Критика на Статутот на Левица

$_57.jpg

Точно, Левица е „модерна партија“ затоа што пропагира прогресивен данок на приход којшто го наметнуваат сите западно-европски капиталистички влади, само не и поопштествување на средствата за производство што подразбира укинување на парите бидејќи во отсуство на приватна сопственост над средства за производство ќе ги нема приватните сопственици за да би им требало една општоприфатена разменска вредност со којашто ќе ги купуваат и продаваат своите стоки и услуги („Со поопштествувањето на средствата за производство, стоковното производство отпаѓа“ – Ф.Енгелс). Според тоа, Левица е модерна партија но не и револуционерна партија.

Левица е лицемерно анти-националистичка и лицемерно анти-клерикалистичка партија бидејќи еден од нејзините членови на Иницијативниот одбор за формирање на партијата Здравко Савески изјавуваше: „Стоп за неонацизмот, која и да е неговата етничка лушпа!“ додека тврдеше дека „неонацизмот во Македонија е присутен само во етничката македонска заедница.“[1] Едно бескласно општество би требало да ја јакне нацијата а не да ја укинува! Друг член на Иницијативниот одбор Мариглен Демири тврдеше дека: „власта гради грди ѕидови меѓу етникумите“, заборавајќи да потсети кој ги гради традиционалните ѕидови околу албанските куќи.[2]

Левица не може да применува принципи на директна демократија во своето делување бидејќи самиот Статут е авторитарен и според него и самата внатрешна организациска поставеност е авторитарна, тоа е толку очигледно што на пример со член 12 се допушта фракција во партијата (макар што ова е оспорено т.е. противречено со член 11 со којшто се забранува потенцирање на разликите „во интерес на зачувување на акционото единство на Левица“), но со член 15 многу лесно се овозможува обезглавување на несаканиот лидер на фракцијата со т.н. импичмент (од страна на Президиумот наместо во доба на информациска технологија да му се допушти на целокупното членство на партијата да одлучува!), но за волја на вистината дури и фракционерството нема врска со директната демократија.

Статутот е авторитарен бидејќи овозможува Конгресот како „врховен раководен орган … да ги преземе надлежностите на било кој друг понизок партиски орган или да стопира т.е. запре од извршување, укине или поништи акт на било кој понизок орган“ (Член 21). Потоа, на Централниот комитет којшто е „највисок партиски раководен орган“ му е даден „владин мандат“ од цели 3 години да делува на државно ниво (Член 27). Со Член 28 Президиумот и Централниот комитет се поистоветени макар што се сака да се даде слика дека се два различни партиски органи. Член 28 (3) допушта присуство на членови, симпатизери, експерти и др. но кога за тоа ќе се појави оправдана потреба макар што не се кажува кој ќе ја одреди таа оправдана потреба, дали членовите на партијата или Президиумот/ЦК, што е поверојатно второто. Дури и на членовите на партијата им е одземено правото на глас во ЦК, што е дури полош пример и од добата на атинската директна демократија кога жените и робовите не можеле да гласаат. Одеднаш ЦК станува „држава“ во партијата Левица, „држава“ произлезена од авторитарен Статут, чиј државнички облик е однапред свесно усвоен/напишан од членовите на Иницијативниот одбор затоа што е оптимален за нивното владеење како иматели на партијата. И поради тоа, членовите на партијата ќе се соочат со предавство на идната партиска класа, а можеби и политичка.

Наместо Академијата (предвидена со член 48) да предлага (!) идејно политички задачи до целокупното членство на партијата кое би требало да ги утврдува, тоа е допуштено на ЦК, како и давањето политички насоки на членството (Член 29), но и одлучувањето за заедничка соработка и настап со други политички партии (веројатно тука го имаат предвид СДСМ![3]), како и изменувањето на најважните документи, и сето тоа без консултација со членството на партијата во рок од 3 години до наредниот Конгрес кој за волја на вистината нема врска со директна демократија бидејќи таму само се претставувани членовите на партијата наместо тие директно да учествуваат во работата на Конгресот.

Членот 32 е можеби најавторитарниот од сите други бидејќи Президиумот (од само 11 членови со мандат од цели 3 години!) станува висока каста со контрола над членството со помош на правото на вето и правото на укинување на локалните ограноци (Кооптацијата е само шминка за авторитарноста! Дури самата кооптација е авторитарна бидејќи за неа одлучуваат само членовите на Президиумот!), каста која е предводена од моќна група на членови, една партиска класа која со овој член ќе успее да ја претвори партијата во еден вид на парламентарен клуб и дебатирачко друштво, и ќе ја изопачи вистинската функција на партијата како гласник на демократското мислење на членството но и на самото осиромашено мнозинство во републиката [види Член 32(3)].

Во врска со Член 36: За да ја отелотвори својата авторитарност Президумот ќе мора да бира членови на програмските сектори кои ќе бидат неморални послушници, но за да најде такви послушници ќе мора внимателно да селектира меѓу членството не толку едуцирани [види Член 39(4)] со помош на Комесаријатот (види Член 44). На Президиумот нема да му смета тоа што членството го зборува за нему подобните оперативци, барем сѐ додека овие неморални и неедуцирани послушници го прават тоа што ќе им биде наредено од Президиумот. Сталин ја дефинирал суштината на кариерата на Берија: „Тој ги решава проблемите, додека Бирото само ги превртува документите!“ Маргарет Тачер слично се изразила за својот омилен министер, лорд Јанг: „Тој ми носи решенија; другите ми носат проблеми.“ Секој водач/Политбиро/Президиум ги почитува таквите соработници.

Член 41, став 2: На локалните ограноци – коишто би требало да бидат отелотворениот дух на директната демократија – не им е допуштено на мислат со своја глава па за таа аристократска цел Президиумот им одредил координатор поточно диригент! Дека на Президиумот не му треба демократија туку аристократија е веднаш јасно од следниот Член 42 кој гласи: „Сенатот на ЛЕВИЦА, како помошен орган, е консултативно нераководно тело коешто го сочинуваат искусни и влијателни членови на Партијата … и други видни членови на партијата“. Злонамерната тенденција на овие два члена ми дава право да мислам дека членовите на Президиумот се гледаат како дел од идна партиска класа. Овие президиумци треба да ја заборават својата недоверба во членството дека можат и умеат непосредно да донесуваат одлуки без свои партиски претставници и да ги заборават овие нечесни амбиции да владеат во име на членството.

Со Член 43(2), Трибунатот надлежен за утврдување одговорност и вина на партиските членови е преобразен во Комесаријат за партиска чистка или своевиден Комитет за јавна безбедност во служба на своевидниот Комитет за јавен спас односно Президиумот. Трибунатот за Президиумот е само прашање на експедитивност насочена против неподобните членови на партијата. Во 1920 година, Троцки го пишува теоретскиот труд „Комунизам и тероризам“ каде вели: „Прашањето за формата на репресијата, забележува тој, како и за нивниот обем, не е принципиелно прашање. Тоа е прашање на експедитивност.“ Подоцна тој ја воведува и формулата за „двата морала“ – „нивниот морал и нашиот“ и сака да покаже дека категориите како добро и зло стануваат релативни. За Ленин, проблемот на смртната казна не е проблем на морал, туку проблем на целисходност. Во својот говор на една конференција на Чека, во февруари 1920 година тој искрено рекол што мисли за тоа: „За нас тоа е прашање на експедитивност“. Член 9 од директива, потпишана од Ленин, од 14 ноември 1919 година, гласи дека: „Посебно опструктивни работници кои одбиваат да се потчинуваат на дисциплински мерки ќе бидат подложени, како неработници, на судење и затворање во концентрациони логори“.

Конвенцијата одредена со Член 47 е типичен пример на безгласна институција на либерална демократија. Нејзините членови – на партијата и симпатизерите на партијата – само „можат да бидат консултирани, преку различни облици на анкети и прашалници, при одлучувањето за некои важни прашања, како и за генералниот курс на Партијата“, но не може да одлучуваат, односно да гласаат при одлучувањето на важни прашања. Правото да бидат консултирани членовите на партијата не е исто што и да го уживаат правото да се користат со одлучувањето околу генералниот курс на партијата.

„Една вистина убаво се покажува: Човекот по својата природа, полн со ароганција кога е на повисоки позиции, нужно натежнува кон деспотизам. Ние сфаќаме сега дека мора да ги контролираме воспоставените авторитети без што тие ќе станат угнетувачи на власт. Да не бараме да ги противтежиме меѓу нив самите; секоја противтежа што не припаѓа на самиот народ е лажна. Сувереноста треба секогаш да го насочува општественото тело; не вреди ништо кога некој друг го претставува.“ (Жан Варле, бранител на директната демократија од владеењето на јакобинците)

[1] Извор: https://www.facebook.com/Levicarask… и Савески и Садику во заедничката квази-анализа „Радикалната десница во Македонија“ декември 2012 Види одговор на овој контроверзен пасус од нивната квази-анализа во мојот текст „Сломот на албанскиот интелектуализам: во одговор на Артан Садику“.

[2] https://youtu.be/phNfvDB0PI8

[3] Здравко Савески, еден од членовите на Иницијативниот одбор, во весникот „Слободен печат“ воопшто не зборуваше искрено во врска со делот за демократијата, тој рече дека со СДСМ рамо до рамо ќе се борат против автократијата на Груевски за спас на демократијата, наместо отворено да зборува за борба против автократијата со укинување на парламентарната демократија и нејзино заменување со партиципативна (директна) демократија. Проблемот е системски а Груевски автократот е само нус-производ на тој системски проблем. „Савески никогаш правилно не ја толкувал демократијата или пак дека се надева на смена на власта со друга (читај: СДСМ) која наводно ќе биде транспарентна и широкограда власт која ќе ги слуша и исполнува барањата на граѓаните.“ (13.02.2015) Напишаново ми се реализира со признавањето на Савески од минатонеделниот број на Слободен печат каде тој изјави дека ќе се бори рамо до рамо со СДСМ за враќање на демократијата, демократија во која на власт ќе биде СДСМ (бидејќи Савески нема шанси против СДСМ) која ќе ги слуша и исполнува барањата на граѓаните, нели, тоа е дефиницијата на Савески за демократија, а според него, СДСМ ја прифаќа оваа дефиниција и затоа рамо до рамо со нив ќе се бори против автократијата на Груевски. Нечесник!!! Значи, (лажната) демократија според Савески и СДСМ е: „Ако власта ги слуша своите граѓани, тоа е дефиниција за демократија. Ако не ги слуша, ако е глува на нивните барања, тогаш таа власт не може да се нарекува демократска.“, додека (вистинската) демократија според марксистите е: „Дали навистина демократија е власт која ги слуша своите граѓани? Никако! Демократија по дефиниција е пополнување на јавните позиции преку случајна селекција, а изборот на претставници од однапред составени партиски списоци произведува олигархија. Владите од професионални политичари секогаш имаат тенденција да се изопачат во тиранија. Во демократијата со гласање од народот доколку постои сомневање за некој јавен службеник дека ја злоупотребува својата позиција истиот се прогонува привремено или засекогаш од државата.“ (Извадок од текстот „Савески – демагошкиот мегафон на Левица“)