Докази дека Ленин бил анти-комунист (прв дел)

IMG_9472За Октомвриската револуција како општествено-политички настан од огромно значение за човештвото може да се констатира дека не доведе до револуционерни промени какви што произлегуваат од научниот социјализам (марксизмот). Зошто? Со неа се смета дека темелно се разнишани основите на капиталистичкиот систем и дека е ставен крај на истиот, или дека започнал почетокот на крајот. Работничката класа од цел свет конечно требаше да го доживее своето ослободување. Но, тоа не се случи, што се гледа од денешната состојба.

В. И. Ленин е неспорен автор на Октомвриската револуција. Како признание на неговата способност и умешност во изведувањето на истата, научниот социјализам, односно марксизмот е дополнет со поимот „ленинизам“ и е создаден оксиморон „марксизам-ленинизам“. Оваа постапка нема никакво научно оправдување и во науката за општеството релевантен треба да остане само поимот „марксизам“ со кој ќе се означуваат само делата на Маркс и Енгелс, но не и волунтаризмот на разни хохштаплери по нив, кои се кителе со атрибутите: револуционери на пролетаријатот, теоретичари на марксизмот, борци за комунизам, а немале во себе ништо од марксизмот.

„Победата“ на капитализмот значи не треба да се сфаќа како доказ за „неправилното“ учење на Маркс и Енгелс, туку како доказ за нивната егзактност во општествената наука и доказ дека не смее да се отстапува во ништо од нивните научни анализи. А Ленин, и сите по него, си дозволија да отстапат и причинија таква светска конфузија, која не е можно да се расчисти, ако не се познаваат Маркс-Енгелсовите научни анализи.

Ако се укине приватната сопственост над средства за производство – тоа значи и укинување на државата, бидејќи ќе нема потреба од војска, полиција, судство, администрација и сè што постои во антагонистичко општество. Меѓутоа, што се случува? Ленин ја „укинува“ приватната сопственост над средствата за производство, а го задржува стоковното производство и „четирите столба“ на државата – војската, полицијата, судството и администрацијата! Само што сега тие не се „капиталистички“, туку се пролетерски, народни. И за издржување на тие столбови на капиталистичкиот систем остануваат, се разбира, како и во истиот: даноци, такси, царини и „придонеси“ кон „социјалистичкото општество“: општината, републиката и федерацијата. Во што овие категории – одземања од производството – се разликуваат од капиталистичките? Во ништо, освен терминолошки.

Тоа што приватната сопственост не се гледа отворено не е доказ дека и не постои. Тоа ќе го објасниме понатаму. И да биде јасно, не се работи за ситноселанско стоковно производство, од кое Ленин многу стравува и го зема за „извор на капитализмот“. Се работи за приватна сопственост над фабриките и крупното индустриско производство, кое го одредува карактерот на општеството.

Читајќи ги делата на Ленин, се добива впечаток дека се работи за вистински марксист, способен да го прошири и продлабочи она што го кажале Маркс и Енгелс. А покрај тоа, уште и „првата успешна пролетерска револуција во историјата на човечкото општество“ му донесува на Ленин репутација на револуционер-мислител и практичар. Секаде стои за него дека тој успешно го спровел марксизмот во пракса.

Во предреволуционерниот период, Ленин успешно го брани марксизмот дури и од оние кои биле најблиски соработници на Енгелс во доцниот дел од животот – Карл Кауцки и Едвард Бернштајн. Да не зборуваме за разни противници, кои на секој начин настојувале да го компромитираат марксизмот или да ги заведат работниците, за да го спречат порастот на револуционерното расположение кај народот или организирањето на работничката класа. Не е можно да се забележи нешто што би укажувало на тоа дека Ленин стои слабо со познавањето на марксизмот. Освен ставот за „професионални револуционери“.

Тој е бескомпромисен во осудувањето на стоковното производство. Потполно е уверен дека „стоковното производство е капиталистичко“. Тврди, што е и научно точно, дека „во стоковното стопанисување не може да има рамноправност“. Увидува дека „без ликвидација на стопанската организација базирана на размена на вредности, не е можно да се ликвидираат меѓународните судири“ итн. итн. Така што до бесконечност може да се цитира и докажува дека Ленин е навистина добар познавач на марксизмот. Но, таквиот заклучок би бил погрешен.

Mеѓутоа, погледнете што прави Ленин. Во пракса, ги менува комунистичките сфаќања во капиталистички и ги наметнува на советското стопанство како практична стопанска политика, без да даде какво било образложение за тоа. И не само тоа, туку во една реченица зборува за две појави, кои се неспоиви: „производот на социјалистичката фабрика не е стока… не е повеќе стока… не е стока во политичко-економска смисла…“, а во продолжение императивно бара „на прашањето за стоковна размена сега треба да му обратат главно внимание сите економски совети“. Ако „производот на социјалистичката фабрика не е стока“, зошто тогаш е потребно „на стоковната размена да се обраќа главно внимание“? Нешто тука со логиката на Ленин не е во ред. Тоа ќе се види и на многу други места.

Ленин во Наредбата на Советот за труд и одбрана до месните советски установи вели: „Ние мора да применуваме… различен степен на толеранција на капиталот и приватната трговија, не плашејќи се од извесно ширење на капитализмот“. Овој Ленинов став не може никако да се разбере, ако се има во предвид дека е формулиран и применет во 1921 година, односно четири години по освојувањето на власта од страна на работничката класа.

Ленин е идеалист, кој е уверен дека комунистите може да го применат капиталистичкиот начин на производство, па дури и повикувањето на странските капиталисти, само што сега тие треба повеќе внимание да обрнат на чесно работење, контролата и сл. Тоа е сосема погрешно. Ленин верува дека: „Работничката држава може да дозволи развој на тие односи до извесна мера, бидејќи има во свои раце средства со кои може да го спречи несаканиот развој“. Без да му го цитираме на Ленин Марксовиот „Капитал“ и Енгелсовиот „Анти-Диринг“, во кои има многу места од кои се гледа дека Лениновото тврдење е илузија, ќе констатираме само дека праксата потврди дека Маркс и Енгелс се во право, а не Ленин.

Во стоковното стопанисување производот кој се произведува како стока мора својата општествена корисност да ја докаже со тоа што на пазарот ќе ги претрпи сите преобразби, кои се случуваат со стоките. Но, Ленин не размислува за тоа. За него е доволна неговата авторитарна изјава да го претвори стоковното стопанство од антагонистичко во неантагонистичко. Додуша, на едно место вели: „И при полн успех на мерките, кои пролетерската држава ги презема… спротивностите на класниот интерес на трудот и капиталот апсолутно остануваат. Затоа, една од најглавните задачи на синдикатите отсега е сестрана, енергична заштита на класните интереси на трудот“.

Наместо да се укинат спротивностите меѓу трудот и капиталот со поопштествувањето на средствата за производство, што објективно произлегува од тоа, Ленин го задржува стоковното производство и смета дека синдикатите ќе ги обезбедат класните интереси на трудот. Навистина, детски наивно. И заради таа „детска наивност“, тој си дозволува многу отстапувања од марксизмот, сега кога треба да го спроведува стриктно, без какво било отстапување.

„Тргувај, печали, тоа ти го дозволуваме, но тројно ја зголемуваме твојата обврска да бидеш чесен, да даваш точни и уредни извештаи, да водиш сметка не само за словото, туку и за духот на нашето комунистичко законодавство, ниту за влакно да не отстапуваш од нашите закони…“ Според Ленин, капиталистичкото производство може да биде материјална база на која ќе се гради комунистичко општество. А што да правиме со оваа Марксова констатација: „Штом капиталистичкото производство застане еднаш на нозе, тоа претпоставката дека работниците се одвоени од условите за остварување на трудот не само што ја одржува, туку и ја репродуцира во сè поголем размер“. Мора да се посомневаме во Лениновата научна совест или способност. Тој мора или да не разбрал многу работи од марксизмот, или пак да не ги прочитал. И во едниот и во другиот случај, неговата репутација како пролетерски револуционер, историјата мора да ја отфрли.

Ленин немал никаква основа да го обновува капитализмот во Советска Русија. Колку и да е слаба развиеноста на средствата за производство, тоа не е основа за враќање на капитализам, ако тој веќе бил поразен и отфрлен. Секое ниво на развиеност е доволно, ако општеството се организира комунистички. Зошто? Затоа што „капиталистичкото производство е голем расипник на работна сила и материјални средства… Неговото расипништво расте со неговата акумулација…“ Комунистички начин на организација на општеството значи ангажирање на сите творечки потенцијали на населението, што во капитализмот никако не може да се постигне.

Ленин верува дека нешто станува пролетерско штом некој авторитет ќе го нарече како такво, без да се изврши суштинска промена на истото. Државата е сега „пролетерска“ затоа што таа е во „служба“ на работничката класа. А тоа што таа работничка класа и сега мора да плаќа дебели даноци на својот „слуга“, Ленин за тоа не размислува. Да, тоа е така, но само според неговото: „За да прилега слободата во пракса на слобода, прибирањето данок треба да се изврши брзо, прибирачот на данок да не му стои долго над глава на селанецот, а тоа може да се направи, ако се скрати периодот меѓу жетвата и прибирањето данок“. Така „мисли“ авторот на „првата успешна пролетерска револуција“, меѓутоа не е во право.

Во историјата на општеството постоеле моменти и места каде што ни во капиталистичкиот систем не се плаќале даноци. А во врска со тоа Маркс вели: „Смалување на даноците, нивно правилно распоредување итн. итн. тоа е банална капиталистичка реформа. Укинување на даноците, тоа е капиталистички социјализам“. Ако во капиталистичкиот социјализам се укинуваат даноците, каков ли бил „социјализмот“ на Ленин, кога во него селанството мора да плаќа данок!

Ленин е убеден во можноста на многу илузорни работи. Еве некои од нив:

1.Советската власт треба само да ја проверува дејноста на задругите за да нема измами, прикривање од државата, злоупотреби;

2.Ние мораме посмело да применуваме разновидни методи, пристапи кон работата од разни страни, различен степен на толерирање на капиталот и приватната трговија, не плашејќи се од извесно ширење на капитализмот;

3.Стоковната размена и слободната трговија неминовно означуваат појавување на капиталистите и капиталистичките односи. Нема зошто да се плашиме од тоа;

4.Иконите и ракијата ќе нè одведат назад во капитализмот, а помадата не ни се заканува со тоа;

5.На прво место се истакнува стоковната размена како основен лост на новата економска политика;

6.Ако капитализмот се обнови, ќе се обнови и класата на пролетаријатот;

7.Пролетерската држава… може да дозволи слобода на трговијата и развиток на капитализмот само до извесна мерка и само под услов на државно регулирање; и

8.На комунистите им е потребно време за да научат да тргуваат…

На ова може да се одговори само со јазикот на Маркс: „Навистина, само човек, кој нема ни трошка историско знаење, не знае дека владарите во сите времиња морале да се потчинуваат на економските односи, а не тие да им наметнуваат закони на тие односи било кога“.

Ако работникот е сопственик на средствата за производство, на него не му е потребна трговија и индивидуална размена за да ги достави средствата за подмирување на животните потреби на својот другар од другата фабрика. Вистински промет и циркулација на производите не се остварува со трговија, туку со рационализиран транспорт и размена со природата. Ленин останал вечен заробеник на своите правни норми, кои ги запознал додека студирал право. „Размената почнува таму каде што престанува заедницата, на допирот на две заедници“, вели Маркс.[1]

Врз основа на „разменската вредност“ во „социјализмот“, „општествената сопственост над средствата“ од работниците премина во рацете на партиските и државните функционери, исто како што и во средниот век „власта на аристократијата во вид на пари преминуваше во џебовите на капиталистичката класа“. Заради тоа, еден историчар ќе каже: „Комунистите не ја изгубија власта од контрареволуцијата… од класните непријатели, туку самите преминаа на позициите на своите класни непријатели“.

[1] Стоковната размена, вредносна размена на еквиваленти постои само таму, каде што средствата за производство се приватна сопственост. Постоењето на истата во општество, кое се определило за социјализам, индицира дека средствата за производство се приватни, а не дека таа е социјалистичка, како што тврдеше К. Глигоров во 1983 година, ширум тогашна СФРЈ. Секој стоковен производител до производот, кој му е потребен, доаѓа со посредство на пазарот. Каде е местото на општествената сопственост во стоковната размена! Таа исто така се преобразува во приватен разменувач и таква останува. Значи, не постои општествена сопственост во стоковната размена.

Advertisements