, сите за еден“.

За политичкиот филозоф, како Трајче Стојанов, не е дозволиво да се ограничува на еремијади, контемплации и протести, туку тој мора да предложи превентивни мерки против природната состојба предизвикана од монополот во рацете на малцинската класа над средствата за производство. Излезот не е во расчистувањето на заблудите произлезени од проблемот – како што прават сите утописти, демагози и волунтаристи, препоставувајќи доблестност на некојаси технократија од иднината.

Дали Трајче Стојанов покажува во својата колумна „Какви избори какви бакрачи“ повеќе практична интелигенција во контекст на потребите на македонската политичка криза? Не! Јас не можам ништо да најдам освен небулозни и неповрзани идеи, ништо ново што ќе биде корисно, ништо што може да биде дефинирано како теорија.

Дали политичката слобода им служи на тие кои немаат леб?! Политичката слобода има вредност само за „теоретичарите“ како Трајче Стојанов и амбициозните политичари како Зоран Заев. Легализирана и организирана освета подеднакво достапна и за ниската класа едноставно не постои во присуство на економска неправичност, и затоа отсуствува законско казнување со смрт и уништување на предавниците на нацијата поради кои таа гине во сиромаштија само за да ги збогати пленовите на овие предавници. Граѓанското општество не е ништо друго туку „природна состојба“ на завојувани сурогат заедници.

Кој сопственик на средства за производство и животни намирници би дозволил да луѓето демократски одлучуваат за нешто што се однесува до тие средства за производство и живеење?! Се разбира, никој. „демократија“ постои само за капиталистите. Се‘ друго што се зборува е само шарена лага за наивни. Дури ни своите основни начела што капиталистичката класа ги прокламира се лага. Погледајте! Приватна сопственост! Во секој документ пишува дека секому се гарантира правото на приватна сопственост. А што се случува?! Ви се одзема таа сопственост на милијарда начини. Општество кое го промовира приватниот интерес како основно начело на својата општествена организираност не може да обезбеди демократија. Напротив, тоа се претвора во „бојно поле на борбата на сите против сите“ за која зборува уште Томас Хобс. Само што тој таа состојба ја сместува во историјата пред појавата на државата, а таа всушност трае се‘ додека постои стоковното производство. „Единството“ што денес привидно постои во и меѓу некои земји е само илузија, како што е илузија и самото граѓанско општество. Но, на штета на народот, некои илузии траат и премногу долго.  „Демократија“ за капиталистите е: да се полнат џебовите, да се зголемува богатството на секој можен начин, да се зголемува сиромаштвото и страдањето на работникот и никој за тоа да не одговара. Во граѓанското општество сите се слободни, еднакви и рамноправни. Се разбира, во склад со имотната положба – колку сте богат, толку сте слободен. Човек мора да се запраша: Зошто во граѓанското општество во кое со устав се гарантираат сите права и слободи на човекот, сепак правдата е недостижна, слободата е празна и бесмислена, а приватната сопственост несигурна? Во „општество“ кое се базира на апстрактна категорија – разменска вредност – не може да биде поинаку. граѓанско општество – не нуди никаква демократија, што е сосема разбирливо со обѕир на тоа дека се темели на приватна сопственост над средствата за производство. Во таков систем секој кој нема средства за производство или живеење во приватна сопственост, мора да работи кај оние кои ги имаат или е лумпенпролетер, односно член на индустриската резервна армија. Ако работи – тој е наемен роб, ако не работи – тој е кандидат на смртта. „Демократија“ која не води сметка за егзистенцијалните проблеми на луѓето – не е демократија. Парламентарната „демократија“ не решила ниту еден проблем до денес и на сите нејзини поборници треба да им се каже да престанат да ја наметнуваат на луѓето како панацеја. Нека си ја чуваат за себе. Таа треба да се фрли на ѓубриштето на историјата каде што единствено припаѓа. Луѓето кои настојуваат се‘ да стават во свој џеб или во свои раце најмалку можат да бидат носители на демократија.

Старата атинска директна демократија пропадна бидејќи никогаш не била завршена со економско ослободување на безимотните кои биле и се мнозинство. Дури да биде воспоставена народна власт/директна демократија како алтернатива на претставничката (парламентарна) демократија, ако таа не е довршена со укинување на наемното ропство/капитал-односот, тогаш ќе продолжи тоа да го помага препроизводството на олигархијата, а не на непосредното владеење на мнозинството од безимотни. Па, бидејќи богаташите, капиталистите, банкарите, земјопоседниците, и др., вработуваат повеќе работници за да работат за нив, тие имаат повеќе слободно време за должности од јавен интерес, споредено со класата на наемни работници кои обично не поседуваат никаков капитал освен својата работна сила која поради тој факт на немаштија се присилени да ја продаваат за да ја препроизведат таа сила во процесот на труд, или како вели самиот Мара: „Богаташите, сплеткаторите и злонамерните одат во толпи до секциите, се прават господари и изнудуваат најслободоубиствени одлуки, додека сезонските работници, наемните работници, занаетчиите, трговците на мало, земјоделците, со еден збор, масата од јадници присилени да работат за да живеат, не можат да учествуваат за да ги спречат злосторничките маневри на непријателите на слободата.“

Според тоа, демократија е само можна „…кога сите би морале да работат“ така што „би отпаднала спротивноста меѓу претераното работење и безделничење – и тоа секако би било консеквенција на тоа што капиталот би престанал да постои, што производот не би давал повеќе право на туѓ вишок на труд – и ако освен тоа се земе во вид развојот на производствените сили, како што капиталот ги создал, потребниот општествен вишок ќе се произведе за 6 часа, повеќе отколку сега за 12 часа, и воедно сите работници би имале 6 часа „време со кое располагаат“, ќе имаат вистинско богатство; време кое нема да биде апсорбирано со непосредно производствен труд, туку ќе им останe слободно за уживање, за разонода, така што тоа дава простор за слободна дејност и развој. Времето е простор за развој на способностите“.[1]„Кога капиталот би престанал“, вели Маркс, „тие би работеле само 6 часа, а безделничарите би морале да работат исто толку. Со тоа материјалното богатство за сите би било намалено на ниво на работниците. Но, сите би имале слободно време за развој“.[2]

Безделничарите кои би морале да работат исто толку како би ги овозможиле материјалните услови за демократија се „сите членови на општеството, кои не фигурираат непосредно во препроизводството, со труд или без него, а можат својот дел од годишното стоковно производство – значи нивните средства за потрошувачка – во прва рака да ги добијат само од рацете на класите, на кои производот им иде од прва рака – од производните работници, индустриските капиталисти и земјосопствениците. До колку се нивните доходи материјално изведени од наемнината (на производните работници), од профитот и земјишната рента, и поради тоа се појавуваат спроти оние оригиналните како изведени. Сепак, од друга страна, оние што ги примаат овие доходи изведени во оваа смисла, ги примаат со својата општествена функција како крал, поп, професор, проститутка, наемен војник итн., и тие можат, значи, своите функции да ги сметаат како оригинален извор на своите доходи… Овие субјекти се појавуваат како купувачи спроти индустрискиот капиталист, и до толку како посребрувачи на неговата стока; и тие во соодветен размер ги фрлаат ,,парите“ во циркулацијата, а индустрискиот капиталист ги добива од нив. При што постојано се заборава, од кој извор тие првобитно ги добиле и постојано пак сè одново ги добиваат.“[3] Дефиницијата за продуктивен труд што ја дава Адам Смит е слична на Марксовата и дава одредени примери за непродуктивни работници: „На пример, владетелот со сите судски и воени службеници… и целокупната војска и морнарица… нивната служба, колку и да е чесна, колку и да е корисна, колку и да била потребна, не произведува ништо… Во ист ред се распоредуваат и свештениците, правниците, лекарите, луѓето од перо од кој било вид, комедијанти, музичари, оперски пејачи, играчи итн.“ Постојат и оние кои даваат лични услуги за богатите луѓе – советодаватели за изглед, советодаватели за животен стил, но постојат и оние кои даваат финансиски услуги – за богатите луѓе и големите корпорации, сите овие се непроизводствени.

Заклучок: Ние не регресиравме во природна состојба, ние сме перманентно во природна состојба на братоубиствена војна поради приватната сопственост над земја и средствата за производство. Се додека работниците не ги преземат средствата за производство, се дотогаш ќе живееме во илузијата за демократија: „Секогаш, кога се обидува законодавството да ги регулира споровите меѓу претприемачите и работниците, претприемачите му се советници“ (Адам Смит) или: „Духот на законот е сопственоста“ (Ленге). Вистинската борба за реална демократија треба граѓаните и тоа вистински засегнатите граѓани – наемните робови – да ја водат на своите работни места а не да служат како топовско месо за интересите на буржоаските сурогат заедници! Лажноста на демократијата не се состои во тоа која политичка групација ќе донесува закони во име на мнозинството народ туку таа се состои во тоа на пример шивачките да може да ја спречат ужасната експлоатација на крволочните газди кога за да заработат месечни 15 000 денари мора да одработат дневна норма од 300 кошули иако од постојаната плата е само 2000 денари разлика. Сето друго е буржоаски игри и лицемерие, а вие сте веќе пропаднати и нема кој да ве спаси уште подлабоко да пропаднете во живата кал на ужасното наемно ропство освен самите да ги преземете работите во свои раце. А тие работи кои ја диктираат високата политика за која сакаат да ве злоупотребат како топовско месо – се средствата за производство. Штом вие се дрзнете да преземете контрола над нив, штом почнете да се освестувате дека сте различни како класа од буржоаската сурогат заедница која гледа само да ги реализира своите интереси на сметка на среќата на цела нација, власта и опозицијата веднаш ќе ги остават на страна своите каприциозни интриги и ќе се здружат против вас со сите расположиви средства од мобинг на работно место до полициски смртоносни рации.

Секоја политичка револуција има дух на безредие од коешто се плаши доминантната класа (буржоазијата) затоа што може да ѝ бидат загрозени институциите на општеството коишто ја штитат нејзината привилегирана положба а тоа е нејзиниот монопол над средствата за производство. Тоа е единствената опасност во секоја политичка револуција и затоа буржоазијата е секогаш спремна да воведе и воена диктатура против ниските класи.

Без сомневање, во отсуство на слободни мас-медиуми, граѓаните треба да формираат организација на шпиони и информатори да ги надгледуваат и да ги обвинуваат владините лица. Информациите и жалбите против владините лица, оправдани и дури сомнителни, треба сите да се земат предвид и да се печатат како дневен весник или објавуваат на Интернет порталите.

Внатре во народната власт не треба да постои поделба меѓу собрание на платени политичари и цивилни здруженија составени од работници, ниту пак треба да има најмала трага од диригирачки комитет, а сепак индивидуалноста треба да остане моќна меѓу членовите (по нивен талент да зборуваат или со пишан збор да го артикулираат своето политичко мислење).

Оригиналноста на народната власт е што се меша со народот, што спрема народот има политика на отворени врати и што комуницира со народот постојано. Народната власт верува во граѓаните и има доверба во нивниот инстинкт. За да ја оправда оваа верба, народната власт треба да има мандатори со здрав разум и чесно срце. Оваа верба на народната власт во своите граѓани ќе ја направи семоќна во нивните очи.

Народна власт е таа која ќе ја „обработува земјата заедно со селаните“, таква која што ќе работи како апостол Павле „за да не му паѓа на терет на народот“, таква која научно ќе го организира и „раководи“ општеството како што учи марксизмот. Нема друг начин за остварување на таква влада освен укинувањето на даноците бидејќи секоја власт живее од она што ќе го опљачка од народот.

„Државата никогаш нема да ја најде причината за општествените болести во државата и општественото уредување… таму, каде што постојат политички партии, секоја од нив, ја наоѓа причината за секоја невоља во тоа што на државното кормило се наоѓа нејзиниот противник, а не таа. Дури радикалните и револуционерни политичари ја наоѓаат причината за невољите не во суштината на самата држава, туку во одреден облик на држава, на чие место сакаат да постават некој друг облик на држава“ (Карл Маркс)

Формирање на технократска влада со мандат да постави темели за демократија и правна држава и држава за граѓаните, на крајот, ќе ги исклучи како активни учесници и ќе го препушти кормилото на државата во рацете на политичката олигархија. При неизменети односно неукинати услови на капиталистичко производство и наемен систем на плаќање, слободата на граѓаните и во правна и во фактичка смисла е непостоечка.

„Фабрикантот е апсолутен законодавец. Тој издава фабрички правила како што му е волја; тој ги изменува и дополнува неговите закони како што си сака, а и ако придаде најлуди работи, тогаш сепак судиите му велат на работникот: Бидејќи доброволно си се подал под овој договор, ти мораш сега него и да го исполнуваш.“ (Енгелс, Положбата на англиската работничка класа)

Без истовремено укинување на капиталистичкиот фабрички систем, историската улога на една таква преодна влада би била фарса, чиста демагогија и буржоаско-просветителски популизам. Фактичкото враќање на институциите во власт на граѓаните би било нивно учество во едно народно демократско собрание кое ќе ги изгласува сите закони и ќе одлучува за сите прашања од јавен карактер (даночење, склучување политички сојузи со други држави, економски спогодби, итн.). А јавната администрација би била составена од случајно селектирани граѓани, и таа би ја составувала агендата која потоа би била „тестирана“ од страна на народното демократско собрание. И владеењето на правото да биде спроведувано од страна на обичните граѓани. Сите судови да бидат контролирани од големи случајно одбрани пороти. Да се укинат професионалните судии. Итн. Само случајниот урнек од нацијата може да поддржи создавање на вистински претставителна законодавна, извршна и судска власт. Никако поинаку нема да може да се спречи „по Груевски на власт да дојде гарнитура која нема да преземе суштински реформи и ќе продолжи со сличен (веројатно помалку разуздан, но подеднакво неморален) начин на владеење.“

[1] Karl Marks, „Teorije o višku vrednosti“, Prev. Mara Fran, Karl Marks i Fridrih Engels, Dela, Tom 26, Beograd: Prosveta, 1972, 184-199.

[2] Ibid.

[3] Карл Маркс, Капиталот, Том I, Прев. Диме Бојановски, Скопје: Мисла, 1975.