Како милијардер од претседател стана диктатор на Кина?

xi-jinping

Кинеските законодавци изгласаа „историски“ уставен амандман со којшто го укинаа претседателскиот двомандатен лимит и му овозможија на милијардерот Си Џипинг да владее неограничено со „комунистичка“ Кина. Со овој амандман се укина регулација донесена во 1982 година за да се спречи друга „диктатура“ како Маовата Културна револуција од 1966-76.

Овојпат воведена е диктатура на Си Џипинг со цел да се декриминализира антипартиската и антисоцијалистичката политика спротивставена на маоизмот и во исто време да се криминализираат сите потенцијални социјалистички реставратори кои во партијата и надвор од неа би се дрзнале да иницираат заземање социјалистички развоен пат. Сите важни одлуки кои ќе ги донесува партијата ќе бидат самоволно одлучувани од самиот Си Џипинг, а Комунистичката партија на Кина (КПК) ќе мора да ги прифаќа како непогрешливи. Ако било кој нема да се согласи со или ги критикува мислењата на Си Џипинг, тој ќе биде обвинет како „антипартиец“, „анти-КПК“, и сл., и скоро сигурно ќе биде прогонет од партијата. Овој уставен амандман за озаконување на личната диктатура на Си Џипинг е последица на Лениновиот „демократски централизам“ којшто е изворот на сериозна анти-марксистичка криза во којашто КПК денес е затекната.

КПК иако себеси се нарекува „марксистичка-ленинистичка“, сепак во својот статус нагласува дека таа се заснова на демократски централизам што може единствено да се стави во врска со ленинизмот, но не и со марксизмот. Како во теоријата, така и во реалноста демократскиот централизам воопшто не рефлектира демократија во КПК, туку бирократски централизам во којшто власта е централизирана во рацете на партискиот шеф, Си Џипинг. Со новиот уставен амандман позицијата на партискиот шеф е сведена на диктатор што идеолошки се надоврзува со Лениновата недоверба во пролетерските маси: „Одлучно тврдам дека во основа не постои нескладност меѓу советската демократија и преземањето диктаторски овластувања од страна на поединци“ (28 април 1918). Или: „Советската социјалистичка демократија во крајна линија не е неспоива со личното владеење и диктатурата на поединец. Волјата на класата може понекогаш да ја преземе диктатор и сам да ја спроведе поуспешно и да оствари битни резултати“ (31 март 1920).

На 8 март 1921 година со Лениновата забрана на фракции во болшевичката партија и со сè поголемата концентрација на власт во Политбирото (на кое Чека била директно подредена), Лениновото партиско владеење во голема мера се изродило во правец на автократија којашто пророчки ја предвидел Троцки уште во 1903 година кога Ленин ја разединил социјалдемократската партија: „Овие методи, како што ќе видиме, ќе доведат до тоа партиската организација да стане замена за партијата, централниот комитет замена за партиската организација и најпосле диктаторот замена за централниот комитет“. Овој процес, веќе воведен под власта на Ленин, беше заокружен со Сталин.

Критика на демократскиот централизам

Демократскиот централизам е дефиниран во Член 3 од сегашниот Устав на Народна Република Кина:

„Член 3. Државните органи на Народна Република Кина го применуваат принципот на демократски централизам. Националниот народен конгрес и локалните народни конгреси на различни нивоа се институциолизирани преку демократски избори. Тие се одговорни пред народот и подложни на нивен надзор. Сите административни, судски и обвинителски органи на државата се создадени од народните конгреси на коишто тие одговараат и под чиј надзор тие работат. Поделбата на функциите и овластувањата помеѓу централните и локалните државни органи се води од принципот на давање целосна улога на иницијативноста и ентузијазмот на локалните власти под обединетото лидерство на централните власти.“

Идејата на демократскиот централизам е пренесена во врховноста на Националниот народен конгрес, којшто ги претставува кинеските граѓани и практикува законодавна власт во „нивен“ бенефит. Други овластувања, вклучително овластувањето да се назначува шеф на државата и шеф на владата, се исто така доделени на ова тело. Ова дури изгледа помалку демократски и од политичкиот систем на империјалистичките Соединети Американски Држави каде 100 члениот Сенат нема овластување да назначува шеф на држава.

Да ја испитаме државната структура воспоставена со Руската револуција. Секои 1000 градски граѓани имале претставник од еден делегат во нивниот локален совет. Овој локален совет бил одговорен за управување на локалните работи во градот. Потоа, локалните совети испраќале делегати за Серускиот конгрес на совети, еден делегат на 25 000 граѓани од градот и еден делегат на 125 000 жители од руралните средини. Серускиот конгрес не одржувал континуирани состаноци. Се состанувал неколку пати годишно и избирал Централен извршен комитет којшто од друга страна избирал 17 комесари кои ја формирале владата.

Очигледно ова е многу хиерархиски систем направен да биде доминиран од организираната авангарда. Секој изборен систем е аристократски и тежнее да го концентрира влијанието на една добро организирана и дисциплинирана партија. Во хиерархиски систем со индиректни избори овој аристократизам е интензивиран. Да ги разгледаме факторите коишто го контролираат партиското влијание во еден таков систем. На секое ниво на избори потребни се два чекори: 1) Едно лице мора да биде номинирано и 2) Тие мора потоа да успеат да бидат избрани.

Јасно е дека ако се земе предвид случаен непартиски граѓанин и случаен член на болшевичката партија, членот на болшевичката партија е многу поверојатно да биде номиниран како кандидат за избор. Потоа, имајќи предвид дека првичната репутација на болшевичката партија е природно висока, членот на болшевичката партија е поверојатно да победи на изборите отколку еден независен случаен непартиски граѓанин кој се натреварува со него. Да претпоставиме дека еден член на болшевичката партија е 50 пати поверојатно да биде номиниран и 4 пати поверојатно да биде избран ако е номиниран отколку еден случаен непартиски граѓанин. Ова би резултирало со 200 пати повеќе претставници на членови од болшевичката партија во локалните совети споредено со нивното членство во популацијата. Според тоа, ако болшевичката партија имала еден член на илјада руски граѓани, тие веќе би имале 20% од локалните совети. Истиот процес на концентрирање оперира на секое ниво на избори, зголемувајќи го сразмерот на партиските членови како што ние се искачуваме по хиерархијата до врвот, каде Советот на народни комесари бил составен 100% од болшевичките партиски членови. Оваа хиерархиска концентрација се случила во 1918 година пред избивање на Граѓанската војна. Бидејќи владата била доминирана од една партија, единствената реална политичка дебата се случувала во рамките на таа партија и ако таа партија се почувствувала загрозена, би можела да ја искористи својата централна власт да ги забрани опозициските групи и дури внатрепартиските фракции. Ленин наредил на Десеттиот партиски конгрес дека сите фракции мора да бидат распуштени и секој кој се противи на партиските одлуки да биде казнуван. Макар тоа биле членови на Централниот комитет на неговата партија. Имаме случај кога Ленин сосема автократски бил спремен да се спротивстави на мнозински донесените одлуки во Централниот комитет, па за време на кризата на Викжел во почетокот на ноември 1917 година Ленин се заканил: „дека ќе прибегне на вооружена помош од морнарите во Кронштад“.

Ова одземање на извршната власт од советите било неминовно напуштање на Марксовиот концепт на диктатура на пролетаријатот. Претходно познати како партиципативни органи на работничката класна власт, советите сè повеќе биле маргинализирани после падот на поддршката за болшевиците во врска со демобилизацијата на царистичката армија. После големите успеси за левите социјалистички револуционери на изборите во пролетта 1918 година, кога тие добиле право да управуваат со Тула, Јарославл, Кострома, Сормово, Брианск и Ижевск, сите овие совети биле затворени со сила од страна на болшевиците.

Фабричките комитети, за коишто предоктомвриската болшевичка партија барала „сета власт“, биле распуштени и било одново воведена управа од еден човек, директор. Во 1918 година, Троцки го укинал изборот на армиски офицери и одново вовел салутирање, привилегии, одделни апартмани и смртна казна. Ленин и Троцки сметале дека слободната дебата, индустриската демократија и барањето отчет од властите се неефикасни, непрактични и непотребни после една (нецелосна) социјалистичка револуција – Троцки аргументирал дека внатрешната борба во армијата била „неможна“ врз основа на тоа дека нејзиниот социолошки состав бил од сличен карактер со тој на советите. Наскоро менаџерите почнале сами „да се избираат“ во советите како претставници на болшевичката партија.

Енгелс забележал дека историска иронија било тоа што заговорничките бланкисти кои, доаѓајќи на власт во Париз, дале најголем напор да се демократизира Франција. Да ја сфатиме оваа иронија, треба да ја земеме за пример болшевичката партија, која само номинално посветена на демократскиот дух на Париската комуна, за неколку месеци откако доаѓа на власт „морала“ да воспостави високо аристократски поредок, партија која подоцна го следи патот а одбележан претходно од англиските и француските револуции кон револуционерна монархија.

На крајот постои општа тенденција на државите со кабинет на министри или комесари, многу од кои ќе бидат политички „големи ѕверки“, да бараат премиер, шеф или каков и да е неговиот официјален назив, кој може да ги пробие застоите кои може да се појават кога моќните министри се расправаат и кој може да наметне директиви на владата. Бидејќи советскиот аристократски модел на власт осигурил дека би постоел еден таков кабинет, истиот би можел само да биде стабилен со врховен лидер. Доаѓањето на Сталин на власт се должи токму на ова. Со оглед на револуционерниот аристократски карактер на советската држава, со кабинетска влада составена од многу способни, одлучни и интелигентни луѓе, се појавиле расправии и сојузи, коишто единствено можеле да бидат стабилизирани со појавата на еден единствен лидер.

Доминацијата на една индивидуа може да даде самоволно и погрешно лидерство. Карактерните црти на лидерот може да имаат голем импакт. Ексцентричното однесување е најголемата слабост во потпирањето на една индивидуа. Постои мудрост во народот којашто е тешко за едно лице да ја артикулира. Еден голем претставнички урнек на граѓани кои заеднички одлучуваат ќе бидат и многу повеќе доследни и подоследно во право отколку што би била една личност.

Понатаму, дури ако еден лидер е паметен и непокорлив, што се случува кога тој ќе умре или ќе се пензионира? Што гарантира дека неговиот наследник нема да заземе спротивен курс на политика? Треба само да се потсетиме на 180 степениот пресврт во политиката во Кина кога Денг дојде на власт по смртта на Мао. Во систем кој концентрира голема власт во врвот, треба само еден лидер со радикално различно гледиште како Горбачов за да цел политички курс следен од претходни лидери од Ленин преку Сталин до Брежнев да биде сменет. Во општество навикнато да следи централизирани директиви и во кое преовладувачкото мнозинство на социјалистички активисти потекнувале од редовите на Комунистичката партија, и според тоа склони на партиска дисциплина, било многу тешко да се појави социјалистичка опозиција на Горбачовата смена на политичкиот курс кон либерализам за капиталот.

„Комунистичките“ лидери не биле слепи за опасностите со коишто нивниот систем се соочувал. Тие биле свесни дека една револуционерна аристократија би можела да дегенерира во бирократија или олигархија, што е случај денес со КПК, која прима богаташи како свои членови и на чело на партијата поставува капиталист чии банкарски сметки тежат милијарди. Во случајот на Троцки или Мао, околу оваа опасност тие станале свесни кога тие биле исклучени од внатрешниот круг на власта, или перманентно или привремено.

Мао, како Сталин, се обидел да делува против партиската олигархија, во неговиот случај преку културната револуција. Ова имало снажност што таа била заснована на масовно ниво на политичко учество од страна на народот, особено младите луѓе, отколку да биде ограничено на дебати во рамките на партиската врхушка. Како последица во текот на неколку години Културната револуција произвела реални ефекти во смисла на повисоки нивоа на политичка активност на народот и ограничување на моќта на партиската елита.

Ние досега видовме како навидум високо демократски систем на избори преку совети фактички бил склон да води кон монополизација на власта од страна на една политичка партија. Во природата на самиот советски политички систем било да делува како нелинеарен засилувач, зголемувајќи едно мало преовладување на група во прекумерно преовладување на таа група.

КПК како германските социјалдемократи, како Марксовата првобитна комунистичка партија и како болшевичката партија била авангардно групирање. Таа ги мобилизирала најкласно свесните, наједуцираните и политички свесни работници и ги соединила во секција на револуционерни интелектуалци. Таа била аристократска организација во нејзината најдобра смисла, оригиналната грчка смисла во којашто аристократијата имала значење на владеење од аристите, најдобрите. Таа била групирање на најспособните и најодлучните поединци. Пред доаѓањето на власт, оваа група била исто така меѓу најдобрата во морална смисла. Оние кои се придружиле на болшевичката партија или КПК преземале реален ризик по својата лична безбедност со цел да им угодат на мнозинството сонародници. Тие се соочувале со изгледот да бидат затворени или прогонети во Сибир ако нивните активности бидат забележани од царистичката тајна полиција, или во случајот на КПК да бидат тероризирани од војската на Чанг Кај-шек по смртта на Сун Јат-сен (Шангајскиот масакр на 5000 комунисти од 1927, во Пекинг 19 водечки комунисти биле убиени од Чанг Цо-лин, додека во Чангша силите на Хе Џианс со митралези убиле стотици рурални комунисти. Тој мај, десетици илјади комунисти и нивни симпатизери биле убиени од националистите, поради што КПК изгубила приближно 15 000 од своите 25 членови). Но, после револуцијата работите се измениле, советската република станала првата реализација на Платоновата идеја за република владеана од филозофска аристократија. Работничките филозофи станале владеачи, тие станале политичка класа и во СССР и во НРК.

Исто така мораме да сфатиме дека мотивите за и против зачленување во КПК биле преобразени штом партијата дошла на власт. Пред доаѓањето на власт на КПК, луѓето се зачленувале ризикувајќи си го животот. Сега, партиското членство стана услов без којшто не може да се напредува на професионално ниво. Се појавил номенклатурен систем во којшто одредени позиции би можеле да бидат единствено пополнети од кандидати на соодветно ниво на стаж во КПК. Наместо да биде опасно, зачленувањето во КПК станало рута до подобар живот и секој кариерист бил природно вовлечен во неа.

Најбогатиот кинески капиталист Лианг Венген, инаку кандидат за Централниот комитет на комунистичката партија на Кина, чесно си признал: „Мојата сопственост, дури мојот живот, припаѓаат на Партијата“, одговарајќи на прашањето на новинарите околу судирот помеѓу интересите на партијата и него самиот како бизнисмен. Но, просто не постои судир помеѓу партијата и бизнисмените. Напротив, постои многу скапоцена кохезија за која укажуваат сите докази. Нивните интереси се истоветни бидејќи и партијата има душа на капитал и нејзината желба е оплодување на вредноста. „Каде што самата држава е капиталистички производител, како во експлоатацијата на рудници, шуми, итн., нејзиниот производ е стока и оттука ја поседува специфичната особина на секоја друга стока“ (Маркс).

Аристотел учел дека аристократиите имаат природна тенденција да дегенерираат во себеуслужувачки олигархии. Оваа лекција научен пред повеќе од две илјади години, се разбира, се применила во СССР и НРК. Да не биле периодичните партиски чистки, коишто се случувале под Сталин и Мао, многу од сениорските партиски лица би биле среќни бидејќи штом започнале да одат по хиерархијата тие можеле пред себе да видат јасно напредување кон врвот. Но, чистките го направиле ова сигурно напредување опасна „игра на тронови“. Во секој момент тие можеле да бидат обвинети од работничката класа и партиските другари како антипартијци или троцкистички отпадници. Тоа значело Гулаг, присилен труд на село или смрт. Ако чистките, како Маовата пролетерска културна револуција, му обезбедиле на пролетаријатот сурова и директна контрола над аристократијата, тоа било контрола којашто не можела да преживее на долг рок. Со смртта на Сталин и Мао, партиската олигархија на Хрушчов и Денг ажурно делувале да стави крај на таквите опасности. Транзициските лидери лојални на традициите на мртвите кралеви, Берија и Хуа Гуофенг, биле брзо отстранети за да бидат заменети од Хрушчов и Денг.

Leave a comment