НОЗИК-РОЛС vs. МАРКС-ЕНГЕЛС

Степановиќ тврди дека правото на сопственост иако е основно природно право истото не е соодветно заштитено со меѓународното право. Ние, марксистите, ќе се согласиме со Ивана Степановиќ но дополнувајќи дека правото на сопственост на работниците над целата нова додадена вредност односно правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд не само што не е заштитено со меѓународно право, туку истото не е заштитено во ниту едно државно право. Доказ: перманентната кражба на плати од работниците која е најголема од сите други кражби на имот! (повеќе од 50 милијарди долари годишно според Civic Action) За споредба, кражбата извршена врз буржоаската сопственост изнесувала само 14 милијарди долари или една третина од проценетите трошоци на кражба на работнички плати на национално ниво! Но, многу ѝ е гајле на Ивана Степановиќ за оваа епидемија од кражба на работнички плати во десетици милијарди долари затоа што таа под основно природно право ја разбира само правото на буржоаска сопственост односно сопственоста на капиталистот над производот од туѓ труд!

„Што е толку контроверзно околу правото на сопственост? Едноставно кажано, одговорот на ова прашање е дека во текот на историјата имало големи спорови за тоа што претставува приватната сопственост и како истата треба да биде заштитена.“ (Ивана Степановиќ)

Маркс го дава одговорот на ова прашање во првиот том од Капиталот: „Политичката економија принципиелно меша два сосем различни вида приватна сопственост, од кои едниот почива врз сопствениот труд на производителот, а другиот врз експлоатацијата на туѓ труд. Таа заборава дека последниов не само што е директна спротивност на првиот, туку и дека расте само врз неговиот грб. Во Западна Европа, татковината на политичката економија, процесот на првобитната акумулација повеќе или помалку е завршен. Овде капиталистичкиот режим или директно го потчинил под себе целото национално производство или пак, онаму каде што се односите уште недоразвиени, тој барем во најмала мера индиректно ги контролира општествените слоеви што суштествуваат покрај него, што се во опаѓање, а кои му припаѓаат на застарениот начин на производство. На овој готов свет на капиталот политичкиот економист ги применува претставите за правото и сопственоста на преткапиталистичкиот свет, и тоа со толку позагрижена ревност и со толку поголемо подлижување, колку што повеќе се испречуваат фактите против неговата идеологија. “ (стр.667)

„Либертаријанизмот го оправдува правото на приватна сопственост со правото на слобода и се заснова на индивидуализмот и личниот интерес. Егалитаризмот ја фаворизира еднаквоста пред слободата и препорачува жртвување на приватната сопственост поради правда за сите.“ (Ивана Степановиќ)

Либертаријанизмот го оправдува правото на капиталистот над производот од туѓ труд со правото на слобода за капиталистот неограничено да го експлоатира овој производ од туѓ труд. Егалитаризмот ја фаворизира економската слобода за работниците пред економската слобода на капиталистите неограничено да го експлоатираат трудот на работниците. Јасно е оттука дека воопшто не станува збор за нечие жртвување туку за праведна компензација на веќе жртвуваното право на секој работник над производот од својот сопствен труд!

Според мислењето на Маркс: „Слободата е од толку суштинско значење за човекот што дури и нејзините противници ја спроведуваат додека се борат против својата реалност; тие сакаат го присвојат, како најскапоцен украс, она што го отфрлиле како украс на човечката природа. Ниту еден човек не се бори против слободата; најмногу се бори против слободата на другите. Оттука, секој вид на слобода отсекогаш постоел, само во едно време како посебна привилегија, во друго како универзално право.“ (Маркс, За слободата на печатот, 1842)

Значи, г-ѓо Степановиќ, она за што треба да дискутираме овде не е дали сакаме слобода, туку слобода за кого? Маркс се залагаше за „eдна повисока општествена форма, чиј основен принцип е полниот и слободен развиток на секоја индивидуа“ (Капиталот, том 1, стр.520); „Здружување, во кое слободниот развиток на секој поединец е услов за слободниот развиток на сите.“ (Маркс-Енгелс, Комунистички манифест)

Егалитаризмот или комунизмот на Маркс ја фаворизира слободата од доминирање од економските закони врз кои работниците немаат контрола. Во „Марксизам и слобода“, Раја Дунаевскаја цитираше рудар на јаглен. Рударството на јаглен е работа која е опасна по живот. Рударот рекол: „Не можам да се изразам како Маркс, но точно знам што сакал тој да каже. Станав утрово околу 15 минути пред шест. Си реков: „Треба да се спуштиш „во рудникот“ без разлика дали го сакаш тоа. Само си реков: „Сега ти го нарекуваш тоа слободен човек?“

Капитализмот горе-долу го замени ропството наметнато од други луѓе – наметнато врз робот од страна на робовладетелот, врз кметот од страна на земјосопственикот – со ропството наметнато од економските закони на капитализмот. Не мора да работите под овој конкретен робовладетел или конкретен аристократ. Никој не ви држи пиштол на вашата глава. И можете слободно да умрете од глад. Но, ако не изберат да умрат од глад, огромното мнозинство на луѓе мора да работат под доминација на некој капиталист. („Во колониите е поинаку. Капиталистичкиот режим таму насекаде се судира со пречки, бидејќи производителите се стопани на своите сопствени услови на труд, се збогатуваат со својот труд сами себеси, а не капиталистот. Противречноста на овие два дијаметрално спротивни економски системи се потврдува овдека практично во нивната борба. Таму каде што ја има капиталистот зад себеси силата на метрополата, тој се обидува сосила да го отстрани од патот начинот на производство и присвојувањето што почива врз сопствениот труд.“ – Маркс, Капиталот, том 1, стр.667) Ако не се покоруваат или не ги исполнуваат очекувањата на шефот или бидат отпуштени во рецесија, тие се „слободни“ да најдат друг господар за кој ќе црнчат. Тоа е исто како да ве префрлаат од еден во друг затвор, освен што работникот наместо државата треба да ги плати трошоците за превоз.

Ова всушност не е вина за која било индивидуален капиталист или капиталистичка корпорација. Тие се само агенти на системот, кои исто така се доминирани од неговите закони. Ако продолжат да вработуваат луѓе што станале потрошни во рецесија или луѓе кои не создаваат доволно профит за компанијата, тие најверојатно ќе бидат исфрлени од бизнисот. Капиталистите кои остануваат капиталисти се оние кои верно ги почитуваат економските закони на капитализмот. Системот е виновен.

„Либертаријанскиот аргумент дека приватната сопственост е неотуѓива е заснован на личниот интерес… Тие го оправдувале правото на приватна сопственост преку трудот, иако тоа е само еден од трите начини на стекнување на тоа право (другите два се наследство и купување). Клучниот аргумент е дека никој не може да биде лишен од сопственоста со која се стекнал преку својата работа.“ (Ивана Степановиќ)

Да се тврди дека приватната сопственост е неотуѓива е врвно лицемерие на буржоаски морализам! Ние видовме дека единствен личен интерес на капиталистот е да полага право над производот од туѓ труд благодарение на фактот што „во Западна Европа процесот на првобитната акумулација повеќе или помалку е завршен.“ (Маркс) Апологетите на капиталот не само што не го оправдуваат правото на приватна сопственост преку трудот, туку „таму каде што ја има капиталистот зад себеси силата на метрополата, тој се обидува сосила да го отстрани од патот начинот на производство и присвојувањето што почива врз сопствениот труд.“ (Маркс) Ако тоа е клучниот аргумент на апологетите на капиталот – дека никој не може да биде лишен од сопственоста со која се стекнал преку својата работа, тогаш овие сикофанти на капиталот одбрале сосем погрешен аргумент, аргумент со кој може да се послужи само еден бранител на правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд!

Маркс докажа дека „работничката класа која нема што да наследува не ја интересира ова прашање.“ (Маркс-Енгелс Дела, том 27, стр.462-464)

Маркс докажа дека право на приватна сопственост не може да се стекне преку трговија затоа што самиот капитал на трговецот не произведува вишок на вредност: „Стоковно-трговинскиот капитал – ако ги отфрлиме сите хетерогени функции, кои со него можат да бидат поврзани, како што се чување, експедиција, транспорт, разделување, деталирање, и ако го ограничиме на неговата вистинска функција на купување за продажба – не создава ни вредност ни вишок на вредност, туку само врши посредување во нивната реализација, а со тоа едновремено и во вистинската размена на стоките, во нивното преминување од едни раце во други, во општествената размена на материјата. … Бидејќи самиот капитал на трговецот не произведува вишок на вредност, тогаш е јасно дека вишокот на вредноста, кој му се паѓа нему во формата на средниот профит, сочинува еден дел од вишокот на вредност произведен од вкупниот производен капитал. … Јасно е дека трговецот може да го извлече својот профит од цената на стоките што ги продава, и нешто повеќе, дека овој профит што тој го прави при продажбата на своите стоки, е еднаков на разликата меѓу неговата куповна цена и неговата продажна цена, еднаков на одвишокот на последнава над првата.“ (Капиталот, том 3, Скопје: Мисла, 1976, 256-58)

Маркс докажа дека право на приватна сопственост може да се стекне само преку купување стока „труд“ или, како што вели Маркс, работна сила, која мора да се продаде под нејзината цена. Зашто, ако е заедничка особина на сите стоки да се продаваат по цена повисока од нивната цена на производство, со единствен исклучок за трудот бидејќи секогаш се продава по цена на производство, тогаш трудот едноставно се продава под цената што владее во овој свет на вулгарна економија. Оттука, добиениот екстра профит што оди кај капиталистот, или капиталистичката класа, произлегува и може да произлезе само од фактот дека работникот, откако ќе го репродуцира еквивалентот за цената на својата работна сила, мора да произведе дополнителен производ за кој тој не е платен – т.е. вишок производ, производ на неплатен труд или вишок вредност. Статистички доказ: Вкупната годишна кражба на плати од работниците во индустријата со ниски примања во три американски метрополи е 3 милијарди долари. Ако овие откритија во Њујорк, Чикаго и Лос Анџелес се генерализираат за остатокот од 30 милиони работници со ниски примања во САД, кражбата на плати ги чини работниците повеќе од 50 милијарди долари годишно.

„За Хегел, сопственоста игра улога во конституирањето на личноста. Според него, поседувањето на сопственост е конститутивно за слободата.“ (Ивана Степановиќ)

Ова тврдење на Хегел е валидно само „во колониите каде капиталистичкиот режим таму насекаде се судира со пречки, бидејќи производителите се стопани на своите сопствени услови на труд, се збогатуваат со својот труд сами себеси, а не капиталистот“ (Маркс). Но, истото тврдење на Хегел не е валидно „во Западна Европа каде процесот на првобитната акумулација повеќе или помалку е завршен“ или во американските „метрополи каде капиталистот се обидува сосила да го отстрани од патот начинот на производство и присвојувањето што почива врз сопствениот труд“ (Маркс). Хегел не дошол до сознанието до кое Маркс дошол дека во услови на приватна сопственост над средства за производство во посед на малцинска класа на иматели наспроти цела индустриска резервна армија од модерни хелоти не може никако да стане збор за слобода во едно такво „општество“. Битно својство на класното општество е во тоа што ги разделува трудот и уживањето. Ужива онаа класа која не работи, а онаа која работи е лишена од можностите за уживање. Ова раздвојување на трудот и уживањето има корен уште во самата поделба на трудот. „Со поделбата на трудот се овозможува, па дури и се остварува: духовната и материјалната дАјност, уживањето и трудот, производството и потрошувачката да паднат во дел на различни индивидуи.“ (Маркс-Енгелс, „Немачка идеологија“ I, стр. 29) Само во комунистички производствени односи каде се уважува правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд „мојот труд би бил слободно пројавување на животот, затоа и уживање на животот. Под претпоставка на приватна сопственост, мојот труд е оспособување за живот, зашто работам за да би живеел, за да би создал средства за живот. Мојот труд не е живот.“ (Маркс-Енгелс, „Дела“, том 3, стр. 290, Белград, 1972)

„Роберт Нозик го следи аргумент на Лок, но оди понатаму и тврди дека било какво мешање во нечија сопственост, без разлика дали е стекната со труд, наследство или со купување, се смета за кражба.“ (Ивана Степановиќ)

Со оглед на горенаведените статистички докази за криминалот на буржоазијата против трудот на работничката класа, Роберт Нозик сам си скока во стомак со тврдењето дека било какво мешање во нечија сопственост… е кражба, затоа што токму буржоазијата му го ускратува правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд! Ако ја разгледаме подетално кражбата на буржоазијата насочена против работничката класа, во Соединетите Американски Држави во 2012 година имало 292 074 грабежи од сите видови на буржоаска сопственост, вклучувајќи грабежи на банки, грабежи на станбени простории, грабежи во продавници и бензински пумпи и грабежи на улица. Вкупната вредност на буржоаска сопственост одземена во тие кражби била 340 850 358 долари. Тоа се сите грабежи што биле пријавени во полиција, ширум сите сојузни држави на Америка. Никој не знае прецизно колку случаи на кражба на работнички плати се случиле во САД. во текот на 2012 година, ниту, пак, се знае колку вкупно биле оштетени жртвите во долари кои ги заработиле, но не им биле исплатени. Но, се знае дека вкупната сума на пари со која биле обештетени жртвите на кражба на плати преку приватни адвокати или жалби на федерални или државни агенции била најмалку 933 милиони американски долари – скоро три пати поголема од сите пари украдени во грабежи против буржоаска сопственост таа година.

Нешто што треба да се изнесе во дискусиите со „либертаријанците“ кои имаат впечаток дека Лок верувал во некоја верзија на капитализам „кој ги ебе“: Покрај познатиот услов на Лок (којшто налага имотот да не може да се присвојува доколку не остане доволно и за другите), Лок директно тврди дека сиромашните имаат право над „имотот“ на богатите:

„Бог му дал право на сиромашниот брат над вишокот на производите на другиот, не може праведно да му биде ускратено тоа право кога неговата немаштија го повикува на тоа, и затоа, никој никогаш не смее да има моќ над животот на другиот со правото на сопственост на земја или имот, бидејќи секогаш би било грев за секој имотен човек да допушти да загине неговиот брат од беда затоа што не му дал помош од изобилството.“

Ако некогаш може да има појасен повик за право на прераспределба кај Лок, јас не сум видел од ова. И, ова го гледам како јасен повик за количина на прераспределба доволна за да ги покрие основните потреби на сите, бидејќи на никој не смее да му бидат ускратени неговите „огромни нужности“ во време на изобилство.

Лок не е само застапник на редистрибуција. Во истиот пасус на Првиот трактат цитиран горе, Лок пишува:

„И човек не може понеправедно да ја искористи немаштијата на другиот со тоа што ќе го присили да стане вазал така што ќе одбие да му помогне како што Бог го побарал тоа од него олеснувајќи ги потребите на неговиот брат, отколку оној што има поголема сила и може да го искористи послабиот, да ја совлада неговата покорност и, со кама на неговото грло, да му понуди смрт или ропство.“

Овде, Лок тврди дека е неправедно некој да ја користи својата сопственост за економско принудување на безимотните (пролетерите) во подредена економска и социјална положба. Правејќи го тоа, тврди тој, е еквивалентно на ставање пиштол на нечија глава и нудење избор помеѓу смрт или ропство. Забраната на Лок против присилата на сопственикот е неверојатно прото-марксистичка. На марксистички јазик, Лок верува дека е неправедно некој да ја користи својата сопственост над средствата за производство за да ги експлоатира работниците кои ја имаат само својата работна сила за продажба. Тој тоа го искажува со термини за вазали и господари, наместо на наемни робови и капиталисти, но концептот е ист.

„Правдата на Нозик се сведува на немешање во приватната сопственост.“ (Ивана Степановиќ)

Правдата на Нозик е типичен орвелизам, Новоговор кој прави човек да верува дека војната е мир, слободата е ропство, неправдата е правда итн. Така, правдата на Нозик се сведува на немешање во приватната сопственост во смисла на тоа сопственоста на капиталистот над производот од туѓ труд да остане неприкосновена и оваа епидемија од кражба на работнички плати во десетици милијарди долари да продолжи во недоглед! Правдата на Нозик е работнички пекол без кој не би постоел рајот на капиталистите. Или со зборовите на Виктор Иго: „C’est de l’enfer des pauvres qu’est fait le paradis des riches.“ (Рајот на богаташите се должи на пеколот на сиромашните) „Капиталот умира ако секое утро не ги подмачкувате круговите на машинеријата со човечка лој“, рекол Жил Вале. Или со зборовите на Ернест од „Железна Петица“ во својата пресметка со епископот: „Фустанов што го носите е извалкан со крв. Храната што ја јадете е приготвувана во крв. Крвта на малите деца и силните мажи капе од самите стреи на вашите куќи. Треба само да ги затворам очиве, па да чујам како таа капе, капе, капе… насекаде околу мене.“ Или: „Простете што се потсмевам, епископе. Но може ли да ве чуди тоа што ние изгубивме трпение со вас? Кога во вашите капиталистички братства сте протестирале зошто во предилниците на југ работат деца? Деца од по шест и седум години кои работат секоја ноќ во смени од по дванаесет часови? Тие никогаш не го виделе благословеното сонце. Тие умираат како муви. Дивидендите се исплаќаат од нивната крв. Од дивидендите се градат величествени цркви во Нова Англија, цркви во кои им проповедате пријатни плиткоумности на љубезните, лукави и со заоблени меови приматели на тие дивиденди.“

Ивана Степановиќ вели дека „правдата на Нозик не ја вклучува позитивната страна на правото – можноста за стекнување сопственост“ што е противречно на Марксовиот закон на акумулацијата на капитал: „Во онаа мера во која се акумулира капиталот, мора да се влошува и положбата на работникот, па каква сакала била неговата плата, висока или ниска. Најпосле, законот, што ја држи постојано во рамнотежа релативната пренаселеност или индустриската резервна армија со обемот и енергијата на акумулацијата, го приковува работникот за капиталот поцврсто отколку клинците на Хефест што го приковаа Прометеј за карпата. Овој закон со акумулацијата на капиталот создава соодветна акумулација на беда. Акумулацијата на богатствата на едниот пол е, значи, едновремено акумулација на беда, маки на трудот, ропство, незнаење, подивеност и морално деградирање на спротивниот пол, т.е. на страна на класата што го произведува својот сопствен производ како капитал.“ (Капиталот, Том 1, 569) Со неколку зборови, акумулацијата на капитал е наголемување на бројот на пролетери односно безимотната класа. Според тоа, утописко е размислувањето на Ивана Степановиќ за некаква можност за сите пролетери да стекнат сопственост или да станат самовработени во капитализмот.

Меѓутоа, ако растот на понудата на работна сила е бавен, побарувачката за работна сила може да ја надмине понудата дозволувајќи зголемување на платите. Ова за возврат може да има тенденција да ја намали стапката на профит. Додека оваа состојба е најповолна за работничките класи, Маркс аргументирал дека е привремена и самоограничувачка: „Покачувањето на цената на трудот што произлегува од акумулацијата на капиталот ја дава следнава алтернатива: Или цената на трудот продолжува да се крева, затоа што нејзиното повишување не му пречи на напредокот на акумулацијата; во тоа нема ништо чудно, бидејќи како вели Адам Смит: „дури и при намален профит, капиталот сепак се умножува; дури тој расте побргу отколку порано… Општо земено, еден крупен капитал дури и при помал профит расте побргу, отколку еден мал капитал при поголем профит.“ („Wealth of Nations“, II стр.189.) Во овој случај е очевидно дека смалувањето на неплатениот труд никако не му пречи на ширењето на господството на капиталот. Или, ова е другата страна на алтернативата, акумулацијата ослабува поради повишената цена на трудот, со тоа се затапува поттикот за печалба. Акумулацијата спаднува. Но, со нејзиното спаднување исчезнува и причината за нејзино спаднување, имено диспропорцијата меѓу капиталот и работната сила што може да се експлоатира. Механизмот на капиталистичкиот процес на производството значи сам ги отстранува пречките што ги создал тој претходно.“ (Капиталот, том 1, стр.545)

Капитализмот поминува низ циклус. Брзата акумулација ја троши понудата на работна сила. Ова овозможува платите да растат. Ова за возврат ги намалува профитите и ја намалува акумулацијата. Значи, се враќаме на почетната точка. Тука го имаме основниот механизам со кој невработеноста делува како чекан врз растот на платите, а целосната вработеност како чекан врз напредокот на акумулацијата. Економските циклуси од 19-ти век многу јасно го илустрираат овој процес. Од 1881 до 1883 година стапката на акумулација се забрзува, достигнувајќи над 7% од профитите што се акумулирале. Ова ја задржало невработеноста ниска. Но, процесот доживеал криза во 1883 година, бидејќи конкуренцијата за труд предизвикала акумулацијата да стагнира. Во следните пет години акумулацијата опаднала и невработеноста се зголемила. Откако невработеноста достигнала максимум од 10%, опаѓачките плати стимулирале постепено забрзување на акумулацијата, предизвикувајќи циклусот да започне одново.

Но, Маркс потоа аргументира дека дури и ако природниот прираст на населението е несоодветен за потребите на акумулација на капитал, во функција се става друг механизам. Во време на недостиг на работна сила, фирмите се обидуваат да ги заменат работниците со машини. Ова создава нова резервна армија на труд што отвора понатамошни можности за акумулација. Во тој процес, вредносниот состав на капиталот се менува, соодносот на постојаниот капитал наспроти променливиот капитал се зголемува и секој дополнителен прираст на капитал има потреба од помалку работници. Значи, теоријата Маркс во том 1 од „Капиталот“ е за цикличен процес со кој акумулацијата на капитал го прилагодува своето темпо спрема понудата на работна сила, а за возврат ја регулира понудата на работна сила.

„Ако расте доста бргу количеството на неплатениот труд, што го дава работничката класа, а што го акумулира капиталистичката класа, за да може да се претвори во капитал само при еден извонреден придаток на платен труд, тогаш наемнината се крева и, ако сè друго остане еднакво, сразмерно се смалува неплатениот труд. Но, штом ова смалување ќе дојде до точката, каде што вишокот на трудот, со кој се храни капиталот, не се предлага повеќе во нормално количество, тогаш настапува реакција: се капитализира помал дел од доходот, акумулацијата ослабнува, а движењето на наемнината нагоре добива противудар. Повишувањето на цената на трудот значи останува приклештено во границите, кои не само што ги оставаат негибнати основите на капиталистичкиот систем, туку и го осигуруваат неговото препроизводство во раширен размер.“ (Капиталот, том 1, стр.546)

„Мислителите како Џон Ролс се обиделе да развијат егалитаристичка теорија на правдата. Според Ролс, правдата се постигнува преку праведна дистрибуција. Според него, општеството треба да осигура дека никој не е оставен со ништо и дека акумулираната сопственост е редистрибуирана од богатите на сиромашните. Но, токму оваа дистрибутивна правда го нарушува правото на приватна сопственост во смисла на немешање.“ (Ивана Степановиќ)

За разлика од Ролс, според Маркс и Енгелс правдата се постигнува преку укинување на наемното ропство затоа што „приватната сопственост е консеквенца на отуѓениот труд.“ (Маркс-Енгелс, Рани радови, стр. 206) Во одредена смисла сите плати беа „фер“ (бидејќи работната сила се разменува според нејзината вредност како и секоја друга стока), и дека во друга смисла сите плати, без оглед на нивното ниво, се нефер затоа што самиот наемен систем е израз на експлоататорски социјални односи. Маркс ја унапреди целта, според тоа, не за праведна плата, туку за укинување на системот на плати: „Работниците не треба да бидат исклучиво вовлечени во овие неизбежни герилски борби кои непрестајно извираат од непрекинатите напади од страна на капиталот или промените на пазарот. Тие треба да разберат дека, со сите мизерии што им ги наметнува, сегашниот систем истовремено ги создава материјалните услови и социјалните форми неопходни за економска реконструкција на општеството. Наместо конзервативното мото: „Праведна надница за праведен работен ден!“, тие треба да го напишат на својот транспарент револуционерното гесло: „Укинување на системот на плати!“ (Маркс, Вредност, цена, профит, 1865) А во Пораката до Централната управа на Сојузот од март 1850 година Маркс и Енгелс изјавуваат: „За нас не може да биде збор за промена на приватната сопственост, туку само за нејзино укинување, не за занемарување на класните спротивности, туку за укинување на класите, не за подобрување на постоечкото општество, туку за засновување ново.“ Или: „Кои грешки се направени од бавните реформатори, кои или сакаат да ги повишат надниците и оттука да ја подобрат ситуацијата на работничката класа, или – како Прудон – да гледаат на еднаквите надници како цел на општествената револуција?“ (Маркс, Економско-филозофски ракописи, 1844)

Дистрибутивната правда на Ролс би била вброена според Маркс во категоријата на вулгарен социјализам: „Вулгарниот социјализам (а од него еден дел од демократијата) има наследено од буржоаските економисти дистрибуцијата да ја разгледува како независна од начинот на производство и поради тоа социјализмот да го претставува како тој главно да се врти околу дистрибуцијата. Откако вистинскиот однос е одамна разјаснет, зошто враќање назад?“ (Maркс, Критика на Готската програма) Ние веќе приложивме статистички докази дека една дистрибутивна правда би можела само да го наруши светото право на буржоазијата да продолжи да отуѓува, експлоатира производи од трудот. За еднаквоста, Маркс во својата Критика на Готската програма тврди дека еднаквото право (како „праведна редистрибуција“) е „право на нееднаквост во својата содржина, како и секое право“, затоа што се применува на поединци кои не се еднакви во нивните потреби и дека крајната цел не е еднаква дистрибуција, туку дистрибуција според потребите. Енгелс во „Анти-Диринг“ нагласува дека „Идејата за еднаквост, и во нејзината буржоаска и во пролетерска форма, е историски производ, чие создавање бараше дефинитивни историски услови кои сами по себе претпоставуваат долга претходна историја. Затоа, тоа е сè друго освен надворешно раѓање“.

Што всушност сака Нозик да каже кога вели дека дистрибутивната правда го нарушува правото на приватна сопственост во смисла на немешање?

„Кога тесноградиот буржуј ќе им рече на комунистите: со укинување на имотот, т.е. моето постоење како капиталист, како земјишен сопственик, како сопственик на фабрика, и вашето постоење како работници, вие ја укинувате мојата и вашата сопствена индивидуалност; со тоа што ќе ми оневозможите да ве експлоатирам вас, работниците, да си го добијам мојот профит, камата или закупнина, вие ми го оневозможувате постоењето како индивидуа. – Кога, затоа, буржујот им кажува на комунистите: со укинување на моето постоење како буржуј, вие го укинувате моето постоење како индивидуа; кога на тој начин тој се идентификува како буржуј со самиот себе како индивидуа, мора, барем, да се признае неговата искреност и бесрамност. За буржујот тоа е всушност така, тој верува дека е индивидуа само доколку е буржуј. Но, кога теоретичарите на буржоазијата ќе се појават и ќе дадат општ израз на ова тврдење, кога тие истовремено го поистоветуваат имотот на буржујот со индивидуалноста и сакаат да дадат логично оправдување на оваа равенка, тогаш оваа глупост почнува да станува свечена и света.“ (Маркс-Енгелс, Германската идеологија)

Според Нозик, оданочувањето, со експропријација на некои од приходите што ги добивам преку мојот труд, всушност ме принудува да работам во корист на другите. Така: „Оданочувањето на заработката од трудот е на исто ниво со присилната работа … земањето на заработка од n часа труд е како да се одзема n часа од лицето; тоа е исто како да се присилува лицето да работи n часа за туѓа намена“. (Роберт Нозик, Анархија, Држава и Утопија, 1974, стр.169) Бидејќи оданочувањето ме принудува да работам за други луѓе, тоа го нарушува моето самопоседување.

Данокот е приход добиен од државата. Но, спротивно на она што го тврди либертаријанската теорија на класни антагонизми, голем дел од „данокот“ всушност не е данок воопшто, туку само цена платена за стоките и услугите обезбедени од државниот капитал. Даноците се дел од општествен договор којшто гласачите го направиле со владата, договор во којшто граѓаните се согласиле да ги разменуваат своите пари за услугите и добрата на нивната влада. Да се користат овие стоки и услуги на владата без да се платат даноци за нив, самото по себе е кражба и е строго казниво како прекршување на општествениот договор. Некои граѓани како Нозик може да приговараат дека тие не се согласиле на овој општествен договор, но дури и да е така, тогаш тие не мора да ги користат услугите и добрата на владата.

Само тој дел од приходот добиен од државата којшто ги покрива тековните трошоци на самиот владин апарат е данок. Само овој дел којшто го сочинува реалниот данок е дедукција од вишокот вредност, добиен преку данокот на додадена вредност којашто ја создаваат работниците. Германскиот термин за овој данок е Mehrwertsteur кој се преведува случајно како „данок на вишок на вредност“, истакнувајќи ја многу добро економската цел на овој данок од гледна точка на марксизмот. Делот којшто ја сочинува цената на стоките и услугите обезбедени од државниот капитал, на пр. здравствена и социјална нега, образование, итн., формира неопходен дел од трошокот за репродуцирање на работната сила и оттука сочинува дел од променливиот капитал на општеството.

Кога го обвинуваме капитализмот за експлоатација, го обвинуваме за експропријација на вредноста на трудот создадена од работниците. Но, зошто вредноста се должи на работниците или кои се нормативните основи на обвинението? Силата на обвинението дека производот на Х е украден почива врз претпоставката дека производот со право му припаѓа на Х – на некој може да му биде ограбено само она што го поседува, што видовме од статистичките докази за кражба на работничките плати. Но, која е основата на моралното право на Х врз производот на неговиот труд? Основоположникот на аналитичкиот марксизам Џералд Коен смета дека мора да се претпостави дека ова право се заснова на фактот дека Х го поседува својот труд. Но, ова е токму учењето за себепоседување. Бидејќи себепоседувањето го исклучува оданочувањето заради редистрибуција како што погрешно смета Нозик и го докажавме тоа горе, може да се верува дека го исклучува и социјализмот и поради тоа дека марксистите не можат да го поддржуваат учењето за себепоседувањето. Бидејќи себепоседувањето го основа марксистичкото учење за експлоатација, марксистите или мора да се откажат од учењето, или да најдат нова основа врз која ќе ја разработат. Но, Коен не гледа дека учењето за себепоседување противречи на капитализмот и потполно го поддржува социјализмот. Капитализмот кој се темели врз наемното ропство, во кој работникот се продава како стока, силно го прекршува принципот на себепоседување: „Постоењето на работникот оттука е доведено под истиот услов како и постоењето на секоја друга стока. Работникот стана стока, а тој би имал малку среќа ако може да најде купувач. А, побарувачката од која зависи животот на работникот, зависи од каприцот на богатите и капиталистите.“ (Маркс, Економско-филозофски ракописи, 1844) Значи, формата на капиталистичко себепоседување само по себе е оксиморон! Како доказ дека социјализмот се темели врз принципот на себепоседување е и фактот што социјалистичкиот комонвелт не би имал ништо против самовработувањето. „Според класичната економија, самовработувањето не предизвикува економски нееднаквости. Кога поединците ги разменуваат производите на својот труд, релативните цени ќе тежнеат да бидат поставени од трудовите вредности. Под услов дека влегувањето во самостојно занимање не е вештачки ограничено, занаетчијата ќе го заработува истиот вид на вредност во часови како оние што се вработени во социјалистичкиот сектор.“ (Cockshott & Cottrell, Towards a New Socialism, 1993)

„Мојот аргумент е дека ниту либертаријанизмот ниту егалитаризмот гарантираат правда, туку неизбежно доведуваат до повреда на човековите права. … Исто така, мојот став е дека може да се постигне решение само ако се најде вистинската рамнотежа меѓу слободата и еднаквоста, што значи оттргнување од ригидниот концепт на еднаквоста во смисол на едноличност.“ (Ивана Степановиќ)

Точно е дека либертаријанизмот не гарантира правда, но не е точно дека егалитаризмот односно комунизмот не гарантира правда, бидејќи комунизмот напротив го неприкосновува едно од основните човекови права на секој работник над производот од својот сопствен труд а коешто му е ускратено од либертаријанизмот односно капитализмот преку правото на приватна сопственост која може да постои само како последица на отуѓен труд. Нема потреба да се бара решение преку изнаоѓање рамнотежа меѓу слободата и еднаквоста земајќи го предвид фактот на Новоговорот на Нозик во кој наемното ропство е претставено како слобода, а еднаквоста како едноличност, односно нарушување на некаква си индивидуалност. „Комунизам, како довршен натурализам = хуманизам, а како довршен хуманизам = натурализам; тоа е вистинско решение на противречноста меѓу човекот и природата, човекот и човекот, вистинско решение на спорот меѓу постоењето и сушноста, меѓу опредметувањето и самопотврдувањето, меѓу слободата и нужноста, меѓу индивидот и родот. Тој е решение на загатката на историјата и тој знае дека тој е тоа решение. “ (Маркс, Економско-филозофски ракописи)

„За Аристотел најважниот аспект на сопственоста е неjзината употреба, бидејќи вредноста се изразува преку користењето.“ (Ивана Степановиќ)

Но, тврдејќи го ова Аристотел не е свесен дека запаѓа во противречност, затоа што токму сопственоста ги спречува работниците од употребата на производот од својот сопствен труд. Поточно би било да се каже дека најважниот аспект на сопственоста е нејзината злоупотреба затоа што таа е консеквенца на отуѓениот труд. Според тоа, токму во услови на приватна сопственост не е можно изразување на вредноста во свеста на работниците затоа што се спречени да го користат производот од својот сопствен труд. Крајниот заклучок кој е единствено правилен е дека најважниот аспект на сопственоста е правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд.

„Според Аристотел концептот на заедничка сопственост е проблематичен и тој значително го критикува Платон (Aristotle, 1959). Тој се сомневал дека системот на Платон за заедничка сопственост може да опстане, бидејќи најверојатниот резултат ќе биде тоа што никој нема да ја преземе одговорноста за земјата, туку ќе ја препушти на другите.“ (Ивана Степановиќ)

Напротив, концептот на приватна сопственост е проблематичен според којшто ужива онаа класа која не работи, а онаа која работи е лишена од можностите за уживање („Знаеме дека економистите дури и ропската работа на наемните работници ја правдаат со тоа што таа создава разонода, слободно време за други, за другиот дел од општеството – а со тоа и за самото општество на наемни работници.“ – Маркс, том 26, стр.199), додека концептот на заедничка сопственост е подобар затоа што „кога сите би морале да работат, би отпаднала спротивноста меѓу претераното работење и безделничење – и тоа секако би било консеквенција на тоа што капиталот би престанал да постои, што производот не би давал повеќе право на туѓ вишок на труд – и ако освен тоа се земе во вид развојот на производствените сили, како што капиталот ги создал, тоа потребниот општествен вишок ќе се произведе за 6 часа, повеќе отколку сега за 12 часа, и воедно сите работници би имале 6 часа „време со кое располагаат“, ќе имаат вистинско богатство; време кое нема да биде апсорбирано со непосредно производствен труд, туку ќе им останува слободно за уживање, за разонода, така што тоа дава простор за слободна дАјност и развој. Времето е простор за развој на способностите.“ (Маркс, том 26, стр.199)

Дека еден систем на заедничка сопственост може да опстане, наоѓаме пример во кинеското село Нанчицун со повеќе од 3100 жители, каде комунистичкиот принцип „Надминете ја свеста за приватна сопственост и воспоставете концепт за големо семејство“ строго го води секојдневниот живот на луѓето. Во 1980-тите, кога остатокот од Кина воведуваше пазарни реформи, Нанчицун отиде во друга насока, колективизирајќи ги своите фарми и индустрии. Од 1981 до 1984 година, селото го проба системот на домаќинства кои се одговорни за профитот и загубата на едно претпријатие, кога беа приватизирани земјиштето и фабриките во селото, но официјалните лица од Нанчицун соопштија дека ваквиот систем резултирал со опаѓање на земјоделското производство, зголемување на криминалот и општите непријателства и конфликти во селото. По повторната колективизација на Нанчицун, селото доживеа експоненцијален раст на економијата, а управата на селото започна да ги снабдува своите селани со бесплатна електрична енергија, храна, вода, школарина, опремени станови, здравствена заштита и животно осигурување. За време на раните 90-ти, селото започна да привлекува политичко внимание од официјални лица низ цела провинција Хенан, што му овозможи да добие големи заеми за нови проекти. Истовремено, Нанчицун започна да вработува работници однадвор во голем број. Селото инспирирало низа други села во земјата повторно да колективизираат.

„Џон Лок го смета правото на сопственост како едно од трите неотуѓиви права, заедно со правото на живот и правото на слобода, кои се стекнати според природниот закон, имено, законот на причина.“ (Ивана Степановиќ)

Во капитализмот, правото на живот е потчинето на правото на сопственост. Во својот говор одржан на 24 април 1793 год. Максимилијан Робеспјер ја критикувал Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот: „Прашајте било кој трговец на човечко месо што е сопственост; тој ќе ви го покаже долгиот ковчег наречен брод, во кој спакувани се заедно мажи и истите оковани, мажи кои изгледаат уште живи, и тој ќе ви каже: „Погледнете го мојот имот; јас го купив по глава“. Прашајте било кој благородник кој има земја и вазали, или кој верува дека светот ќе заврши кога сега тој повеќе не ги поседува и ќе ви открие слични идеи за имотот. Прашајте ги членовите на династијата на Луј Капе; тие ќе ви кажат дека најсветата од сите сопствености е, без сомнение, правото на наследство, дека тие го имаат древното право да угнетуваат, деградираат и владеат по личен ќеф дваесет и пет милиони луѓе кои денес ја населуваат територијата на Франција. Во очите на сите овие луѓе, сопственоста нема ниту еден морален принцип. Зошто вашата Декларација за правата на човекот и граѓанинот страда од истиот дефект, дефинирајќи ја слободата, „првиот од имотите на човекот, најсветото од неговите природни права.“ Со право рековме дека тоа е ограничено со правата на другите; зошто не го применивте овој принцип на сопственоста, којашто е општествена институција, како да вечните закони на природата беа помалку неприкосновени од конвенциите на мажите? Вие ги умноживте одредбите, за да обезбедите најголема слобода во остварувањето на имотот и не сте кажале ниту еден збор за да ја одредите неговата природа и легитимност, така што вашата декларација изгледа како да е направена, не за луѓето, туку за богаташите, за монополистите, за берзанските шпекулатори и за тираните.“ Кога јакобинците извршиле преврат на власта во револуционерна Франција, нивниот соборец Жан-Пол Мара изјавил: „Ние не сакаме да го нарушиме правото на сопственост. Но, кое право на сопственост е посвето од останатите други? Правото на живот. Ние сакаме да се одржи тоа право на сопственост.“

„Почетната точка на Лок е фактот дека бог му го дал светот на Адам и на неговото потомство.“ (Ивана Степановиќ)

Ако трудот е создавач на севкупното богатство, тогаш, класата која во прв ред е носител на таа дАјност, односно која со трудот го произведува богатството на народот, има право да го постави прашањето што станува со тоа богатство, како се „дели‘‘ тоа, што станува со таканаречениот потребен труд, а што со таканаречениот вишок на труд. Накусо, таа класа има право во најголема мера да ги присвои резултатите од тој труд. Всушност, првичниот постулат на критериумот за комунистичка дистрибуција се појавува во Новиот завет: „А сите кои поверуваа беа заедно и сè им беше општо. И продаваа стоки и имоти и тоа го делеа на сите, секому според неговата потреба“ (Дела 2:44–5). Во оваа насока, му порачува на човечкиот род и „старозаветниот Бог‘‘: „Земјата не продавајте ја засекогаш, бидејќи е моја земја, а вие, луѓето, сте дојденци и домашни кај мене.‘‘ (Библија, III Мојсеева 25:23); „Тешко ви вам што приближувате куќа до куќа и што составувате нива со нива, додека не го заземете сето место, па да станете единствени во земјата.‘‘ (Изаија, 5:8), итн. Во стариот завет „Бог‘‘ го проколнува Адам: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб додека не се вратиш во земјата од која си земен‘‘ (I Мојсеева 3:19). Меѓутоа капиталистичката „логика‘‘ вообразила дека кој има пари, тој може сè! На тоа става крај Маркс, кој докажал дека парите се општествен однос, кој настанува меѓу луѓето со поделбата на општеството на класи, односно со појавата на приватната сопственост. Со поопштествувањето на средствата за производство тој однос се губи.

„Клучниот аргумент е дека човекот го поседува сопствениот труд, и следствено на тоа земјата на која работел, како и плодовите на трудот. Во своето основно значење, правото на сопственост е негативно и значи едноставно немешање во нечија сопственост.“ (Ивана Степановиќ)

Ние видовме досега дека во капитализмот работникот не го поседува сопствениот труд, бидејќи принуден е да ја продава сопствената работна сила по цена на производство, ги објаснивме и причините зошто е принуден да го прави тоа, и бидејќи работникот, откако ќе го репродуцира еквивалентот за цената на својата работна сила, мора да произведе дополнителен производ за кој тој не е платен – т.е. вишок производ, производ на неплатен труд или вишок вредност, според тоа, работникот не ги поседува и плодовите на сопствениот труд. Така, буржоаското право на сопственост значи едноставно мешање во сопственоста на секој работник над производот од својот сопствен труд, за што наведовме и статистички докази.

„Сопственоста е нешто што е заслужено и легитимно добиено. Според тоа, правото на сопственост само го штити она што е веќе стекнато. Легитимитетот на ова барање на немешање произлегува од аргументот дека она што се постигнува преку труд не може да се отуѓи.“ (Ивана Степановиќ)

„Првата приватна сопственост секаде  настанала со узурпација на општинската или племенската сопственост…“ (Маркс-Енгелс Дела, том 6, стр.297) „Експропријацијата на директните производители се изведува со најнемилосрден вандализам и под нагон на најбесрамни, највалкани, најдолни и најодвратни страсти…“ (МЕД, том 21, стр. 671) „Приватната сопственост на средства за производство е фикција, бидејќи сопствениците не можат сами да ги употребуваат; но таа им дава власт над средствата за производство со помош на која ги присилуваат другите луѓе да работат за нив…“ (МЕД, том 27, стр. 464) „Капиталистичкиот процес на производство ја репродуцира со своето настанување раздвојување на работната сила од условите за работа. На овој начин, тој ги репродуцира и ги одржува условите за експлоатација на работниците. Тој постојано го принудува работникот да ја продава својата работна сила за да живее и постојано му овозможува на капиталистот да ја купува за да се збогати. Веќе не е случајно што работникот и капиталистот се среќаваат на пазарот на стоки како купувач и продавач. Самиот механизам на процесот постојано го фрла работникот како продавач на својата работна сила на пазарот на стоки и постојано го претвора сопствениот производ во средство за откуп во рака на друг. Всушност, работникот му припаѓа на капиталот уште пред да биде продаден на капиталистите… Неговата економска подреденост е реализирана и истовремено скриена со периодичното обновување на неговата самопродажба.“ (МЕД, том 21, стр. 509-510)

„За Хјум, проблемот со сопственоста започнува со појавата на недостаток. Поради недостатокот, поседувањето на сопственост треба да биде заштитено со закон (Hume, 1960). Хјум нагласува дека правото на сопственост не е природно, туку конструирано преку општествените норми. Да се брани истото е морален проблем. Тој тврди дека сопственоста е во суштина внатрешен, а не надворешен однос меѓу предметите и затоа се наметнува обврска на воздржување од сопственоста на други. Ова воздржување тој го нарекува правда и ја дефинира како: „континуирана и постојана волја да секому се даде неговиот дел…“ (Ивана Степановиќ)

„Ако трудот на секој човек беше доволен да произведува храна само за себе, немаше да има сопственост.“ – стои во првиот том од Капиталот на Маркс. Но, стоковното-паричното производство човековата способност да произведе повеќе отколку што му треба, ја претвара во неспособност да заработи ни колку што му треба, за да преживее! Впрочем и самото постоење на капиталистичката класа како посебна класа зависи од оваа способност на работникот да произведе повеќе отколку што му треба за репродукција на сопствената работна сила за наредниот работен ден. Свесен за овие факти дури и еден ситно-буржоаски револуционер како Жан-Пол Мара нема морална дилема да изјави: „Кога човек нема ништо, тој има право да им одземе на другите што имаат во изобилство. Наместо да гладува, тој има право да им го пресече гркланот и да го проголта нивното растреперено месо!“ Оттука, во право е Хјум кога вели дека „правото на сопственост не е природно, туку конструирано преку општествените норми“, но не е во право кога вели дека „поради недостатокот, поседувањето на сопственост треба да биде заштитено со закон“, бидејќи две причини: 1) недостатокот произлегува од правото на поседување на сопственост и 2) штитењето со закон на правото на сопственост просто значи „легализација“ на узурпација на правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд во бенефит на тие узурпатори. И затоа Мара оправдува мешање во сопственоста на други и ова мешање со право тој го нарекува правда. И пак се враќаме на почетниот став дека континуирана и постојана волја да секому се даде неговиот дел во услови на капитализам е утописка желба имајќи го предвид фактот дека „ако трудот на секој човек беше доволен да произведува храна само за себе, немаше да има сопственост.“

„Клучниот аргумент е категоричкиот императив што наметнува обврска за однесување во согласност со моралниот закон (Kant, 2002). Една од импликациите на моралниот закон е почитување на интересите на другите луѓе. И приватна сопственост секогаш се однесува на други луѓе.“ (Ивана Степановиќ)

Почитување на интересите на другите луѓе во услови на приватна сопственост? Кант мора да се шегува! „Ако произведувам повеќе производ отколку што мене ми треба, мојот вишок на производ е предвиден за твоја потреба, рафиниран. Јас само привидно произведувам повеќе. Јас всушност произведувам друг предмет, предмет на твоето производство кој намеравам да го разменам за овој вишок, тоа е размена која сум ја извршил веќе во мислите. Затоа општествениот однос во кој јас се наоѓам према тебе, мојот труд за твои потреби, исто така е обичен привид, а нашето меѓусебно дополнување е исто така обичен привид, чија основа е взаемното пљачкање. Намера за пљачкање, измама, нужно се наоѓа во позадина, бидејќи нашата размена е себична, како од моја така и од твоја страна, а бидејќи секоја себичност сака да ја надмине другата – туѓата, ние нужно се обидуваме да се меѓусебно измамиме. На мерката на моќноста која ја признавам на мојот предмет над твојот, е потребно твое признавање да би постанала вистинска снага. Меѓутоа, нашето меѓусебно признавање за взаемната моќ на нашите предмети е борба, а во борбата победува оној кој има повеќе енергија, снага, остроумност и снаодливост. Ако е доволна физичката снага, јас директно те пљачкам. Ако царството на физичката снага е уништено, и двајцата се правиме дека тоа не го забележуваме и поснаодливиот ќе го измами другиот. Кој кого ќе измами, за целиот однос е случајност. Идејно, мисловно мамење се случува и на двете страни, то ест од нив двајцата во своето мислење секој е убеден дека го надмудрил другиот.‘‘ (Маркс-Енгелс, „Дела“, том 3, стр. 288-289)

„Во Филозофија на умот (Philosophy of Mind), Хегел тврди дека сопственоста е конститутивен елемент на личноста.“ (Ивана Степановиќ)

Сопственоста е конститутивен елемент на буржоаската личност, но не и на работникот. Дури уште подобро речено сопственоста е конститутивен елемент на узурпаторот на правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд. Додуша чесно е да се признае дека според Хегел „сопственоста не

ја сочинува личноста само во оваа метафизичка смисла, туку исто така е неопходна за постоењето на правно лице, односно граѓанинот.“ Но, тој не го кажува тоа со вистинските зборови дека овде станува збор за узурпатор. Ги видовме досега статистичките докази.

„Хегел тврди дека секој мора да има сопственост, доколку тоа е рационална неопходност.“ (Ивана Степановиќ)

Но, Марксовиот закон за акумулација на капитал кажува друго: „Овој закон со акумулацијата на капиталот создава соодветна акумулација на беда. Акумулацијата на богатствата на едниот пол е, значи, едновремено акумулација на беда, маки на трудот, ропство, незнаење, подивеност и морално деградирање на спротивниот пол, т.е. на страна на класата што го произведува својот сопствен производ како капитал.“ (Капиталот, Том 1, 569) Со неколку зборови, акумулацијата на капитал е наголемување на бројот на пролетери односно безимотната класа. Еве ги и статистичките докази.

Ние често мислиме на Соединетите Американски Држави како место со многу социјална мобилност. Дали е вистина ова? Иронично, одговорот се чини дека е категорично „не“. Еден графикон од серијалот на Њујорк Тајмс за подвижноста на доходот во 2005 година покажува дека САД се рангирани на последното место меѓу Велика Британија, САД, Франција, Канада и Данска кога станува збор за стапката на подобрување на доходот за период од четири генерации за сиромашните семејства. И еве уште две многу интересни студии кои доаѓаат до слични заклучоци – извештај за социјалната мобилност од страна на Центарот за американски напредок и академска студија од 2007 година од страна на истражувачи од универзитетите Кент Стејт, Висконсин и Сиракуза. Еве како професорката Кeтрин Вилсон, вонреден професор по економија на Државниот универзитет во Кент, го сумира главниот наод во студијата: „Луѓето сакаат да мислат на Америка како земја на можности. Иронијата е во тоа што нашата земја всушност има помала социјална мобилност и поголема нееднаквост отколку повеќето развиени земји.“

Клучните откритија во врска со социјалната мобилност во САД се:

  1. Децата од семејства со ниски примања имаат само 1 процент шанса да ги достигнат врвните 5 проценти од дистрибуцијата на општествениот доход, наспроти децата на богатите кои имаат околу 22 проценти шанса.
  2. Шансите на децата родени во семејство со приходи од 42 000 до 54 300 американски долари да ги достигнат врвните пет проценти на дистрибуција на општествениот доход се само 1,8 проценти.
  3. Според меѓународните стандарди, Соединетите Американски Држави имаат невообичаено ниско ниво на меѓугенерациска социјална мобилност: приходите на нашите родители се многу предвидливи за нашите приходи како возрасни. Меѓугенерациската социјална мобилност е помала отколку во Франција, Германија, Шведска, Канада, Финска, Норвешка и Данска. Меѓу земјите со високи примања за кои се достапни споредливи статистики, само Велика Британија има помала стапка на социјална мобилност од Соединетите Американски Држави.
  4. Средната класа доживува поголема несигурност во доходот, додека топ 1/10 доживува помала несигурност. Од 1997-98 до 2003-04 година, зголемувањето на надолната краткорочна социјална мобилност беше поттикнато од искуствата на домаќинствата од средната класа (оние кои заработуваа од 34 510 до 89 300 американски долари во 2004). Домаќинствата во топ 1/5 не забележаа пораст на надолната краткорочна социјална мобилност, а домаќинствата во топ 1/10 (оние кои заработуваа 122 880 американски долари и повеќе) забележаа намалување на фреквенцијата на големи негативни шокови во приходите.
  5. Домаќинствата со средни приходи не се придвижуваше нагоре во 2003-04 година, година кога БДП порасна силно.
  6. Домаќинствата чии возрасни членови работеле повеќе од 40 часа неделно две години по ред биле социјално поподвижни во 1990-91 и 1997-98 година отколку домаќинствата кои работеле помалку часови. Сепак, ова не било факт во 2003-04 година, што сугерирало дека луѓето кои континуирано работат долго време, се чини дека повеќе не можат да создадат многу нагорна социјална мобилност за своите семејства.

„Маркс не започнува со поединецот, туку со колективното и општественото, залагајќи се против приватната сопственост.“ (Ивана Степановиќ)

Маркс и ете како се занимава со поединецот, докажувајќи дека приватната сопственост е негова негација: „Мојот труд би бил слободно пројавување на животот, затоа и уживање на животот. Под претпоставка на приватна сопственост, мојот труд е оспособување за живот, зашто работам за да би живеел, за да би создал средства за живот. Мојот труд не е живот.“ (Маркс-Енгелс, „Дела“, том 3, стр. 290, Белград, 1972) Или: „Човек кој нема слободно време на располагање, чиј цел живот, освен обичните физички прекини за спиење, оброци и слично, е апсорбиран од неговиот труд за капиталистот, е подолу од натоварен добиток. Тој е обична машина за производство на туѓо богатство, скршен во телото и осакатен во умот. Сепак, целата историја на модерната индустрија покажува дека капиталот, ако не го спречиме, невнимателно и безмилосно ќе работи на спуштање на целата работничка класа на ова ниво на екстремна деградација.“

(Marx, Salaire, prix et profit, 1865)

„Главната разлика е во тоа што Маркс ја брани колективната слобода и еманципацијата, додека Лок и Хегел се занимаваат само со индивидуалната слобода.“ (Ивана Степановиќ)

Маркс ја брани слободата и еманципацијата на секој поединечен работник угнетуван под наемното ропство, додека Лок и Хегел се занимаваат само со слободата на секој индивидуален буржуј да може да го одржува тоа наемно ропство во кое работникот е само „обична машина за производство на туѓо богатство.“

„Според Маркс еманципацијата секогаш е еманципација на група, а не на поединец.“ (Ивана Степановиќ)

Поточно е да се каже дека преку еманципацијата на работничката класа од наемното ропство за која се залага Маркс се реализира и еманципацијата на секој поединец наемен роб така што дури во комунизмот си го добива назад правото на сопственост над производот од својот сопствен труд.

„Роберт Нозик развива екстремна либертаријанска теорија за личниот интерес. Таа го брани правото на сопственост во послаба смисла на немешање и се залага за еднакви можности за стекнување сопственост.“ (Ивана Степановиќ)

Ние видовме досега дека оваа екстремна либертаријанска теорија за личниот интерес во суштина брани узурпаторско право на сопственост во смисла на мешање во правото на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд, а залагањето за еднакви можности за стекнување сопственост противречи на Марксовиот закон за акумулација на капитал кој создава соодветна акумулација на беда, односно неминовно наголемување на бројот на пролетери или безимотната класа. Во 2016 година, најбогатите 10% од оние кои заработуваат оствариле 50% од приходот во САД. Истите тие 10% поседуваат 77% од богатството. А најсиромашните 50%? Половина од американскиот народ? Тие поседуваат 1% од богатството, од кои 1 на 10 има негативна нето вредност. Во 2020 година, нето-имотот на Џеф Безос се зголеми за 87 милијарди долари, надминувајќи 200 милијарди долари во август, додека милиони Американци се соочуваат со невработеност и беспарица. Извештајот на CBS News во 2018 година открива дека трошоците за живот во Америка се зголемуваа со драматична стапка – инфлацијата беше на 2,9%, а платите опаѓаа. Инфлацијата е постојана и особено брзо се зголеми од почетокот на Индустриската револуција. Еден долар во 1776 година, годината на примарниот текст за капитализмот, „Богатството на народите“, ја имал истата куповна моќ како и 29,88 американски долари денес. Во неземјоделскиот сектор, европските работници во 1870 година работеле во просек 60-70 часа неделно. Селаните во 1300-тите работеле во просек 300 часа помалку годишно отколку што работеле американските работници во 2015 година. Покрај тоа, залагањето за еднакви можности за стекнување на сопственост е Танталова или Сизифова мака поради фактот што „во Западна Европа процесот на првобитната акумулација повеќе или помалку е завршен.“ (Маркс) Еднакви можности за стекнување сопственост имало само во одреден период од историјата на американските колонии кога „капиталистичкиот режим таму насекаде се судира со пречки, бидејќи производителите се стопани на своите сопствени услови на труд, се збогатуваат со својот труд сами себеси, а не капиталистот.“ (Маркс)

Нозик го оправдува капитализмот со експлицитно повикување на тезата за себепоседување, сметајќи дека само капитализмот може да го поддржи овој важен принцип. Но, дури ни целосниот капитализам à la Нозик – „утопијата“ во насловот на главното дело на Нозик – не го отелотворува принципот на себепоседување, никако како до степенот до кој социјализмот на Маркс би го применил овој принцип.

Досега, паралелата помеѓу принципот на придонес и условите за себепоседување се засноваше врз нивното заедничко придржување кон принципот од следниот вид: Луѓето имаат право да ја добијат целата вредност на нивниот трудов придонес. Ова, очигледно, е срцето на принципот на придонес.

Да испитаме што според Нозик имплицира себепоседувањето. Ние може да го претставиме аргументот на Нозик на следниов начин:

(1) Индивидуите сами се поседуваат. Затоа,

(2) Индивидуите го поседуваат својот труд.

(3) Ако некој е сопственик на својот труд, тој има право на целиот производ на тој труд.

(4) Ако, според тоа, тој стекне приватна сопственост преку својот труд, тој има право на таа сопственост.

Би можеле да мислиме дека чекорите (1) – (3) се заеднички за капиталистичкото себепоседување и принципот на придонес. Марксистите традиционално се против приватната сопственост, но се чини дека (4) следува од (1) – (3). Ако марксистите ги поддржуваат (1) – (3), тогаш можеби ќе мора да го признаат (4). Сепак, не мораат затоа што марксистите сметаат дека „приватната сопственост е консеквенца на отуѓениот труд“ (Маркс), а статистичките податоци за кражба на работничките плати го реафирмираат аргументот на Маркс.

Но, Нозик верува дека себепоседувањето имплицира повеќе од само (1) – (4). Од (4) плус фактот за себепоседувањето произлегува дека:

(5) Ако некој има право над одредена приватна сопственост, тогаш тој има право и над целото богатство што е создадено од таа приватна сопственост. Но, во Грундрисе, на пример, Маркс покажува дека тој нема право над целото богатство што е создадено од таа приватна сопственост, не само затоа што „приватната сопственост е консеквенца на отуѓениот труд“, туку и затоа што капиталистичкото себепоседување на Нозик е оксиморон бидејќи значи „кражба на туѓо работно време, врз којашто сегашното богатство е засновано.“ (Karl Marx, Grundrisse, 1973, p. 705)

Врз овој чекор, сепак, принципот на придонес и капиталистичкото себепоседување одлучно се одвојуваат. Принципот на придонес од Марксовата Критика на Готската програма наведува дека работникот има право над целата вредност од својот труд. Но, (5) имплицира дека сопственикот има право на целата вредност на приходот остварен од неговата сопственост, без разлика дали трудот потрошен за производство на тој приход е негов или на некој друг. Принципот на придонес бара вредноста на трудот да му се врати на работникот, а не да заврши кај лицето кое случајно го поседува капиталот што се користи во производството. Далеку од тоа дека принципот на придонес и капиталистичкото себепоседување се екстензивно еквивалентни, тогаш тие директно се контрадикторни едни на други. Тоа е чекорот (5) на кој инсистира Нозик, и тоа е чекорот (5) кој е основата на постојните капиталистички права. Но (5) не е дел од марксистичката доктрина.

Нозик експлицитно го отфрла тврдењето на Лок дека првичното стекнување е остварено со „мешање на нечиј труд“ со непоседувана сопственост. Таквата доктрина е, посочува Нозик, сомнително метафизичка. Од Лок, Нозик го задржува само „условот на Лок“, дека морам да оставам „доволно добра“ за другите, што Нозик го толкува како да значи дека моето стекнување не смее да ја влошува состојбата на другите луѓе. (Анархија, Држава и Утопија, стр. 174-75, 178) Само како стекнувањето легитимно треба да се случи, останува мистериозно, но јасно е дека трудот не е дел од приказната.

Иако причините на Нозик за отфрлање на теоријата на Лок за стекнување се разбирливи од буржоаска гледна точка на резонирање, треба да се посомневаме дека се работи за подлабок мотив кај Нозик за отфрлањето на „мешањето на нечиј труд“. Овој мотив произлегува кога ќе се свртиме од принципот на Нозик за правда при стекнувањето кон неговиот принцип на правда при трансферот. Приватната сопственост легитимно се пренесува на кој било од низа начини. Она што сите го споделуваат е дека овие трансфери се вршат доброволно, од луѓе кои имаат право над ресурсите и добрата што се пренесени: „Што и да произлезе од една праведна ситуација со праведни чекори, тоа е само по себе праведно“, каде што праведен чекор е оној што е доброволен и не крши ничии права (Анархија, Држава и Утопија, стр.151). Јас може да се здобијам со приватна сопственост со купување, што може да се пренесе со стекнување преку труд (јас би можел да работам напорно повеќе години за да заштедам пари што ми требаат за да го набавам мојот имот). Но, јас исто така може да го наследам, да го добијам на лотарија[1] или едноставно може да ми биде даден. Во овие случаи јас се стекнувам со приватна сопственост – и, со чекор (5) право над каков било приход остварен од неа – без да потрошам труд.

Се разбира, приврзаниците на себепоседувањето може да се обидат да ја оправдаат таквата трансакција со повикување не на себепоседувањето на примачот, туку на она на донаторот. Бидејќи себепоседувачкиот донатор има право на својот имот, тој има право да располага со него на кој било начин што му се допаѓа, вклучително и да го пренесе на своите деца. Но, моралната сила на принципот на право произлегува од принципот на придонес. Ние сметаме дека луѓето имаат право на свој имот како награда за своите напори. Нозик ја истакнува оваа претпоставка во неговите аргументи против редистрибутивното оданочување, споредувајќи го таквото оданочување со „принуден труд“. (Анархија, Држава и Утопија, стр.169) Ако оданочувањето треба да биде принуден труд, тогаш тоа мора да биде труд. Затоа што работникот има право на производот од својот труд за којшто може да не биде оданочен.

Така, себепоседувањето ја црпи својата сила од интуитивното тврдење дека луѓето имаат право на производот од својот труд како награда за нивниот труд. Трудот – барем во капитализмот – е тежок, и затоа оние што се занимаваат со него имаат право на неговите плодови. Така, Нозик може да зборува за ропство кога би им ја ускратиле оваа очигледно праведна награда на луѓето. Но, бидејќи себепоседувањето ја добива својата морална сила од идејата дека треба да бидеме наградени за нашиот труд, кога тоа се користи да се оправди трансферот на богатство кај оние кои не се занимавале со таков труд, овој идеолог на капитализмот се служи со вешта измама. Тој се обидува да го пренесе не само богатството, туку и правото, акумулирано од оригиналниот стекнувач. Но, правото, кога тоа лежи врз темелот на наградата за трудовиот придонес, не може да се пренесе. Себепоседувањето ја должи својата морална сила на својата тесна врска со моралната заслуга, но многу од карактеристичните капиталистички трансакции на кое тие се повикуваат треба да го оправдаат директно судирот со моралната заслуга. Штом трикот се разоткрие, себепоседувањето ја губи својата моќ да го оправда (да речеме) наследството.

Токму од овие причини заклучуваме дека иако принципот на придонес и принципите на дистрибуција генерирани од себепоседувањето се паралелни за дел од својата должина, во голем број вообичаени ситуации тие одлучно се раздвојуваат. Нозик го дава интуитивно уверливото тврдење дека индивидуите имаат право на производот од својот труд со цел да ја оправди капиталистичката сопственост, но тој не ја гледа последицата што Маркс ја гледа од оваа доктрина: дека капиталистите немаат право на производот од нивната сопственост како капиталисти.

Односно, од принципот на придонес следи дека сопствениците на приватна сопственост може да имаат право на (дел) од богатството што го создава нивниот имот[2], но ова право нема да произлезе од едноставниот факт на нивната сопственост. Ако тие имаат право, тоа ќе биде затоа што тие играат некаква улога во производствениот процес, директно или индиректно[3]. Тие можат легитимно да примаат плата ако придонесуваат за претпријатието – на пример, во улога на управување. Тие дури можат да имаат право на приход од нивниот имот до степен до кој имотот е олицетворение на нивниот минат труд – приход што одговара на нивниот вистински трудов придонес. Но, тие немаат право на приход само затоа што поседуваат имот: како капиталисти, тие немаат никакви права.

Нозик ja користи двосмисленоста помеѓу овие две сфаќања на правото, едното засновано врз принципот на придонес, а другото, поточно капиталистичкото, право засновано врз едноставниот факт за сопственост. Секоја веродостојност што ја има второто сфаќање ја добива од конфузијата со првото. Исто како што Нозик ја користи оваа двосмисленост, така и капитализмот ја користи.

Така, Маркс може да го осуди капитализмот во име на неговите сопствени принципи и да му спротивстави социјален и економски поредок што ќе ги применува овие принципи, интерпретирани со поголема грижа отколку што капитализмот некогаш би можел да си го дозволи тоа.

„За Нозик, приватната сопственост е неотуѓива и било какво мешање во нечија сопственост го смета за кражба.“ (Ивана Степановиќ)

Бидејќи приватната сопственост е последица на отуѓениот труд испаѓа дека приватната сопственост е кражба и се меша т.е. ја узурпира сопственоста на секој работник над производот од својот сопствен труд. „Да се бара еднаква или праведна награда на основа на наемен систем, исто е што и да се бара слобода на основа на ропство.“ (МЕД, стр. 27, стр. 108)

„Нозик го гради своето тврдење врз идејата за себепоседување (себепоседување прим. прев.). Неговата појдовна точка е поединец кој се поседува себеси заедно со своите таленти и сопствености. Поради тоа, никој нема право да го лиши од живот, слобода или сопственост.“ (Ивана Степановиќ)

Да видиме каков контра-аргумент има да даде Прудон кон идејата за себепоседување во услови на капитализам: „Да му се каже на некој сиромашен човек дека има сопственост затоа што има раце и нозе – дека гладот од кој страда, и неговата моќ да спие на отворено се негова сопственост – значи да се игра со зборови и да се додаде навреда на повредата.“

„Принципот на себепоседување е основа врз која е укинато ропството, бидејќи робовладетелите „се сметале за крадци на луѓе и нивните ’права’ над робовите се сметале за неважечки, токму поради тоа што го нарушиле себепоседувањето на робовите“ (O’Keeffe, 1992).“ (Ивана Степановиќ)

Принципот на себепоседување како што видовме функционирал само во одреден временски период од историјата на американските колонии кога „капиталистичкиот режим таму насекаде се судира со пречки, бидејќи производителите се стопани на своите сопствени услови на труд, се збогатуваат со својот труд сами себеси, а не капиталистот.“ (Маркс) Инаку, аксиомата на Нозик за себепоседување или себепоседување е противречна. Меѓу мноштвото теоретски проблеми, следниот проблем е решавачки. Целосно право на сопственост над нешто доделува право да се продава тоа нешто. Поради тоа, некое лице кое на кое му е доделено себепоседувањето треба да го има правото да се продава себе како роб. На овој начин, етичкиот принцип кој изгледа дека имплицира осуда врз ропството може да се употреби за да се оправди истото, како што е направено од Нозик (1974, стр.331) Arneson (1991) и Cohen (1995) ги изложуваат сите слабости на аксиомата за себепоседувањето. Види Philmore (David Ellerman) (1982) за иронична критика.

„Себепоседувањето значи дека поединецот не само што го поседува своето тело, но и своите способности. Еден човек е сопственик на своите таленти а оттука и на неговиот труд, како и на плодовите на тој труд.“ (Ивана Степановиќ)

Најочигледен пример каде себепоседувањето во услови на капитализам и наемно ропство е укината гледаме во проституцијата. Активистката Џени Перл, претставничка на Англискиот колектив на проститутки изјави: „Излегувам да работам заради економските притисоци. Социјалната помош не ја покрива сметката за парно, струја, вода или мебел и други неопходности во домаќинството. Долгорочно не можам да живеам на социјална помош. Не можам да си дозволам да купам чевли или капути. Повеќето девојки или жени што ги среќавам на улиците се таму од истите причини, само за да го задржат семејството, да не им ги земат децата. Добиваат барем одредена контрола за да можат самите да одлучат кога ќе имаат греење дома, а кога не, за да не бидат приморани да останат во кревет покриени до глава со јорган. Излегуваат на еден час и заработуваат доволно за една сметка. Понекогаш тоа е единствената контрола, единствениот избор што го имаме во животот. Можеме да останеме во кревет, да живееме во беда, да преживуваме на леб и паштета, но лично сметам дека заслужувам повеќе, исто како и ќерка ми. Затоа решавам да излезам на улица и да заработам пари за подобар живот. Мојата работа не е нечесна. Напорна е. Да имав избор немаше да ја работам. Но сега кога имам досие за проституирање немам друга опција за работа со која финансиски би ја згрижила ќерка ми без притоа да ја запоставам. Ќерка ми има попреченост, па кога излегувам морам да заработам 60 фунти само за трошоците за дадилка, иако има 25 години, па потоа да заработам пари за сметки.“

Онаму каде што постоењето на бордели е нелегално, мнозинството проститутки се независни и се сексуално, но не и економски експлоатирани. Онаму каде што постоењето на борделите е легализирано, капиталистичките бизниси доминираат во трговијата, што значи дека економската експлоатација се комбинира со засилена сексуална експлоатација.

„Нозик тврди дека сопственикот мора да биде во можност да избере што да прави со својата сопственост, бидејќи во спротивно тој не е слободен поединец и поради тоа нема достоинство.“ (Ивана Степановиќ)

„Приватната сопственост на средствата за производство е фикција, бидејќи сопствениците не можат да ги користат самостојно; но им дава моќ над средствата за производство со кои ги принудуваат другите луѓе да работат за нив. Во полу-варварска состојба, ова можеби беше потребно, но веќе не е така. Сите средства за производство мора да се поопштестват за да сите имаат право и можност да ја применат својата работна сила.“  (МЕД, том 27, стр. 464)

„Еднаквоста е во целост неприфатлива за Нозик. Таа не може да биде критериум за правда, бидејќи „не постои морално нагласување на еден од нашите животи

од другите за да доведе до поголемо општо општествено добро“ (Nozick, 1999).“

„Во целото сегашно граѓанско општество, постои такво намалување на цените и нивниот промет, итн. како површен процес под кој, сепак, во длабочина се одвиваат сосема различни процеси, во кои исчезнува оваа очигледна еднаквост и слобода на поединците.“ (МЕД, том 19, стр.133)

„Единственото моралното воздржување што Нозик го предлага е „либертаријанското ограничување“, кое забранува агресијата на еден поединец врз друг.“ (Ивана Степановиќ)

Капиталот си останува она што го пишува „Quarterly review“ за него. Општествен однос кој за соодветен профит става се под нозе. „Капиталот“, вели „Quarterly review“, „избегнува од врева и кавга и се одликува со бојазлива природа… Капиталот се плаши од отсуство на профит, или сосема мал профит, како природата од празен простор. Со соодветен профит капиталот станува смел. Ако е 10% осигурено, капиталот може да се примени насекаде, со 20% тој живнува, со 50% станува позитивно вратоломен, за 100% ги става сите човечки закани под своите нозе, 300% не постои престап на кој тој не ризикува, дури и при опасност да го обесат. Ако вревата и кавгата носат профит, тој и двете ќе ги потспотнува. Доказ: контрабандата и трговијата со робови‘‘ (Капиталот 1-ви том, стр. 663, фуснота 250). Ако така пишува буржоаски весник во седумдесеттите години на 19-от век, можете да замислите какви „интелектуалци‘‘ се оние кои денес го слават капитализмот?!

„Според Нозик, да им овозможи на сите да се здобијат со сопственост значи да се ограничи слободата.“ (Ивана Степановиќ)

„Да се бара еднаква или праведна награда на основа на наемниот систем, исто е што и да се бара слобода на основа на ропство.“ (МЕД, том 27, стр. 108)

Дел од аргументите на Нозик на стр. 9 што ги наведува Ивана Степановиќ ќе ги прескокнеме затоа што веќе ги одговоривме и немаме намера да ги повторуваме нашите контра-аргументи и ќе преминеме на аргументите на Ајн Ренд.

„Спротивно на вообичаените верувања, Ајн Ренд тврди дека алтруизмот е зло, а дека себичноста е доблест. Таа нагласува дека себичноста едноставно значи „загриженост за сопствените интереси“ и го ослободува од морална евалуација (Rand, 1964). Таа, своето етичко учење го нарекува објективизам поради тоа што се залага за рационална себичност која е базирана исклучиво на разумот. Нејзината одбрана на правото на приватна сопственост произлегува од ова етичко учење.“ (Ивана Степановиќ)

Дали нејзиното учење наречено објективизам е навистина етичко? И кои се неговите последици за општеството? Во Рендовото општество слободата ја лажира моралноста, алчноста ја лажира вистината. По патот нагоре, силниот го соборува слабиот, што е опстанок на најприспособливиот (суштината на социјалниот дарвинизам, дискредитирана филозофија од времето на Robber Baron, велејќи дека природната селекција кај животните исто така се применува кај луѓето). Еве еден практичен пример колку страшни се последици за општеството од објективизмот на Ренд според кое себичноста значи загриженост за личните интереси. Во март 1964, жена во Њу Јорк, Kitty Genovese, била избодена со нож до смрт една вечер додека 38 соседи гледале молкум и не направиле ништо. Тие не сакале да се вмешаат. На крајот, треба да прашаме дали Ајн Ренд била злобна? Ренд била нарцисоидна во крајност. ‘И недостигала емпатија. Таа би можела да биде силно шармантна (шарм и харизма се вообичаени особини на социопатија), но исто така била склона на изливи на бес и фрустрација. Експлоатирала млади, емоционално ранливи луѓе и често ја саботирала нивната слика за себе со својата одмаздољубива суровост. Тврдела дека го сакала својот сопруг, но имала афера со помлад маж токму пред него, ситуација што го натерала нејзиниот сопруг да стане алкохоличар. Била хипохондрик. Покажувала знаци на параноја. Имала заразни лични особини, пушела две кутии цигари дневно и голтала шака таблети амфетамини. Ги презирала „просечните“ луѓе, кои ги сметала за грди и глупави и ирационални, додека себеси се гледала со возвишена одредба како најголем писател во историјата и најголем филозоф по Аристотел. Не била заинтересирана за чии било потреби или желби или страдање освен за сопствените. Била способна да тврди во печатот дека никој никогаш не ѝ помогнал, кога во суштина со години користела од милосрдието и добрата волја на роднини и деловни соработници и пријатели. Се отуѓила скоро од сите свои пријатели до крајот на својот живот и умрела скоро сама. Таа буквално ги излудувала луѓето, а поранешниот објективист Edith Efron еднаш забележал дека ако вие поминете некое време со Ренд, ќе морате да се прашате дали сте луди, или дали таа е луда (цитирано според Walker). Била мегаломан. Веројатно била манично депресивна. Создавала херојски измислени ликови кои се длабоко потиснати, неспособни за нормална човечка интеракција, и обично лути или згрозени од светот. Тешко е да се сфати ова за личност која би требало да се смета како пример на рационалност и благонаклоност – но, сепак ова е како нејзините следбеници ја гледаат. (Поширока критичка елаборација на аргументите на Ренд може да се прочита во текстот „Слободно – поточно капитализам“ од Лазар Гогов)

Џон Неш е американски математичар кој ја поби теоријата на Адам Смит за „невидливата рака на пазарот“. Се разбира, Џон Неш е познат како добитник на Нобеловата награда за економија во 1994 година за „Анализа на еквилибриумот во теоријата на не-кооперативни игри“ (со Рајнхард Селтен и Џон Харсани). Покрај тоа, во 2015 година, Џон Неш ја освои највисоката награда по математика – Наградата Абел за придонес во теоријата на нелинеарни диференцијални равенки. Абелова за математика и Нобелова награда за економија – колку голем генијалец! Неш беше единствен: тој не напиша многу дела, но во секој случај овие малку дела драматично го сменија разбирањето на економската наука.

Во 1950 година, Неш го артикулира решението за фер „поделба на пита“ (проблемот со поделбата на резултатот од трансакцијата) на осум страници во написот „Проблем со договарањето“. Но, целата економска наука го решаваше овој проблем неколку векови без резултат! Главната идеја на овој напис е дека резултатот од трансакцијата зависи од тоа што би добиле играчите доколку трансакцијата не се случи, и од потенцијалните придобивки од трансакцијата. Таквиот пробив ги принуди математичарите на Универзитетот Принстон, каде што студираше Неш, да го ценат младиот научник со најголема сериозност, особено неговиот „еквилибриум“. Тој беше упатен итно да напише научна дисертација на оваа тема (очигледно, статија на една страница – тоа било фантастично лесна задача). Џон Неш под присила, неволно, со измени, ја напишал тезата Не-кооперативни игри во 1951 година. На 28 страници! Оваа теза во форма на напис веднаш беше објавена во Аналите на математиката. После тоа, светот стана квалитативно поинаков.

Резултатите на Џон Неш станаа револуционерни. Адам Смит верувал дека кога секој член на заедницата делува себично, следејќи ги своите интереси, тоа води кон ефикасна состојба на еквилибриум на оваа заедница. Принципот беше наречен „невидливата рака на пазарот“. Оваа ситуација го максимизира вкупниот профит. Економистите често ја нарекуваат оваа состојба Парето оптималност (ефикасност на Парето). При оптималноста на Парето, промената на текот на дејствието на кој било играч ќе доведе до влошување на вкупниот резултат. Сепак, игрите, во кои секој играч ги следи своите интереси, не доведуваат до оптималноста на Парето. Тие доведуваат до еквилибриумот на Неш – ситуација кога е неповолно за кој било играч да го смени својот начин на постапување. Џон Неш покажа дека кога секој член на групата делува само во свој интерес, тие не ги постигнуваат максималните интереси на групата.

Со други зборови, себичноста на луѓето на крајот не доведува до најоптимална состојба, туку попрво до стабилниот еквилибриум на Неш, не толку оптимален од гледна точка на општеството. Адам Смит е застарен!

Заклучок: Според нашето мислење, спротивно на Ивана Степановиќ, егалитаристичката теорија на Маркс-Енгелс успеа да го побие либертаријанскиот аргумент за приватната сопственост. Концептот на Џон Ролс за дистрибутивна правда е ирационален и неубедлив, бидејќи во услови на приватна сопственост е чиста контрадикција. Егалитаристичкиот пристап се фокусира исклучиво на страната на примачот на дистрибуцијата затоа што тоа е и оштетената страна во случајот, во кој странува збор за повреда на правото на работникот на самоопределување. Токму капитализмот ги лиши работниците од правото да донесуваат одлуки за себе односно ја ограничува нивната слобода на неприфатлив начин. Прифаќањето на идејата за самосопственост нема за последица дека приватната сопственост е неотуѓива, туку сосема обратното, дека приватната сопственост е отуѓива, затоа што таа самата е последица на отуѓен труд. „Станува збор за експропријација на неколку узурпатори од масите.“ (Маркс) Според Ивана Степановиќ, „главната причина поради која егалитеристичкиот аргумент изгледа дури и застрашувачки е што постојат бројни случаи во кои праведната дистрибуција на Ролс е едноставно неправедена. Еден од примерите што Нозик ги дава е трансплантација на око (Nozick, 1991). Тој прашува дали, под претпоставка дека може лесно да се трансплантираат очи, ќе

биде праведно да се лиши некој од едното око со цел да му се помогне на еден слеп човек. Со давање на овој пример, Нозик отворено објаснува зошто можеби не е толку добра идеја да си роден и да живееш во светот на Ролс.“ Зошто со сигурност е многу лош факт да си роден и да живееш во светот на Нозик е примерот со кампања од билборди која намерно ги насочува студентите од работничката класа. „Потребни ви се книги? Без грижи. Донирај плазма“, гласи насловот. Новиот и цутечки пазар на крв е совршено олицетворение на доцната капиталистичка дистопија, модерна Америка. За голем дел од светот, дарувањето крв е чин на солидарност, граѓанска должност што здравите луѓе ја извршуваат за да им помагаат на другите кои имаат потреба. Идејата да се плати за такво дело ќе се смета за бизарна. Но, во САД, тоа е голем бизнис. Навистина, во денешната бедна економија, каде околу 130 милиони Американци признаваат дека не можат да плаќаат за основни потреби како храна, домување или здравствена заштита, купувањето и продавањето крв е од неколкуте успешни индустрии што ги има Америка. Скоро половина од Америка е санкилотска, а 58 проценти од земјата живее од плата до плата, со заштеда помала од 1000 долари. 37 милиони Американци легнуваат гладни, вклучително и една шестина од жителите на Њујорк и скоро половина од жителите на Јужен Бронкс. И, повеќе од половина милион спијат на улиците секоја ноќ, со многу милиони повеќе во возила или потпирајќи се на пријатели или семејство. Токму во овој контекст тие  се свртеа кон продажба на крв за да врзат крај со крај. Во многу реална смисла, овие корпорации ја жнеат крвта на сиромашните, буквално цицајќи го животот од нив затоа што плазмата е златна течност што пренесува протеини и црвени и бели крвни клетки низ телото – и што токму тоа ја прави толку барана. Сосема биле во право Маркс и Енгелс што го споредиле капиталот и капитализмот со вампир: „Капиталот е мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што толку повеќе живее, колку повеќе ќе исцица од него.“ (Маркс); „Буржоаскиот поредок…стана вампир кој ја цица крвта на работничките срца и мозоци и ги фрла во алхемичарскиот казан на капиталот.“ (Енгелс)

Според Ивана Степановиќ, „еден од главните аргументи кои објаснуваат зошто законите за економските и за социјалните права не се спроведуваат соодветно е дека тие чинат многу“, но сигурно не колку што армијата од трутови ја чини работничката класа која ја издржува со својата наемна работа за нив? „Вкупниот број на лица (вбројувајќи го и управниот персонал) вработени во фабриките на Обединетото Кралство изнесувал само 775 534, додека бројот на женската послуга само во Англија изнесувал 1 000 000. Прекрасно уредување во кое фабричката девојка мора 12 часови да се поти во фабриката, да би господарот на фабриката можел со делот на нејзиниот неплатен труд да ја прими во негова лична служба нејзината сестра како слугинка, брат ѝ како слуга, а нејзиниот роднина во војска или полиција.“ (МЕД, том 24, стр. 137) Во Хонг Конг има само 100 000 фабрички работници и 300 000 градежни работници наспроти 800 000 во финансии, еден милион во разни видови на трговска размена и над еден милион во јавна администрација. Ова е економија што во основа живее од вишокот произведен на кинеското копно.“ (Пол Кокшот) Статистиката на Кокшот за големината на работничката класа во Хонг Конг наспроти големината на непродуктивниот сектор го потврди она што Маркс го кажа пред 156 години!

„Со цел секому да му се овозможи да ги обезбеди основните потреби, потребен е некаков вид праведна дистрибуција. Се чини дека е ова тешка задача.“ (Ивана Степановиќ) „Кога буржујот му приговара на пролетерот дека тој, пролетер, има човечка должност да работи 14 часа дневно, тогаш пролетерот има потполно право да му одговори со истиот јазик дека тој има задача пред тоа да го сруши целиот буржоаски режим.“ (МЕД, том 6, стр. 233)


[1] Народот се залажува со лотаријата. Јас веднаш ќе кажам што е тоа лотарија. Имам, да речеме, крава, која чини 50 рубљи. Јас сакам таа крава да ја ставам во игра на лотарија и им нудам на сите билети од по една рубља. За една рубља може да се добие крава! Народот се соблазнува, и така паричките си течат. Кога ќе се насоберат сто рубљи, тогаш јас ја отворам играта: оној чиј билет ќе се извлече ќе ја добие кравата за една рубља, а другите ќе си заминат без ништо. „Евтино“ ли му се фатило таа крава на народот? Не, многу скапо, зашто за неа се плаќа двојно повеќе од цената, зашто двајца (оној што ја организира лотаријата и оној што ја доби кравата) спечалија без никаков труд, и тоа спечалија на сметка на деведесет и девет души што ги загубија своите пари. Значи, оној што зборува дека е лотаријата полезна за народот, просто го залажува народот. (Ленин, До селската сиромаштија, стр. 483)

[2] Аргументи за тоа зошто сопствениците на приватна сопственост не може да имаат право на (дел) од богатството што го создава нивниот имот, види во следните текстови: Аргументот на роботи на Кејнз и Попер соборен, Зошто трудот на животните и машините не произведува вредност? и Апстрактниот труд е единствениот извор на (вишок) вредност.

[3] „Капиталистот не може повеќе да ги третира своите профити како „плата за надгледување“, бидејќи не надгледува ништо. Да не го заборавиме ова кога бранителите на капиталот ни ги полнат ушите со таа фраза.“ – Ф. Енгелс во својата статија „Општествени класи – неопходни и излишни“ (1881)