Митот за Португалија со декриминализацијата на наркоманите

Portuguesedrugdeathsall1

Овде ќе ја изразам основната теза дека наркоманијата се пројавува во страстите и интересите на наркоманите и наркодилерите – не поради слабиот карактер на наркоманите или генијалната идеја за бизнис на наркодилерите – туку дека таа е само последица на материјалното, на самиот материјален живот на луѓето. Мора да се нагласи дека со тоа што наркодилерите посредуваат во производството на наркотици, тие ја произведуваат и самата лажна слика околу безизлезноста од затекнатиот материјален живот кај конзументите на наркотици.

Ако наркоманијата е последица на лошата социјална благосостојба на човекот тогаш не може да се бара легализација на истата без да се искорени нејзината причина, а која е во зависност од производството, бидејќи тоа е начинот на создавање на човечкиот живот. Лоша социјална благосостојба генерира лоша јавна здравствена состојба, соодветно повеќе аутизам, осаменост, депресивност, анксиозност, апатичност, како и страст и интерес за конзумирање дроги – заради создавање лажна слика околу безизлезноста од затекнатиот материјален живот – и ете ви ги продавачите на наркотици! Нивната потрошувачка на наркотици создава продукција. Затоа, велам дека наркоманијата мора да се идентификува како модерна болест на општеството во кое материјалниот живот за мнозинството луѓе е лош поради приватизираното производство од кое бенефит добиваат само имателите на истото.

Продуктивниот живот на луѓето, од чиј начин зависно произлегува нивната социјална благосостојба, е мошне силен, неговата сила е таква што денес се размислува за тоа како би можело експанзијата на тој наш продуктивен живот да се минимизира. Поради овој факт, не смееме да зборуваме за наркоманијата само од биолошко-психолошки аспект, а камоли да помислиме на легализација на наркотиците ако наркоманијата е последица на лошата социјална благосостојба којашто е во зависност од самиот начин на продуктивен живот на луѓето. Како може да помислиме да воведиме регулација во целиот процес на продукција на наркотици ако самиот продуктивен живот на луѓето остане нетангиран?!

Денешната состојба на наркоманијата во многу е резултат на човечката продукција, а продукцијата е она со што си создаваме средства за задоволување на потребите (вештачки и природни). Наркотиците се вештачка потреба на модерното капиталистичко општество. Тие не се потреби со коишто ние се раѓаме. Наркоманијата според тоа е променлива потреба така што ќе ги смениме околностите на човечкиот живот, односно реално ќе се позанимаваме со решавање на лошата социјална благосостојба од којашто наркоманите како социјално загрозена и маргинизирана група бегаат посегнувајќи по „вештачки раеви“. Би можел некој да праша дали сепак и наркоманите сами си ја создаваат оваа вештачка потреба за дрогирање или не? На ова прашање ќе дадеме одговор во делот за отуѓувањето на потребите (кокаинот како дрога за богаташите и дрога за сиромашните, крокодилската или хероинот)

Однесувањето на наркоманите е одговор на историски создадените човечки околности. Бидејќи историјата е процес на продукција и репродукција на луѓе и предмети, и не само биолошка репродукција на човечкиот род и нејзините општествени определени облици, туку и воспитувањето (како и пропагандата на современото капиталистичко потрошувачко општество) и воопшто сешто модерно се вика процес на социјализација. Слободно може да кажам дека самиот начин на кој настапува човечкиот биолошки организам е веќе производ на историскиот процес, дека тој начин самиот е произведен, е специфичен човечки начин. Тоа значи дека ниту една единствена човечка потреба – и таа за наркотици – не настапува во човечкиот живот ако не би била определена од човечкиот историски процес. Цела низа болести, како реакција на човечкиот организам, произлегуваат од начинот на човечкиот живот, од општествените форми на меѓучовечкиот живот којшто тие болести ги создава (на пример, пазарното здравство кое во Бразил предизвика жариште на Зика вирус). Денес медицината знае за болести на желудникот, кожни болести, болести на срцето итн., низа болести кои произлегуваат не од некои физички дефекти или инфекции, туку токму од еден начин на меѓучовечки живот кој со својот притисок врз човечката психа – како во случајот со наркоманите – го уништува и самиот човечки организам и дека тие болести како такви како во случајот со наркоманијата, во таа смисла се болести на општеството.

Би можел некој да праша дали сепак и наркоманите сами си ја создаваат оваа вештачка потреба за дрогирање или не? Капиталистичкото производство за апстрактна вредност, пари, ги поттикнува луѓето на шпекулирање со слабостите на другите луѓе (вклучително и слабоста изразена во социјалната немоќ) на измислување на најразновидни средства за продлабочување и задоволување на небитни и вештачки потреби, само со цел полесно да се дојде до пари. Оваа тенденција е видна особено во сегашното капиталистичко и потрошувачко општество. Треба само да се сетиме на издавањето на порнографска литература и слики, фотографии на разголени жени. Оваа тенденција се манифестираше дури и во буржоаското општество на Марксовото време, па Маркс пишуваше: „Секој човек спекулира со тоа на другиот да му создаде нова потреба, за да го присили на нова жртва, за да го стави во нова зависност, за да го наведе на нов начин на уживање, а со тоа и во економска пропаст. Секој се обидува над другите да создаде туѓа суштинска сила, за со тоа да ја задоволи својата сопствена, егоистична потреба.“ Маркс, значи, пред сто и повеќе години го поставил не само основниот проблем на целата модерна епоха, то ест проблемот на ослободувањето и хуманизирањето на трудот, туку и проблемот на структурата и карактерот на човечките потреби, кој денес се поставува во уште поголема острина.

Има доволно многу аргументи и факти за владата на Заев да се спротивстави на евентуална иницијатива за закон за легализација на дроги во парламентот. Моделот на Португалија, на којшто многу апологети на легализацијата на дроги се повикуваат, би бил целосна пропаст за сиромашната Македонија! Португалија не е успешен модел бидејќи го зголеми бројот на наркозависници и социјалните трошоци за служби за одвикнувачки терапии.[1] Тоа што бројот на наркозависници се намалил во соседна Шпанија е само потврда дека Португалија не е успешен модел, кој наместо да го намали бројот на наркозависници, го зголемува и стимулира. Наркозависноста во Португалија меѓу младите после воведувањето на наводната легализација во 2001 се зголемила. Смртноста од користење дрога во Португалија после легализацијата на дрогите се зголемила. Прекршоците на законот и злоупотребите на дроги во Португалија се зголемиле после наводната легализација во 2001.

Резултатите на оваа политика која е воведена од 2001 година не се позитивни. Службите за третман биле зголемени во исто време кога новата политика била воведена, а после една деценија има повеќе млади луѓе кои конзумираат марихуана. Според статистиката составена од Европскиот центар за мониторинг на дроги и зависност од дроги (EMCDDA) меѓу 2001-07, после декриминализацијата, повеќе луѓе конзумираат канабис, кокаин, амфетамини, екстази и ЛСД, а поради декриминализацијата во Португалија, во соседната Шпанија меѓу 2003-2008 конзумирањето на овие дроги опаднало.

марихуана од 12.4% до 17%      15-34 годишници

кокаин од 1.3% до 2.8%               15-34 годишници

хероин од 0.7% до 1.1%               15-64 годишници

екстази од 1.4% до 2.6%               15-34 годишници

[1] За секој 1 долар на државен приход од даноци на алкохол и тутун, САД трошат повеќе од 10 долари за социјални трошоци. Во 2005 година, за секој собран 1 долар од даночење алкохол и тутун, скоро 14 долари биле потрошени да се компензираат огромните социјални штети предизвикани од нивното конзумирање. Легализацијата ќе придонесе до зголемена употреба и зголемена социјална штета.