Геноцидно-злосторничка сино-еуфорија

Chinese-FCP-coverАвтор: Ендру Климан, марксистичко-хуманистички мислител.

Извор: Неуспех на капиталистичкото производство (2011). Оваа книга на Климан се фокусира на детална реална анализа на официјалните податоци на С.А.Д. и аргументира дека Карл Марксовата теорија на капиталистички кризи може да ја објасни Големата рецесија и дека неговиот закон за тенденциско опаѓање на профитната норма одговара на фактите. Во 2013 година неговата книга била преведена и објавена во Кина, но Климан дознал дека кинеското издание отфрлило секција (5 страници) од книгата. Отфрлената секција ја дискутира економијата на Кина во критички тон. На пример, Климан аргументира дека успехот на економијата на Кина почива на „отуѓен труд, експлоататорски услови, масовна невработеност, репресија и сиромашни надници.“ Кинескиот издавач, Централниот составувачки и преведувачки прес (CCTP), е блиско поврзан со Комунистичката партија на Кина. Издавачката куќа Плуто Прес, којашто му го доделила на кинескиот издавач правото да го објави преводот, не дозволила да бришење и менување на текстот без претходно одобрение. Климан ѝ напишал на Плуто Прес, барајќи CCTP или да ги објави отфрлените страници онлајн и да ги вклучи како печатна грешка во веќе отпечатените примероци на книгата или да ги уништи постоечките примероци и да ја повлече книгата од промет. „Тоа не е книгата којашто јас ја напишав и јас не сакам да бидам доведуван во врска со неа“, протестирал Климан. Оттогаш Плуто Прес го информирал дека CCTP се согласил да ги вклучи отфрлените страници како печатна грешка и да ги објави онлајн. Исто така, Плуто Прес верува дека продажбата на кинеското издание било суспендирано во меѓувреме.

Неодамна ние бевме изложени на многу еуфорично зборување за чудесниот раст на Кина и за тоа како ние би можеле да избегнеме повторување на неодамнешната стопанска криза научувајќи ги лекциите дека „државно-менаџираното капиталистичко стопанство“ на Кина (Weeks 2011: 150) може да нè подучува. Вреди да се потсетиме дека ние бевме исто така изложени на многу еуфорично зборување за причините на чудесниот раст на Јапонија – нејзината работна етика, јапонски менаџментски практики, ажурно производство, итн. – во годините кои претходеа на распрснувањето на меурите во нејзините станбени пазари и берзи и почетокот на нејзината „изгубена декада“. Ова потоа беше заменето со многу еуфорично зборување за чудесниот раст на „азиските тигри“ (Хонг Конг, Јужна Кореија, Сингапур и Тајван) и лекциите коишто ние би можеле да ги научиме од нив во годините коишто претходеа на Азиската монетарна криза.

Robert Fogel (2007: 7; 2010), економски историчар добитник на Нобелова награда, неодамна предвиде дека Кина ќе стане „супербогата“ во текот на следните три децении. Тој предвидува дека нејзиното стопанство ќе продолжи да расте толку брзо што до 2040 година тоа ќе произведува две петтини од светиот БДП – скоро тројно повеќе од уделот на Соединетите Американски Држави. Инфлациски прилагодениот доход по жител во Кина ќе биде дваипол пати поголем отколку што беше доходот по жител во С.А.Д. во 2000 година, а „просечниот кинески урбан жител ќе живее двапати повеќе од просечниот Французин“ (Fogel 2010). За да ги оправди овие зачудувачки предвидувања, Фогел ги посочува следните фактори: (1) „огромните инвестиции коишто Кина ги прави во образованието“; (2) неговото предвидување дека продуктивноста на трудот во земјоделието ќе продолжи брзо да расте; (3) неговото тврдење дека „кинеските статистичари може мошне да го потценуваат економскиот напредок“; (4) политички систем карактеризиран со „повеќе критики и дебати во горните ешалони кои одлучуваат отколку што многумина сфаќаат“; и (5) „долго репресираните конзумеристички тенденции на Кина“ (ibid., италик додаден).

Сепак, ниту една од неговите статии објаснува како Фогел дошол до неговото предвидување за нумеричкиот раст. Неговите бројки изгледа дека се засновани во голема мера на фактот дека „Кина беше способна да расте со преку 8 проценти по глава во текот на повеќе од четврт век“ (Fogel 2007: 9), заедно со претпоставка дека, поради факторите коишто тој ги цитира, оваа стапка на раст ќе трае барем за уште три децении. Фогел предвидува дека БДП на Кина по глава ќе расте до 8.0 проценти годишно меѓу 2000 и 2040 (ibid.: 6).

Сепак, Фогел никаде не го споменува добро познатиот факт дека неодамнешниот раст на Кина е заснован во голема мера врз ниски надници и репресивни трудови практики коишто ги држат ниски, и ја оспособиле да успее како извозник. Како што Табела 9.1 покажува, просечната компензација којашто ја добиле кинеските фабрички работници во 2008 година била 1.36 долари од час, што е само 4.2 проценти од она што американските работници го добиле.[1] Оваа огромна разлика во платите повеќе отколку што ги компензира неповолностите со коишто Кина се соочува поради нејзината пониска продуктивност, оддалеченоста од некои пазари на коишто таа продава, и историјата на политичка нестабилност.[2] Таа огромна разлика ѝ дава на Кина решавачка натпреварувачка предност на светскиот пазар како ниско-трошковен производител. И поради оваа натпреварувачка предност, Кина привлече голем број инвестиции и порасна крајно брзо.

Untitled

Испуштањето на овие факти од страна на Фогел е сосема значајно, бидејќи е тешко веродостојно дека стапка на раст, којашто била достигната на грбот на ниско платена работна сила, ќе трае во земја во којашто „просечниот урбан жител ќе живее двапати подолго од просечниот Французин“. Како што Гордон Г. Чанг посочува во својата критика на Фогел, „тој пропушта да истакне дека нивото на плати ќе се зголеми како што Кина станува попросперитетна. Веќе, индустријата се преселува во други земји, како што е соседен Виетнам, за да профитира од дури поевтин труд“ (2010, италик додаден).

Потоа тука е Џон Викс, марксистички економист, според кој ние би морале да ја имитираме „државно-менаџираната капиталистичка економија“ на Кина за да спречиме друга стопанска криза:

„Можеби, најсилниот доказ за ефективноста на државните интервенции и контроли во стабилизирањето и одржувањето на акумулацијата беше минорното влијание коешто меѓународната финансиска криза го имаше врз Кина. Во 2007 година, стапката на просечен раст ширум шесте најголеми развиени капиталистички земји беше 2.4 проценти, којашто опадна на помалку од 1 процент во 2008 година и негативни 4.4 проценти во 2009 година. Во текот на истите три години, државно-менаџираната капиталистичка економија на Кина растеше со повеќе од 8 проценти годишно. Многу специфични аспекти на владината економска политика во Кина го објаснуваат нејзиниот очигледен имунитет кон кризата, а сите тие имаат едно нешто заедничко: тие ја ограничуваат конкуренцијата.“ (Weeks 2011: 150)

Статистичката споредба на Викс остава многу што да се објаснува. Предкризните стапки на раст не се релевантни овде, каде што спорното прашање е влијанието на кризата врз стапките на раст. И додека Викс цитира бројки за промената на стапката на раст на „шесте најголеми развиени капиталистички земји“, тој ни кажува само за нивото на стапката на раст на Кина, а не за колку таа се променила меѓу 2007 и 2009. Според тоа, бројките коишто тој ги цитира не го поддржуваат неговиот заклучок дека кризата имала само минорно влијание врз Кина.

Всушност, како што Слика 1 покажува, влијанието на кризата врз Кина не било минорно. Меѓу 2007 и 2009, стапката на раст на нејзиниот реален БДП опаднал до 5.1 процентуални точки. Иако овој пад бил донекаде помал од падот што се случил во Јапонија, Германија и Велика Британија, тој беше малку поголем од падот што се случи во С.А.Д. и Франција.[3] Се разбира, стапката на раст на Кина пред кризата била многу поголема од стапката на раст на другите шест најголеми земји, па падот на растот што се случи во 2008 и 2009 предизвикал нивните стапки на раст да станат негативни додека нејзината стапка останала позитивна. Но, да повторам, предкризните стапки на раст не се релевантни овде; доказот покажува дека влијанието на кризата врз стопанството на Кина било барем големо колку нејзиното влијание врз стопанствата на Соединетите Американски Држави и Франција.[4]

Слика 1: Пад на растот на реалниот БДП на шесте најголеми стопанства, 2007–2009

Picture1Сепак, постои дури поосновен проблем со аргументот на Викс. Тој ја припишува високата стапка на раст на Кина на рестрикциите врз конкуренцијата, но всушност таа пораснала брзо поради конкуренцијата. Нејзините ниски плати и репресивни трудови практики – фактори коишто Викс, како Фогел, ги игнорира – ја оспособија ефективно да се натпреварува на светскиот пазар, а феноменалната експанзија на нејзиниот извознички сектор довел до брз раст на БДП.

Викс продолжува да предлага бројни реформи, и тој нè уверува дека тие би можеле да произведат „капитализам без сериозни кризи“ (2011: 151). Реформите наводно се засновани врз лекциите коишто ние може да ги научиме од Кина. Но, бидејќи тој очигледно е неспособен да признае дека растот на Кина почива на ниско-платежн, извознички и пазарни темели, многу од предлозите на Викс или имаат мала врска со неодамнешното кинеско искуство или директно му противречат. На пример, една од рестрикциите врз меѓународната конкуренција којашто тој ја предлага е фиксен девизен курс за да се „сведи монетарната шпекулација до маргинална улога“ (ibid.: 151). Кина го менаџира својот девизен курс, но поради друга причина: таа ја одржува вредноста на јуанот ниска за да ја засили нејзината конкурентност на светскиот пазар. И додека Викс предлага контроли над меѓународните движења на капиталот, владата на Кина направила сè што може за да охрабри масовен прилив на капитал којшто помогнал да го поттикне нејзиниот раст.

Друг предлог на Викс којшто противречи на кинеското искуство е неговиот повик за универзална програма за гарантиран минимален доход за да се спречи „употребата на невработеноста како дисциплинирачка алатка против трудот“ (ibid.: 151). Невработеноста е изобилна во Кина, и е еден од факторите што ги држат надниците ниски. Најнеодамнешната официјална стапка на невработеност, за 2008 година, беше 4.2 проценти, но официјалните статистики ги исклучуваат и руралните работници и мигрантските работници во урбаните средини. Еден преглед од средината на 2008 година спроведен од Кинеската академија на општествени науки најде дека 9.4 проценти од урбаната работна сила била невработена, а „Ченг Шиангкуан, претседател на Школата за труд и вработени на Универзитетот Ренмин во Пекинг, изјавил дека првичните обиди на Националното биро за статистика да користи прегледи за да ја пресмета невработеноста во текот на последните три години му го дале резултатот со стапка од над 20%“ (Ye and Batson 2009).

Имајте предвид дека бројките горе не успеваат да го доловат ефектот врз Кина од страна на глобалната економска криза. Една јануарска статија од 2009 година (Kolo 2009) тврди дека Ченг објавил нова студија во којашто тој пресметал дека стапката на невработеност на Кина била 24 проценти; а според една статија објавена во ноември 2009 година, тој добил како резултат стапка од 27 проценти (Lockrow 2009). Во февруари 2009 година, постаро кинеско официјално лице рече дека околу 20 милиони мигрантски работници се вратиле во руралните средини откако не успеале да најдат работа (Branigan 2009). Кратко после тоа, Националното биро за статистика на Кина извршило преглед којшто покажал дека околу 35 проценти од 70 милиони мигрантски работници кои се вратиле дома за Кинеската Нова Година биле без работа (ABC News 2009). Ова не е она што се случува во стопанство коешто е имуно на кризи.

992777_693282117363969_14311178_n

На крајот, Викс предлага „заштита на правото на работниците да се организираат“ (2011: 151). Сепак, Кина го забранува формирањето на независни синдикати, а официјално признаените синдикати често не успеваат да ги одбранат интересите на работниците и дури им се спротивставуваат. Според неодамнешен извештај во China Labour Bulletin (2010):

„Во мај и почетокот на јуни 2010 година, двонеделен штрајк кој опфаќаше повеќе од илјада работници во постројка на Хонда во Фошан предизвика бран на штрајкови ширум Кина.

Не само што синдикатот на фабриката и локалните синдикални федерации во Фошан потфрлија во бранење на интересите на работниците, или дури да зборуваат пред работниците за време на првичните фази на штрајкот, туку локалната градска федерација всушност собра толпа од таканаречени синдикални официјални лица за да ги присилат штрајкувачите да се вратат на работа, повредувајќи двајца од работниците за време на меѓусебната препирка.“

exotb

Додека овие штрајкови се случувале, ние дознавме за условите во индустрискиот комплекс на Фокскон во јужна Кина, каде што близу пола милион работници се вработени. (Фокскон е светски најголемиот производител на електронски компоненти, вклучително ајПод и ајФон.) Во првите пет месеци на 2010 година, барем десет работници од Фокскон извршиле самоубиство, а компанијата поставила мрежи надвор од работничките домови за спиење за да спречи идни самоубиства. На работниците им е забрането да зборуваат меѓу себе додека се на своите работни места, бучавата во фабриката е толку многу гласна што го оштетува слухот на вработените дури ако носат чеп за уши, а осум до десет работници живеат во секоја од собите за спиење. „Животот е бесмислен“, еден работник од Фокскон им рече на репортерите за Bloomberg News. „Секој ден, јас го повторувам истото нешто што го правев вчера. Ни викаат цело време.“ Друг работник, кој рекол дека размислувал да се самоубие, изјавил: „Јас го работам истото нешто секој ден. Се чувствувам празен одвнатре. Јас немам иднина.“

Сепак, колку и да се лоши условите во комплексот Фокскон, тие очигледно не се исклучок кон правилото. Според еден тајвански професор по бизнис администрација цитиран во истата сторија, работните услови во Фокскон се меѓу најдобрите во Кина.[5]

Сумирано, она што ја оспособи Кина да расте брзо е што тоа е толку многу различно од капитализмот од соништата на Викс. Отуѓен труд, експлоататорски услови, масовна невработеност, репресија и сиромашни надници се клучните столбови на нејзиниот успех. За споредба, иако Викс ни кажува дека пољубезниот и покроток капитализам што тој го предлага „беше до голем обем постигнат во периодот после Втората светска војна“ (2011: 150), таквите успеси не можеа и не траеја штом послевоениот процут спласна. Акумулацијата и економскиот раст во капитализмот зависат од извлекувањето на сè поголеми количества на неплатен труд, а не од реформи коишто го ограничуваат тоа извлекување.

china hard investment

971777_468337716594765_1510193267_n

[1] Моите податоци за компензацијата за фабричките работници доаѓаат од страниците 1 и 4 од „Меѓународни споредби на трошоци за компензација од час во производството, 2008“ на BLS (види тука: tinyurl.com/4vp4qrn). Податоците за извозот доаѓаат од базата на податоци на Светската банка: „Индикатори за светскиот развој и глобалните развојни финансии“, databank.worldbank.org/ddp/home.do. Бројките за стапката на раст на БДП по глава доаѓаат од Обединетите Нации, Извештај за човечкиот развој 2009; Јас ги симнав од страницата hdrstats.undp.org/en/buildtables/.

[2] Јас ги користев податоците на Светската банка и Централната Разузнавачка Служба (ЦИА) за да ја пресметам продуктивноста на трудот (додадената вредност, во вид на американски долари, по вработен работник) во индустрискиот сектор во 2007 година. Моите пресметки покажуваат дека кинеската трудова продуктивност била околу 8.3 проценти од нивото на С.А.Д. Земени заедно, оваа бројка и бројката за релативната компензација од час од 4.2 проценти сугерираат дека трошоците за единица труд (компензација по единица аутпут) во Кина биле околу половина од тие во С.А.Д.

[3] Податоците за стапката на раст доаѓаат од базата на податоци на Светската банка: „Индикатори за светскиот развој и глобалните развојни финансии“, databank.worldbank.org/ddp/home.do.

[4] Чанг аргументира дека официјалните бројки го потценуваат падот на стапката на раст на Кина: „Националното биро за статистика во Пекинг не го објаснува целосно аутпутот на брзо-растечкиот услужен сектор. Затоа неговата проценка од 13.0 процентен раст за 2007 година е ниска за околу две процентуални точки. Тогаш, малите бизниси беа најживиот дел од стопанството. Денес, неуспехот соодветно да се процени аутпутот на малиот бизнис резултира со преувеличување на БДП бидејќи овие претпријатија, коишто тежнеат да бидат позависни од извози, страдаат повеќе од поголемите претпријатија.“ (Chang 2010, италикот во оригинал). Ако ние ги додадеме двете процентуални точки кон стапката на раст на Кина во 2007 година и отсечиме малку од нејзината стапка на раст во 2009 година, ќе дојдеме до заклучокот дека влијанието на кризата врз Кина било споредливо со нејзиното влијание врз Јапонија, Германија и Велика Британија.

[5] Повеќето од информациите во овој и претходниот параграф доаѓаат од Wong, Liu, and Culpan (2010).