Колозова со погрешна референца против Маркс

AKb2

Профитирање без производство не е можно, согласно на тоа, финансијализацијата е мит, референцата на Колозова да ја објасни кризата погрешна, а Марксовата равенка П-С-П’ реафирмирана!

Неолиберализмот не причина за економската криза која избувна во 2007 година. Неолиберализмот е само помодарски збор што ние го слушаме од мејнстрим левицата. Неолиберализмот ја претставува „опашката, не кучето што ја мае“ како се изразува американскиот марксист и универзитетски професор од Соединетите Американски Држави, Ендру Климан, кој понатака вели: „Карактеризирањето на еден период на капиталистичкиот развој како „неолиберален“ поради тоа не е засновано на факти колку во силна тенденција кон политички детерминизам – идеја дека законите на капитализмот можат да бидат темелно изменети со политичка волја и сила. … Политиката и идеологијата се засновани на и условени од односите на производството коишто се вистинскиот темел на општеството. Оваа идеја беше централно важна за Марксовата „Критика на Готската програма“ и неговите критики на сродни напори да се дадат „политички“ решенија на општествено-економските проблеми.“[1]

Костас Лапавицас на кој Колозова се повикува за да ја објасни кризата од 2007 година сугерира дека ако пад на профитната стапка не бил sine qua non услов за најпоследната криза, тој не бил воопшто причина. Лапавицас во својата книга “Financialisation and Capitalist Accumulation: Structural Accounts of the Crisis of 2007-9” објавена во 2010 година на стр. 17-18 аргументира дека „не се случил значаен пад на профитните стапки пред кризата. Кризата од 2007-9 има малку заедничко со криза на профитабилноста како таа во 1973-5.“ Сепак, овој аргумент на Лапавицас не се смета за доказ против аргументот на Ендру Климан дека падот на профитната стапка била основната и индиректна причина за кризата и крахот. Но, Лапавицас потоа на стр.18 аргументирал: „Работите не се многу подобри ако се тврди дека кризата резултирала од основната хиперпродукција, но таа била забавена или одложена преку финансиската експанзија. Многу е чудно што политичката економија ги третира кризите на хиперпродукција како нормална состојба на капиталистичкото стопанство, освен што тие продолжија да бидат забавувани преку различни неморални средства. Ова, навистина, е обратно од класичниот марксизам, за којшто преструктуирањето е неминовен одговор за хиперпродукцијата, додека кризите се привремени и остри турбуленции коишто ја подготвуваат основата за обнова на профитабилноста.“ Сепак, изјавата на Лапавицас дека нешто е „многу чудно“ не е аргумент против Марксовото објаснување на кризата[2], а проблемот овде не е дали некоја теорија подлежи на сфаќањето на Лапавицас за „класичниот марксизам“, туку дали тоа може да ги објасни фактите. Во секој случај, неговата изјава е глупава. Taa ja „споредува“ идејата дека кризата резултирала од основната хиперпродукција со идејата дека самите кризи се привремени, остри турбуленции – како да овие идеи некако си противречат. Тие не си противречат!

Потоа, Колозова за да ја засили својата неолибералистичка аргументација за настанокот на кризата од 2007 год., се осврнува на Дејвид Харвеј, истиот тој Дејвид Харвеј кој ја отфрла Марксовата трудова теорија на вредност! Харвеј во својата книга „Енигмата на капиталот“ истакнува наводни факти дека уделот на работниците во целокупниот приход опаднал и дека ова довело до недостиг на побарувачка којшто бил прекриен со зголемување на долгот. Од еден таков поглед, кризата изгледа дека не е криза на капитализмот, туку криза на карактеристично неолиберална и финансијализирана форма на капитализам. Сепак, фактите не се складни со овие гледишта, бидејќи емпириските анализи во неговата книга „Неуспех на капиталистичкото производство“ ги оспоруваат таквите гледишта!

Профитната стапка никогаш не закрепнала од падот што го искусила во доцните 1970-ти години и раните 1980-ти години. Реалната плата на работниците се зголемила и нивниот дел од националниот приход бил стабилен. А стапката на акумулација на капитал опаднала бидејќи стапката на профит опаднала, не поради тоа што инвестирањето во хартии од вредност се зголемило на сметка на продуктивното инвестирање.

Кризата, значи, е системска криза којашто произлегува од основната тенденција стапката на профит да паѓа, тогаш реформи од типот финансиска регулација, активни фискални и монетарни политики, а можеби и национализација, во најдобар случај, ќе ја одложат следната криза. Покрај тоа, иако огромното зголемување на владиниот долг што сега се случува може исто така да го одложи денот на проценка давајќи привремено вештачка стимулација на стопанството, тоа ветува дека следната криза кога ќе дојде ќе биде полоша.

[1] Ендру Климан, Неуспех на капиталистичкото производство, 2011, стр. 51.

[2] Види Marx, Capital Vol. III, Part III The Law of the Tendency of the Rate of Profit to Fall, Chapter 15. Exposition of the Internal Contradictions of the Law, II. Conflict Between Expansion Of Production And Production Of Surplus-Value.

76751449_1510403565803156_7332958450856493056_n (1).jpg

76751449_1510403565803156_7332958450856493056_n (1)

76751449_1510403565803156_7332958450856493056_n (1).jpg