Лошите економски советници на нашиот премиер и другар Заев

61829374

„Да се плаќат даноци е големо предавство. Одбивањето да се плаќаат даноци е примарна должност на секој граѓанин!“ (Маркс)

Директната последица од покачен данок на потрошувачка е и треба да биде – според државата како оданочувач – повишени цени на таргетираните услуги и стоки. Во овој поглед акцизата има поголеми долгорочни последици и од општиот потрошувачки данок. Акцизата на дизелот ќе ги истисне потрошувачите од македонскиот пазар и ќе ги натера да влезат во друг, како што е случајот со грчките потрошувачи кои точат дизел кај нас или македонските купувачи на коли на дизел од бугарскиот пазар. Акцизата, нормално, на крајот, секогаш ќе предизвикува покачена релативна цена на оданочениот дизел. Оваа заблуда на владата околу ефикасноста на акцизата произлегува од верувањето дека данокот на производство или продажни стоки и услуги ја зголемува производствената цена и оттука како таква е префрлена како зголемена цена за потрошувачот.

Акцизата на дизелот има за цел да го казни производството на дизелот како нееколошко производство, како и да ги казни потрошувачите на нееколошкото гориво, односно акцизата има за цел да изврши притисок врз производителите и потрошувачите да го напуштат производството и потрошувачката и да произведуваат и трошат еколошко гориво. Намалувањето на производството или понудата на дизел поради акцизата, нормално, ќе ја покачи пазарната цена на истото, што е и целта на државата.

Бидејќи, хипотетички, понудата на дизел во оваа оданочена индустрија би требало да стане прекумерно ниска, а продажната цена на дизелот превисока, понудата на еколошко гориво би требало да стане прекумерно голема, а неговата цена на производство прениска. Но, единствената рафинерија за биогориво во Македонија, отворена во 2007 год., е монополски поседувана од приватната компанија Макпетрол и има годишен производствен капацитет од само 30 илјади тони. Бидејќи, до 2020, производството на биогориво во државата ќе порасне до 10% според проекциите на владата, соодветно ќе порасне и цената на маслодајната репка од којашто се искористува нерафинираното масло за производство на биогориво, што е светски ценовен тренд, со страшни последици по земјите од Третиот свет.

Ако програмската цел на владата на другарот Заев е живот во Македонија, зарем би влијаела негативно врз цената на земјоделските производи со стимулирањето на производството на биогориво од маслодајна репка, којашто кај нас се користи за ротација на садење одредена култура (на иста површина во текот на 3-4 години)? Ова ценовно истиснување на маслодајната репка од ротацијата на култура би предизвикало обратен, нееколошки процес што е спротивно на целта на една ротација на култура, односно таа се применува во земјоделството како би земјиштето се исцрпувало што помалку и би се избегнале штетници и болести. Со садењето на маслодајна репка се овозможува задржување рамнотежа во хранливите материи во земјата. А, ова е особено значајно кај поголемите земјоделски површини, каде што се одгледуваат монокултури.

Една вистинска левичарска влада ќе ги отфрли и дизелот и биогоривото и електричната кола и ќе стимулира јавен транспорт и безбедносни велосипедски патеки[1]. Но, без да го укинеме капиталистичкиот начин на производство и преминеме на планирана економија, ние никогаш нема да го заобиколиме ценовниот ефект на понудата и побарувачката. Ова е тотална економска вистина и за електричната алтернатива на транспортот. Уште во 1900 година, 38% од американските автомобили се движеле на електрична струја. Причината што електричната кола исчезнала од пазарот е што не може да се натпреварува со бензинот, бидејќи цената на производство на бензин е пониска, но и поради изумот на масовно автомобилско производство од страна на Хенри Форд. Големите суми на субвенции за електрични коли од страна на холанската влада јасно ни покажува дека, сепак, електричната кола никако не е во состојба да биде конкурентна на колата што се движи на бензин или дизел, во капитализмот. Сумирано, капитализмот е пречка за отфрлањето на дизелот, а акцизата како што покажавме е немоќна да се справи со тоа.

Се гледа од горе наведеното објаснување на акцизата дека аргументите на Бранимир Јовановиќ во одбрана на акцизата си противречат едни на други. Според него, дизелот кај нас е најевтин во регионот, но од друга страна тврди дека со акцизата „најмногу ќе ги погоди побогатите“, бидејќи „возат повеќе“, што е уште една ноторна лага, бидејќи во сообраќајните метежи предизвикани од работничкиот индивидуален и заеднички транспорт повеќе се троши гориво отколку во непречен магистрален сообраќај.

Статистиката дека дури 60 отсто од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил е неточнa, бидејќи забележано е дека во 2013 година 53,4 проценти од домаќинствата поседувале автомобил. Фактот што тој процент се намалил во 2014 на 52,1 повеќе се должи на трошоците за одржување отколку на трошоците за купување автомобил.

Тврди дека „поскапиот дизел“ ќе исходи еколошка алтернатива, но од друга страна вели дека општото ниво на цени ќе порасне за само околу 0.2-0.3%.

Тврди дека коли на „поскап дизел“ најмногу ќе вози богатата класа, бидејќи практично богаташите повеќе возат. Богатата класа, сепак, безгрижно ќе го плати „поскапиот дизел“, и не само тоа, таа како најмалобројна класа не може да загадува повеќе од побројната и послаба економска класа. Покрај тоа, ние досега аргументиравме во прилог на митот за еколошката алтернатива, којшто Бранимир Јовановиќ целосно го превидува.

Ако директната последица од покачената акциза на потрошувачката на дизел е и треба да биде зголемена цена на дизелот, тогаш зошто акцизата не е зголемена според препораката на ЕУ или ако зголемената акциза најмногу ги тангира тие што повеќе возат – а тоа според Бранимир Јовановиќ се богаташите – тогаш зошто истата не е зголемена двоструко, троструко, радикално зголемена или дури целосно не е забранет дизелот?

Бранимир Јовановиќ несвесно признава дека целта на покачената акциза не е стимулирање прибегнување на граѓаните кон „еколошка алтернатива“, туку само кон крадење дополнителни 30 милиони евра за државата. Тврдењето негово за зголемувањето на општото ниво на цени за околу 0.2-0.3% како последица од акцизата на дизелот и разликата во продажната цена меѓу бензинот и дизелот од 15-20% го разоткрива овој данок-заради-данок карактер на акцизата.

Акцизата како данок ги повредува сиромашните потрошувачи како што сите други даноци ги повредуваат, крадејќи ги ресурсите и побарувачките од приватните потрошувачи во корист на државата, и ги повредува потрошувачите и производителите така што ги пореметува пазарните цени и продуктивноста. Патем, Бранимир Јовановиќ наивно признава дека го заслужува жигот на популистички волунтарист, поставувајќи го проблемот за тоа како ќе се потрошат јавните финансии собрани од даноците, а не одговара како ќе се уверат граѓаните дека политичарите чесно и економски бенефитно во јавен интерес ќе ги потрошат овие буџетни средства, посебно, ако тие политичари додека биле во опозиција барале намалување на акцизата, а сега го наложуваат спротивното:

„Во исто време, мора да се смени и перцепцијата на граѓаните, односно тие да стекнат доверба во економските политики, оти ако им земате повисок данок, тие мора да знаат и да одобрат како ќе ги потрошите. Се додека граѓаните не се уверат дека парите од даноци нема да се трошат неразумно за споменици или за плати на партиски луѓе во администрацијата, зголемувањето на даноците нема да биде возможно“, истакна Јовановиќ.

Ако е таков случајот, да граѓаните плаќаат даноци, земајќи го моралот на македонскиот политичар здраво за готово без соодветни непосредни граѓански механизми на контрола над јавната потрошувачка, тогаш „плаќањето даноци е големо предавство. Одбивањето да се плаќаат даноци е примарна должност на секој граѓанин!“ (Маркс)

После капиталистите, државата е најголемиот вампир кој го исцицува трудот на работниците со таканаречениот „данок на додадена вредност“. Драган Тевдовски, Бранимир Јовановиќ колку сакаат нека се нарекуваат левичари, но тие не можат да станат тоа додека не го укинат овој данок на додадена вредност, наместо да се занимаваат со буржоаски игри на лицемерен морализам со покачување на акцизата на дизел од 3 денари! Германскиот термин за овој данок е Mehrwertsteur кој се преведува случајно како „данок на вишок на вредност“, истакнувајќи ја многу добро економската цел на овој данок од гледна точка на марксизмот. Според Маркс, а тоа Драган Тевдовски и Бранимир Јовановиќ треба да го знаат, ако се изјаснуваат за левичари, вишокот на вредност е новата вредност создадена од работниците на сметка на нивната цена на труд, којашто е присвоена од газдите како профит кога производот е продаден.

(Во месец јуни 2017 година откако Зоран Заев дојде на власт, газдите оствариле чист профит од 1 433 932 887 евра (бруто домашниот доход минус компензациите за работниците) или по глава на работодавач 10 885 евра. Работниците добиле плати и осигурување во вредност од само 306 853 998 евра или во просек 549 евра на работник.)

Затоа и на Анѓушев и на Тевдовски и на Јовановиќ од позиција на власт, којашто е државен капиталист наспроти работниците, им се може да изиграваат помодарски левичари. Бранимир Јовановиќ e изрод што го произведе партијата „Левица“. Токму т.н. Президиум на „Левица“ му ги акламираше економските идеи во предизборната програма на партијата. Покачената акциза тој ја поистоветува со левичарење, а што е државата со данокот на додадена вредност, освен колективен капиталист?!

Другарот Заев од плоштадот на Штип на еден митинг за време на предвремените парламентарни избори лани се повика на изградба на систем базиран на социјалистички вредности. Но, министрите Кочо Анѓушев, Драган Тевдовски, Бранимир Јовановиќ се лоши советници и противработнички идеолози и според тоа, тие никогаш нема да му допуштат на нашиот премиер да создаде еден таков систем. Другар Заев, ако бевте искрени во вашата намера да изградите систем заснован на социјалистички вредности, треба да ги тргнете овие антилевичари од вас кои само паразитираат на вашата политичка моќ! Вашиот успех на локалните избори оваа година потврди уште еднаш дека граѓаните сакаат промени и живот во Македонија, но без закон којшто ќе им го признае на 558 599 работници правото над целата додадена вредност којашто нивниот труд ја создава во годината, промените и животот ќе бидат златни чари на политичка лага! Политичката правда – со стрпање на Груевци и Мијалкови в затвор – не може да ја компензира економската неправда која алчните и себични локални богаташи им ја нанесуваат на граѓаните кои без синдикати и синдикални лидери се оставени на милоста и немилоста на овие ладнокрвни газди.

[1] Електричната кола сепак не е еколошка и социјална алтернатива на колата што се движи на дизел или бензин. Електричната кола нема да го намали користењето на коли, односно зависноста од автомобили. Не само што нема да ја намали, туку дури ќе охрабри повеќе луѓе да возат. Електричната кола не е еколошка алтернатива и затоа што не може да го реши сообраќајниот метеж, предизвикувајќи економски губитоци во вредност од милијарди што го сопира слободното движење на луѓето и стоките. Електричната кола нема да ги намали високите стапки на погинати и повредени во сообраќај. Нема да ги намали здравствените и социјалните трошоци на зависност од автомобили. Овие трошоци се неактивност, здебеленост и прерана смрт. Електричната кола не е решение за автомобилската окупација на урбаниот простор. Кога не се во движење, автомобилите зафаќаат огромен урбан простор, и јавен (којшто може да се искористи за одгледување хранливи култури или зелени површини меѓу станбени згради) и приватен простор за гаражи и паркинзи. Внатреградските јавни улици се окупирани од паркирани коли. Автомобилите исто така окупираат простор во форма на патишта и автопати.

Advertisements