Замрзнатите цени само ќе ја влошат кризата

Контролата на цените со цел да се стабилизира растечката или високата инфлација во капиталистичките економии нема да функционира токму затоа што инфлацијата е одредена од законите на движење во капиталистичката економија кои се помоќни од контролата на цените.

Таквата контрола на цените само покрива еден сектор, а не цела економија, таа нема да биде ефективна во целост. Таргетираната контрола на цените можеби нема да ги наруши целокупните движења на понудата и побарувачката во економијата, но од таа причина, таа има мал ефект врз вкупната инфлација на цените, која е поттикната од други фактори. Оваа контрола на цените се наметнува насекаде, влијаејќи на сите стоки и предизвикувајќи широк недостиг.

Венецуела е особено вознемирувачки неодамнешен случај на сеопфатни контроли на цените. Вооружените сили се задолжени за строга контрола на цените и програмата за снабдување со храна. Во мај 2017 година, претседателот Мадуро објави дека размислува за целосно замрзнување на цените што ќе го наметнат „луѓето на улиците“ (Ел Насионал, 2015). Како и да е, земјата е во економска криза со огромен недостиг и екстремна хиперинфлација, како што е документирано од Кавало (2019).

Според наодите на Кавало таргетираните контроли на цените се исто толку неефикасни како и потрадиционалните форми на контрола на цените во смисла на намалување на агрегатната инфлација, и покрај напредокот во технологиите за таргетирање, следење и спроведување.

Историскиот доказ за севкупните контроли на цените во капиталистичката економија е дека тие или работат на сметка на производството преку создавање недостиг или дури и предизвикуваaт рецесија. Земете ги за пример контролите на цените од 1971-1974 година воведени за време на претседателството на Никсон во САД. Се тврди дека тие биле во функција за да го контролираат растот на цените некое време, но штом тие биле укинати во 1974 година, инфлацијата на цените повторно се зголемила.

Всушност, за време на периодот на контрола на цените, инфлацијата почна да се забрзува во 1973 година, бидејќи американската економија достигна максимум на експанзија заедно со падот на профитабилноста и забавувањето на растот на инвестициите. Она што ја намали инфлацијата на крајот беше длабоката рецесија од 1974-75 година, а не контролата на цените.

За време и веднаш по Втората светска војна, владите целосно ги контролираа главните сектори на економијата со цел да ги насочат кон координирана мобилизација на ресурсите на општеството – и индустриски и човечки – заради поддршка на војската. Воената економија со големите компании и финансиски институции кои работат според план не е ништо туку хаотична борба на капиталистичкиот сектор за профит и инвестиции како во сегашната пандемија. Целосната контрола на цените во една економија би барала целосна контрола од страна на државата на олигополите врз инвестициите и производството. А целосна контрола би била можна само со преземање на олигополите во јавна сопственост со план за инвестиции и производство. Значи, решението на инфлацијата се наоѓа во зголеменото производство со средства за производство во комунистичка сопственост!

Контролата на цените нема да функционира за да ја намали инфлацијата без да предизвика рецесија во економијата во која доминира капиталистичкиот начин на производство. Истиснувањето на профитот преку такви мерки само ќе доведе до помали инвестиции и помал раст на производството. Замрзнатите цени само ќе ја влошат кризата, тие ќе произведат планиран хаос.

Ценовните контроли не можат да бидат алтернативна политика на фискалното штедење во контролирањето на инфлацијата кога причините за инфлацијата лежат во законите на движење на капиталистичката акумулација т.е. промени во профитабилноста, инвестициите и аутпутот.

„Како да се надмине порастот и падот на цените? Начин да се направи ова е укинување на цените. А, како? Со тоа што ќе се отстрани разменската вредност. Но, се јавува овој проблем: размената одговара на буржоаската организација на општеството. Оттука и уште еден последен проблем: економски да се револуционизира буржоаското општество. Тогаш, ќе беше очигледно уште од самиот почеток дека злото на буржоаското општество не треба да се санира со „трансформација“ на банките или со основање на рационален „паричен систем“.“ (Marx, Kritik der Politischen Ökonomie, 1857)

Средната класа живее постојано во вечен страв од осиромашување и неоснована надеж за збогатување. Тоа и не е некој живот на кој човек треба да се радува. Еден „бизнисмен“ кој има повеќе продавници за исхрана тоа го изрази пред некој ден со овие зборови: „Не ги разбирам луѓето како можат да живеат под секојдневен притисок дали ќе го истерат од работа, дали ќе пораснат цените, дали ќе му ја исклучат струјатата затоа што немал пари да плати сметка, колку камата ќе му пресметат за неплатена сметка, дали ќе му дојдат извршители, зошто да плаќа паркинг пред зграда каде живее ако не плаќал 30 години… Ова е навистина лудило“, заврши човекот.

„Повисоките плати“ и „пониските цени“ кои ги бараат сиромашните и нивните популистички политички претставници се инструменти на еден ист механизам – производството за апстрактна вредност (пари). Во ова капиталистичко стопанисување не е државата субјект кој ги регулира економските односи. Приватната сопственост е тој субјект. И затоа залудни се сите очекувања и на поборниците за прогресивен данок и на поборниците за „праведна надница за праведен работен ден“.

Во стоковното, паричното или капиталистичкото производство се планира профитот, а не производството. Ако се обезбедува соодветен профит со пораст на цените за производството никој не му ја мисли, па макар народот и да умира од глад, болести или општествени судрувања.

„Дури и ако ги исклучиме сите можности за грабеж, сила и измама, дури и ако претпоставиме дека целата приватна сопственост првично се засновала врз сопствениот труд на сопственикот и дека во текот на целиот последователен процес имало само размена на еднакви вредности за еднакви вредности, прогресивниот развој на производството и размената, сепак, ни носи неопходност за сегашниот капиталистички начин на производство, за монополизација на средствата за производство и средствата за егзистенција во рацете на онаа, бројно мала, класа, за деградација во безимотни пролетери на другата класа, што претставува огромно мнозинство, за периодично менување на шпекулативните бумови на производство и трговските кризи и за целата сегашна анархија на производството. Целиот процес може да се објасни со чисто економски причини; во ниту еден момент, без оглед на грабежот, силата, државата или политичкото мешање од каков било вид.“ (Маркс-Енгелс, Дела, Том 31. Београд: Просвета, 1974.)