Кон критиките на ПИОМ: во одговор на Бојан Богевски и Цветин Чилиманов

14168_672709262741032_94019241_n

Автор: Јоже Франц

Се чувствувам како должник да одговорам на се‘ почестите повици на неколку релевантни или помалку релевантни фактори, кои се впуштија кон дефинирање и редефинирање на ПИОМ. Ќе се обидам да бидам искрен. Деновиве за првпат прочитав дека Социјалдемократите имаат нов прогресивен пристап кон решавање на горчливото прашање, пред се‘ на финансиската дупка на пензиското и инвалидското осигурување, вклучувајќи го притоа и здравственото осигурување.

Предлогот кој го дава левицата е дека „богатите треба да плаќаат данок по повисоки стапки од сиромашните“, е крајно коректен. Но, тука се отвора второто горчливо прашање, се мисли на уставното право, дали сите граѓани се еднакви пред Уставот и законот? Истото ова прашање и во овој момент треба да се отвори, бидејќи и со моменталниот пристап на пресметување на солидарните давачки не се со еднаков критериум. Предлогот на левицата е во насока на „укинување на ограничувањето за највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од шест просечни плати, а од друга страна да се ослободат од плаќање придонеси лицата со најнизок доход“, повторно крајно коректно, но повторно во судир со уставната еднаквост.

На овие предлог понуди од страна на „левицата“, денес ќе прочитате неколку критички осврти од страна на застапниците на либертаријанската доктрина, дека „ниту една земја не ги решила социјалните проблеми преку зголемени јавни давачки“. Нормално дека е така, па и ние од левицата тоа го говориме, и ние сме за исклучување на разни даночни обврски, исклучување на ДДВ кон крајниот корисник, исклучување на данок на домување на оскудните и одданочување според висината на вредноста на домот, оданочување на недвижниот имот според неговата вредност до определена сопственост на недвижен имот… (никој не ја оспорува сопственоста, но луксузот мора да се плати, нели е тоа либертаријански став).

Критиката на М-р Бојан Богевски е во насока на намелениот наталитет, нешто слично како и неговиот истомисленик Цветин Чилиманов, кои намалениот наталитет го наведуваат како причини за зголемениот финансиски долг на ПИОМ. Овие причини господа Богевски-Чилиманов се краткорочни, впрочем и самите вие тврдите дека од 1960 година наталитетот опаѓа. А, што тоа значи? Тоа господа е само податок дека со економско-индустрискиот подем во бившата социјалистичка држава, започнува миграцискиот процес, село-град, започнува современа едукација на населението, едукација на современата мајка, нејзино вработување и еднаков пристап на истата кон сите институции на системот. Овој податок, морате да го разглобите, разредите. Денес, во нашата држава се пензионираат лица кои заснивале некаков работен однос во периодот од 1970 година, лицата со боречки пензии се намалија или ги има во мал број. Од друга страна, просечниот животен век во РМ е 70 години (камо да живееме и по 100 години, но тие се статистиките), што значи, оваа дупка треба да се пополни во наредните 5-10 години. Точно е дека денес помалку внуци работат за своите предци, но и тоа е точно дека денешните внуци не им завршува денот во 17 часот и започнува со пропејувањето на првите петли. Понежниот пол не е повеќе машина за раѓање на деца, истата е образована и е човечко суштество кое сака да се имплементира во општествено социјалните случувања.

Втората критика доаѓа од типот дека моменталниот пензиски систем е Понзи шема, всушност дека тоа социјалистички, измамнички пензиски систем. Не, господа, тоа е солидарен пензиски систем.

За потсетување. Солидарниот пензиски систем овозможува пензиско примање, врз основа на процентуален месечен личен доход, кој за жал, достигна на 67% од личниот доход. Месечниот личен доход кај прогресивните доктрини не постоеше енормно високи месечни примања, туку рамномерна распределба на приходите. Денес што поседуваме? Распределбата на приходите ја делат менаџерскиот тим и буржујот, додека работникот го добива загарантираниот личен доход во вид на минималец, кој е еднаков на ¼ од потребите за нормален опстанок. (Според статистиките, на едно семејство, да си приушти нормален живот му се потребни околу 30,000 денари.) Го критикувате и рамниот данок. Кога веќе мора да постои некаков данок, данокот не може да биде еднаков за сите, во поглед на паричната вредност. Со оглед дека станува збор за одредена категорија на одданочување, одданочување на движен имот, НИЕ прогресивните левичари ќе се согласиме со рамниот данок и со тоа избегнување на Вашата теза за дискриминација на оние кои добиваат поголеми примања.

Преку оваа теза би сакале да им дадеме одговор и на социјалдемократите за понудената опција. Да, прифатете рамен данок, со тоа што денешното решение ќе се задржи, но тоа да се изведе со процентуална пресметка.

Како?

Ако денес извршите пресметка за Вашите даночни обврски кон ПИОМ, но и кон останатите давачки произлезени од бруто платата, ќе забележите дека давачките се движат, околу 40%-45%. Ако, за сите вработени давачките им се пресметаат под т.н. рамен данок од 40% од бруто платата, тогаш оној кој зема 80,000е плата ќе плати целосна даночна обврска, вклучувајќи го и ПИО, со вредност од 32,000е. Во овој случај нема што да изгубат оскудните, но ПИОМ сигурно би добил сигурност, а пензионерите поудобни и поспокојни пензионерски денови. Освен тоа, денешниот модел за пресметка на ПИО, овозможува буржујот кој има примања од 80,000е, да плати по основ на ПИО само шест просечни плати или 120,000 денари, што е еднакво на нецели 2,000е.

Ете каде била дупката. За жал навистина ние сме единствените во светот каде оскудниот по основ на бруто плата е оданочен 40%, додека буржујот според неговите примања да плати помалку процентуално од оскудниот, а преку наведениот пример тоа би било околу 3%.

П.С. На Вас почитувани читатели оставам да проверите дали постојат индивидуи со примања од 80,000 евра.