Социјалистите никогаш не можат да поддржат проституција

Марксистичките социјалисти веќе долго време се противници на проституцијата со цел да ја елиминираат откако ќе дојдат на власт. Колонтај во „Проституцијата и начини за борба против истата“ зборуваше одамна пред да биде измислено хипокритското морализирање на „сексуалната работа“, и во почетната социјалистичка, наместо капиталистичка, економија разбра многу јасно зошто таа постои во капиталистичките земји и зошто е непродуктивна во социјалистичката економија.

„Продажбата на женското тело се практикува прилично отворено, што не е зачудувачки факт кога би се погледнало од перспектива дека целиот живот на буржоазијата е базиран на купо-продажба. Постои непобитен материјален и економски елемент, дури и во најлегалните бракови. Проституцијата е излез за жената што не успева да најде за себе постојано лице кое заработува пари за издржување на семејството. Проституцијата, под капитализам, им дава можност на мажите да имаат сексуални односи без да преземат одговорност да се грижат материјално за жените до крајот на својот живот. …

И после сетo ова, што всушност претставува професионална проститутка? Тоа е личност чија енергија не се користи за добробит на колективот; личност која живее на грбот на другите, со земање на одредена сума пари/услуги од другите. Дали вакво нешто смее да се дозволи во работничка република? Не, не може. Не смее да биде дозволено, затоа што ги намалува резервите на енергија и бројот на работната рака кои го продуцираат националното богатство, и генералната добробит целокупно. Од гледна точка на националната економија професионална проститутка претставува дезертер на трудот. Во интерес на економијата, ние мора да почнеме веднаш да ја намалуваме бројката на проститутки и да ја елиминираме проституцијата во секаква форма.“

Слично по Кинеската револуција, една од политиките на владата беше сузбивање на проституцијата и контрола на сексуалните болести[1]. Владата тврдеше дека ефективно ја елиминирала во 1955 година. Во поново време, реформистичкото движење на работничката класа во Шведска беше пионер на политиката за ограничување на проституцијата со забрана за купување секс наместо продажба на секс. Оваа политика, почнувајќи во Шведска со поддршка на тамошните социјалдемократи и феминистки, е усвоена во Норвешка, а во помала мера и во Финска.

Наспроти оваа социјалистичка позиција, стои либералниот став кој ја брани проституцијата со објаснување дека:

  1. Тоа е приватен договор регулиран со согласност од двете страни и ваквите приватни договори се неприкосновени.
  2. Тоа е форма на работа и треба да го ужива достоинството поврзано со сите форми на работа.
  3. Таа отсекогаш постоела и секој обид да се забрани само ќе ја принуди да се одвива во подземјето.
  4. Спротивставувањето на проституцијата е само остаток од застарен пуританизам.

Иако либералите гледаат на приватниот договор како на неприкосновено, свето нешто, социјалистите имаат спротивно мислење. Договорите кои изгледаат приватни и доброволни во стварноста често се резултат на многу нееднакви односи на сила. На што се сведува согласноста ако не, во многу случаи, на избор на најмалото зло од злите опции.  Еден роб чија ќерка ја „одобрил“ за сексуална корист за неговиот господар, го покажува она што апологетите за проституција го слават како „застапништво“. Таа би можела да избере да биде камшикувана отколку да ги носи децата на својот господар, според тоа, потчинувајќи се, таа демонстрирала слободна волја. Но, никој денес не би сугерирал дека таа навистина била слободна да избира. Тоа било општествената институција на ропството што ѝ ги нудело само овие опции. „Слободниот“ избор на еден зависник од хероин да го продава своето тело на улица е слична последица на општествена сила.

Таткото на економската наука, Адам Смит напишал дека парите се моќ, моќ да се командува над други индивидуи. Капиталистичкото општество се ослободува од директната сила да командува над телата на други индивидуи којашто владејачките класи од минатото ја имале. Наместо камшикот, кешот ја презема улогата на присилувачко орудие. Жена која поседува акции од милиони долари е во многу различна положба од самовработена проститутка. Законски и двете се слободни, но која од нив е навистина слободна жена?

Но, за голем дел од проститутките дури и замислата на законска слобода не постои. Борделите се појавиле со ропството, а тргуваните девојки уште се злоупотребувани во тие бордели ширум светот. Либералните апологети тврдат дека легализацијата на проституцијата ќе ја намали нивната трговија, но доказите се против нив. Сео-Јунг Чо, Аксел Дрехер и Ерик Нојмајер[2] во својата статистичка студија „Дали легализираната проституција ја зголемила трговијата со луѓе?“ којашто опфатила 150 држави, покажуваат дека легализираната проституција е поврзана со зголемување на трговијата со луѓе. Тие добиле корелација од 0.66 меѓу легалноста на проституцијата во една држава и нивото на трговија со луѓе во таа држава. Ова е слично со корелацијата од 0.67 којашто тие ја добиле меѓу БДП и трговијата со луѓе. Никој не се сомнева дека се тргува со луѓе во држави со висок БДП, само што комерцијалните интереси на сопствениците на бордели го спречуваат поистоветувачкото признавање на легалната проституција како производител на истиот ефект.

Што со тврдењето дека проституцијата е работа?

Не постои сомневање дека сексот вклучува време и напор, но дали тој навистина е работа?

Ако сексот е работа, дали танцувањето коешто еден пар го изведиле пред да спијат заедно исто така е работа?

Ако еден кохабитирачки пар се ебат, дали само таа работи, или обајцата работат кога тие се ебат?

Ако обајцата работат, и обајцата завршуваат испотени од напорот, тогаш оправдувањето да се нарекува проституцијата „работа“ отпаѓа. Дали тогаш клиентите исто така ќе ги нарекуваме сексуални „работници“?

Она што либералните апологети разбираат под работа, не е напорот да се прават работи, туку да се биде платен за нештата коишто се прават. Според тоа, кога една жена приготвува појадок за своите деца дали тоа е работа?

Да, тоа е работа, и дури повеќето економисти не би го негирале овој факт, иако не ја вбројуваат како работа во националниот биланс на Велика Британија. За либералната економија, нешто што би се сметало за работа, истото мора да се разменува за пари. Ако мајките можеа да ги продаваат од нив приготвените ужини на своите деца, тогаш либералната економска „наука“ тогаш би ја земала предвид нивната работа додавајќи ја кон националниот доход.

Сето она што носи профит се вбројува како продуктивна активност. Така што ние ја имаме бесмислената ситуација кога нештата како коцкање и одржувањето на бордели се наречени индустрии. Не постои сомневање дека сите овие се бизниси, но не сите бизниси се индустрија, и не сите бизниси се продуктивни.

Земете го за пример коцкањето, само за момент размислување е доволно да се сфати дека коцкањето само го прераспределува постоечкото богатство, и не произведува никаква нова вредност. Будалаштина е да се зборува за коцкарската индустрија или порно индустријата како што би било будалесто да се нарекува сопственичкиот криминал против индивидуи и банки, индустрии.

Во цитатот од говорот на Александра Колонтај под наслов „Проституцијата и начините на борба против неа“ (1921 год.) има сфатлива очигледност, во услови на изменета општествена база на советска Русија, за тоа зошто проституцијата е непродуктивна. Во општество каде што добрата се распределувани врз основа на продуктивните удели на работниците, за проститутката се смета дека ги одзема продуктивните удели на другите и дека не придонесува кон националното богатство и општата благосостојба. Кога економските односи не биле повеќе маскирани од парите, туку биле согледувани во физички нешта, ова било разумна практична опсервација, а ако тоа било очигледно точно во демаскирана економија, истото мора веќе да било точно, зад велот на парите, и во претходечката капиталистичка економија. Разубавени од парите/профитабилноста, непродуктивните активности во една комерцијализирана економија изгледаат продуктивни, и така, ебењето станува „сексуална работа“.

Во две смисли, се разбира, сексот е работа, и продуктивна. И двете вклучени страни трошат метаболитска енергија во актот, а продуктивниот исход предизвикува мајката да троши далеку повеќе енергија во бременоста и раѓањето. Трудот со раѓањето, во реалноста, е темелот на сите други производствени дејности. Но, ова не е она што апологетите за бордели го мислат. За нив, работа е каде што се разменуваат пари. Никогаш не заборавајте дека од Римско време целта на комерцијалниот секс била за мажите да избегнуваат секаква одговорност за децата кои би исходиле. Овие деца не би очекувале ниту наследство ниту издршка од татковците. Стигмата, напуштеноста или сомнителната милост на сиропиталиштата често се нивна судбина. Вилијам Ленгер[3] во својата научна статија „Почетната популациона експлозија на Европа“ известува:

„Бројките за ова движење, коишто се на располагање за многу градови, се навистина шокирачки. Во цела Франција цели 127 507 деца биле напуштени во само 1833 година. Секаде од 20 до 30 проценти од сите новородени деца биле оставени на својата судбина. Бројките за Париз покажуваат дека во годините 1817-1820 „сирачињата“ содржеле цели 36 проценти од сите новородени деца. Во некои од италијанските болници, морталитетот (под едногодишна возраст) се движела до 80 или 90 проценти. Во Париз, Мезон де ла Куш известила дека од 4779 бебиња примени во 1818 година, 2370 умреле во првите три месеци а други 956 во првата година.“

Како институција проституцијата била двоструко деструктивна за работната сила, не само што ги осудила на ран морталитет децата на проститутките, но и парите коишто клиентите ги трошеле во борделите биле одземани од устите на нивното „легитимно“ поколение.

Што е со аргументот дека проституцијата отсекогаш постоела и дека секој обид да се забрани ќе пропадне?

Па за почеток, таа не постоела секогаш. Таа не постоела во предкласните општества. За таа да се појави, ви требаат неколку услови:

  1. општествена подреденост на жените кон мажите;
  2. постоење на пари;
  3. постоење на класна хиерархија.

Ако се отстранат овие, нејзините општествени причини, тогаш проституцијата би имала тенденција да изумре, исто како што сите други форми на криминал опаѓаат како што општеството станува поегалитарно. Но, тоа не значи дека е бесмислено таа да се забрани во денешното општество. Ниту една држава сè уште не успеала да ги укине убиствата или силувањата, но никој не тврди дека законите против овие злосторства се бесмислени. Ако криминална активност се одвива во подземјето, тоа е добра работа. Тоа значи дека активноста се намалува. Ако стравот од полицијата ги натера убијците да се чувствуваат принудени да ги закопуваат своите жртви под градините, наместо само да го фрлаат телото на улица за да го соберат комуналците, тоа сигурно е за поздравување.

Најдоброто од скандинавскиот пристап кон проституцијата е тоа што тој го третира купувањето секс како уште едно сексуално злосторство. Купувачите на секс се категоризираат покрај силувачите и педофилите. Признаваме дека Шведска не ги спречи целосно шведските мажи да купуваат секс. Но, доказите се дека законот ги намали случаите на шведски мажи кои купуваат секс[4], додека доказите за земјите кои ги легализираат обете страни на проституција се дека практиката се зголемува.

Но, либералот ќе одговори дека треба да ги слушаме гласовите на оние што моментално се занимаваат со продажба на секс. Само може да се очекува дека една политика како шведската, која успева да го намали бројот на нивните клиенти, ќе биде против непосредните комерцијални интереси на имателите на бордели и на дел од самовработените проститутки. Но, зошто треба да посветуваме некое посебно внимание на една група со посебни комерцијални интереси како оваа?

Зошто треба да ги „слушаме сексуалните работнички“?

Мерките за борба против пушењето и алкохолизмот се спротивни на комерцијалните интереси на фирмите кои произведуваат цигари, пиво и други алкохолни пијалоци. Иако законот за минимална цена на шкотската влада за пијалоци ќе го погоди интересот на монасите од опатијата Buckfast, дури и либералите би се двоумеле да реплицираат дека ние мора да се воздржиме и да ги „слушаме монасите“. Зошто тогаш, треба да бидеме толку заинтересирани за комерцијалните интереси на имателите на јавни куќи и курвите?

Либералниот начин на размислување навлезе во социјалистичкото движење, така што вие имате „левичарски“ мажи кои ги облекуваат либералните аргументи во социјалистичка облека. Навистина, велат тие, проститутките се експлоатирани, но и сите работници се експлоатирани, па зошто да се посебен став во врска со сексот. Се разбира, ова е само еден застарен пуритански став.

Наједноставниот одговор за социјалистите е да кажат дека ние сакаме да ја укинеме целата експлоатација. Ние би сакале закон што забранува наемен труд, исто како што тоа го забрануваше советскиот закон. Додека да го имаме тоа, ние го поддржуваме секој чекор за сузбивање на експлоатацијата. Ние никогаш нема да поддржиме комерцијални интереси кои сакаат да отворат нови полиња на експлоатација.

Алтернативно, можеме да одговориме со преиспитување на некои од подлабоките претпоставки на либералниот аргумент. Либералите велат дека сексот не е ништо посебно и дека ставот за ебењето кој е различен од возењето на автобус или подготовката на хамбургери е само пуританска предрасуда.

Па, за почеток, сексот е посебен.

Објективно е посебен, и правно посебен. Тој е посебен затоа што актот на половите органи создава луѓе, додека мануелниот и интелектуалниот труд произведува ствари. Пост-робовладетелските општества ги третираат луѓето различни од тоа дека се ствари. Законот ги третира половите органи и рацете многу поинаку. Во него се вели дека ако некого фатите за пичка или јајца, вие сте виновни за сексуален напад и ќе издржувате казна затвор до 10 години. Но, кога се среќавате, вие може да се ракувате со странец неказнето.

Следно, зошто социјалистите треба да го прифатат пуританизмот како термин на злоупотреба. Пуританците ја извршија единствената успешна револуција во Велика Британија. Тие му ја отсекоа главата на кралот и го всадија стравот божји кај високите класи: голем успех. Тие делуваа решително против преслободната, развратна и расипана аристократија – сè за добро. Кога либералите го користат зборот пуританец како клевета, тие вршат предавство на вистинското потекло на либерализмот и го прифаќаат јазикот на старите ториевски противници на пуританците.

Левичарските либерали велат дека курвите се експлоатирани, исто како и готвачите, па зошто да се третираат борделите различно од Бургер Кингс. Тука, тие го темелат својот аргумент на она што не значи повеќе од една игра на зборови во врска со експлоатацијата. Зборот експлоатација има две значења. Едното се однесува на сексуална експлоатација, другото на економска експлоатација. Двете се сосема различни.

Економски експлоатиран е некој ако добие како приход помалку пари за еден час работа отколку додадената вредност за еден час работа. Во оваа економска смисла, самовработените курви не се повеќе експлоатирани од самовработениот електричар или водоводџија. Тие не ја продаваат својата работна сила на работодавач кој потоа ја користи за производство на стока. Наместо тоа, самовработените ги продаваат своите услуги директно на клиенти и самите ја присвојуваат целата вредност. Ова е една од причините зошто некоја проститутка заработува повеќе на час отколку некој готвач кој подготвува Биг Мек.

Сексуалната експлоатација е нешто сосема друго.

Нацрт-конвенцијата на ООН против сексуална експлоатација ја дефинира сексуалната експлоатација на следниов начин:

Член 1:

Дефиниција на сексуална експлоатација:

Сексуалната експлоатација е практика со која лицето постигнува сексуално задоволување или финансиска корист или унапредување преку злоупотреба на сексуалноста на некое лице со укинување на правото на достоинство, еднаквост, автономија и физичка и ментална благосостојба на тоа лице.

Член 2

Сексуалната експлоатација има форма на, но не е ограничена на:

  1. Негирање на живот преку женско чедоморство и убиство на жени поради нивниот пол, вклучително и убиство на сопруга и вдовица.
  2. Подложување на суров, нехуман и понижувачки третман преку следново: тепање, порнографија, проституција, осакатување на гениталиите, изолација на жени, мираз и цена на невестата, присилна стерилизација и присилна бременост, сурогат-мајчинство, ограничување на репродуктивната слобода на жените, употреба на женската репродуктивност за трети лица (употреба на женската репродуктивност заради сексуална или комерцијална експлоатација), сексуално вознемирување, силување, инцест, сексуална злоупотреба и трговија со луѓе.
  3. Подложување на сексуално злоставување и/или тортура без оглед дали ова е извршено од државни или недржавни чинители, отворено или прикриено, вклучително и садистички, осакатувачки практики.
  4. Привремен брак, детски бракови или склопување брак со цел сексуална експлоатација.
  5. Предодреденост на сексот.

Онаму каде што поседувањето на бордели е незаконско, мнозинството проститутки се независни и се сексуално, но не и економски експлоатирани. Онаму каде што поседувањето на бордел е легализирано, капиталистичките бизниси доминираат во трговијата, што значи дека економската експлоатација станува комбинирана со засилена сексуална експлоатација.

Пол Кокшот


[1] Ma, Hai-Teh. With Mao Tse-Tungs thought as the compass for action in the control of venereal diseases in China. Chinas Medicine 1 (1966): 52-68.

[2] Cho, Seo-Young, Axel Dreher, and Eric Neumayer. Does legalized prostitution increase human trafficking?. World Development 41 (2013): 67-82.

[3] William L Langer. Europe’s initial population explosion. The American Historical Review, 69 (1): 1’17, 1963, page 9.

[4] Kuosmanen, Jari. Attitudes and perceptions about legislation prohibiting the purchase of sexual services in Sweden. European Journal of Social Work 14.2 (2011): 247-263.