Цела Македонија работи против работниците

24vesti.mk: Работничките права повторно на удар. Невладините организации и движењата за социјална правда алармираат дека предложените измени во Законот за работни односи ќе ги капитулира правата на работниците.

Работничките права ќе бидат повторно и повторно на удар сè додека во спротивно работниците не ги окупираат фабриките и земјата како што Пријателите на Народот предлагаат во својот памфлет „Браќа работници !“ За разлика од нас, македонските синдикати и невладините организации кои се занимаваат со трудово право свесно или несвесно им одмагаат на работниците со тоа што ги убедуваат во еден континуитет од измени во Законот за работни односи со проширување на правата на работниците. Не ставајќи го на синдикална агенда правото на целата додадена вредност[1] од страна на работниците, овие – што провладини што квазивладини организации го помагаат продолжувањето на наемното ропство и со тоа ѝ се поклонуваат на неприкосновеноста на правото на експлоатиран труд од страна на капиталистите и по милионити пат го реафирмираат својот статус на предавници на работничката класа и лакеи на капиталот. Во контекст на опортунизмот на синдикатите ќе го цитираме Џон Кенет Галбрајт: „Водењето на политика, која привидно ги штити работниците, може во очите на јавноста да ги претвори синдикалните водачи, обични битанги и апаши, во ‘великани‘ на синдикалното движење“. Со исклучок на Црн Блок, овие невладини организации и движења, како и синдикатите, доколку навистина се невладини и за социјална правда како што се декларираат, треба да разберат дека општата тенденција на предложените измени во Законот за работни односи ќе биде намалување на правата на работниците сè додека средствата за производство (фабриките, земјата, машините и ресурсите) се во сопственост на индивидуални приватносопственици. Тоа е одамна констатирано од францускиот мислител Ленге со изреката дека „духот на законот е сопственоста“, додека „извршната власт на современата држава е комитет за менаџирање на заедничките интереси на целата капиталистичка класа“ (Маркс и Енгелс), бидејќи приватниот интерес е толку моќен што „тој го совлада перото на еден Мара, гилотината на терористите, Наполеоновата сабја, распетието и чистокрвноста на Бурбоните“ (М&Е). Залудно Маркс го одржа говорот „Вредноста, цената и профитот“ во 1865 година, залудно му ги испратив на Савески, фирерот на расколничката Солидарност, Енгелсовите статии „Праведна надница за праведен работен ден“, „Наемен систем“ и „Синдикати“, ништо од нив тој не научил, ако воопшто ги прочитал, и во кои Енгелс докажува дека „борбата на синдикатите не го нарушува законот на надниците“[2]. Во својот говор од 1865-та, Маркс доаѓа до заклучокот дека барањето на праведна надница за праведен работен ден е неефективна мерка против законот за опаѓање на просечната профитна норма кој подразбира намалување на надниците како капиталистите би ги надоместиле загубите на профит или пак бидејќи капиталот е општествен однос (изразен во хартии од вредност) тие лесно би го преселиле капиталот во други земји каде има релативна пренаселеност, според тоа поголема конкуренција меѓу работниците, па пониски надници и како резултат на тоа изобилство на нов капитал. Затоа Маркс категорично се изјаснува против синдикалното барање за повисоки работнички плати: „Наместо конзервативното мото: „Праведна надница за праведен работен ден!“ работниците треба да ја испишат на своите знамиња револуционерната максима: „Укинување на наемниот систем!“ Синдикатите генерално не успеаја поради себеограничување на герилска војна, против ефектите на постоечкиот систем, наместо истовремено да се обидуваат да го изменат, наместо да ги искористат своите организирани сили како лост за завршна еманципација на работничката класа односно крајно укинување на наемниот систем“.

На движењата за социјална правда „Ленка“ и „Солидарност“, како и на синдикатите, може отсечно да им се одговори на следниот начин: Тридецениско владеење на лабуристите и огромна преговарачка моќ на работниците наспроти капиталистите и сето тоа пропаѓа преку ноќ штом Тачер доаѓа на власт. Зошто? Затоа што наемниот систем на плаќање на работниците остана функционален. Ако наемниот систем од страна на лабуристите беше укинат, тогаш историјата немаше да има потреба од Тачер бидејќи класата чии интереси таа ги претставуваше немаше да постои. „Повисоки плати, поповолна преговарачка положба“, врескаат до денешен ден заведените работници и нивните лажни пророци – синдикатите.

„За нас не може да биде збор за промена на приватната сопственост, туку само за нејзино укинување, не за занемарување на класните спротивности, туку за укинување на класите, не за подобрување на постоечкото општество, туку за засновување ново‘‘, велат Маркс и Енгелс.

Мораме да ја гледаме иднината преку грешките на работничката авангарда направени во минатото и никако да не дозволиме да се повторат истите грешки, а доколку го допуштиме тоа, историската одговорност ќе падне и врз наши глави за сите идни неуспеси на работниците во борбата против капиталот. Залудно се војува против законот на наемниот систем внатре во самиот тој систем. Чавез имаше на располагање 10 години. На крајот, тој не ги победи капиталистите. Ракот го победи него. И апсолутна власт да има авангардата ако не знае да ги решава општествените проблеми на научен (марксистички) начин тогаш таа лесно би се претворила во ариергарда која е полош непријател на работниците од капиталистите, бидејќи со секој нареден неуспех оваа ариергарда одново го дискредитира социјализмот во очите на работниците и антисоцијалистите како неуспешен обид, а не е така, се работи за избор меѓу наука или идеологија. Чавез избра идеологија и венецуелското стопанство денес е покапиталистичко пред тој да дојде на власт. Придонесот на јавниот сектор опаднал од 34.8% во 1998 на 29.1% во 2008. Во декември 2010, поранешниот министер за рударство истакнал дека „како што венецуелското стопанство станува покапиталистичко така експлоатацијата на работниците се интензивира. Во 1998 година трудот изнесуваше 39.7% од новата додадена вредност, над 36.2% од износот на капиталот. Десет години подоцна, неговиот дел опадна на 31.69% додека тој на капиталистите порасна на 49.18%“. Оттука повикот на нашата совест да „левичареме“ против сите оние кои се дистанцираат од Маркс-Енгелсовиот научен социјализам.

Излезот е пропаганда на Маркс-Енгелсовата единствена научна вистина за општествените појави и процеси од страна на декларираните страни, синдикати и НВО-и, како бранители на правата на работниците. Маркс-Енгелс мора да бидат авторитет за работниците како што Њутн е авторитет за физичарите. Само осознавајќи ја Маркс-Енгелсовата наука, работниците како класа по себе, ќе се здобијат со свест на класа за себе, и дури тогаш тие ќе го ослободат својот труд од вампирските канџи на капиталот. „Нова револуција е можна само како последица на нова криза“, велат Маркс и Енгелс. Тоа што македонскиот работник без марксизам е сведен на нула како општествена сила не е негова вина, туку на југословенската авангарда и на недостигот од општа глад во Македонија. Впрочем, во Македонија има привидна општа глад ама не може остро да се почувствува поради либералниот профил на македонското семејство наметнат од западниот шизофрен менталитет за потрошувачка, семејство кое во просек има два потомци, на кои со скромни средства може да им се пружат различни природни и вештачки потреби, но од друга страна поради тоа македонскиот народ гине од „бела чума“, додека порано во отсуство на тој либерален профил, иако во очигледна општа беда сепак македонските семејства биле со повеќе членови и соодветно татковината имала повисок наталитет. Затоа и капиталистите ја одбегнуваат Македонија за инвестирање – отсуство на релативна пренаселеност. Маркс и Адам Смит објасниле се‘ во врска со социолошките феномени на научно веродостоен начин, само што нема кој од повиканите да ги чита. На крајот од својата „Критика на Готската програма“ Маркс напишал: Dixi et salvavi animam meam (Реков и си ја спасив душата своја). Иста е и нашата задача, да објасниме и предупредиме, а задачата на синдикатите и левичарските движења, кои треба да бидат авангарда на работниците, е да се однесуваат како нивна авангарда. Ние не ги сметаме работниците глупави, туку збунети, оти се класа по себе, а не за себе. Ние сакаме и настојуваме работниците да учат марксизам оти само со помош на марксизмот тие ќе станат Вели Јоже кој е свесен за својот џински статус. Тие подобро знаат што е „вредност“ од еден признат левичарски филозоф како Цуцуловски. Македонскиот работник многу добро знае кога му завршува работното време за својот еквивалент а кога му отпочнува за вишокот кој му го присвојува газдата благодарение на тоа што тој поседува тапија на која според „правната држава“ правото на сопственост над средства за производство е изедначено со правото на сопственост над средства за живот. Резултатот на оваа геноцидна теорија е еднакво геноциден во стварноста: во 2010 година на секои 8 дена во неделата гинел по еден работник, а од независноста до 2011 на Македонија ‘и се случил егзодус од 447 000 браќа и сестри. Нашата убава татковина, за жал, се обезличува.

Револуционерната улога на синдикатите и левицата некогаш

Револуционерната улога на синдикатите и левицата некогаш

Опортунистичката улога на синдикатите и левицата сега

Опортунистичката улога на синдикатите и левицата денес

Додека постои приватна сопственост над средства за производство и живот, залудни се сите напори за работнички права, правна држава, законитост и сл. Во такви услови „правото е волја на владејачката класа“ и класата со која се владее,  (денес работничката),  не може да очекува ништо добро за себе. Впрочем, ако владејачите се алтруисти, зошто не ги укинат условите, кои доведуваат до неправди секој момент. Тоа е системот на наемно ропство во кој работникот работи за наемнина, која од ден на ден е сè пониска, поради што и положбата на работникот е сè полоша. Но, заклучок од тоа не треба да биде дека на работникот треба да му се даде поголема наемнина и дека со тоа ќе се подобри неговата положба. Таков заклучок би бил погрешен. Правилно решение би било укинување на условите, кои секојдневно, покрај производот, ги репродуцираат и општествените односи, во кои тој е наемен работник. Значи, укинување на капиталистичкиот начин на производство!

Денес секој вели: „Дај ми пари (или поголема плата), а не памет!“, не гледајќи дека решението е во паметот, а не во парите. Ако е до пари, тие може секогаш да се напечатат. Но, не е до пари. Парите се само средство со кое производителот сам си го испушта од раце она што го произвел, се ограбува истиот. Важно е производството, а не размената со пари. Парите и производството се две категории, кои стојат во обратно пропорционален однос: колку повеќе се произведува, толку помалку пари се потребни за секој производ. Тоа оди до таму што, кога ќе се произведе доволно спрема потребите и беспари да му даваат на човека – тој нема да сака да земе. Значи, се изгубила „вредноста“. Логичен заклучок е дека треба доволно да се произведува за да бидат парите излишни. Меѓутоа, капиталистичкиот „механизам“ стапува во дејство и го „регулира“ производството – бидејќи цената опаѓа, заради тоа опаѓа и профитот – престануваме да произведуваме додека цената не се покачи и профитот пак да се зголеми. Да, „убава“ логика, меѓутоа неисправна. Дури и штетна по општеството. Таа е „исправна“ од аспект на сопственикот на стоките, но за општеството никако не одговара. Капиталистите тоа го нарекуваат „судир на интереси“, а од аспект на марксизмот тоа е диктат на капиталистите врз општеството. Нема потреба да се објаснува сè што капиталистите си го дозволуваат, а што им го овозможуваме сите ние, бидејќи не сакаме да ги читаме Маркс-Енгелсовите дела и одиме по нивниот ограничен ум. И не треба многу – само да се читаат овие дела. Додека тоа не почнеме да го правиме, ќе се случува библиското: „Го газите сиромавиот, земајќи од него данок… ги тлачите праведните и примате мито, одбивајќи ги сиромашните на градските порти“. Сите залагања за правда, законитост, демократија се само шарени лаги додека се задржува стоковното стопанисување. Државата го покажувала својот антагонистички карактер уште многу одамна.

Мара, Лазар и Јоже Франц


[1] Ф. Енгелс, Наемен систем: „Сè додека општеството е поделено на две спротивставени класи, на една страна капиталисти, кои држат монопол над сите средства за производство – земја, суровини, машини; на друга страна работници, работно население, на кое му е одземена секоја сопственост над средствата за производство и кое не поседува ништо друго освен сопствената работна сила – сè додека постои таа општествена организација, ќе остане семоќен тој закон на наемнината и секој ден ќе кова нови синџири, кои го претворуваат работникот во роб на неговиот сопствен производ, над којшто капиталистот држи монопол. Синдикатите во оваа земја скоро шеесет години се борат против овој закон – со каков резултат? Дали им појде од рака да ја ослободат работничката класа од ропството во кое ја држи капиталот – производот на нејзините сопствени раце? Дали тие му овозможија на барем еден дел од работниците да се издигнат над положбата на наемни робови, да станат сопственици на своите сопствени средства за производство, на суровините, алатките и машините потребни во нивните дејности, а со тоа да станат сопственици на производите на нивниот сопствен труд? Општо е познато дека тие не само што не го направија тоа, туку дури никогаш не се обиделе.“

[2] Исто: „Напротив, таа во целост го потврдува. Без средствата за отпор на синдикатите работникот не го добива дури ни она што што му припаѓа по правилата на наемниот систем. Само стравот од синдикатите може да ги присили капиталистите да му ја исплатат на работникот целата пазарна вредност на неговата работна сила. Сакате ли докази? Погледнете ги надниците кои се исплаќаат на членовите на големите синдикати и споредете ги со надниците во безбројните гранки во тоа мноштво од стагнирачка беда, лондонски Ист Енд. Според тоа, синдикатите не го повредуваат системот на надници. Меѓутоа, не е високото или ниското ниво на наемнините она што ја прави економската деградација на работничката класа: оваа деградација се состои во фактот дека работничката класа наместо за својот труд да го добива целиот производ од својот труд, мора да се задоволи со дел од својот сопствен производ кој се нарекува наемнина. Капиталистот го присвојува сиот производ (и од тој производ ги плаќа работниците), затоа што е сопственик на средствата за работа. И затоа нема вистинско ослободување на работничката класа сè додека таа не стане сопственик на сите средства за работа – земја, суровини, машини итн. – и со тоа сопственик на сиот производ од својот сопствен труд.