До Соња Стојадиновиќ: Сите „работодавачи“ се експлоататори!

vampiro-crane

Политички коректната левица отсекогаш играла лицемерна игра на идеолошки измирувач меѓу интересот на работничката класа како класа која допрва треба да стане класа за себе (!) и интересот на капиталистичката класа за која знаеме дека е веќе политички организирана во Сојуз на стопански комори, со тоа што сака да им ја продаде на работниците евтината приказна за нивните експлоататори како работодавачи! Соња Стојадиновиќ, свесно или несвесно, е една од овие милозвучни славејчиња од чиј јазик буржоазијата умешно прави паштети за гладната работничка класа.

Токму во наемното плаќање на работникот зависи целиот експлоатациски производствен систем и поради ова, државата и работодавачот никогаш нема да го стават на второ место, туку секогаш ќе го штитат со најупорни сили и средства! „Не е високото или ниското ниво на наемнините она што ја прави економската деградација на работничката класа: оваа деградација се состои во фактот дека работничката класа наместо за својот труд да го добива целиот производ од својот труд, мора да се задоволи со дел од својот сопствен производ кој се нарекува наемнина.“ (Фридрих Енгелс, Наемен систем, 1881)[1]

„Без работник, нема производство, а уште помалку профит.“, тврди Соња Стојадиновиќ, но секако дека постои производство без мануелен работник, а тоа е автоматизираното или полуавтоматизираното машинско производство, но без наемниот систем, горедефиниран од Енгелс, не може да постои профит кој би заминал кај сопственикот на процесот на трудот, односно над средствата за производство. Затоа, слободно можеме да кажеме дека приватната сопственост е последица на отуѓувањето на трудот од средствата за производство. Сопственоста на средствата за производство пак има темелно значење за општествената и егзистенцијалната положба, за моќта и влијанието на самите учесници во производствениот процес, зашто оној кој располага со средствата за производство има битен услов да ги определува условите на трудот и да одлучува за начинот на распределбата на произведената вредност. Значи, не е тоа претседателот на владата Заев, туку тоа е капиталистот Заев кој ги диригира условите на трудот и должината на работното време и кој одлучува како ќе се дели остварениот приход!

Карл Маркс докажа дека изворот на профитот во крајна линија се наоѓа во својството на работната сила да може да произведе повеќе отколку што самата чини (отколку што е платена), т.е. да создава вишок на вредност. Тоа својство на работната сила го користи капиталистот, обврзувајќи го работникот да работи подолго од она време кое е потребно за да ја произведе вредноста на самата работна сила. Така, отуѓувањето на производите на трудот од работниците значи во исто време отуѓување на вишокот на вредноста или вишокот на трудот од работниците. Земањето на вишокот на вредноста значи просто експлоатација на работниците, па експлоатацијата е најдрастичниот облик на отуѓување.

Повикувајќи се Соња Стојадиновиќ на совеста на домашните капиталисти сугерирајќи им да го следат примерот на Хамди Улакаја, сопственикот на млекарницата „Чобани“, таа само покажува колку е историски и економски неписмена. Историски неписмена бидејќи го превидува фактот дека работничката класа во таканаречените држави на благосостојба како и во западно развиените капиталистички држави само со упорна класна борба успеваше должината на работното време да ја намали, а надниците да ги приближи до производноста. Таа е економски неписмена бидејќи ја потценува приватната сопственост како последица на отуѓувањето на трудот од најдрастичен облик – експлоатација. Не знам како Соња Стојадиновиќ се надева дека ќе успее еден поинаков, „хуманизиран“ третман и плаќање на работникот во услови каде што работникот-производител е одделен од средствата за производство!

Примерот на Соња Стојадиновиќ со млекарницата „Чобани“ е многу лош аргумент дека капиталистите, ете, можат да се однесуваат „хуманистички“ или работнички-пријателски. Госпоѓо или госпоѓице Стојадиновиќ, „капиталот умира ако секое утро не ги подмачкувате круговите на машинеријата со човечка лој.“ (Жил Вале) Не без основа Маркс го поистоветува капиталот со вампир. „Капиталот е мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што толку повеќе живее, колку повеќе ќе исцица од него“.[2] „Продолжувањето на работниот ден преку границите на природниот ден до во ноќта дејствува само како палијатив, само донекаде ја гаси вампирската жедност за живата крв на трудот. Затоа присвојувањето на трудот за сите 24 часа е иманентен стремеж на капиталистичкото производство“.[3] „Буржоаскиот поредок…стана вампир кој ја цица крвта на работничките срца и мозоци и ги фрла во алхемичарскиот казан на капиталот“.[4] Овој вампирски капитал „со 20% профит живнува, со 50% станува позитивно вратоломен, за 100% ги става сите човечки закани под своите нозе, за 300% не постои престап на кој тој не ризикува, дури и при опасност да го обесат. Ако вревата и кавгата носат профит, тој и двете ќе ги потспотнува“.[5] Овој персонифициран портрет на капиталот го дава буржоаскиот весник (!) „Quarterly review“ од добата на класичниот капитализам.

„Чобани“ сепак, ги избира односите со јавноста над човековите права, избирајќи го Фер Трејд УСА, еден сертификат познат за неефикасно присилување и стандарди приклонети кон корпорациите. Предизвиците со кои се соочува млечната индустрија се масивни и структурни. Ниските цени, консолидацијата на корпорациите, трговските договори, опаѓачкото конзумирање на млеко и јогурт и растечките цени за хранење ги притискаат млечните фармери. Од друга страна, овој притисок е префрлен врз наемните работници кои ја работат тешката и опасна работа на одржување на производството низ целата година. Извештајот „Milked: Immigrant Dairy Farmworkers in New York State“[6] детално ги опишува тие борби – опасните услови, ниските плати, недостигот на стандардна заштита на работно место, неадекватна законска заштита за сточарските работници и нивната маргинализација и изолација поради имиграцискиот статус. Проблемите се огромни и реални. „Чобани“ со сигурност ќе продолжи да ги превидува смртоносните работни услови документирани во нивните синџири на снабдувачи со ново лого! Владата и газдите не можат да се плашат од социјализмот доколку работничката класа е нула во револуционерна смисла. Морализмот на Хамди Улукаја се сведува на буржоаско лицемерие и се разбира тој е лажниот херој на социјал-утопистката Соња Стојадиновиќ од кои работниците треба да бегаат како ѓавол од темјан.

[1] К. Маркс – Ф. Енгелс, „Дела“, „Просвета“, Београд, 1979, том 30, стр. 206-208. Линк до целиот текст: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1881/lejbor-standard/naemen-sistem.htm

[2] Маркс, Капиталот, Том I,, 211.

[3] „…Но, бидејќи е физички невозможно да се исцицуваат истите работни сили без запир преку целиот ден и ноќ, тогаш е нужно, за да се отстрани оваа физичка пречка, да се заменат работните сили истрошени дента и ноќта, смена што допушта различни методи, на пр. да биде така наредено, што едниот дел од работниот персонал едната недела да биде на дневна работа, а другата недела на ноќна работа итн.“ (Маркс, Капиталот, Том I,, 230-1).

[4] Karl Marks i Fridrih Engels, Dela, Tom 11, 164.

[5] Маркс, Капиталот, Том I,, 663-4.

[6] Онлајн верзија: https://milkedny.files.wordpress.com/2017/05/milked_053017.pdf