Криза за сите: во одговор на Бранимир Јовановиќ

keep-calm-and-read-marx-1

Резултатите од студијата покажуваат дека економскиот раст е проследен со пад на нееднаквоста, само кога работничките права се високи, пазарната моќ на фирмите е контролирана и даноците се високи. Социјалната заштита се покажува незначајна. Значи, Кузнец не беше во право. Од економскиот раст не мора да имаат полза сите. За да имаат полза сите, потребно е економските институции да бидат редистрибутивни, а не екстрактивни. (Бранимир Јовановиќ, Како до раст за сите?)

Се разбира, работниците не треба да бидат рамнодушни спрема проширување на нивните права, намалувањето на пазарната моќ на фирмите и зголемувањето на даноците за капиталистите, напротив, работниците треба жестоко да се борат за такви политики: „За да се „одбранат“ себеси од змиите на своите маки работниците мораат да се соединат, да ги стегнат своите редови и како класа да извојуваат државен закон, моќна општествена пречка, што ќе ги спречува дури самите нив да се продаваат себеси и својата порода во смрт и ропство врз доброволен договор со капиталот“[1] (Маркс). Но, оваа класна борба не треба да биде водена од кејнзијанистичката перспектива на Бранислав Јовановиќ, туку од соодветната, Маркс-Енгелсова перспектива.

Кејнзијанистичкиот приод на Бранислав Јовановиќ е неговата идеолошка верба дека кејнзијанистичките политики се начин да се подобрат подеднакво условите на трудот и капиталот, т.е. начин да се спротивстави на неправедниот економски раст. Од Маркс-Енгелсова перспектива, распределувачките или инвестициските политики не треба да бидат кејнзијанистички, односно не треба да бидат идеологизирани заради зближување на интересите на двете главни класи.

Да претпоставиме дека државата воведува прераспределба на вредноста од капиталистите до работниците преку проработничко законодавство, прогресивно оданочување, итн. Повеќе потрошувачки добра се продаваат и работниците трошат повеќе. Ова е причината што овие политики би требало да бидат проработнички. Продажбата на непродадените потрошувачки добра го поттикнува производството на средства за потрошувачка. Ова би создало побарувачка за средства за производство. Би започнало нагорен циклус. И ова е причината зошто овие политики би требало да бидат исто така прокапиталистички. И капиталистите и работниците би биле во корист. Ова е основата на кејнзијанистички реформизам, на класна соработка, која ја промовира Бранимир Јовановиќ.

Од перспективата на Маркс и Енгелс, овие политики на Бранислав Јовановиќ може да ја подобрат положбата на работничката класа но се немоќни палијативи против кризата (не може да го спречат падот на просечната профитна стапка) и неправедноста на самиот капиталистички систем (не може да ги избават работниците од наемното ропство), најмногу што тие можат е да ја одложат кризата на профитабилноста и да ја ублажат неправедноста на капитал-односот.

„Во рамките на општествена состојба во која владее капиталистичкото производство и кај некапиталистичките производители владеат капиталистички претстави“ (Маркс).[2] Наспроти верувањето на Бранислав Јовановиќ, социјалната заштита на работниците против капиталот е всушност најважното прашање и таа би значела укинување на нивното робување за наемнина, во спротивно, не постојат такви работнички права, редуцирани пазарни моќи на фирмите и прогресивни даноци коишто капиталистите не би можеле да ги заобиколат за да продолжат со екстракцијата на вишокот на труд а со тоа да не биде компромитирано државно индуцираното ублажување на неправедноста на „економскиот раст“ во капитализмот. Во својот говор „Вредноста, цената и профитот“ (1865 год.), Маркс доаѓа до заклучокот дека барањето за праведна надница за праведен работен ден е палијативна мерка против законот за опаѓање на просечната профитна норма којшто подразбира намалување на надниците како капиталистите би ги надоместиле загубите на профит или пак бидејќи капиталот е општествено-историски однос (изразен во хартии од вредност) па тие лесно би го преселиле капиталот во други земји каде што има релативна пренаселеност, според тоа поголема конкуренција меѓу работниците и како последица на тоа пониски надници и оттука изобилство на нов капитал. Поради тоа, Маркс категорично се изјаснил против синдикалното барање за повисоки работнички плати: „Наместо конзервативното мото: »Праведна надница за праведен работен ден!«, работниците треба да ја испишат на своите знамиња револуционерната максима: »Укинување на наемниот систем!« Синдикатите генерално не успеаја поради тоа што се ограничуваа на герилска војна, против ефектите на постоечкиот систем, наместо истовремено да се обидуваат да го изменат, наместо да ги искористат своите организирани сили како лост за финална еманципација на работничката класа односно крајно укинување на наемниот систем.“

Значи, во пракса профитите за газдите не мора неопходно да опаѓаат штом се воведат редистрибутивните политики на Бранислав Јовановиќ, бидејќи капиталистите ќе преземат цела низа од противмерки за да ги одржат „своите“ профити. Капиталистите би можеле да го зголемат интензитетот на експлоатацијата, продолжувајќи го работниот ден и интензивирајќи го процесот на труд (често се обидуваат да го продолжат работниот ден, воведувајќи двојни смени, го интензивираат процесот на труд со помош на машините така што работниците одработуваат поголем број материјали на единица работно време, итн., за да ја попречат последицата на растечкото софистицирање на производството врз стапката на профит). Потоа, капиталистите би можеле да ги намалат наемнините под вредноста на работната сила што е еден од најважните фактори за попречување на тежнеењето на профитната стапка да опаѓа. Следно што може капиталистите да го направат е да ги поевтинат елементите на постојаниот капитал. Вредноста на капиталот може да не порасне колку техниката на капиталот бидејќи елементите на постојаниот капитал (суровините и машините) поевтинеле. Со сигурност капиталистите ќе ја злоупотребат огромната резервна индустриска армија којашто претставува маса од евтини работници и потенцијални штрајкбрехери. Капиталистите ќе прибегнат кон надворешна трговија со цел да ги спасат профитите бидејќи таа може да им обезбеди поевтини елементи на постојан капитал и дури променлив капитал (односно да го преселат капиталот во земји каде што има релативна пренаселеност од евтини работници во индустриски гранки со низок органски состав и висока стапка на експлоатација).

Профитната стапка – односно, профитот како процент од износот на вложените пари – според Марксовите истражувања во третиот том на „Капиталот“, има постојано тежнеење да паѓа, што било случај со хрватското стопанство. Финансијализацијата („неолиберализмот“) пред избувнувањето на глобалната економска криза (2007) не била причина хрватските компании да вложуваат помал дел од својот профит во машини и друга опрема (средства за производство). „Профитната норма паѓа, не зашто работникот помалку се експлоатира, туку зашто во однос на применетиот капитал воопшто помалку се применува труд“ (Маркс).[3] Реалните компензации за хрватските работници се зголемиле со текот на годините. Тие сега се повисоки отколку што биле пред 20 години, и биле со нагорен тренд до избувнувањето на глобалната економска криза во 2007 год. откога незначително опаднале. Графиците долу покажуваат дека компензациите за работниците растеле во однос на профитите а стапката на профит опаѓала и таа продолжила да опаѓа истовремено со падот на компензациите за работниците. Ниту про-работничките ниту про-капиталистичките политики на прераспределба не го спречиле падот на профитната стапка. Постојаниот пад на стапката на профит произвел постојан пад на стапката на акумулација на капитал а падот на стапката на акумулација за возврат довел до тромав раст на БДП по глава, производството на компаниите и компензацијата за работниците, како и до зголемување на должничките бремиња, итн. „Во капиталистичкото производство профитната норма е движечката сила, и се произведува само она што може и колку може да се произведува со профит“ (Маркс).[4]

Од графикот за стапката на авансиран капитал гледаме дека поголемата компензација за работниците не предизвикало поголемо производство на потрошувачки добра и оттука на средства за производство и според тоа поголема вработеност и економски раст. Накратко, компензациите за работниците растат но стапката на акумулација на капитал ја следи опаѓачката стапка на профит. Повисоките плати ја зголемуваат побарувачката за потрошувачки добра но во исто време ја снижуваат профитната стапка. Некои капиталисти би можеле да одлучат да го зголемат производството дури при пониски нивоа на профитабилност.  Меѓутоа, „ниту еден капиталист нема да примени доброволно некој нов начин на производство, колку и да е попроизводен или колку и да ја зголеми нормата на вишокот на вредноста, ако тој ја смалува профитната норма. Но, секој таков нов начин на производство ги поевтинува стоките. Поради тоа, тој прво нив ги продава над нивната цена на производство, можеби и над нивната вредност. Тој си ја зема разликата, која постои меѓу трошоците на нивното производство и пазарните цени на другите стоки, кои се произведени со повисоки трошоци на производството. Тој може ова да го стори, зашто средното работно време кое е општествено потребно за производство на овие стоки е поголемо од работното време кое е потребно во новиот начин на производство. Процедурата на неговото производство е над општествената средна процедура. Но, конкуренцијата неа ја поопштува и ја потчинува под општиот закон. Со тоа настапува паѓањето на профитната норма – може најпрво во оваа сфера на производство, а потоа се израмнува и во другите – што е, значи, сосема независно од волјата на капиталистите“ (Маркс).[5]

Всушност, ако профитите опаѓаат, прво помалку вишок на вредност може да биде создадена и според тоа вложен а резервите не се вложени во деловности чија профитабилност продолжува да опаѓа и второ, поради повисоки компензации за работниците, послабите капиталисти ќе банкротираат и ќе се престане со производството. Следи заклучокот дека капиталистите го намалуваат своето производство наспроти повисоката побарувачка и наспроти нивните напори да ја задоволат таа побарувачка. Производството или останува исто или опаѓа но профитабилноста опаѓа во двата случаи. Повисоките компензации за работниците не може да ја помогнат стагнирачката економија, туку да ја влошат. Кејнзијанистичкиот лек на Бранимир Јовановиќ е полош од самата болест (производството за пари). Наспроти неговиот кејнзијанистички пристап, повисоките компензации за работниците на сметка на профитите на капиталистите не придонесуваат за врамнотежување на економијата и стабилен раст туку за депресија и кризи.

Овој заклучок е важен за работничката класа за себе од економски поглед бидејќи ѝ покажува дека политиките чија цел е поттикнување на раст преку проработничка прераспределба на додадената вредност се осудени на пропаст. Но, овој заклучок исто така е важен од политички поглед бидејќи негирајќи дека производството за пари заедно со прераспределувачките политики може да тежнее кон врамнотеженост и раст, ние негираме дека ова капиталистичко производство е или може да биде потпомогнато да стане разумно, сфаќаме дека е неопходно да се укине производството за пари (апстрактна вредност) поради фактот дека кризата е системска криза којашто произлегува од тенденцијата на профитната стапка да опаѓа и според тоа никакви економски политики на финансиска регулација, активни фискални и монетарни политики и дури национализација не може да ја одложат кризата односно да го променат прокризниот карактер на капитализмот.

Untitled

[1] Карл Маркс, Капиталот, Том 1, стр. 268.

[2] Карл Маркс, Капиталот, Том 3, стр. 38.

[3] Карл Маркс, Капиталот, Том 3, стр. 225.

[4] Карл Маркс, Капиталот, Том 3, стр. 237.

[5] Карл Маркс, Капиталот, Том 3, стр. 241-42.