Дистопијата на Роберт Нозик

Ако работниците изберат да го напуштат светот на капиталистите и живеат во некој друг, светот на капиталистите ќе пропадне, бидејќи истиот почива врз експлоатацијата на туѓ труд (повеќе од 50 милијарди долари годишно според Civic Action). Светот на капиталистите расте само врз грбот на трудот на наемните работници. Апологетите на капиталот не само што не го признаваат правото на приватна сопственост преку сопствениот труд, туку „таму каде што ја има капиталистот зад себеси силата на метрополата, тој се обидува сосила да го отстрани од патот начинот на производство и присвојувањето што почива врз сопствениот труд.“ (Маркс) Од оваа гледна точка, утопијата на Нозик во својата суштина е дистопија односно непосакувано, опасно, застрашувачко општество. „Не може да има толеранција кон демократите и комунистите во слободарското општествено уредување. Тие ќе мора да бидат физички одвоени и отстранети од општеството.“ (Ханс-Херман Хопе) чие тврдење се надоврзува со она на Нозик дека „нема место за сите во утопијата.“

Во услови на приватна сопственост над средства за производство во посед на малцинска класа на иматели наспроти цела индустриска резервна армија од модерни хелоти не може никако да стане збор за слобода во едно такво „општество“. Битно својство на класното општество е во тоа што ги разделува трудот и уживањето. Ужива онаа класа која не работи, а онаа која работи е лишена од можностите за уживање. Ова раздвојување на трудот и уживањето има корен уште во самата поделба на трудот. „Со поделбата на трудот се овозможува, па дури и се остварува: духовната и материјалната дејност, уживањето и трудот, производството и потрошувачката да паднат во дел на различни индивидуи.“[1] Само во комунистички производствени односи каде се уважува правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд „мојот труд би бил слободно пројавување на животот, затоа и уживање на животот. Под претпоставка на приватна сопственост, мојот труд е оспособување за живот, зашто работам за да би живеел, за да би создал средства за живот. Мојот труд не е живот.“[2] Значи, во неговата природа,  замислениот свет на Нозик може да биде само дистопија, бидејќи „утопијата“, како вели тој самиот, „не може да биде репресивна“.

Moже да кажеме дека општата заедничка утопија може и опстојува само под репресија од страна на капиталистичката класа врз работничката класа. Капиталот е моќ. Адам Смит одамна напиша дека монетарното богатство е моќ. Но, Смит беше конкретен: монетарното богатство беше моќ да се командува со трудот на другите. Моќта е моќ над трудот. Затоа, слободно можеме да кажеме дека фактички сите капиталистички држави се плутократски олигархии. Плутократијата е владеење од страна на класата која има најмногу пари. А, олигархијата е владеење од страна на малцинството. Моќта на плутократијата произлегува од нејзината команда над наемниот труд, однос на доминација и потчинетост чија диктаторска природа не е укината со правото на глас. Изборите се само механизам за избор на поединечни олигарси. Тие веднаш му даваат легитимитет на нивното владеење и им овозможува да бидат регрутирани од „најдобрите“ и најенергични членови на пониските класи. Во најдобар случај, изборите ја трансформираат олигархијата во аристократија.

„Не може една личност или  група да присили одредена група да живее по начелата нивната утопија (читај: социјалистичките држави и т.н. просветлена диктатура).“ (Бошко Караџов, Минархистичката слобода и (ре)дистрибутивната правда: кон етичките премиси на Нозиковиот анархизам, 2017)

Постоењето на класите во капиталистичкото општество не може да се негира, како што не може да се негира нивната меѓусебна борба, таа борба меѓу класите одамна пред Маркс ја објасниле капиталистичките историчари. Класни борби коишто и самиот Бошко Караџов ги признава: „Нема стабилни светови во кои сите ќе изберат да останат.“ Она што Маркс го докажа, а што Бошко Караџов не го побил, е дека оваа класна борба неизбежно води кон организирање на диктатура на пролетаријатот во самоодбрана од капиталистичката класа, внатрешна и надворешна (за време на граѓанската војна младата советска република била нападната од армии на 14 капиталистички држави, вклучително и домашните белогардејци!). Бошко Караџов не го побил фактот дека таа дефанзивна диктатура на пролетаријатот е само премин кон уништување на експлоатациските класи и кон социјализам односно бескласно општество.

Диктатурата на пролетаријатот има и своја историска оправданост како општествена самозаштита за одбрана од специјалната војна против СФРЈ. Либертаријанците и либералите симултано запаѓаат во противречност со тоа што ја прифаќаат антифашистичката борба на физичко уништување на непријателот додека ја отфрлаат антикапиталистичката борба на физичко уништување на сите хибридни елементи на странска и внатрешна реакција коишто се служеле со најрационални видови на субверзија и терор во послевоена Југославија. Овие помодарски „левичари“ односно либерали, како да заборавија на славната реченица од „Комунистичкиот манифест“ дека историјата на секое досегашно општество е историја на класните борби“, дека „буржоаските историчари одамна … го изложија историскиот развиток на таа борба меѓу класите“. Бошко Караџов, неуспешен критичар на социјалистичката држава, класно свесно или несвесно поради простодушност, го игнорира овој контекст на диктатурата на пролетаријатот, кога сака да ја претстави како дистопија социјалистичката држава.

Нормално, за модерните, либерални сфаќања, диктатурата на пролетаријатот е вчудоневидувачка фраза, но треба да се има на ум дека со истата анализа, ние сме биле едно време и сѐ уште сега живееме под диктатура на буржоазијата (живи докази се мартирите на слободата како Мумиа Абу-Џамал, Лин Стеварт, Челзи Менинг, Џулијан Асанж и Eдвард Сноуден). Според Маркс и Енгелс, постоењето на која било влада подразбира диктатура на една општествена класа над друга. Според тоа, без да заобиколуваме со јазикот на политичката коректност, суштинското прашање е која класа е во доминирачка улога, а не класификацијата на авторитарност!!!

Во случајот со советската република гледаме дека работниците имаа замислено еден возможен свет во кој би живееле – советски сојуз на социјалистички републики. Ако тој свет односно социјалистичката држава не мора да ги содржи сите оние кои дотогаш живееле во него, а може да содржи и суштества кои и никогаш не живееле, на пример, техно-интелигенција од странство која се солидаризира со советската република а чија имиграција во Советскиот Сојуз е статистички докажлива, тогаш пропаѓа аргументот на Бошко Караџов кога сака да ја дискредитира социјалистичката држава како дистопија. Останатите жители на социјалистичката држава која работниците си ја замислиле, за жал, не избраа да останат во истата држава, туку избраа да ја остават и да се населат во други – капиталистички сурогати на заедницата, а други пак се обиделе да ја дестабилизираат (со граѓанска војна, интервенционизам на странски војски, ембарга, бојкот, опструкции, саботажи и сл.)

„Општествата кои тежнеат кон материјален егалитаризам (социјалистичките држави), а не кон форми на либерализам, не остварија ниту еднаквост, а уште помалку слобода.“ (Бошко Караџов)

Мао беше доволно чесен да признае дека „Кина практикува наемен систем, распределба според работа и размена преку пари, а во сето ова се разликува многу малку од старото општество“[3]. А старото, односно капиталистичкото општество, не е некое вистинско општество, туку е само сурогат на заедницата. Во него егзистира личната слобода само за поединците кои се развиваат во условите на владејачката класа и само доколку се припадници на таа класа.

Мао не беше задоволен со тоа што системот на сопственост беше изменет, бидејќи тоа според него не ја разликува Кина од старото општество, туку само укинувањето на наемното ропство радикално би ја дистанцирала. Постоењето на наемното ропство било доволна индикација за Мао да сфати дека револуцијата е сè уште незавршена: „Нашата земја денес практикува стоковен систем, наемниот систем е неегалитарен, исто така, како во осумстепениот наемен размер, итн. Под диктатурата на пролетаријатот таквите нешта можат само да бидат ограничени. Поради тоа, ако луѓето како Лин Пиао дојдат на власт, ќе биде многу лесно за нив да изградат капиталистички систем“.

Единствениот пример на марксистички принцип на распределба бил применуван во народните комуни на Кина во текот на 1960-тите и 1970-тите години. Таму, добрата биле распределувани според систем на норми за извршениот труд. Бројот на работни часови кои членовите ги придонесувале во годината бил запишуван и нивната жетва била заснована на тоа. Тогаш Кина имала една од најегалитарните распределби на доходот во светот. Џини коефициентот на распределба на националниот доход бил .33 Распределбата на доходот во народните комуни била исто така високо егалитарна. (Види повеќе во текстот На исток ништо ново дел 2)

Кога Мао се пензионирал во 1974 год. ги немало окупаторите, бандитите и воените лордови, населението било удвоено, писменоста била 84 проценти, разликите во богатството исчезнале, електричното осветлување и напојување стигнало до сиромашните области, инфраструктурата била обновена, економијата пораснала 500 проценти, наркозависноста била само сеќавање од минатото, жените биле ослободени, девојчињата биле едуцирани, криминалот бил редок, секој имал храна и покрив, должината на животот била шеесет и седум години и според неколку клучни социјални и демографски индикатори, Кина позитивно се споредувала со средно доходовните држави чиј БДП по глава бил пет пати поголем. (Види повеќе во текстот Чаталењето на денгистот Си против другарот Мао)

„Напротив, општествата кои тежнееа кон принципите на економската и граѓанската слобода, не остварија еднаквост, меѓутоа, овозможија т.н. вертикална подвижност, просперитет, отргнување од сиромаштија и приближување на двете класи како во ниеден друг политичко-економски систем развиен досега.“ (Бошко Караџов)

Владејачките денгисти кои се пропазарно ориентирани може да тврдат дека Кина ослободила 800 милиони луѓе од сиромаштија, ако си ја дефинираат сиромаштијата како животен стандард со помалку од 1,90 долари или 3,10 долари на ден. Ова не кажува ништо за тоа колку добро живеат оние што навидум се спасиле од сиромаштија. Си тврди дека „социјализмот со кинески карактеристики“ (читај тачеризмот) успеал да ја искорени сиромаштијата во Кина, но неговиот премиер Ли Кечијанг го негира и вели дека во Кина 600 милиони луѓе имаат месечни примања од едвај 1000 јуани (одн. 154 долари) кои не се доволни ниту за изнајмување на соба во град. Руралното домаќинство кое живее со 1,91 долари на ден според овој стандард, не би се сметало дека страда од екстремна сиромаштија, иако со која било објективна мерка едно домаќинство кое заработува толку малку на годишно ниво би било многу сиромашно. (Види повеќе во текстот Митот за 800-те милиони Кинези извлечени од сиромаштија)

Сега да се вратиме на тврдењето, се разбира лажно, на Бошко Караџов дека „општествата кои тежнеат кон принципите на економската и граѓанската слобода … овозможија т.н. вертикална подвижност … и приближување на двете класи како во ниеден друг политичко-економски систем развиен досега.“ Извештајот на консултантската фирма McKinsey & Company покажал дека богатството на Кина пораснало од 7 трилиони долари во 2000 година на 120 трилиони долари во 2020 година. Богатството на САД се зголемило повеќе од двојно на 90 трилиони долари во истиот период. Но, иако светот денес е побогат од кога било, нееднаквости сè уште постојат. Само во Кина и во САД, повеќе од 67 отсто од богатството е контролирано од 10 отсто од најбогатите домаќинства – и тие продолжуваат да заработуваат сè повеќе и повеќе.

Честопати размислуваме за Соединетите Држави како земја со големи можности за социјална мобилност. Одговорот се чини дека е прилично одлучувачко „не“. Всушност, еве графикон од серијалот на Њујорк Тајмс од 2005 година за мобилноста на приходите што покажува дека Соединетите Држави се рангирани на претпоследното место меѓу Велика Британија, САД, Франција, Канада и Данска кога станува збор за стапката на подобрување на приходот во текот на четири генерации за сиромашните семејства. И еве две многу интересни неодамнешни студии кои доаѓаат до слични заклучоци – извештај за социјалната мобилност од Центарот за американски напредок и академска студија од 2007 година од истражувачи од државните универзитети во Кент, Висконсин и Сиракјус. Еве како професорката Кетрин Вилсон, вонреден професор по економија на Државниот универзитет во Кент, го резимира главниот наод од последната студија: „Луѓето сакаат да веруваат во Америка како земја на можности. Иронијата е што нашата земја всушност има помала социјална мобилност и повеќе нееднаквост од повеќето развиени земји“ (линк).

Анархизмот на Нозик претставува хомодуплексен идеен концепт против патерналистичката агресија на фискално репресивната држава во кој слободата на капиталистите е невозможна без експлоатацијата на туѓ труд.  Во 2017 година, работничката класа додала вредност од $18,803,200,000,000. Од овој вишок вредност федералната влада преку даночење на примарните експлоататори – капиталистите, одзела вкупно $90,191,400,000 и ги дала на државната бирократија. Вишок вредност од  $18,713,008,600,000 сè уште останал во рацете на капиталистите! Таа дистопија на личната слобода на сопствениците на капитал да експлоатираат туѓ труд и притоа да го прават тоа ослободени од секаква даночна и синдикална присила па дури и од присилата да работат – силно ја изразуваат во нивната молитва до австрискиот бог:

„Нашиот Мизес, Кој делува во економско совршенство,

да се свети Името Твое,

да дојде теоријата Твоја, да биде волјата Твоја,

како на небото така и на земјата.

Златото наше насушно дај ни го денес,

и прости ни ги нашите напади на имотните права,

како што ветивме никогаш да не им проштеваме на оние кои

Те напаѓаа,

и не воведувај нè во искушение емпириски

да ги верификуваме нашите откритија,

и избави нè од злите Кејнзијанци,

Зашто Твое е царството капиталистичко,

и силата праксеолошка

и славата на златниот стандард,

сега, секогаш и во сите векови,

Амин. “


[1] Маркс-Енгелс, „Немачка идеологија“ I, стр. 29.

[2] Маркс-Енгелс, „Дела“, том 3, стр. 290, Белград, 1972.

[3] http://www.marx2mao.com/Other/ARD75.html