Зошто казнувањето не е решение против криминалот

Мас-медиумите секојдневно известуваат за разни криминални дела на поединци и групи против имотот на државата и поединецот. Од соопштеното јавноста треба да сфати дека државата со своите инструменти настојува да спречи секакво криминално постапување и да граѓаните осетат дека живеат во сигурно општество. Меѓутоа слабо фајде од настојувањето на државата. Криминалот и понатаму е во пораст. Не така одамна еден американски функционер советуваше на македонските раководни луѓе дека во почетокот треба да толерираат и криминално постапување на поединци во спроведсувањето на приватизацијата. Советот беше прифатен и се спроведе, и уште се спроведува криминална приватизација. Но, не се корените на криминалот во тоа.

Ги потсетуваме властодршците во спроведувањето на нивната антикриминална политика дека во недамнешна историја на Западот се сечеа делови на телото или се одземаа и животи на криминалците, но криминалот и понатаму остануваше. Денес истото се прави во Кина и во сите муслимански земји, но криминалот постои и понатаму. Кое е решението?

„Во разумно организирано општество може да краде само умно пореметено лице“, вели Маркс. Властодршците на сите начини нè убедуваат дека денешното општество е „разумно организирано“ и   дека е „најдобро од сите можни добри општества“. Ако ги земеме овие тврдења за точни, тогаш властодршците немаат морално право да ги осудуваат криминалците. А бидејќи тие ги осудуваат – тогаш тврдењата не се точни.

Со изнесените заклучувања и тврдења не го браниме криминалот и криминалците туку сакаме да најдеме научно решение на проблемот. „Од Адама и Ева па до денес казната ниту го заплашила ниту го поправила светот“, вели Маркс. Од изнесеното мора да се сфати дека не е решение казнувањето. Решение е во спротивна економска политика од онаа што се спроведува во цел свет – укинување на стоковното стопанисување и премин на планско производство.

Денешното стоковно стопанисување во многу потсетува на некое племе од книгата на Јенс Бјере „Последните човекојадци“ каде тој наведува случај на племе во џунглите на Индонезија во кое луѓето не ги закопуваат своите покојници, туку ги држат во шуплините на дрвјата во исправена положба, надевајќи се дека ќе им се врати духот кој некаде одлутал додека тие спиеле. Дури за тоа време им носат и јадење. Ни најмалку тоа не е чудно кога истото, во нешто изменет облик, се случува и кај нас, кои се сметаме за цивилизирани. Зарем и на нашите гробишта не се носат секакви „понуди“ за покојниците! Но, да се вратиме…

„Стоковно-паричното стопанисување е највисок облик на капиталистичко стопанисување“ (Маркс) и дојдено е одамна времето за негово укинување. Но, како да се изврши тоа? Прашањето е непотребно бидејќи одговорот одамна е познат. Прво, на секого му е познато дека внатре во заедницата не се врши размена. „Размената почнува на границата на заедницата, на додирот на две заедници. А потоа таа продира во заедницата и ја разјадува како црв дрвото… Заедницата се распаѓа на толку заедници колку во неа има возрасни поединци кои се во единство како компирите во вреќата. Штом се скине вреќата – компирите се растураат“ (Маркс). Значи привидно, лажно е секое национално, верско, класно или расно единство, сè додека постои стоковно производство. Тоа историјата го покажала до денес и го покажува и денес. Зарем во две светски војни не војуваа христијани меѓу себе! Зарем денес во разни земји не војуваат верници меѓу себе! Впрочем марксизмот, како атеистичка наука, е укинат секаде во светот и само по некој ентузијаст навраќа до Маркс-Енгелсовите дела (Во понатамошниот текст МЕД), и никој не може  ни да помисли дека атеистите се виновни денес за некое зло во светот. Впрочем марксизмот воопшто не е атеистички. Тој никому не брани да верува во бога. Тој само проповеда дека никој не треба да јаде леб без работа во производството. А свештениците токму тоа го прават, иако Исус рекол на апостолите: „Бадијала примавте, бадијала и давајте…“ Кој свештеник денес ќе промрмори и еден збор ако не му се даде некоја паричка во рака, или ако не се остави пред иконата, која пак не е во склад со Библијата. Не. Не е воопшто во склад со Десетте Божји заповеди.

Ако не се познава суштината на некое учење, ако се држи само до „словото“, тоа е доволна причина луѓето да се испотепаат меѓусебно. Библијата учи на љубов, на взаемно внимание и почитување а што сè се има случувано во историјата токму за „името божје“! Инквизицијата, крстоносните војни, колонизацијата на светот, двете светски војни, локалните војни денес (чиј главен режисер е владата на С.А.Д.), да не зборуваме за „војната на сите против сите“ која се води во цел свет од воспоставувањето на приватната сопственост на средствата за производство. Таа е непрекидна и се води дури и меѓу родени браќа, за што постои анегдота во српското народно творештво по која „мајката на синот душман му раѓа“. Тоа го потврдува и судската пракса која до денес морала да пресудува за многу убиства меѓу родени браќа.

Стоковното стопанисување се укинува самото себе секојдневно а што постои и понатаму за тоа е виновна приватната сопственост над сретствата за производство. И што е најинтересно тоа е фактот дека со средствата во општествена сопственост може да се произведат доволно средства за „приватен“ живот, во приватна сопственост, за одржување на животот, додека со средствата за производство во приватна сопственост тоа не е можно. На ова може некој да каже дека беше едно време кога средствата за производство беа во општествена сопственост и да мисли на времето кога постоеја „социјалистички“ држави. Таквото тврдење противречи на марксизмот бидејќи според марксизмот каде што постои општествена сопственост нема потреба од стоковно производство. Докажано е и горе во тврдењето дека „размената почнува таму каде што заедницата престанува, на додирот на две заедници…“ И од обичното секојдневие се гледа вистинитоста на горните тврдења бидејќи ниту во една вистинска заедница не се применува стоковно-парично стопанисување. Ниту во една фамилија не се применуваат парични „пресметки“ во секојдневните односи. Исто е во секое селско домаќинство кое е воедно и производна единица за себе. А таму каде се применуваат, таквата фамилија „не може да се смета за просечна фамилијарна заедница како што не се смета фамилијата на некој манчестерски фабрички работник во која децата, штом станат способни за работа, им плаќаат на родителите за стан и храна бидејќи родителската куќа ја сметаат само за куќа за прехрана и сместување“ (МЕД, Том 4, стр. 28). За ваков наведен случај постојат информации и за денешни услови во Швајцарија каде гостот си го плаќа кафето кај домаќините каде дошол на гости, но тоа не може да се смета за нормален однос меѓу луѓето.

Властодршците не сакаат да увидат дека не можат да воведат „ред“ со остри казни и со задржување на стоковното стопанисување бидејќи тоа е хаотично. Ред се воведува само со средување на материјалното производство во кое секој може да „работи според способностите“ а бидејќи „секој може да произведе повеќе отколку што му треба“ тогаш и „секој троши според потребите“. Потсетуваме дека во секоја фамилија се сочувани наведените принципи а пресметките во пари се применуваат само во однос со надворешните заедници. Тоа е она за што Маркс вели со потсмев: „Во граѓанското општество секој својата општествена моќ и поврзаност со општеството ја носи во џебот“ (МЕД, Том19, стр. 162).

Неизбежно е денес да се укине приватната сопственост над средствата за производство и чисто заради една природна причина. Со растењето и стареењето се менува работната способност кај секој човек и тоа наметнува да човек, во склад со тие промени, го менува и работното место како би била искористена во целост неговата работна способност. За наведеното никој не води сметка иако „најголемиот“ капиталист во САД, сопственикот на Џенерал Моторс, ни оставил податок во неговите мемоари каде може да работи во производството на автомобили човек без очи, без раце или без нозе. Се разбира, ако е со здрав ум. Значи физичкиот инвалидитет и староста не се причини да човек не може да работи во производството. Во таков случај се укинува и „службата“ за пензиско и инвалидско осигурување и лицата од неа се вработуваат – сега вистински – во производството. Во таков случај „ќе крадат само умно пореметените“ на кои им е потребна лекарска (психијатријска) помош а не бесмислени судски процеси и строги затворски казни, кои ништо не помагаат.

Со поопштествувањето на средствата за производство и организирање на планско производство „општеството ја наоѓа својата рамнотежа  вртејќи се околу сонцето на трудот“, во кој случај ќе има и сè помалку лудаци кои сами ќе се откриваат со своите бесмислени постапки и за кои нема да постојат скапите служби за спречување на крадењето, детективските агенции за откривање, судските персонали и установи за казнување. Денес сето тоа постои само за тоа што некој „не е способен да сфати дека се може без пари“ и покрај сета очебијност на тој факт во сите услови и во секоја средина. До кога ли општеството ќе страда заради учените глупаци  (К.Чапек) кои не се способни да сфатат „она што и на мало дете му е јасно“ како се вели во Библијата.

 

Лазар Гогов

28 март 2014