Левица прави од наемното ропство норма

Имам неколку сериозни забелешки околу барањата на Левица по однос на работниците во Македонија по повод празникот 1 Мај. Првата се однесува на барањето да се укине нормираниот учинок како би се избегнало – според нив – манипулацијата на газдите околу исплаќањето на минималната плата. Не само што е невозможно да се избегнат манипулациите на газдите во рамките на капиталистичкото производство – како што веќе покажав во случајот со исплаќањето на минималната плата – но уште поважно, барањето за укинување на нормираниот учинок всушност претставува – свесно или несвесно од страна на Левица – нормирање на наемното ропство, без притоа да се осврне на суштината на проблемот, отуѓувањето на вишокот труд од страна на газдите, чија последица е оваа палијативна борба за минимална плата.

Oд гледна точка на критиката на политичката економија, барањето за укинување на нормираниот учинок во рамките на капиталистичкиот начин на производство оди против историската мисија на буржоазијата да акумулира заради акумулирање, да произведува заради производство.

Барањето за договор за вработување на определено време до шест месеци што е ако не тенденција за договор за наемно ропство на неопределено време?!

Намалувањето на работното време од 8 на 7 часа дневно е ниту економично ниту морално барање во услови на неукината разлика меѓу производствениот и непроизводствениот труд, на неукината разлика меѓу мануелниот и интелектуалниот труд!

„Кога сите би морале да работат, би отпаднала спротивноста меѓу претераното работење и безделничење – и тоа секако би било консеквенција на тоа што капиталот би престанал да постои, што производот не би давал повеќе право на туѓ вишок на труд – и ако освен тоа се земе во вид развојот на производствените сили, како што капиталот ги создал, тоа потребниот општествен вишок ќе се произведе за 6 часа, повеќе отколку сега за 12 часа, и воедно сите работници би имале 6 часа „време со кое располагаат“, ќе имаат вистинско богатство; време кое нема да биде апсорбирано со непосредно производствен труд, туку ќе им останува слободно за уживање, за разонода, така што тоа дава простор за слободна дејност и развој. …

Работниците работат по 6 часа преку она што на нив сега им е потребно за нивната сопствена репродукција. … Кога капиталот би престанал, тие би работеле само 6 часа, а безделничарите би морале да работат исто толку. Материјалното богатство за сите би било со тоа намалено на ниво на работниците. Но, сите би имале слободно време за развој.

Работното време останува секогаш, па и тогаш кога разменската вредност се укине, супстанцијата која создава богатство и мерката на трошоците кои ги бара неговото производство. Но, слободното време, времето со кое се располага, е вистинско богатство – делумно за трошење на производите, делумно за слободно делување, кое не е како трудот одредено со принуда на некоја надворешна цел која мора да биде исполнета, чие исполнување е природна неопходност или општествена должност, веќе како се сака.

Се разбира по себе дека самото работно време, поради тоа што ќе биде ограничено на нормална мера, потоа што повеќе не се работи за некој друг, туку за самиот себе, заедно со укинувањето на општествените спротивности меѓу господарот и слугата итн. како вистинска општествена работа, најпосле како основа на слободното време, добива сосема друг послободен карактер и дека работното време на еден човек, кој е воедно и човек кој располага со слободното време, мора да има повисок квалитет од квалитетот на работно животно.“ (Маркс, Теории за вишокот на вредноста)

Барањето за работниците да бидат во управните и надзорните тела на претпријатијата е погрешно доколку истото на крајот има за цел само продолжување на капиталистичкото производство. Кога веќе работниците треба да се направат дел од управните и надзорните тела, тие треба да бидат мнозинството на овие тела на секое претпријатие! Во спротивно, постои опасност некои претпријатија да се обидат да се затворат и да ги отпуштат работниците наместо да продолжат со работата. Оваа индустриска демократија без претходно да им се даде на вработените во претпријатијата целата нова вредност којашто тие ја создаваат е чиста демагогија и популизам на Левица!

Секое општество координирано од пазарна размена е сè уште дисциплинирано од законот на вредноста опишан во Марксовиот Капитал, без оглед на тоа дали работниците се дел или мнозинство во управните и надзорните тела на претпријатијата! Ова значи дека работниците во едно таква индустриска демократија сè уште би морале да ги дисциплинираат своите акции според општествениот просек. Задругите кои работат под општественото потребно работно време (ОПРВ) би присвојувале вредност во размена. Задругите би се натпреварувале да ја модернизираат својата опрема како би го намалиле ОПРВ. А како задругите би ги добиле парите да инвестираат во подобра опрема која штеди труд? Тие би морале да се експлоатираат себе. Односно, колку повеќе пари работниците сакаат да реинвестираат во правењето на својот труд конкурентен, толку помалку тие можат да се платат себе. Не само што работниците би биле дисциплинирани од ОПРВ, тие исто така би се затекнале дисциплинирани од потребата да акумулираат вишок на вредност како би останале конкурентни. Што се случува со работниците во претпријатијата истерани од бизнисот од централизацијата на индустриите? Каде тие го добиваат капиталот за да отворат нови претпријатија? Дали тие мораат да го продаваат својот труд на пазарот?

Претставници на трудот во извршната државна власт не само што е социјалутописко барање во рамки на неосвоена демократска битка од страна на работничката класа против газдите, но и кога би било можно да се реализира ова барање, би се покажало како изопачување на она што би требало да биде претставник на трудот. За иронија, токму Левица изроди таков капиталистички пулен како Бранимир Јовановиќ.

Advertisements