Политика, филозофија и идеологија

18740382_1920786098168955_6058061428876971139_n

ФИЛОЗОФСКА ТРИБИНА, 39, бр. 19, стр. 15-35, пролет 2016

Abstract

Depuis que la philosophie et la politique existent, c’est certain qu’il faut donner un aspect historique et mettre la philosophie devant la politique, parce que l’homme „philosophait“ même si la politique n’existait pas, les deux se trouvent dans une symbiose qui est evidente avec leurs interactions. Dans cette symbiose, la politique s’est toujours efforcée de transformer la philosophie en servante qui justifierait ses actions les plus insidieux et les plus criminelles, mais de l’autre côté la philosophie voulait bien que la politique soit „ethique“. Les deux tendences sont contraires, et on peut dire qu’il ne s’accordent jamais!

Не е потребно да се наведуваат дефиниции за наведените поими во заглавието. Битно е само дали тие решаваат одредени општествени проблеми со кои се подобрува општествената состојба и се овозможува движење на човештвото напред. Ако го нема тоа, тие се идеологии – не збир на идеи, туку збирштина на измами, софизми, фрази. Тоа во почетокот не се гледа, но за извесно време станува очигледно.

Откога постојат филозофијата и политиката, a мора да се даде одреден историски примат на филозофијата пред политиката, бидејќи човекот „филозофирал“ уште пред да постои политиката, тие, сакале-нејќеле, се наоѓаат во одредена симбиоза која се огледа во нивното заемно влијание. Во неа, политиката отсекогаш настојувала филозофијата да ја претвори во слугинка која ќе ги оправдува нејзините најподли и злосторнички постапки, од една страна. А од друга страна, пак, филозофијата секогаш настојувала политиката во своето дејствување да биде „етичка“. Тие две настојувања се спротивни, и може да се каже дека никако не може да се усогласат. Заради тоа многу филозофи во минатото – ако не сакале да бидат слуги на политиката – биле протерани во прогонство, изгубиле имот, па дури и живот. Позната е смртта на Сократ која со ништо ниту може да се оправда ниту пак нешто придонела за напредокот на атинското општество. А тој е осуден од политиката затоа што неговите филозофски ставови не биле во склад со неа. Или смртта на околу 40 Питагорејци кои биле запалени во куќата на Милон во Кротон. Сенека, иако Неронов воспитувач и советник, бил обвинет за заговор против царот и присилен да си го одземе животот. Зенон, Анаксагора, Протагора,
Хермиодар, Хераклит, Спиноза, Коперник, Џордано Бруно и уште безброј други како филозофи-научници дошле во судир со политиката и биле нејзини жртви.

Политиката отсекогаш била утилитаристичка и хедонистичка, иако знае своите цели да ги обвитка со привид на алтруизам. Било свесно или несвесно. Но, мора да биде јасно секому дека лажливецот е лажливец, дури и кога не е свесен за тоа. Последиците за излажаниот и опљачканиот се секогаш исти – тој е во загуба, без обѕир дали лажливецот лаже добронамерно, злонамерно или несвесно.

Иако „назад не треба да се гледа“, не смее да се заборава минатото заради поука, за подобра иднина. Меѓутоа, и покрај сите тешки поуки од минатото, зачудувачки е што работите се повторуваат. А општествените науки – политика, економија, право, филозофија – не можат да најдат решение на проблемот. А решението е добро познато и го дал „мислителот на милениумот“, а по мое уверување досега најголемиот мислител во историјата на човечката мисла – Маркс. Меѓутоа, и со марксизмот се „случи“ да биде претворен во идеологија и исфрлен од системот на науки. Како тоа?

Многу е лошо за науката, а за општеството уште повеќе, кога се настојува науката да се претвори во слугинка на политиката. А во ХХ век се случи токму тоа. Едно е кога во развојот на науката не се остварени точни сознанија кои ги објаснуваат општествените појави и процеси. На пример, плејадата француски мислители пред Француската буржоаска револуција биле уверени дека рушењето на монархијата и феудалниот поредок и воспоставувањето на граѓанско (буржоаско) општество се решенија за неправдите кои постоеле во феудализмот. Меѓутоа, набрзо се покажало дека таквото верување не е точно. И покрај гилотинирањето на кралот, што било симбол на рушењето на монархијата, и покрај секуларизацијата на црквата (од земањето на имотите на црквата и нејзино одвојување од државата), и покрај декларираните „права и слободи на граѓанинот“ – апсолутистичкото владеење пак е воспоставено, богатството пак е нерамномерно расподелено, а побуните на парискиот пролетеријат покажуваат дека со „правата и слободите на граѓанинот“ – нешто не е во ред. А сосема друго е кога науката остварила врвни сознанија кои овозможуваат ефикасно решавање на сите општествени проблеми, но дејците од истите не се запознаваат со тие сознанија и достигања, погрешно ги толкуваат и, за волја на политичарите, сосема ги искривуваат. Таква беше „примената и дополнувањата на марксизмот од страна на југословенските истакнати мислители и теоретичари…“ (чл. 5 од Статутот на СКЈ, усвоен на 13 Конгрес на СКЈ.) Исто беше и во другите „социјалистички“ земји.

Кон крајот на ХХ век, без критичка анализа, отфрлени се и „социјализмот” и „марксизмот“. Не дека не се барани решенија, барани се, само на погрешен начин. Уште во 1964 год. како пробна беше извршена т.н. „мала стопанска реформа” како вовед за „големата“ во 1965 година. Масмедиумите даваа изјави на „раководните комунисти“ за големиот успех на „реформата“. Неколку години подоцна веќе срамежливо се признаваше дека реформата не била успешна, иако во нејзиното креирање учествуваше „најголемиот Титов економист“ и „човек од реформи“ – Киро Глигоров. Но, не беше грешката само во економијата. Таа беше и во филозофскиот концепт на општествениот систем.

Економијата и филозофијата како слугинки на политиката го забораваа марксизмот. Додуша, „раководните комунисти“ исфрлаа парола: „Назад, кон Маркс!“, но истата беше интерпретирана само како цитирање на Маркс, никако како „догматско“ држење за Марксовите ставови (неизбежно е извесно враќање во подалечното минато за да се види генезата на искривувањето на марксизмот.)

Ленин како ортодоксен марксист во предреволуционерниот период лесно излегува на крај со Карл Кауцки и Едуард Бернштајн како први „ревизионисти и искривувачи“ на марксизмот. Меѓутоа, кога треба да се конципира стратегијата за економскиот развој на младата Советска Република, во која сѐ уште пламти Граѓанската војна, Ленин прави катастрофална грешка со која до темел ги уништува сите придобивки на Октомвриската револуција. За материјална база за развој на новото советско општество, тој го избира капиталистичкото стопанисување. При тоа дава детски наивни објаснувања, кои се граничат со апсурдност. Тој во Говорот за концесиите вели: „Повикувањето странски капиталисти значи дека развиваме капитализам, но тоа не е опасно, бидејќи власта останува во рацете на работниците и селаните, а со тоа не се реставрира сопственоста на спахиите и капиталистите“ (Л. 34/134). Понатаму:

„Стоковната размена и слободната трговија неминовно означуваат појава на капиталистите и капиталистички односи, но нема зошто да се плашиме од тоа. Работничката држава има во свои раце доволно средства за да дозволи развиток на тие односи само колку што треба, коишто се корисни и неопходни во условите на ситно производство…“ (34/165).

На стр. 356 тој е „за правилна државна стоковна размена“, а не за „анархична, шпекулантска и индивидуална…“ На стр. 209 се залага за „секаков систем на наградување со кој се поттикнува посредничката трговија…“ („Посредничка трговија”! Треба да се знае стилот на Маркс, па да се види дека Ленин зборува апсурди. Ленин заборава дека во стоковното стопанисување профитот е наградата и нема потреба од „систем на наградување“. Понатаму: Трговијата е посредување меѓу производителот и потрошувачот и нема потреба од „посредничка
трговија”). На стр. 214 тврди: „Иконите и ракијата ќе нѐ одведат назад кон капитализмот, а помадата не ни се заканува со тоа…“ (Какво непознавање на политичката економија! Тој заборава дека и помадата е стока како и ракијата и иконите и нема разлика меѓу нив како стоки). На стр. 409: „Ако се обнови капитализмот ќе се обнови и пролетеријатот…“ Тој смета дека сиот пролетеријат изгинал во војната, но во том 35 на стр. 207 тврди: „За време на војната во фабриките отидоа луѓе кои воопшто не беа пролетери, а отидоа да се скријат од војната… Нашите сегашни општествени услови се такви што во фабриките не одат вистински пролетери…“ (Ако се следи внимателно оваа мисла човек мора да заклучи оти Ленин е уверен дека во Советска Русија нема работничка класа. Мора иронично да се насмееме. Затоа тој и ја поништува Октомвриската револуција со „неп“.)

Чудно што Ленин во сето тоа не обрнал внимание ниту на најобичната логика. Човек кој произведува со свои средства за производство и за свои потреби, не ги носи своите производи на пазар. Тогаш зошто работниците кои произведуваат со средства за производство во општествена сопственост да ги носат?! Но Ленин цврсто е уверен дека неговите „болшевици“ се луѓе од нов ков и тие ќе можат да ги контролираат сите стопански субјекти и економските „законитости“ да ги спречат во нивното капиталистичко дејствување. Залудна работа, утопија. Мора да се заклучи дека сето тоа е резултат на Лениновото непознавање на политичката економија или на нејзината критика, односно марксизмот. Иако во предреволуционерниот период вели: „Економските законитости се затоа закони, бидејќи се спроведуваат од милиони и милиони луѓе, и при тоа не е можно нивно контролирање“, а сега тој ги впрега сите во контрола на стоковното стопанисување. Самиот вели дека стоковното стопанисување е школа за талентирани апаши, а сега го воведува истото уверен дека болшевиците ќе можат да го контролираат.

„Тргувај, печали, тоа ти го дозволуваме, но тројно ќе ја зголемиме
твојата обврска да бидеш чесен, да даваш точни и уредни
извештаи, да водиш сметка не само за словото, туку и за духот на
нашето комунистичко законодавство, ниту за влакно да не отстапуваш
од нашите закони…“,

вели тој во „Задачите на Народниот комесаријат за правосудство во условите на новата економска политика“. Зар тоа не се основи за создавање на еден огромен бирократско-чиновнички апарат за чие функционирање ќе биде обвинет Сталин?

Интересно е да се наведе дека југословенските „раководни комунисти“ знаеја да го критикуваат Сталин за диктатура, чистки, хегемонизам, теоријата за „одумирање на социјалистичката држава по пат на нејзиното јакнење“, а не знаеја да го критикуваат за неговиот погрешен „теоретски“ став за парите, изнесен во Извештајот за работата на ЦК СКП(б) на XVII Конгрес на партијата во 1934 година со кој тврди: „Парите се оној инструмент на буржоаската економија кој советската власт го зеде во свои раце и го приспособи на интересите на социјализмот…“ Сталин не дава никакво „објаснување“ како „парите може да се приспособат на интересите на социјализмот“. Но, тоа мора да го „знае“ само тој, бидејќи Маркс и Енгелс никогаш не дале такво објаснување.

Исто како што во логиката важат одредени судови, така и во политичката економија важат одредени факти. Во логиката важи судот: „Ако А = В и В = С, тогаш и А = С“, така и во политичката економија: Ако парите се инструмент на стоковното стопанисување, односно приватната размена, од нивното постоење во „социјализмот“ не произлегува заклучок дека тие се „приспособени на социјализмот“, туку дека и размената е приватна, односно стопанисувањето е капиталистичко, па соодветно и системот е капиталистички. За таков заклучок во Сталиново време човек ќе бил затворен и, веројатно, ликвидиран како „непријател на социјализмот“. Но, со обѕир на настанатата политичка ситуација со Информбирото во 1948 год., сигурно е дека за таков волунтаристички и научно неточен став Сталин требало да биде критикуван. А дека се знаело за тој став доказ е книгата Прашања на ленинизмот која е печатена во Југославија во 1946 година во 30.000 примероци. Ама, пусто знаење! Кој да знае дека парите се само инструмент на стоковното стопанисување, па соодветно и на капитализмот. А покрај тоа, пари постоеја и во југословенското стопанисување, па тогаш ќе испаднеше дека треба да се критикуваат и авторите на таквата стопанска стратегија, за којашто нема место во земја каде што се гради социјализам.

Сакал-нејќел човек мора да заклучи дека во „социјализмот“ не постоеше „слобода на мислата“ и „право на збор“ и дека тоа спречуваше секакво научно творење или научно разгледување на работите. Ако во граѓанското општество изгледаше дека постои повеќе слобода и демократија тоа беше повеќе резултат на суштината на истото. Имено, во такво општество „толку си слободен, колку што имаш пари“, па во таа смисла граѓанското општество нема службени филозофи, писатели, новинари, економисти и слични професии кои се плаќаат од државниот буџет. Истите такви професионалци, доколку имаат некој извор на приходи, тогаш се слободни во нивното творење. Тогаш можат да плукаат на граѓанското општество колку што сакаат, но никого глава не го боли од тоа. Тоа е суштината на граѓанската „демократија“ и „права и слободи“ – да не си на товар на државата. Доколку си, случајно, на товар на државата, е тогаш нема да пишуваш и да зборуваш што сакаш, туку само тоа што ќе ти го дозволат. Затоа и најголемиот уметник на ХХ век – Чарли Чаплин, после 40-годишен престој во САД е протеран, бидејќи не сакал да сведочи пред Конгресната комисија за антикомунистичка дејност која работела под раководство на сенаторот Макарти. Подоцна, кога ќе го повикаат да се врати назад, тој ќе им одговори: „Не би се вратил, макар претседател да ви биде и Исус Христос“. Ете, гледате каква е американската „демократија“.

Ајнштајн, кој е способен да оцени разни „демократии“, оценува дека американската не им обезбедува доволно слобода за творештво на младите научници и затоа им советува да си најдат некоја споредна работа од која ќе ја остваруваат својата егзистенција, а со научно-истражувачка работа да се занимаваат независно од изворите за своето издржување. Пред ист проблем е слободното творештво во цел свет. Политиката ја претвора секоја наука во своја слугинка. Циолковски, од научник кој сака да конструира ракета за патување на луѓето во вселената, го претвора во конструктор на ракети за уништување на противнички политички системи. Биологот кој се занимава со откривање лек против ракот, еболата, сидата итн., одеднаш, вработен кај државата (политиката), се претвора во „биолог“ кој истражува и открива агенси за уништување луѓе…

Уште Платон сакал да ги отстрани поетите од неговата идеална држава. Меѓутоа, треба да се отстрани државата од општеството. Сѐ додека постои државата ќе постои и политиката чија слугинка ќе биде науката. А „науката“ која е слугинка не е наука. „Социјализмот“ настојуваше марксизмот да го претвори во слуга и не го применуваше изворно. Тоа подразбираше – ако не во Лениново време, ако не во Сталиново заради фашизмот кој сакаше да го уништи комунизмот, тогаш секако во времето на Тито, Горбачов, Петар Гошев и сите „раководни комунисти“ – укинување на разликата меѓу производниот и непроизводниот труд, укинување на старата општествена поделба на труд, укинување на државата итн. Но бидејќи тоа не се спроведе, општествените науки се претворија во идеологии – лажење, заобиколување на научната вистина, занимавање со периферни и општествено бескорисни работи. Тие остануваат тоа и денес во граѓанското општество, бидејќи не ги решаваат општествените проблеми.

XX век иако донесе огромен напредок на егзактните и природните науки, заради погрешните ставови на општествените дејности кон марксизмот, не се оствари ефектот кој објективно можеше да се постигне. Уште од постанокот на човекот е познат фактот дека „секој човек може да произведе повеќе отколку што му треба“. Тоа овозможило пораст на човештвото „од Адам и Ева“ на седум милијарди. А со денешните достигања на техниката и технологијата одамна е остварена „историската улога на капиталот во развојот на производните сили и човекот може да престане да го прави она што може да го даде на предметите да го прават за него“ (МЕД 19/192).

Филозофите мора да поведат повеќе сметка за изреката на Блез Паскал: „Човекот е создаден да мисли; во тоа е сето негово достоинство и сета негова заслуга; и единствена негова задача е да мисли како треба“, кога веќе економистите не сакаат тоа да го прават. За нив времето застанало кај „профитот“ и „понудата и побарувачката“. Тие не сакаат да ги доведат до консеквентен заклучок ни тенденциите кај овие категории. Имено, ако се зголемува понудата опаѓаат цените и тоа укажува на патот по кој треба да се бара укинувањето на разменската вредност. Впрочем, и самата промена на разменската вредност е доказ дека таа не е вечна категорија, како што обично економистите настојуваат да го убедат профаниот свет. Додуша, Енгелс на тоа укажал со неговото „ако производството е недоволно, значи треба да се произведува доволно“, во кој случај се укинува и разменската вредност. Но, исфрлањето на марксизмот од системот на „науки“ ги „ослободува“ економистите да размислуваат за тоа.

Ако научникот има совест и чест тогаш ништо не може да го ослободи или присили да се откаже од „мислењето како треба“. Инаку, поставени се многу дефиниции, многу „морални“ обврски, но сето тоа во услови на стоковно-парично стопанисување се искривува. Андреј Стампар дал дефиниција на здравјето како „целосна психичка, физичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест и слабост“. Истата ја прифатила и Светската здравствена организација, но за жал, никаде не се спроведува. Кога би се спроведувала, би довела до општество „во кое ќе нема болни“. Но умовите на медицинарите и не одат до таму. И тие ги прифатиле економските влијанија кои со науката стојат во целосна спротивност. Колку за поука на истите: „Некој кинески мандарин им давал плата на лекарите кога немало болни во Поднебесното царство“. А на портата од некоја болница стоел натпис (дури и денес): „Обичните лекари лекуваат; големите спречуваат заболувања да се појават, а најголемите ја воспоставуваат нарушената хармонија меѓу човекот и природата“. И мудро кажано, и визионерски широко и можно за остварување.

И уште нешто. Генералите на ЈНА, како општовоени команданти, имаа обврска да ја знаат употребата на сите видови и родови војска (за жал, не знаеја марксизам. Да знаеја, немаше да им дозволат на политичарите да ги распуштат формациите на ОНО и ДСЗ, уште одамна ќе ги вооружеа и другите работници, ќе ги инструираа работниците во марксизмот, а сами во производството ќе си ја одработуваа егзистенцијата. Но за таков марксизам не размислуваа во Политуправата на ЈНА. И, се разбира, ја остваруваа ЈНА како единствена одбранбена сила на народите на СФРЈ за да си отиде при распадот секој генерал во својата република.) Па, аналогно би требало да се примени и за докторите на општествени науки – само во однос на марксизмот, не може да стекне некој титула д-р на науки, ако не го познава марксизмот. Се разбира, без Лениновите искривувања и дополнувањата од југословенските мислители.

Време е „Картагина да биде уништена“.

Лазар Гогов

Advertisements