Несудениот хирург Никола Тодоров неуспешен адвокат на „демократско ВМРО“

„Сè додека Мицкоски е на чело на ВМРО, СДСМ ќе биде на власт.“ (Никола Тодоров)

Ако Мицкоски ви е проблемот, тогаш вратете го Груевски и дојдете на власт! Но, чуму користа за народот што ДПМНЕ беше 11 години на власт ако сè ви се сведуваше на гола амбиција да владеете за лично профитерство!!! Зошто народот треба да ви верува дека поинаку ќе владеете?!

„Редоследот на работите е едноставен, најпрво треба да падне Мицковски, за потоа да падне Заев.“ (Никола Тодоров)

Вие, како опозиција, не се разликувате во ништо од власта, која исто така го сака она што и Вие. Ако никој не брани поинакви ставови од вашите, тогаш што сакате со вашата колумна? Да дојдете на власт. Па, колкупати бевте досега? И зошто ви е сега потребна власта?! Да продолжите како и порано со афери, тендери, починати пациенти, како и владеачите сега, да го лажете народот. Да, „г-дине“ Тодоров, вашите „заложби“ се сведуваат на тоа.

И сфатете го ова од Маркс: „Државата никогаш нема да ја најде причината за општествените болести во државата и општественото уредување… таму, каде што постојат политички партии, секоја од нив, ја наоѓа причината за секоја невоља во тоа што на државното кормило се наоѓа нејзиниот противник, а не таа. Дури радикалните и револуционерни политичари ја наоѓаат причината за невољите не во суштината на самата држава, туку во одреден облик на држава, на чие место сакаат да постават некој друг облик на држава“. (Маркс)

И власта и опонентите, кажано е напред, заговараат исти цели. Тогаш целото ваше пишување е само фарса на која ‘и е цел смена на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ… И што корист од тоа? Ништо, како и во претходните промени.

„Господине“ Тодоров, не можам да кажам дека сте наивни кога пишувате такви колумни, кои ви ги објавува „Дојче Веле“ редовно. Меѓутоа, меѓу наивни и злонамерни се прави разлика. И уште се прави разлика меѓу намерно злонамерни и несвесно злонамерни, кои се најопасни. Затоа Ленин, кој ние не го цениме, вели: „Од сите вагабонди најопасен е оној кој не е свесен дека е вагабонд“. Ние ќе завршиме со една народна пословица: „Будалите немаат рогови. Тие се познаваат по зборовите“. Ако ве засега изреката, самите сте виновни за тоа.

„Верувајте, Заев и цела влада на СДСМ можат уште милион глупости и грешки да направат и пак на избори ќе го победат Мицкоски. Ова е затоа што секоја грешка на власта наместо да оди на конто и во полза на опозицијата оди на конто и во корист на апатијата.“ (Никола Тодоров)

Неточно, туку ако луѓето учествуваат непосредно во управувањето на државата, ние нема да видиме цинизам и апатија, коишто го карактеризираат типичниот современ гласач.

„Некои анализи покажуваат дека од секој 100 нови гласа за Левица, 80 доаѓаат од гласачкото тело на ВМРО.“ (Никола Тодоров)

Кои се тие анализи, „г-динот“ Тодоров не ни кажува! Треба да му веруваме на овој груевист на збор?!

„Ова е страшна загуба, затоа што овие лојални гласачи на десниот центар, не се определуваат за друга десна партија, туку за екстремно лева партија во политичкиот спектар. Ова значи дека кога овие гласачи ќе се разочараат во Левица, а тоа ќе биде првиот момент кога Левица ќе биде дел од власта, поголемиот дел од нив полесно ќе се прешалтаат кон друга лева партија, читај СДСМ, отколку да се вратат кон десницата.“ (Никола Тодоров)

Ова не е воошто страшна загуба туку победа за „левото крило на организацијата“ (Апасиев)! Под претпоставка овие гласачи да се разочараат во Левица не значи дека ќе се прешалтаат кон СДСМ бидејќи таа не е лева партија (каде сте виделе тука лева партија која приватизира земјиште и фабрики и која коалицира со амнестирани балисти?!), туку ќе бараат да преминат во друга радикална левичарска партија доколку ја има или пак ќе се претопат во неопределени.

Тука ќе направиме мала дигресија и ќе се обратам до раководството на Левица за нивно добро. За да не ѝ се случи Сиризова 2019 Левица треба да има на ум дека сите организации, дури и оние во теорија најегалитарните и најпосветените на демократијата – како социјалистичките политички партии – се всушност олигархиски и се доминирани од мала група на раководство. Тоа е непосредно видливо од самиот Статут на Левица кој дозволува неограничено право на кандидирање на претседателот.

Секоја голема организација бара развој на бирократија за ефикасна администрација. Таквите лидери акумулираат ресурси (супериорна контрола на знаењето над формалните средства за комуникација со членството и над вештината во уметноста на водење политики), давајќи им моќ на сметка на обичните членови. За да спречат транформација на Левица во олигархија, обичните членови мора да бидат вклучени во различни активности на организациите на партијата, но сепак, реалноста на ограниченото време што се должи на наемното ропство, семејството и слободното време ќе го намали времето што повеќе такви членови да се подготвени да се посветат на активно вклучување во организациски активности и политика (ова може да се промени кога Левица ќе биде финансиски понезависна партија и ќе може од својата благајна да ги плаќа професионалните политичари кои ќе извршуваат различни задачи за партијата).

Од искуството на СИРИЗА видовме како една радикална политичка партија ги губи своите радикални цели под динамиката на учеството на избори. Тоа беше радикална организација пред да дојде на власт, борејќи се за нови концепти како слобода од должничкото ропство, излегување на Грција од НАТО и учество на народот во владата. Нивната радикална политичка програма беше засенета од проширувањето на организацијата која ја претпочиташе административната бирократија. Ова може да се објасни со фактот што интересите на масите претставени преку повеќе левичарски партии и организации што се соединија за формирање на СИРИЗА се совпаднаа со интересите на бирократијата чија персонификација стана партијата. Доколку организација посветена на ваквите принципи не успее да ги реализира своите демократски идеали за време на својот мандат на владеење, тешко дека другите организации, уште помалку загрижени за ваквите високи цели, ќе можат да функционираат како демократии. Поентата е да се компензира наемното ропство на широкото членство со професионална револуционерност и отфрлање на „демократскиот централизам“ на организација на партијата во случај на преземање на власта од страна на Левица.

„Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде избран на демократски конгрес, низ една процедура која ќе гарантира дека тој што ќе дојде после Мицкоски, има визија, политички сенс, програма и стратегија, способност да обединува, а не да разделува, да биде работлив и вреден и да има големо политичко искуство.“ (Никола Тодоров)

ВМРО и после „демократскиот конгрес“ ќе остане организација што раѓа доминација на избраните над избирачите, на мандатите над мандаторите, на делегатите над делегаторите. „Кој вели организација, вели олигархија.“ (Роберт Мајклс) Историската еволуција ги исмева сите профилактички мерки што се донесени за спречување на олигархијата. Сите организации на крајот ќе бидат предводени од „класа на лидери“, кои често функционираат како платени службеници, извршни директори, портпароли или политички стратези на организацијата. Далеку од тоа да бидат „слуги на народот“ (предизборно гесло на украинскиот претседател Володимир Зеленски), оваа „класа на лидери“, наместо членството на организацијата, неизбежно ќе прерасне во доминантна структура на моќ на организацијата. Со контролирање кој има пристап до информации, оние што се на раководни позиции можат успешно да ја централизираат својата моќ, честопати со мала одговорност, поради апатијата, рамнодушноста и апстиненцијата на повеќето членови во однос на процесите на донесување одлуки на нивната организација.

„Демократскиот конгрес“ кој има за цел да ја направи лидерската позиција одговорна пред членството неминовно ќе пропадне, бидејќи со акумулираната моќ на Мицкоски доаѓа способноста за наградување на лојалноста на неговите потрчковци, можноста за контрола на информациите за организацијата и можноста за контрола на процедурите по кои постапува организацијата при донесување одлуки. Сите овие механизми можат да се злоупотребат за силно влијание врз резултатот на какви било одлуки донесени на „демократски конгрес“ од членовите. „Демократскиот конгрес“ на Никола Тодоров е само гол популизам за личен бенефит. А, членството на ВМРО е неспособно да учествува во процесот на донесување одлуки на партијата и посакувајќи „силно лидерство“ за изборна победа преку „демократски конгрес“ покажува само колкави глупаци се кои заслужуваат да бидат безброј пати преведени жедни преку река!