Вредноста не може да се создаде во размената

Во својата трансформациска постапка во том 3 Маркс смета дека целокупната вредност е еднаква на целокупната цена. (Наспроти фактот дека цените и вредностите се двојат, кохерентноста и важноста на теоријата на вредност е поддржана од еднаквоста на целокупната вредност и целокупната цена, и целокупниот вишок на вредност и целокупниот профит.) Бем-Баверк, прочуениот австриски критичар на Маркс, сметаше дека ова тврдење не докажало ништо. „Совршено е точно дека целокупната цена платена за целиот национален производ се совпаѓа точно со целокупниот износ на вредност или труд овоплотен во овој производ. Но, оваа тавтологичка изјава не значи точно знаење, ниту пак служи како посебен тест на точноста на наводниот закон дека стоките се разменуваат во размер спрема овоплотениот труд во нив. Бидејќи на овој начин би можело исто така, или повеќе неправедно, да потврди било кој друг закон што му се допаѓа – законот, на пример, дека стоките се разменуваат според мерење на нивната специфична тежина“ (Bohm Bawerk, „Karl Marx and the Close of His System“ p. 36, 1975, Sweezy edition). Тој продолжува така што дава пример каде што поединечни стоки не се разменуваат по нивните специфични тежини но целокупната тежина е еднаква на целокупната цена, според тоа очигледно покажувајќи ја тавтологичката бескорисност на Марксовата прва еднаквост.

Како многу од Бем-Баверковата критика, неговото читање на Маркс овде е неточно и симплифицирано. Сепак, неговата критика е добра појдовна точка за разјаснување на она што Маркс всушност дискутираше. Марксовата теорија на вредност не бара стоките да се разменуваат во точен сразмер спрема работното време овоплотено во нив. Ниту пак оваа теорија бара цените да флуктуираат околу „центар на тежина“ односно овоплотени работни времиња. Туку Маркс расправа дека цените и вредностите систематски отстапуваат и дека ова не претставува никаков проблем за било кој аспект на неговата теорија на капитализам.

Марксовото тврдење дека целокупната цена е еднаква на целокупната вредност нема за цел да „служи како посебен тест на точноста“ на неговата теорија на вредност. Туку тоа е логички заклучок на неговото испитување во том 1 од „Капиталот“ дека вредноста не може да се создава во размената. Ова испитување се судира директно со сè она што е свето за Австриската школа. Како што Бем-Баверк пишува: „Каде што се добива еднаквост и точен еквилибриум (врамнотеженост), веројатно е дека нема да се случи никаква промена којашто ќе ја вознемири рамнотежата. Кога, поради тоа, во случајот на размената, настанува промена на сопственоста на стоките, тоа поточно покажува постоење на одредена нееднаквост или надмоќ којашто произведува измена“ (Ibid p. 68). Со други зборови, луѓето разменуваат нешта поради субјективна разлика во својата проценка на вредноста на стоките. Размената се случува поради нееднаквост во субјективните проценки на вредноста. Ова води до бизарната идеја за „субјективен профит“ којшто, повеќе од било што друго, објаснува дека целата идеја за маргинална корисност доаѓа од обид да се наложи објективно разбирање на капиталистичкиот инвеститор на субјективноста на индивидуалните потрошувачи.

Треба да се дадат два аргументи во одговор на Бем-Баверк. Прво, Маркс не верува дека секоја размена содржи еднаквост на работни времиња. Самата идеја на општествено потребно работно време (ОПРВ) имплицира нееднаквости во размената меѓу општествената вредноста на една стока и поединечната вредност (меѓу работното време земено како општествено неопходно за производство на стоката и работното време всушност потрошено на производство на оваа стока). Јазот меѓу општествениот и приватниот труд е механизмот преку кој вредноста го регулира приватниот труд за општествени цели. Маркс тврди дека вредноста не може да се создаде во размената. Додека секогаш може да има нееднаквости во размената, овие не може да бидат извор на профит бидејќи не може да биде создадено вкупно зголемување кон целокупната вредност на општеството само со пренесување на стоките од рацете на едно лице до други.

Сега Маркс често бара неговите читатели да претпостават, заради аргумент, дека вредноста и цената се идентични за поединечни стоки. Зошто? Бидејќи ова му олеснува да покаже дека профитот мора да доаѓа од експлоатација на наемниот труд, отколку од нееднаквост во размената. Ако вредноста не може да се создаде во размената, ние мора да се свртиме кон производството и експлоатацијата на наемниот труд за да го објасниме профитот. Но, овој вид на профит е различен од супер профитот којшто доаѓа од продажбата под ОПРВ. Според тоа, има смисла да претпоставиме продажба на стоките по нивното ОПРВ за да го испитаме изворот на погодниот профит, отколку супер профитот. Понекогаш луѓето, како Бем-Баверк, тврдат дека Маркс смета дека цената и вредноста се изедначуваат во првите два тома на „Капиталот“, а потоа се двојат во 3-от том. Но, идејата на ОПРВ, којашто бара продажба над и под ОПРВ, настанува во почетокот на том 1 !

Второ, идејата за нееднаквост на Австриската школа, којашто е предуслов за размена, е мошне проблематична. Таа почива на конфузија на две различни дефиниции на изразот „вредност“: на една страна, субјективните проценки направени од поединци, на друга страна реалните, конкретните цени по коишто стоките се продаваат на пазарот. Само затоа што ние донесуваме субјективни расудувања за нашите претпочитувања за стоки не значи дека овие расудувања се истите како или имаат некаква врска со пазарните цени на стоките.

Се прашувам дали идејата на „субјективен профит“ толку популарна кај австриската мисла има некаква корисност. Изгледа како лоша аналогија на вистинскиот, конкретен профит на капиталистите. Додека капиталистичкиот профит може лесно да се измери, не може да се измери овој таканаречен субјективен профит којшто индивидуите наводно го добиваат во размената. Да, луѓето купуваат работи по своја слободна волја. Но, на која основа ние можеме да кажеме дека ова е резултат на нивното претпочитување на одредена стока повеќе отколку што тие претпочитуваат пари? Парите единствено имаат вредност бидејќи може да купуваат работи. Да кажам купување дезодоранс покажува дека јас претпочитувам дезодоранс од 5 долари повеќе отколку што претпочитувам 5 долари во готовина изгледа дека го превидувам очигледниот факт дека една стока којашто вреди 5 долари само била разменета за 5 долари. Јас сум разменил една употребна вредност за друга а сепак износот на економската вредност што ја имам не се променила. Додека имало пренос на употребни вредности немало пренос или вредност. Додека австрискиот инстинкт е да го следи движењето на овие употребни вредности, да ја конфузира нивната циркулација со моторната сила на капитализмот, Маркс е повеќе заинтересиран во движењето на вредноста. Бидејќи вредноста не може да биде создадена во размената, моторот на капитализмот е експлоатацијата на наемниот труд. Ова овозможува Марксовиот долг поглед да се сосредоточи на производството, класата, движењето на вредноста; сите работи коишто буржоаските економисти се обидуваат да ги извадат од нивната теорија.

Не треба да бараме илустрација на проблематичната конфузија на субјективната вредност и стварните пазарни цени подалеку од Лудвиг фон Мизесовата книга „Човечко делување“: „Вреднувањето е вредносно расудување изразливо во разлика на вредноста. Процената е предвидување на очекуван факт. Таа цели кон утврдување на цените кои ќе бидат платени на отворен пазар за одредена стока или на износот на пари што ќе биде потребен за купување на одредена стока… Вреднувањата на човека со купување и продавање на пазарот не мора да не обрнуваат внимание на структурата на пазарните цени; тие зависат од процената. За да се знае значењето на цената мора да се знае куповната моќ на предвидениот износ на пари“ (Human Action, p. 329, The Scholars Edition).

Овде Мизес јасно тврди дека нашите субјективни вреднувања не се исто што и пазарните цени и дека пазарните цени влијаат на нашите субјективни вреднувања. Логичен заклучок од овде и од фактот е дека една размена од 5 долари вреден дезодоранс со ценовна етикета од 5 долари е размена на еднакви вредности (вредност дефинирана во оваа објективна смисла) без оглед на личните вреднувања на индивидуите за дезодорансот. Мизес продолжува да тврди дека овие пазарни цени се само резултат на лично вредносно расудување. Но, само поради тоа што пазарните цени се формирани во процесот на луѓето кои расудуваат не значи дека овие расудувања ги определуваат разменските сразмери меѓу стоките. Без обѕир, штом некој го препознае фактот дека цените се објективен квантитет мора да признае дека вредноста не може да биде зголемена само со тргување на две стоки со иста цена. имњ или нема „субјективен профит“ (и јас не мислам дека ова може да биде докажано или дека има некаква важност[1]) тоа не влијае на фактот дека вредноста не може да се создава во размената.

Ако вредноста не може да се создава во размената тогаш ова сосема нè оддалечува од нашиот пат до разбирање на односот вредност/цена. Процесот на размена ја мери вредноста на стоките една наспроти друга. Ако една стока се разменува над или под нејзината вредност тогаш вредноста е пренесена од едно лице до друго. Ова може да биде извор на профит за едно лице но не може да го зголеми вкупниот износ на профит во општеството.

Ако профитот не може да дојде од размената тогаш ние мора да погледнеме во производството заради тоа. Постои стока којашто може да произведува повеќе вредност отколку што чини да се купи. Ова е работна сила. Работната сила е единствената стока чија цена на производство (цена на средства за преживување) се разликува од вредноста којашто ја пренесува во финалниот производ. Износот на вредноста создадена од работникот во производството не може да биде определен разгледувајќи ја наемнината. Износот на вредноста може само да биде определен разгледувајќи го вкупниот износ на извршена работа. Ова е изворот на погодниот профит.

Марксовата теорија на ОПРВ ги содржи двата вида на профит, погоден профит и супер профит. Сите капиталисти во една индустрија експлоатираат труд и оттука профитираат. Но, исто така тие се натпреваруваат со цел да се надпродадат на пазарот воведувајќи нови производствени техники коишто им овозможуваат да произведуваат под ОПРВ. Ова им овозможува да присвојуваат вредност преку размена, оттука создавајќи дополнителен супер профит врз прикладниот профит.

Изворот на овој супер профит е вишокот на вредност создаден од работниците во другите претпријатија. Вака функционира ова. Сите капиталисти во една индустрија мора барем да ги покриваат своите трошоци на производство инаку ќе заминат од бизнисот. Па, да претпоставиме дека сите претпријатија барем прават доволно за да ги покријат трошоците. Сега, ако ОПРВ одговара на модалното (не просечно) ниво на продуктивност во една индустрија ова значи дека веројатно ќе има претпријатија кои работат над, со, и под ОПРВ. Претпријатијата коишто работат над ОПРВ ќе го изгубат бизнисот и ќе профитираат помалку. Претпријатијата коишто работат под ОПРВ ќе го прошируваат бизнисот и ќе остваруваат повеќе профит. Поефикасните претпријатија отсекуваат поголем простор за себе на пазарот, истиснувајќи ги помалку ефикасните претпријатија. Тие упаднуваат во профитите на конкурентите. Помалку ефикасните претпријатија не се способни да го остварат сиот вишок на вредност што го создале додека поефикасните претпријатија остваруваат повеќе профит отколку само вишок на вредност којшто нивните работници го создале.

Ако вредноста може да се пренесе во размената, и ако овој пренос на вредност доаѓа преку распределба на вишокот на вредност создаден во производството, тогаш ние веќе ги имаме алатките потребни да ја разбереме Марксовата теорија на цени на производството. Сите овие алатки што ни се потребни за да ги разбереме цените на производство се веќе присутни во идејата за ОПРВ, а сите овие аргументи логички произлегуваат од испитувањето дека вредноста не може да се создаде во размената.

Братството на капиталот

Фактот дека вишокот на вредност е пренесен во размената му овозможува на Маркс да ги теоретизира меѓуврските меѓу различните фракции на капиталистичката класа. Теоријата на цени на производството покажува дека конкретниот профит што капиталистот го натрупува не е само резултат на вишокот на вредност којшто потекнува од нивната работна сила. Нивните профити исто така содржат вишок на вредност пренесен во размената. Според тоа, капиталистичката класа, како цела, ја експлоатира работничката класа како цела.

Ова сепак само го скрива односот меѓу различните производствени капиталисти. Исто така има трговци, банкари и држава коишто треба да се земат предвид. Трговците не создаваат вредност туку тие ја исцедуваат вредноста создадена во производството одземајќи дел од профитот на индустрискиот капиталист во размена за носење на производот до пазарот. Банкарите наплатуваат камата за заеми на индустрискиот капитал. Државата исцедува приход од данок. Овие општења ги поврзуваат различните фракции на капиталистичката класа во нивен обединет интерес за секојдневна експлоатација на наемниот труд. Ние ја гледаме кохезијата на класата најизвонредно во криза кога државата мора да делува како рака на колективната капиталистичка класа за да ги сочува институциите на наемниот труд по секоја цена.

Очигледно индивидуалните капиталисти се натпреваруваат еден против друг за да добијат повеќе од овој супер профит од своите конкуренти. Очигледно има времиња кога некои фракции од капиталистичката класа имаат власт над други. На пример, „WalMart“ изгледа дека има способност да ги диктира профитните стапки и производствените техники за производители. Или, да земеме друг пример, банкарската класа изгледа дека има доминантен глас во обидот на државата да посредува во сегашната криза. Но, наспроти оваа конкуренција, едно нешто што е секогаш постојано, една особина што го прави остатокот на овој систем можен, е експлоатацијата на наемниот труд.


[1] За некој, употребата на зборот „профит“ е проблематична бидејќи преблизу ја конфузира капиталистичката инвестициска активност со потрошувачкото однесување. Капиталистичката инвестиција е објективен, мерлив процес. Однесувањето на потрошувачот не е. Австријците тврдат дека корисноста е ординална. Но, капиталистичкиот профит не е ординален. Јасно е разотуѓен во објективни парични износи. Капиталистичкиот профит не може да произлезе само од размена како што е дискутирано горе. Употребата на зборот профит за двете појави се разбира е идеолошко средство за прикривање на природата на капиталистичкиот профит. Потрошувачите не го користат својот субјективен профит за да го реинвестираат во создавање на повеќе профит. Тие не вработуваат сметководители да ги бележат нивните субјективни профити. Државата не може да ги оданочува нивните профити. Навистина не постои начин оваа идеја за субјективен профит да има некаква врска со вистинскиот профит на капиталистите.

Автор: Брендан Куни

Извор на текстот на оригиналниот јазик