Анѓушев лаже: странските директни инвестиции нема да ја подобрат економијата до крајот на мандатот на Заев

Вицепремиерот Кочо Анѓушев има силна тенденција кон политички детерминизам – идеја дека македонската стагнирачка економија може да биде успешно подобрена со политичка волја и сила на владата на Зоран Заев да донесе што повеќе директни странски инвестиции.

Можевме да очекуваме дека неуспехот на досегашниот надмоќен сразмер на инвестиции во фиксен капитал во однос на компензациите за извршениот труд на работниците во вид на плати и осигурување да ја закрепне, да ја покрене опаѓачката генерална профитна стапка на македонската економија, ќе предизвикал оддалечување од политичкиот детерминизам (читај: популизам!) на македонските влади, но сепак, еден таков пресврт не се случи, а популарноста на овој политички детерминизам изгледа дека се зголеми во екот на најпоследната изјава на вицепремиерот Анѓушев дека „Во првиот квартал на 2018 година, вкупните странски директни инвестиции изнесуваат над 235 милиони евра, што е повеќе од вкупниот износ на странски директни инвестиции во 2017 година и е највисок квартален износ од 2006 година.“ Анѓушев продолжи: „Со оглед на овој податок, паѓаат во вода сите инсинуации за пад на инвестициите и за економско замирање.“

Но, како што веќе покажав, не само што работничките компензации во плати и осигурување во голема мера стагнирале зад остварениот личен профит на приватните газди, ќе покажам овде дека и генералната профитна стапка на македонската економија стагнирала зад износот на авансиран капитал во вид на фиксен капитал, и не само тоа, ќе предвидам дека генералната профитна стапка на вкупната домашна економија ќе продолжи да стагнира до крајот на мандатот на владеење на премиерот Заев и впрочем дека истата генерална профитна стапка нема да ги достигне своите максимални нивоа од годините 1993-1994!

Значи, не падот на инвестициите, како што тврди Анѓушев, туку падот на генералната профитна стапка на вкупната домашна економија, го предизвикало и ќе продолжи да го предизвикува економското замирање. „Во капиталистичкото производство профитната норма е движечката сила, и се произведува само она што може и колку може да се произведува со профит.“ (Маркс, Капиталот, трети том, 1976 год., стр.237) „Профитната норма, која е стимул на капиталистичкото производство и условувач на движењето на акумулацијата на капитал, се доведува во опасност од самиот развиток на производството. А квантитативниот однос овде е се’.“ (стр.237) Кој е овој квантитативен однос за кој пишува Маркс?

Под овој квантитативен однос се разбира односот меѓу раширувањето на производството (Gross fixed capital formation) и оплодувањето на вредноста (Surplus value). Економското замирање настанува како последица на конфликтот внатре во овој квантитативен однос меѓу инвестициите во фиксен капитал и остварениот вишок на вредност! Сега, како настанува конфликт во овој квантитативен однос? Накратко, „профитната норма паѓа, не зашто работникот помалку се експлоатира, туку зашто во однос на применетиот капитал воопшто помалку се применува труд.“ (стр.225) Овде се покажува границата или системската грешка на капиталистичката економија што „развитокот на производната сила на трудот создава во паѓањето на профитната норма еден закон, кој на извесна точка најнепријателски истапува против развитокот на производната сила на трудот, и поради тоа постојано мора да се совладува со кризи.“ (стр.236)

За време на економска криза, машините и зградите стојат бескорисни, пропаднати и расипани, така што физичкиот капитал е уништен. Уште поважно, долговите не се отплаќаат, имотните цени паѓаат и другите цени може исто така да паѓаат, така што вредноста на физичките како и на финансиските капитални средства е уништена. Сепак, уништувањето на капиталот исто така е клучниот механизам што води до следниот економски процут. На пример, ако еден бизнис создава во годината профит од 3 милиони евра, но вредноста на капиталот којшто е инвестиран во бизнисот е 100 милиони евра, нејзината стапка на профит е само 3%. Но, ако уништувањето на вредностите на капиталот ги оспособува новите сопственици да добијат бизнис за само 10 милиони евра наместо за 100 милиони евра, нивната стапка на профит се здрави 30%. Тоа е огромен поттик за нов економски процут.

Емпириски докази од македонската економија

Генералната профитна стапка на македонската економија

Износ на инвестиции во фиксен капитал.jpg

Инвестициите во средства за производство наспроти компензациите за трудот

Графиконите горе го докажуваат Марксовиот закон за тенденциско опаѓање на профитната стапка односно како што се зголемувал размерот на инвестиции во фиксен капитал во однос на компензациите за работниците во плати и осигурување, така се намалувала генералната профитна стапка, еден емпириски доказ што го побива тврдењето на вицепремиерот Анѓушев дека директните странски инвестиции го сопреле економското замирање. Предлогот на Бранимир Јовановиќ за излез од економското замирање преку зголемување на компензациите за работниците во плати и осигурување спротивно од она во што тој верува, уште повеќе ќе ја снижи генералната профитна стапка, за што имаме емпириски доказ од Хрватска.

Како што гледаме, до крајот на мандатот на премиерот Заев директните странски инвестиции ќе продолжат да растат, а сепак генералната профитна стапка нема да го достигне својот максимум од 1993-94. Со оглед на овој емпириски доказ, паѓаат во вода единствено инсинуациите на Анѓушев за неминовно закрепнување на општиот перформанс на македонската економија со растот на директните странски инвестиции.

Бидејќи падот на генералната профитна стапка произлегува од перзистентниот конфликт во квантитативниот однос меѓу авансираниот капитал и остварениот вишок на вредност, логично, излезот се наоѓа во укинување на производството за монетарна вредност и со тоа премин кон комунистичко производство. Анѓушев, Заев, Бранимир Јовановиќ и Драган Тевдовски, доколку се научни совесни, а најмалку монетарно мотивирани, ќе бидат де факто а не само декларативно против замирање на македонската економија, и сите тие посветено ќе работат на спроведување на транзициската програма на економистите Кокшот и Котрел.

Advertisements