Екоцид во Појасот Газа предизвикан од војната меѓу Израел и Хамас

Екоцидот во Газа предизвикан од војната меѓу Израел и Хамас е голем, поради комбинацијата на уништување на земјоделско земјиште, раселување на луѓе, бомбардирање и израелската блокада. До март 2024 година, речиси половина од површината со дрвја и обработливо земјиште беше уништена од израелските сили со булдожери и бомби.

Израелското бомбардирање и блокадата доведоа до целосен колапс на цивилната инфраструктура во Газа, вклучувајќи го третманот на отпадни води, отстранувањето на отпад, водоводот и снабдувањето со гориво. Водата е загадена од 100.000 кубни метри канализација што се испуштаат во морето секој ден поради прекинот на испораката на гориво од Израел. Подземните води се загадени со токсини и муниција, а воздухот е загаден со чад и честички од бомбардирањето. Почвите се деградирани со искоренување дрвја и контаминирани со токсини, муниција, тешки бомбардирања и уривања. Бомбардирањето од страна на израелската армија создаде 22,9 милиони тони отпад и опасен материјал, од кои голем дел содржи човечки останки.

Загадување

Помеѓу 7 октомври 2023 и април 2024 година, израелската војска фрлила 10.000 бомби врз Газа, при што 50% до 62% од сите згради биле оштетени или уништени до јануари 2024 година. Програмата на ОН за животна средина (UNEP) проценува дека бомбардирањето од страна на Израел создало 22,9 милиони тони отпад и опасен материјал, од кои голем дел содржи човечки останки. UNEP откри дека интензивно бомбардирање на населени области како што е Појасот Газа долгорочно ги загадува почвите и подземните води. Ова е предизвикано преку самата муниција и кога оштетените и уништените згради испуштаат опасни материјали вклучувајќи азбест, гориво и индустриски хемикалии во воздухот, почвата и подземните води. UNEP изјавува:

„Ова е екстремно голема количина на отпад, особено за толку мала површина… компонентите на остатоците и урнатините може да содржат штетни материи како што се азбест, тешки метали, загадувачи од пожар, неексплодирана артилерија и опасни хемикалии.“

Опсадата резултираше со целосен колапс на цивилната инфраструктура на Газа; третманот на отпадни води, отстранувањето на отпад, водоводот, снабдувањето со гориво се сите нефункционални. За 150 дена од 7 октомври, 70.000 тони цврст отпад се акумулираа во Газа со 60 неформални депонии за отпад што беа создадени во централна и јужна Газа. На 7 октомври 2023 година, Израел го прекина снабдувањето со гориво во Газа, поради што прекините на електричната енергија имаа за последица неиспумпување на отпадната вода во пречистителните станици. Ова доведе до испуштање на 100.000 кубни метри канализација во морето секој ден. Подземните води се контаминирани со токсини и муниција. Почвите се деградирани со искоренување дрвја и контаминирани со токсини, муниција, тешки бомбардирања и уривања. Воздухот во Газа е загаден од чад и честички од бомбардирањето.

Уништување

До март 2024 година, 38-48% од површината со дрвја и обработливо земјиште беа уништени од израелските сили со употреба на булдожери и бомбардирање. Истражувачките новинари на Bellingcat открија дека 1.740 хектари (4.300 хектари) земјиште е исчистено во областа јужно од градот Газа за израелските сили да изградат нов пат, рутата 749, која минува низ целата ширина на Појасот Газа. Мрежа на палестински еколошки невладини организации утврдија: „Израелската окупација целосно ги оштети сите елементи на животот и сите елементи на животната средина во Газа – тие целосно го уништија земјоделството и дивиот свет.“ Ројтерс ја опиша штетата направена врз Газа од страна на Израел како „пустелија“.

Уништување на обработливо земјиште, овоштарници и шуми

Пред 7 октомври 2023 година, околу 170 км2 (65 квадратни милји) од појасот Газа беа фарми и овоштарници, 47% од вкупната површина на Газа. До крајот на февруари 2024 година, сателитски податоци покажаа дека израелската војска уништила повеќе од 65 km2 фарми и овоштарници (38% од вкупниот број). Трактори, тенкови и возила беа користени од страна на израелските сили за искоренување на овоштарниците и полињата со земјоделски култури. Вкупно 2.000 земјоделски локации, вклучително и фарми и оранжерии беа уништени и честопати беа заменети со израелски воени земјени утврдувања. Од 7.500 оранжерии, околу една третина се целосно уништени, 90% се уништени од израелските трупи на северот на Газа и околу 40% во Кан Јунис.

Помеѓу 7 октомври и 21 март 48% од површината со дрвја на Газа е изгубена или оштетена од израелската војска и од луѓето заробени во Газа кои сечат дрвја заради готвење и загревање поради блокадата на горивото.

Истражувањето на истражувачката група на Универзитетот во Лондон „Forensic Architecture“ покажа дека од 2014 година, на палестинските фарми кои се граничат со периметарот на Газа, посевите се прскаат со хербициди во воздухот и редовно се уништуваат со булдожер. Фармерите биле гаѓани од снајперисти на израелските окупациски сили. Израел навести дека сака да создаде постојана „тампон зона“ околу Газа, каде што се наоѓаше голем дел од земјоделското земјиште. Истражувањето на Forensic Architecture покажа дека „по должината на таа конструирана „граница“, софистицираните системи на огради и надзор ја зајакнуваат воената тампон зона“. Израелските вооружени сили тврдат дека „ненамерно му наштетуваат на земјоделското земјиште“.

Последици по здравјето на луѓето

Општа глад

Поради комбинацијата од уништување на земјоделското земјиште, раселување на луѓе, бомбардирање и израелската блокада, во Појасот Газа луѓето се соочуваат со глад, а поголемиот дел од населението таму е во непосреден ризик од глад.

Долгорочни последици

Холандската мировна организација PAX изјави: „Војната генерално уништува сè. Во Газа, таа ги изложува луѓето на дополнителни ризици од загадувањето, од загадените подземни води. Тоа е уништување на сè од што зависи цивилното население“.

Истражувачката група на Универзитетот во Лондон Forensic Architecture го опиша уништувањето како систематско и дека израелската војска намерно го гаѓа земјоделството во Газа, наведувајќи: „Она што останува е пустош… област во која повеќе не може да се живее“. Тие рекоа:

„Таргетираните фарми и оранжерии се од фундаментално значење за локалното производство на храна за населението кое веќе е под повеќедецениска опсада… ефектите од ова систематско уништување на земјоделството се влошуваат со други намерни акти на лишување од критичните ресурси за опстанок на Палестинците во Газа.“

Екоцид

Големината и трајните последици на уништувањето доведоа до повици израелската влада да биде испитана за воено злосторство за екоцид според Римскиот статут за „широка, долгорочна и тешка штета на природната средина“.

Истражувачкиот проект „Нема траги од живот, екоцид во Газа 2023 – 2024“ на истражувачката група Forensic Architecture на Универзитетот во Лондон откри дека „Уништувањето на земјоделското земјиште и инфраструктурата во Газа е намерен чин на екоцид… таргетираните фарми и оранжерии се фундаментални за локалното производство на храна за населението веќе под децениска опсада. Ефектите од ова систематско уништување на земјоделството се влошуваат со други намерни акти на лишување од критичните ресурси за опстанок на Палестинците во Газа“.

Саид Багери, предавач по меѓународно право на Универзитетот Ридинг изјави дека „има доволно основи да се истражи штетата направена врз животната средина во Газа“.

Мрежата на палестинските невладини организации за заштита на животната средина изјави: „Она што се случува е, секако, екоцид… Тој целосно ја оштетува животната средина во Газа на долг рок, не само на краток рок.“