За каква „демократија“ се борат власта и опозицијата

397434_315324288587947_17221780_n

Првично објавено на: 6 Март 2008 на http://www.zahovistika.blog.com.mk

Во општество базирано на приватна сопственост над средствата за производство, кога се работи за демократија, воопшто не може да станува збор за истата. Зошто? Кој сопственик на средства за производство и животни намирници би дозволил да луѓето демократски одлучуваат за нешто што се однесува до тие средства за производство и живеење?! Се разбира, никој.

И покрај сето раскошно вашарско шаренило, покрај сета циркуска врева и помпезност, парламентарната „демократија“ постои само за капиталистите. Се‘ друго што се зборува е само шарена лага за наивни. Дури ни своите основни начела што капиталистичката класа ги прокламира се лага. Погледајте! Приватна сопственост! Во секој документ пишува дека секому се гарантира правото на приватна сопственост. А што се случува?! Ви се одзема таа сопственост на милијарда начини – со даноци, превисоки сметки, со такси, „услуги“ кои ништо не значат (како регистрација на возило), „заробување“ на штедни влогови, банкроти, директно отимање секаде каде нема сопственик кој во моментот може да се спротивстави, фалсификување документи, разни притисоци со кои луѓето се присилуваат да се откажат од некои свои права и разни други махинации кои имаат за цел да обезбедат „премин на сопственоста од едни во други раце“. Тоа е граѓанското „гарантирање на правото на приватна сопственост“.

Општество кое го промовира приватниот интерес како основно начело на својата општествена организираност не може да обезбеди демократија. Напротив, тоа се претвора во „бојно поле на борбата на сите против сите“ за која зборува уште Томас Хобс. Само што тој таа состојба ја сместува во историјата пред појавата на државата, а таа всушност трае се‘ додека постои стоковното производство. „Единството“ што денес привидно постои во и меѓу некои земји е само илузија, како што е илузија и самото граѓанско општество. Но, на штета на народот, некои илузии траат и премногу долго.

Француската буржоаска револуција (1789), најславна од сите буржоаски револуции, се остваруваше под мотото: „Слобода, еднаквост, братство“, но не донесе ништо од тоа. Конференцијата за европска безбедност и сигурност декретираше неменливост на границите за да границите постанат денес нешто најнестабилно. И кои снаги го остваруваат тоа?! Поразените снаги од анти-хитлеровската коалиција со исти методи како и Хитлер: лажење, насилство, терор. И светската капиталистичка класа не го гледа тоа. За неа е најважен профитот. Се‘ што е профитабилно, тоа е и морално. И дрогата, проституцијата, криминалот, војните, експлоатацијата на трудот… Навистина, „демократија“ за капиталистите: да се полнат џебовите, да се зголемува богатството на секој можен начин, да се зголемува сиромаштвото и страдањето на работникот и никој за тоа да не одговара. „Демократија“ по мерка која изрично допушта „мали дела на насилство“ на господарите над слугите, но на слугите под кривична казна им забранува да се бранат со сила од малтретирањата од господарите, освен во случај на опасност по животот или здравјето!

Во граѓанското општество не постојат правилници кои толку цинички ја фаворизираат капиталистичката класа. Во него сите се слободни, еднакви и рамноправни. Се разбира, во склад со имотната положба – колку сте богат, толку сте слободен. Орвел во „Животинска фарма“ знае да алудира против „социјализмот“, за кој и не гледа дека не е социјалистички, дека „сите се еднакви и рамноправни, но некои се порамноправни“, но заборава да каже дека тоа се однесува на капиталистичкото општество. Денес се гледа на кого Орвел „мислел“, ако воопшто мислел, откога „социјализмот“(!) пропадна. „Порамноправните“ си останаа и во граѓанското како што беа и во „социјалистичкото“ општество. Дури денес се уште повеќе рамноправни, бидејќи никој не може да им каже дека не водат сметка за некаков „комунистички“ морал за кој во „социјализмот“, сепак донекаде се водеше сметка.

Човек мора да се запраша: Зошто во граѓанското општество во кое со устав се гарантираат сите права и слободи на човекот, сепак правдата е недостижна, слободата е празна и бесмислена, а приватната сопственост несигурна? Во „општество“ кое се базира на апстрактна категорија – разменска вредност – не може да биде поинаку. Разменската вредност има оправдување во примената на општествениот развој само дотогаш додека ги развива средствата за производство. Првата општа криза е знак за занемарување на истата и продолжување на понатамошниот развој на научни основи. Тие не постојат се‘ до појавата на Маркс и Енгелс. Со нивната појава исполнети се сите услови за научно организирање на општествениот развој. Ниту еден боржуаски „научник“ не успеал да ги побие нивните научни заклучоци. Тие не се ни обидувале. Постоеле тврдења од разни нивни противници, но тие се само голи тврдења без аргументи, како и денес. Иако многумина денес тврдат дека Маркс погрешил, со ниту еден збор не е докажано во што погрешил тој. Спротивно, тие тврдења се само докази дека нивните автори не го познаваат марксизмот и не се способни за никаква анализа на општествените проблеми.

Парламентарната „демократија“ дава некој привид на демократичност заради тоа што навидум човек е слободен да каже што сака и да прави што сака, само ако со тоа не ги крши истите права на другите. Меѓутоа кога ќе видите дека тие „права“ не можете никако да ги искористите ако немате доволно пари, ќе утврдите дека и нема некоја демократија во граѓанското општество. Тој систем – граѓанско општество – не нуди никаква демократија, што е сосема разбирливо со обѕир на тоа дека се темели на приватна сопственост над средствата за производство. Во таков систем секој кој нема средства за производство или живеење во приватна сопственост, мора да работи кај оние кои ги имаат или е лумпенпролетер, односно член на индустриската резервна армија. Ако работи – тој е наемен роб, ако не работи – тој е кандидат на смртта. А наемното ропство е најтежок облик на ропство: немаш никакви средства за живот и никој „не е виновен“ што ќе умреш од глад, болест, студ, што ќе те искасапат трговци со делови од човечко тело, што ќе те убие секоја будала, која мисли дека ќе има некоја корист од тоа. И апологетите на граѓанското општество настојуваат тој систем да го афирмираат како „најдобар од сите можни добри системи“. Навистина колку треба да биде човек глуп или наивен па да им верува.

Не е работата во навредувањето, но будалите доволно несреќа нанеле на светот до денес. И не треба воопшто да се губи време во празни разговори со нив. Ако некој не е способен да се издигне барем приближно на нивото на прогресивната мисла, нека не ги влече или турка луѓето во калиштата на класната поделеност. Време е да им се стави крај на глупостите, па било кој да е носител на истите. „Демократија“ која не води сметка за егзистенцијалните проблеми на луѓето – не е демократија. Парламентарната „демократија“ не решила ниту еден проблем до денес и на сите нејзини поборници треба да им се каже да престанат да ја наметнуваат на луѓето како панацеја. Нека си ја чуваат за себе. Таа треба да се фрли на ѓубриштето на историјата каде што единствено припаѓа. Луѓето кои настојуваат се‘ да стават во свој џеб или во свои раце најмалку можат да бидат носители на демократија.