И „Левица“ за даночна експлоатација на работниците

IMG_20161111_190112Од соопштението на Левица гледаме дека ниту оваа партија не може да излезе од рамките на буржоаскиот ум на резонирање околу значењето на даноците. И Левица очигледно мора да сфати колку е важно работниците да НЕ плаќаат даноци.

Левица не сфаќа дека примарната експлоатација на работниците од страна на газдите со одземање на работничкиот вишок труд не е спречена со даночењето на добивката на газдите, бидејќи неоправдано дел од таа добивка сепак останува да биде конзумирана според каприците и ќефот на буржоазијата, а дел од таа добивка со данокот е ставен на располагање на бирократијата од која работниците треба да очекуваат некакви повратни услуги. Политичкото лицемерие на Левица е очигледно кога бранејќи ги ситните земјоделци против владиниот персонален данок нема ништо против персоналниот данок на работниците во индустријата, како и данокот на новата додадена вредност.

Мора Левица да биде прашана: Откако вистинските економски односи се одамна разјаснети, односно дека новата вредност е создадена од работниците на сметка на нивната цена на труд, а којашто е присвоена од газдите како профит кога производот е продаден. Тогаш се поставува вистинското прашање, ако даночењето е враќање на одреден дел од овој вишок труд назад кон општеството и според тоа кон трудот, зошто наместо индиректно преку доверување за распределба на овој даночен вишок труд кај бирократската класа, туку директно не го вратиме преку поопштествување на средствата за производство и нивно самоуправно доверување кај работниците?

Не само што Левица ја превидува примарната експлоатација туку и нема ништо против секундарната експлоатација на работниците којашто настанува кога владата преку даночниот систем присвојува дел од платите на работниците. Најдобра даночна реформа којашто една вистинска левичарска партија би ја предложила во име на социјалната држава дефинирана во Устав е укинување на даноците за работничките плати. Во тој случај, како би требало да изгледа еден правичен данок на доход? Ако распределбата на личните приходи е во основа егалитарна, под претпоставка дека примарната експлоатација е укината, случајот за прогресивен данок отпаѓа! Најправичниот систем испаѓа дека е рамен данок, или одреден број на трудови ваучери месечно или годишно по заработувач.

Терцијалната експлоатација на работниците е овоплотена преку данокот на додадена вредност којшто го прибира државата. Германскиот термин за овој данок е Mehrwertsteur кој се преведува случајно како „данок на вишок на вредност“, истакнувајќи ја многу добро економската цел на овој данок од гледна точка на марксизмот. Според Маркс, вишокот на вредност е новата вредност создадена од работниците на сметка на нивната цена на труд, којашто е присвоена од газдите како профит кога производот е продаден. Затоа една вистинска левичарска партија искрено би побарала укинување на ДДВ.

„Модерната држава, каков и да е нејзиниот облик, во суштина е капиталистичка машина, држава на капиталистите, идеален колективен капиталист. Колку повеќе производствени сили таа презема во своја сопственост, толку повеќе станува вистински колективен капиталист, толку повеќе државјани експлоатира. Работниците остануваат наемни работници“, пишува Енгелс во „Анти-Диринг“.

Нема ништо левичарско во класниот профил на прогресивното оданочување на доходот. Вистинските левичари не се крстат на прогресивен данок на добивка, богатство, наследство и недвижности. Бидејќи газдите можат да ги продаваат стоките за поголема вредност отколку што исплатуваат во плати за работниците, газдите ќе останат побогати и помоќни во однос на работниците и бидејќи газдите имаат повеќе пари од работниците поради овој факт, тие можат да ги употребат овие пари за да вработат работници да работат за плати и овој процес на наемно ропство произлезено од приватната сопственост над земја и машини е суштинската причина за разлика помеѓу богатите и сиромашните.

Затоа лицемери се сите левичари кои го бранат прогресивниот данок на доход против рамниот данок во услови на приватизирана економија. Се остава богаташката класа да си постои на грбот на наемното ропство против работниците. Исто како што рамниот данок во услови на нееукинато наемно ропство е политичко лицемерие. Како што рамниот данок е неправичен во услови на приватно производство така и прогресивниот данок е неправичен во услови на приватното производство. Не постои суштинска разлика помеѓу рамниот данок и прогресивниот данок во услови на примарна експлоатација. Нивната апологија на прогресивен данок на доход во услови на примарна експлоатација е само лицемерно буржоаско морализирање! Вистински левичарски данок на доход е само рамниот данок во услови на економски обезглавена капиталистичка класа.

Advertisements