Жан-Пол Мара во своја одбрана (24 aприл 1793, пред Револуционерниот Трибунал)

Граѓани, пред вас воопшто не стои виновник, туку апостол и жртва за слободата, тоа е само една политичка партија од сплеткари кои поднесоа обвинителен акт против мене. Граѓани, мојата кауза е и ваша, јас ја бранам мојата татковина; ве молам за најдлабока тишина со цел да им се одземат оправданијата на непријателите на јавниот интерес да кажуваат дека сте влијаеле на судот.

Јас сум Жан-Пол Мара, доктор на медицина, делегат од Париз во Националното собрание, имам четириесет и девет години, со постојано живеалиште во Париз, улица Кордељери, отсек Театр-Франсе.

Имам да споделам општи размислувања во врска со обвинителното решение; силно уверен во мојата совест и праведноста на судот, јас барам најстрого испитување на моето делување, пред и после Револуцијата. Пред многу време во Англија напишав едно дело: „Окови на ропството“ (les Chaines de l’esclavage), дело кое во тоа време не можеше да придонесе за да го преведам на француски; а за да им се приближам на Трите сталежи јас ги удвоив моите напори и со бројни патриотски написи не престанав да ги бранам правата на народот; после Револуцијата не престанав да го подучувам и просветлувам народот; постојано и со храброст којашто ништо не може да ја поколеба јас ги разобличував предавниците кои под велот на популарноста ја завеле довербата и наивноста на народот; побледуваше од страв од мене тиранот на тронот и продолжував да го правам тоа сѐ до неговата смрт: перото во мојата рака стана извонредно оружје против моите непријатели, тие ништо не испуштија од вид за да ме замолчат и да го поткупат моето перо, ветувањаумилкувањазаведувања, заканувањапрогонувања, со сѐ се обидоа, но бескорисно; l’Ami du Peuple (Пријателот на Народот) секогаш се покажувал достоен за себе и за каузата на праведноста којашто тој постано ја бранел и којашто нема да престане да ја брани додека не го изгуби природниот ентузијазам, бидејќи се работи за слободата и за доброто на човештвото. (Општо аплаудирање)

Граѓани, ве молам за тишина, без тоа вие ќе ѝ наштетите на победата на слободата.

Граѓани, членови на револуционерниот трибунал, ако Ролан, водачот на партијата на жирондистите [или крупните капиталисти – заб. на прев.], не се расфрлаше со парите од националните добра за да го наведе народот на погрешен пат и за да го изопачи јавниот дух; ако партијата на „државниците“ [жирондистите] не ја преплави целата Република со нечесни документи против Комуната, општината, секциите, надзорниот комитет и најмногу против париската делегација; ако тие не се договараа толку долго време за да ги оцрнат Дантон, Робеспјер, Мара; ако тие непрекинливо не ме претставуваа како секташ, анархист, крвожедник, амбициозен човек кој се стремел кон врховна власт под титулата на трибун, на триумвират и на диктатор; ако целосно разуверената нација ја препознаеше подмолноста на овие лаги; ако нивните виновнички автори беа посрамотени, јас ќе давав отпор на самоволните акти поднесени против мене под титулата на декрет и на обвинителен акт од една подмолна партија којашто јас толку многу пати ја обвинував дека е скоро целосно составена од ројалисти, предавници, сплеткари, и јас ќе чекав да Народното собрание биде засилено со враќањето на патриотските делегати за да ме претстават на судот и да ги уништат подлите злосторници кои денес ме гонат со толку одвратна жестокост.

Ако јас се појавувам пред моите судии, значи тоа е со цел да изборам победа за вистината и да ги разобличам клеветите; за да ги отворам очите на овој дел од нацијата што уште се движи на погрешен пат на моја сметка; тоа е со цел да излезам победник од оваа збрка, да го разубедам јавното мислење, да ѝ направам добра услуга на татковината и да ја зајакнам слободарската кауза.

Полн вера во просветителството, еднаквоста и граѓанскиот дух на овој трибунал, јас самиот навалував на најстрого испитување на оваа ствар. Како што сум силно уверен во мојата совест, во искреноста на моите намери, во чистината на мојот граѓански дух, јас воопшто не барам опростување на гревовите, туку барам строга правда.

Еве ме спремен да им одговорам на моите судии; меѓутоа, пред да ми бидат побарани објаснувања, граѓани, морам да ви изложам низа размислувања кои ќе ве оспособат да ги осудите недопустливото незнаење, глупоста, неправедноста, подмолноста, бесот и свирепоста на моите подли поткажувачи.

Решението за обвинение донесено против мене беше изгласано без дискусија, со прекршување на формалниот закон и во противречност со принципите на редот, слободата и правдата. Поради тоа, основното право е дека ниту еден граѓанин не треба да биде цензуриран без да биде прво ислушан. Ова обвинително решение беше донесено против мене од двеста и десет членови на една политичка партија, спротивно на барањето на деведесет и два членови на „Монтањата“; односно, од двеста и десет непријатели на татковината против деведесет и два бранители на слободата. Обвинителното решение циркулираше среде најскандалозна врева, за време на која патриотите ги засрамија ројалистите, приговарајќи им за недостаток на граѓански дух, за подлост и за нивните махинации. Тоа циркулираше наспроти најочигледните изрази на јавното мислење и среде врева од постојани детекции на грешки кај сите трибуни. Тоа циркулираше на толку револтирачки начин што дваесет членови кои беа измамени од партијата на „државниците“ одбија да гласаат за, па решението не беше дискутирано. Тоа циркулираше додека еден од нив со гест на чесна душа извикна: „Јас не гласам, и многу се плашам, после сè што видов, дека бев будала на подмолен заговор“.

Ова решение, далеку од тоа да биде желба на мнозинството на Народното собрание, затоа што е дело на партиски членови кои не сочинуваат третина од Собранието, значи може да се цени само како резултат на непријателската упорност на партијата на „државници“. Ќе се види дека се работи за злосторнички заговор, бидејќи решението беше предизвикано од читање на еден говор на јакобинците, на којшто јас се потпишав како претседател на јакобинскиот клуб, еден патриотски говор којшто престанува да биде мое злосторство гледајќи ги скоро сите моие колеги од Монтањата како трчаат на бирото за да се потпишат; еден навистина републикански говор којшто беше потпишан од сите секции на Париз и којшто наскоро ќе биде потпишан од сите добри граѓани на цела Франција.

Напуштајќи го обвинувањето на овој говор којшто го мотивираше барањето за обвинителното решение, ова решение падна само по себе, но истото беше одново покренато во бес од страна на моите непријатели, гледајќи ме како се искачувам на говорница за да го обновам предлогот да се изнесе Луј д’Орлеан пред револуционерниот трибунал и да се одреди сума на пари за оној којшто ќе ги убие бунтовниците сега во бегство браќа на Луј, Капе Дартуа и Капе Конде; предлог којшто ги фрли во очај „државниците“, присилувајќи ги да си стават јаже околу врат, ако го усвоија; или пак да си признаат дека се бранители на Д’Орлеан и на бунтовните Капети, поддржувачи на монархија и соучесници на Димурје ако го отфрлеа предлогот. Се знае со какво насилство тие се спротивставија на предлогот. Значи, ова обвинувачко решение мора да се смета како смешна жалба на злосторници кои јас ги обвинив за сплеткарење, и дека предавникот Димурје, на некој начин, ги прогласи своите соучесници како длабоко промислено лукавство за да ме тргнат на секој начин да ја спроведам оваа мерка на јавен спас којашто ќе ги разобличеше целосно, ќе ги опсипаше со срам, ќе ги предадеше на одмазда од страна на народот. Значи, едно такво решение е само акт на тиранија којшто повикува на отпор кон угнетувањето и којшто не може да не ги побуни сите добри граѓани бидејќи исто така ќе стане познат во департманите како што е познат во Париз.

Преминувам на обвинителниот акт.

Произлезено од законодавен комитет којшто скоро целосно е составен од мои смртни непријатели, сите од нив членови на партијата на „државниците“, обвинителното решение беше издадено со таков недостиг на размислување што ги има сите карактеристики на глупа игнорантност, лага, лудост, гнев и ѕверство.

Со еден поглед може да се види дека овој акт е исполнет со сјајни противречности, или подобро ние треба да речеме, со духот на противречноста кон „Решението за обвинение“, коешто му служи како основа. Не се споменува говорот составен од јакобинците, чие потпишување тие ми го припишуваат како злосторство; а сепак овој говор беше она што го предизвика решението.

Кога гледам каква смешна и скудна основа има овој акт, се чувствувам засрамен од комитетот. Бидејќи говорот на јакобинците ги содржи чувствата на вистински републиканци, и бидејќи истиот беше потпишан од скоро сите мои колеги од „Монтањата“, комитетот, принуден да го напушти основниот распит во обвинувањето, се повлече на обвинувањето за одредени мои написи кои лежеа запуштени во текот на многу месеци во прашина, а тоа цитирање бесмислено го препроизведе обвинувањето на некои други мои написи, предмет што Собранието одби да го иследува, оставајќи го за посебен ден, како што ќе докажам во продолжението.

Сега да докажеме дека тој акт е незаконски. Целосно почива, како што видовте, на одредени мои политички мислења. Овие мислења беа изнесени од говорницата на Народното собрание пред тие да бидат објавени во моите написи. Моите написи, чија постојана цел е да ги открива заговорите, да ги разобличува предавниците, да предлага корисни мерки, се само прилози на она што јас не можам секогаш целосно да го објаснам во Собранието. Или членот седум од петтата секција од уставниот акт во однос на ова гласи: „Народните претставници се неповредливи; тие не може да бидат обвинети, испрашувани, ниту судени во никој случај за она што тие го изјавиле, напишале или направиле, додека ги извршуваат своите функции на претставници.“ Според тоа, обвинителниот акт е ништовен и со никакво важење бидејќи ги напаѓа најсветите права на еден претставник на народот.

Ова право не дозволува да некој сплеткари против државата, не допушта никакви делувања против интересите на слободата, не дозволува да се напаѓаат правата на граѓаните или да се компромитира јавната безбедност; јас го знам тоа, но тој допушта да некој може сѐ да каже, сѐ да напише, сѐ да направи неказниво во искрена намера да ѝ служи на татковината, да придонесува за општото добро, да ја помага победата на слободата. И ова право е толку силно врзано за функциите на еден претставник на народот што без него, ќе беше невозможно за верните делегати да ја бранат татковината и да се бранат самите себе од предавниците кои сакаат да ја угнетуваат и да ја поробат.

Без ова неотуѓиво право, зарем слободата ќе можеше да се одржи барем еден момент против делувањата на предавниците-заговорници? Без него, среде еден корумпиран сенат, како мал број на делегати кои остануваат непоколебливо приврзани за татковината ќе ги разобличуваа предавниците кои сакаат да ја угнетуваат и одново да ја поробат?

Без ова суштинско важно право, како еден мал број на остроумни и посветени патриоти ќе ги осуетуваа заговорите на една многубројна партија од сплеткари? Може да го препознаеме тоа според она што ни се случува. Ако партијата на „државници“, може, под еден лажен изговор, да ме напаѓа, да ме исклучи од Народното собрание, да ме даде на суд, да ме држи во заробеништво, да ме убие, утре, под други изговори, оваа партија ќе ги нападне Робеспјер, Дантон, Коло-Дербоа, Пани, Ленде, Камиј, Одоа, Давид, Лењеле, Мол, Дипуи, Жавог, Гране и сите други храбри делегати на Народното собрание, таа партија ќе ги потчини другите со терор, ќе го узурпира суверенитетот, ќе побара помош прво од Димурје, Кобург, Клејрфа и нивните соучесници; потоа од Прусите, Австријците и емигрантите, ќе го обнови деспотизмот во рацете на некој Капе кој ќе ги убие сите познати патриоти, таа ќе ги има првите работни места со државните благајни. Значи, обвинителното решение покренато против мене е атентат врз претставништвото на нацијата, и воопшто не се сомневам дека Националното собрание, кое ќе биде во целосен состав со враќањето на патриотските комесари, благовремено ќе ги разбере опасните последици од истото решение и нема да чека за да го пријави како деструктивно по целата јавна слобода.

Обвинителниот акт не е само ништовен поради тоа што прекршува уставен закон, што го напаѓа претставништвото на нацијата, тој е уште повеќе ништовен затоа што комитетот, против сите принципи, го издигна Народното собрание во трибунал за злосторства, кој треба да прогласи, без церемонија, без срам и без каење, смртна казна со гилотина против мене, и да цитира членови од кривичниот законик, кои, според неговото толкување, ме осудуваат на смрт. Не се сомневам дека таква е целта која тие ја имаат на ум. Колку „државници“ се измачуваа во очаен обид да ме држат во затвор, да го премолчат мојот глас и да го задржат моето перо? Зарем еден од нив, одвратниот Лаказ, немаше ли дрскост да побара од Собранието, како што Димурје и Кобург побараа, да јас бидам кривично гонет? Според тоа, за да обвинителниот акт стане вистински „правосилна пресуда“, тој сега мора да биде извршен.

Овој акт е хартија од лаги и измислици. Ме обвинува дека сум поттикнал убиства и грабежи, дека сум повикувал да се постави „шеф на државата“, дека сум посрамотил и распуштил Собрание, итн. Спротивното може да се докаже како точно, едноставно, со читање на моите написи. Јас барам доследно читање; бидејќи идеите на еден автор не може да се научат со искривоколчување и сакатење пасуси, туку со читање на контекстот; тогаш може да се расудува за неговите намери.

Граѓани поротници и судии, кои го сочинувате револуционерниот суд, судбината на повредената нација е во ваши раце; заштитете го невиниот, казнете го виновникот и татковината ќе биде спасена.

Извор: Léo Taxil et J. Vindex, Marat ou Les Héros de la Révolution, Grand roman National Historique, Plaidoyer de Marat, pp.885-88.

Advertisements