Во одговор на Том Палмер за историјата на зборот капитализам

378a88be255c7af109ed43177cca342f_w800_h548

Палмер за тврдењето дека Маркс и Енгелс „мислеле дека ваквиот систем ќе се уништи сам од себе“, не дава ниту еден цитат како доказ, нормално, затоа што такво тврдење од Маркс и Енгелс не постои. Маркс во „Капиталот“ зборува за историска ТЕНДЕНЦИЈА на капиталистичката акумулација. Но, истовремено Маркс предупреди на причини со спротивно дејство „зошто ова паѓање не е поголемо или побрзо … влијанија со спротивни дејства, кои го попречуваат и укинуваат дејството на општиот закон и нему му даваат карактер само на ТЕНДЕНЦИЈА, поради што паѓањето на општата профитна норма ние го означивме како ТЕНДЕНЦИСКО паѓање.“ (Капиталот, том трети. Скопје: Мисла. 1976 год., стр. 213–220)

Понатака, Палмер дава повторно неосновано тврдење дека според Маркс и Енгелс „би било дури и навредливо ненаучно да се понуди дури и најмал знак како сето тоа би изгледало.“ Доволно ќе било Палмер да ја прочитал кратката Марксова Критика на Готската програма за принципите на идното социјалистичко општество и економија, доколку го мрзело да ги чита обемните Капиталот и Теориите на вишокот на вредност или Грундрисе. Јас и Кокшот уредивме збирка цитати од Маркс и Енгелс за начинот на организација на идното комунистичко општество и економија на 140 страници, чиј обем несомнено може уште да се прошири!

Палмер: „Маркс и Енгелс се восхитувале не само на технолошката иновативност, туку на „населенијата изникнати од земјата“, што претставува впечатлив начин да се опише падот на стапката на смртност, зголемените животни стандарди и продолжување на животниот век.“

Комбинацијата на експоненцијален раст на население со начинот на производство во земјоделството што комбинирал висока трудова продуктивност со силата на животните можело да се постигне само со:

  • Територијална експанзија во претходно некултивирани земјишта.
  • Развој на подобри транспортни средства за да се пренесе жито од овие погранични подрачја (особено меѓу Англија и Шкотска/Велс) кон големите градови.

Значи, новородениот капиталистички начин на производство беше неизбежно империјалистички. Тој ја избегна дилемата на Малтус со тоа што капиталистите масовно ги испотепаа домородните жители на Северноамериканските прерии и аргентинските степи за да ги прехранат растечките градови на Англија и Нова Англија. До 1850-тите години Велика Британија веќе увезуваше доволно пченица за да го нахрани целото градско население на Англија. Во следните 75 години урбаното население порасна трипати, но увозот на пченица го надмина ова. Каналите, железниците и клипер-бродовите станаа витални средства за производство на храна. До 1900 година, останатите растечки капиталистички сили беа оправдано убедени дека индустрискиот развој зависи од стекнувањето на колонии. (Fritz Fischer. Germany’s aims in the First World War (1967) и Fritz Fischer and Roger Fletcher. From Kaiserreich to Third Reich: elements of continuity in German history, 1871-1945. Allen & Unwin, 1986.)

Палмер: „Маркс и Енгелс ја втемелиле нивната критика кон капитализмот … врз конфузијата околу тоа што тие подразбираат под поимот „буржоазија“ … Од една страна, тие го користат овој поим да им се обратат на сопствениците на „капиталот“ кои организираат продуктивни претпријатија, но од друга страна пак го користат да им се обратат на оние кои живеат надвор од државата и нејзината моќ…“

Не е воопшто точно дека Маркс и Енгелс ја темелиле својата критика кон капитализмот врз конфузија околу нивното сфаќање на зборот „буржоазија“. Маркс во третиот том од Капиталот зборува за „капиталистичкото производство, наспроти целата своја скржавост“ како „сосем растурничко кога е во прашање човечкиот материјал, исто како што е, од друга страна, благодарение на методот за расподелбата на неговите производи преку трговијата и на неговиот начин на конкуренција, мошне растурничко со материјалните средства, при што општеството го губи она што одделниот капиталист го добива.“ (Капиталот, том трети, мак.изд., стр. 85)

Или: „Ниту еден капиталист нема да примени доброволно некој нов начин на производство, колку и да е попроизводен или колку и да ја зголеми нормата на вишокот на вредноста, ако тој ја смалува профитната норма.“ (Капиталот, том трети, мак. изд., стр. 241)

„Развитокот на културата и индустријата воопшто уште одамна се покажал толку активен во разрушувањето на шумите, што во споредба со ова сè што е направено за нивното одржување и производство е сосем исчезнувачка големина.“ (Маркс, Капиталот, том II, стр. 217, мак.изд.)

Модерниот капитализам на Таки Фити со своите огромни непродуктивни сектори изгледа се’ повеќе на феудализмот којшто Адам Смит го критикувал:

„Владетелот со сите судски и воени службеници… и целокупната војска и морнарица… нивната служба, колку и да е чесна, колку и да е корисна, колку и да била потребна, не произведува ништо… Во ист ред се распоредуваат и свештениците, правниците, лекарите, луѓето од перо од кој било вид, комедијанти, музичари, оперски пејачи, играчи итн.“

За Маркс, „капиталот на трговецот … во процесот на циркулацијата не произведува никаква вредност, а според тоа ни вишок на вредност. Се случуваат само измени на формите од иста маса вредност.“ (Капиталот, том III, Скопје: Мисла, 1976 год., стр.256-258.)

Вработените лица во банкарскиот сектор исто така не произведуваат вредност бидејќи изворот на приходот на банките не е продажба на стоки, туку наплаќање камата на заеми. Каматата е одбивање од приходите или на индустриски капиталисти за инвестициски кредити, или на работници за потрошувачки кредити. Според тоа, целиот сектор за финансии, осигурување и недвижнини е вработен благодарение на приходи а не капиталот. Вработувањето е индиректно, но сепак, јасно е дека потекнува од приходот, а не капиталот.

За Маркс и Енгелс, државата „не е ништо друго освен форма на организација којашто буржоазијата нужно ја усвојува и за внатрешни и за надворешни цели, за заемна гаранција на нивниот имот и интереси.“ The German Ideology (1845/46)

Или: „Државата не е ништо друго, освен организација што си ја создава буржоаското општество за да ги зачува општите надворешни услови на капиталистичкиот начин на производство против самовласното мешање како на работниците така и на одделните капиталисти.“ (Енгелс во Анти-Диринг)

Дека државата е организација на буржоазијата за внатрешни и надворешни цели, за заемна гаранција на нејзиниот имот и интерес, доказ е улогата што државата ја одигра во екот на кризата од 2007 година. Како што преземањето на „Bear Stearns“ од страна на JPMorgan Chase покажа, владата дури не интервенираше во поддршка на приватни интереси, таа интервенираше во поддршка на самиот капиталистички систем! Такво целосно отуѓување на еден економски систем од човечките интереси е јасен знак дека тој треба да исчезне и да отстапи пред еден повисок општествен поредок.

Кога Маркс и Енгелс ја поистоветуваат државната бирократија со „буржоазијата“ тие воопшто не грешат во тоа затоа што како велат тие: „Современата држава, каква и да е нејзината форма, е всушност капиталистичка машина, држава на капиталистите, идеален сеопшт капиталист. Колку повеќе производни сили презема во своја сопственост, толку повеќе станува вистински сеопшт капиталист, толку повеќе државјани експлоатира. Работниците остануваат наемни работници, пролетери. Капиталистичкиот однос не ce ликвидира, напротив, тој го достигнува својот врв.“ (Енгелс во Развитокот на социјализмот од утопија до наука)

Ние гледаме дека поимите буржоазија и капитализмот не биле користени од Маркс и Енгелс двосмислено затоа што за нив државата е „идеален сеопшт капиталист“ од причина што и таа може да презема производни сили во своја сопственост и директно да експлоатира државјани.

За Палмер, „капитализмот не е облик на неред“, иако заборава да ги спомене 5-те најголеми пазарни неуспеси во човечката историја!

  1. Климатски промени: 40 трилиони долари, досега;
  2. Здравствена заштита во Америка: трилиони годишно, во тек;
  3. Меур од станбено-финансиски средства: најмалку 8 трилиони долари и
  4. Слободна трговија: 8 трилиони долари, досега.
  5. Стагнирачки животен стандард: повеќе од 1 трилион долари годишно.

Според главниот економист на Светска банка, Никола Штерн, климатските промени се најголем неуспех на пазарот во човечката историја. Емисиите на стакленички гасови се класична екстерналија, сите на земјата ги субвенционираат нафтените компании и потрошувачите на фосилни горива. Цената на фосилните горива е намалена за 40 трилиони долари – груба проценка на трошоците што идните генерации ќе ги платат за штета што ја правиме на Земјата.

Здравствената заштита во Америка троши приближно 1 трилион американски долари годишно, во споредба со другите богати земји, а проблемот постојано се влошува. Прво, здравствената заштита не е пазар. Пазар вклучува купувачи и продавачи. Во американскиот здравствен систем, ние навистина не сме сигурни кој е купувач и продавач. Како резултат на тоа, стимулациите на пазарот се лошo уредени.

Меурот од станбено-финансиски средства е класичен неуспех на пазарот. Хипотекарните брокери ги заблудуваат станбените купувачи со лоши хипотеки. Банките ги спакуваа неприуштливите хипотеки во лажни хартии од вредност и ги продаваа на инвеститорите. Агенциите за рангирање даваа лажна сигурност за инвеститорите. Менталитетот на стадо и масовната групна размисла го надуваа меурот на недвижнини. Загубите на станбените вредности надминаа 8 трилиони долари. Треба да ги додадеме трошоците од рецесијата, милионите конфискувани куќи, лични банкротства, изгубени можности, милиони работници кои останаа без работа и трајно оштетени кариери. Пазарите наградуваа лошо однесување и казнија милиони кои се однесуваа одговорно.

Слободната трговија е неуспех на пазарот, но исто така е интелектуален неуспех за економската како професија, како и неуспех на политиката од страна на избраните службеници. Кумулативниот трговски долг на Соединетите Држави од формирањето на Северноамериканската зона на слободна трговија е над 8 трилиони долари. Економијата на Соединетите Држави се деиндустријализира, со илјадници фабрики затворени, изгубени милиони работни места и нема догледно подобрување. Слободната трговија ужива необјасниво слепа почит откако Дејвид Рикардо ја воведе во 1817 година. Таа беше нереална во 1817 година и денес остана нереална. Таа започнува со безнадежно идеализирани претпоставки, слепо применети во сложената глобална економија, каде трговските партнери и мултинационалните компании ги искористуваат овие претпоставки за свои цели. Ни беше ветено взаемна придобивка, но страдаме од огромни дефицити, концентрација на богатство и моќ за „победниците“ во трговијата, и губење на моќта за преговарање, деиндустријализација и стагнирачки плати за остатокот од нас.

Тест за успешноста на пазарната економија е дали го зголемува животниот стандард. Пазарот паѓа на тој тест кога сме сведоци на растечка нееднаквост и намалени перспективи во кариера за следните генерации Американци. Како општество, ние престанавме да ги споделуваме придобивките од продуктивноста и трговијата. Скоро сите нови приходи завршуваат кај првите 1 процент – повеќе од 1 трилион долари годишно. Кога економистите ја испитуваат одговорноста за нееднаквоста, тие навистина признаваат дека слободните пазари и слободната трговија предвидливо ќе создадат нееднаквост, без силна интервенција во форма на јавна политика и социјални вредности. Што е ова освен неуспех на пазарот?!

Пазарите се неуспешни.