Резигнација на Апасиев со комунизмот

_uploads_thumbs_resize_800x420_393566.jpg

Апасиев во дебатата со Петар Арсовски во делот каде што ги дискутира заложбите на Левица тврди дека неолиберализмот е причина за бруталното намалување на јавната сопственост иако не гледа дека неолиберализмот е само помодарски збор што ние го слушаме од мејнстрим левицата. Неолиберализмот не е проблемот за „бруталното намалување на јавната сопственост“ како што тврди Апасиев туку тој ја претставува „опашката, не кучето што ја мае“ како се изразува американскиот марксист и универзитетски професор од Соединетите Американски Држави Ендру Климан, кој понатака вели: „Карактеризирањето на еден период на капиталистичкиот развој како „неолиберален“ поради тоа не е засновано на факти колку во силна тенденција кон политички детерминизам – идеја дека законите на капитализмот можат да бидат темелно изменети со политичка волја и сила. … Политиката и идеологијата се засновани на и условени од односите на производството коишто се вистинскиот темел на општеството. Оваа идеја беше централно важна за Марксовата „Критика на Готската програма“ и неговите критики на сродни напори да се дадат „политички“ решенија на општествено-економските проблеми.“[1]

Апасиев потоа ја наведува Шведска како успешен модел против продлабочување на класните разлики иако статистиката му противречи. Нееднаквостите во богатството се релативно високи во Шведска. Топ еден процент најбогати Американци поседуваат околу 35% од општественото богатство, додека топ еден процент најбогати Швеѓани поседуваат од 25 до 40% од вкупното богатство, што не е далеку од нивоата на нееднаквоста во Соединетите Американски Држави, и чиј удел сè повеќе се зголемува. Во исто време, меѓугенерациската мобилност на богатството во тие топ еден процент е вџашувачки ниска. Едно неодамнешно истражување открива дека извонредни 80-90% од нееднаквоста во богатството на најбогатите е доделено на следната генерација во Шведска! Според друго истражување, уделот на најбогатите Швеѓани кои го наследиле своето богатство е околу 2/3 со 1/3 кои се претприемачи, додека во Соединетите Американски Држави спротивното се случило, со 1/3 од најбогатите кои го наследиле своето богатство додека околу 2/3 се претприемачи. Според тоа, во врвот на класите на шведското општество има мал број на аристократски семејства кои контролираат најголем дел од богатството. Мобилноста во оваа група е ретка, веројатно поретка од таа што се случува во Соединетите Американски Држави. Една причина се посилните неформални класни бариери, само фактот дека заработувате богатство не е доволен за да бидете прифатени како член на аристократската висока класа. Друга поинтересна причина која го руши митот за неолиберализмот и во исто време ја докажува редистрибутивната даночна политика на која толку се надева Апасиев, како палијатив, е можеби ненамерната последица на економските политики на шведската држава на благосостојба!

За време на владеењето на про-редистрибутивните социјалдемократи, истите се прашувале како да се справат со нееднаквостите во богатството. Дилемата со која се соочиле социјалдемократите била ова: високите капиталистички семејства многу добро ја менаџирале шведската извозна индустрија, којашто била клучот за богатството на Шведска. Ова е посебно точно за семејството Валенберг, водечката индустриска фамилија во Шведска, којашто меѓу другите ги контролира ABB, Ericsson, Electrolux, Atlas Copco, SKF, AstraZeneca и Saab. Социјалдемократите одлучиле да ја прифатат нееднаквата распределба на активите, но едноставно да ги направат овие активи помалку вредни преку употреба на казниви високи даночни стапки. Поради високата инфлација, даноците на капитал често биле 80-100%. Најбогатите фамилии сè уште го поседувале најголемиот дел од приватната индустрија, но поради даноците тие активи едноставно не вределе многу. Парадоксално високите даноци и регулациите на капиталот коишто спречиле странски инвестиции на коишто Апасиев исто така се противи изгледа дека помогнале да се замрзне распределбата на активите поради што уделот во општественото богатство поседувано од богаташите бил сосема константен помеѓу 1970 до 1990-тите години. Во својата Критика на Готската програма, Маркс ги нарекува ваквите социјалисти како Апасиев „вулгарни социјалисти“ кои „имаат наследено од буржоаските економисти дистрибуцијата да ја разгледуваат како независна од начинот на производство и поради тоа социјализмот да го претставуваат како тој главно да се врти околу дистрибуцијата. Откако вистинскиот однос е одамна разјаснет, зошто враќање назад?“ Токму така! Откако наемното ропство е откриено како причина за класните разлики, зошто враќање назад кон редистрибутивни палијативи?

Според тоа, „секоја левичарска влада која би дошла во иднина треба да спроведува политика на социјална правда“ – не преку анти-банкарско законодавство, туку со законодавство што ќе го признае трудот како единствен извор на општественото богатство. Апасиев верува дека пробанкарското законодавство е причина што 80% од вработените во Македонија се должнички робови на банките, но прави логичко салто мортале од колосален размер бидејќи причината што толкав број на вработени се должнички робови е што прво тие се робови во капиталистичкото производство за ниски наемнини! Доколку тие не би биле наемни робови на капиталистите нормално не би станале должнички робови на банките.

„Бидејќи капиталистите имаат повеќе пари од работниците, тие можат да ги употребат овие пари за да вработат работници да работат за плати. Како што заклучил Адам Смит, во која било спогодба за цената на својот труд, работниците се наоѓаат во послаба положба од работодавачите. Нивните плати се многу помали од вредноста која работниците ја создаваат во текот на работната седмица. Бидејќи капиталистите може да го продаваат производот за поголема вредност отколку што исплатуваат во плати, капиталистите стануваат сè побогати и побогати додека работниците стануваат сè посиромашни. Овој процес е суштинската причина за разликата помеѓу богатите и сиромашните.“ (Пол Кокшот, Премин кон социјализам на 21 век во Европската Унија)

Маркс е во право кога вели во „Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта“ дека „Традицијата на сите мртви генерации го притиска како мора мозокот на живите.“ Ова не е исклучок ниту за Апасиев, бидејќи до ден денес е тероризиран од баукот на бранимиризмот[2] иако Бранимир Јовановиќ е одамна заминат од таа партија! Никаде во програмата на Левица не е предвидена општествена сопственост над средствата за производство преку укинување на наемното плаќање на работниците. Затоа и Апасиев јавно признава: „Можност за национализација“ но не и категорично барање за национализација! Едно јавно признавање што му дава карактеристика на политичка коректност на линија на резигнирачкиот Пол Пот: „Готово е со комунизмот и ова сакам да го нагласам…“ (Во интервју со Нејт Тајер)

Маркс во Критиката на Готската програма категорично сметал дека елиминацијата на монетарната економија е апсолутно суштинска. Може да се прочита целокупното дело „Капитал“ на Маркс како проширен аргумент за ефектот како монетарната индустриска економија неизбежно води кон цел пакет на капиталистички институции. Од парите и индустријата произлегува купувањето на работна сила, од ова произлегува експлоатацијата и класниот систем. Од експлоатацијата произлегуваат сите други зла на системот.

Секој обид да се воведе реформирана монетарна економија – преку данок на добивка до „донекаде и национализација“ (Апасиев) – ја остава недопрена основната логика на функционирање на капитализмот. „Никаква измена на обликот на оданочувањето не може да предизвика битна промена во односот меѓу трудот и капиталот.“[3] Основните тенденции кои се имплицитни во монетарната економија, повторно се потврдуваат. Искуството од досега постоечките обиди за социјализам што ја сменија сопственоста на имотот без да се елиминираат парите и монетарната пресметка, се сведоштво за оваа внатрешна логика. Постои постојан притисок повторно да се воведат сè повеќе капиталистички елементи во економијата бидејќи овие капиталистички институции се внатрешна потреба од монетарна логика: „Во онаа иста мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување“ (Маркс, Капиталот, том 1).

За крај, Апасиев нема грижа на совест што нему толку омилениот прогресивен данок на добивка ја остава недопрена основната логика на функционирање на државата и заложувајќи се за прогресивен данок на добивка всушност тој запаѓа во противречност на својата цел за воспоставување социјална правда, па наместо да го дезалиенира она што според економската вистина му припаѓа на трудот, тој би ѝ дал стопанска основа на државата, односно би ја поставил спрема работникот како негов колективен капиталист! Како вели Маркс: „Даноците се стопанска основа на државната машинерија и ништо друго. Данокот на доход претпоставува различни извори на доход на различни општествени класи, значи, капиталистичко општество. Значи, не е ни најмалку случајно што ливерпулските финансиски реформисти – буржуи со Гледстоновиот брат на чело – го поставуваат истото барање како и програмата.“ (Критика на Готската програма)

Ако трудот е единствениот извор на вредност, ако фирмите како велат од Левица се легални крадци на туѓиот труд, тогаш е многу логично отворено да се бара од нивна страна закон против овие фирми кои ги плаќаат работниците помалку од вкупната вредност на нивниот труд, наместо како што сега Левица водејќи се од својата совест култивирана во буржоаски морализам и политичка коректност лицемерно да бара прогресивно даночење на вредност чиј единствен извор е трудот на работниците наместо да допушти самите работници преку една партиципативна економска директна демократија да ја прераспределуваат оваа вредност. Дури оваа научна и денес статистички реафирмирана хипотеза за трудот како единствен извор на вредност не е марксистичка туку доаѓа од Адам Смит! Многу просто, прогресивното даночење на профитите на фирмите на никој начин не го етаблира правото на работниците да не бидат експлоатирани туку она што навистина ќе се случи е повампирување на државата во чудовишен колективен капиталист спротивставен на индивидуалните капиталисти во ликот на приватните фирми на што предупредил Енгелс:

„Модерната држава е само организација што ја презема буржоаското општество со цел да ги поддржи надворешните услови на капиталистичкиот начин на производство против навлегувањето, како на работниците, така и на индивидуалните капиталисти. Современата држава, без разлика каква е нејзината форма, во суштина е капиталистичка машина – држава на капиталистите, идеална персонификација на вкупниот национален капитал. Колку повеќе презема продуктивни сили, толку повеќе таа всушност станува национален капиталист, толку повеќе граѓани таа експлоатира. Работниците остануваат наемни работници – пролетери. Капиталистичкиот однос не е искорен.“

Единствена приватна иницијатива што може комунистите на власт да ја допуштат е самовработувањето, бидејќи од гледна точка на марксизмот, единствено самовработувањето не имплицира експлоатација на туѓ труд. И единствен данок што може комунистите на власт да го наметнат е социјалистичкиот рамен данок. Ако распределбата на личните приходи е во основа егалитарна кога е укинато наемното ропство, случајот за прогресивен данок отпаѓа. Според тоа, најправичниот систем е рамниот данок, или одреден број на трудови ваучери месечно или годишно по заработувач, заради јавни цели: здравство, образование, инфраструктура и сл.

[1] Ендру Климан, Неуспех на капиталистичкото производство, 2011, стр. 51.

[2] Накратко како би го дефинирале бранимиризмот? Ќе го помагаме капиталот (мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд) со државни инвестиции во инфраструктура за непречен промет на капиталот, за да потоа, го даночиме капиталот за да му „помагаме“ на трудот чиј животен сок веќе бил исцицан од капиталот-вампир во процесот на производство на вишок на вредноста!

[3] Маркс, Инструкции до делегатите на привремениот генерален совет по одделни прашања, 1866-67.