Ферид Мухиќ и Златко Жоглев, лоши Марксови биографичари

Ферид Мухиќ и Златко Жоглев во својот учебник за студентите по филозофија со наслов „Мислење во акција“ во делот за Маркс даваат небулозни ставови во однос на марксизмот. Така на пример пишуваат дека „Народи кои Маркс ги сметал за историски надмоќни, го сметале за непријател, а народите кои тој ги потценувал, го прогласиле за својот најголем пријател.“

Ниту е точно дека западноевропските држави го сметале Маркс за непријател, ниту пак е точен исказот дека тој потценувал одредени народи кои го прогласиле за својот најголем пријател. Во самиот текст за Маркс, Мухиќ и Жоглев сами си противречат на својот исказ дека „народите кои“ навидум „Маркс ги потценувал тие го прогласиле за својот најголем пријател“ кога пишуваат дека: „Тие што живееле од негова наука, го прогласиле за ненаучник. Тие што предавале за неговиот хуманизам, го нарекле антихуманист. За него не сакаат да слушнат оние кои создале држави повикувајќи се на него… Оние што биле затворани зашто вчера го сакале, ги затвораат оние што го сакаат денес…“

Не е точен ниту исказот дека Маркс потценувал одредени народи кои го прогласиле за својот најголем пријател. Види опширна аргументација против овој исказ под наслов „Дали Маркс и Енгелс ги мразеле Србите?“.

Ниту е точно дека западноевропските држави го сметале Маркс за непријател. За 25 години од смртта на Маркс, европските социјалистички партии кои го признаа Марксовото влијание на нивните политики секоја од нив добиваше меѓу 15 и 47% во тие земји на претставнички демократски избори. Шведската социјалдемократска партија била на власт над 80 години што е повеќе и од властодржието на советската комунистичка партија. И зошто национализациите во Шведска под владата на Палме, тие во Франција под владата на Митеран и тие во Британија под владата на Атли би се разликувале од оние коишто биле спроведени во СССР, СФРЈ и НР Кина? Всушност, социјални револуции во Западна Европа се случија, но тамошните авангарди на работничката класа, како и оние во СССР, СФРЈ и НР Кина, не беа доволно марксистички образовани да го укинат и наемното плаќање на работниците како би ги довршиле револуциите, рушејќи го до темел капиталот како општествен однос. Нема никаква причина зошто да цениме дека Марксовата предикција од глава 32 на Капиталот е побиена од емпиријата, наспроти верувањето на Карл Попер. Напротив, во 20 век ширум цела Европа, од Урал до Британија, работничката класа немала никогаш порано толку моќен политички статус – да има мнозинство во националните собранија. Тоа што револуциите немале успех, не е вина на Марксовата теорија, туку на авангардите коишто не ја студирале.

Исказот на Мухиќ и Жоглев дека Марксовите „политички прогнози се оствариле каде што тој не очекувал…“ не е точен. Маркс „предвидел“ победа на работничката класа и „во една од најнеразвиените земји“. И тоа точно во Русија. И тоа точно по редоследот како што се одвиваа тие: Русија, Германија, Австрија… И не еднаш го имаат кажано тоа, туку повеќепати. Маркс и Енгелс во Предговорот за второто руско издание на „Манифестот на комунистичката партија“ велат: „Русија е претходница на револуцијата во Европа“. И тоа уште во 1882 година. Ако е до „предвидување“ еве го првото.

Маркс уште во 1850 година во „Класните борби во Франција“ пишува: „Во екстремитетите на капиталистичкото тело мора да дојде понапред до катастрофа, отколку во неговото срце, каде можноста за компензација е поголема“. Иако мислата е искажана со „медицински јазик“ зборовите „екстремитети на капиталистичкото тело“ доволно јасно индицираат на „општество“. Во време кога Ленин ја подготвува руската работничка класа за покренување на револуционерно востание, Русија е сè уште „екстремитет на капиталистичкото тело“. А Ленин, бидејќи ја имал напишано студијата „Развој на капитализмот во Русија“ во времето од 1896-1899, можел да увиди тогаш дека Русија сè до 1917 година е „екстремитет на капиталистичкото тело“. „Можностите за компензација“ во Русија, разјадувана од класните антагонизми, истоштена од војната, неразвиена и уште со остатоци од времето на првобитниот комунизам (руската заедничка земјишна сопственост), секако дека биле помали, отколку во Германија, Франција или Англија, каде што капиталистичката класа има поголеми можности да спречи секакво револуционерно движење. И зошто сега Ленин го обвинува Маркса, кога не успеал да го разбере ни таму, каде што е сосема јасен? А освен тоа, Маркс му вели сосема јасно уште во 1847 година: „Кој со категориите на политичката економија ја гради идеолошката зграда на некој систем…“ ќе направи cas merdeux, а Ленин и кога е на власт и кога има моќ во свои раце, ја прави работата наопаку, од она како што вели Маркс. И после виновен му е Маркс.

Во интервјуто за весникот „Њујорк Трибјун“ од 18.12.1878 година, Маркс вели: „Не мора да се биде социјалист, па да се предвиди дека во Русија, Германија, Австрија и можеби во Италија, (ако Италија продолжи по досегашниот пат), ќе дојде до крвава револуција“. За Ленин ни тоа не е „прецизен цитат и непобитно упатство“. Нему му треба сценарио. Навистина, што ти е професионален револуционер! Кога Маркс го вели наведеното, Ленин е на осум години. Меѓутоа, кога бара „прецизен цитат и непобитни упатства“ се наоѓа на 52-годишна возраст, со огромно животно искуство, големо познавање на филозофијата и очајно слаб во економијата, така што не може да му се прогледа низ прсти и да му се прости неговото детско викање против Маркс. Човек кој си зел за обврска да биде водач на првата пролетерска револуција, сепак морал потемелно да го проучи марксизмот. Но, Ленин изгледа го сфатил марксизмот само како „филозофија“ за надмудрување. Тоа може да се заклучи од неговите истапувања против разни искривувачи на марксизмот или разни други интелигенции, кои си земале за право да го напаѓаат марксизмот, а да не прочитале ништо од него. Меѓутоа, во тешкиот момент и Ленин се открива дека е полош и од нив. Не верувам дека на Ленин не би му се случило она што му го советувале некои луѓе на Керенски: „Дајте им ја власта на болшевиците, а по некое време тие ќе пропаднат“. Да постапел Керенски по кажаното, ќе му заштедил на светот една револуција и ќе спасел безброј животи, не само во Русија, туку и во цел свет. Ленин со својот „марксизам“ немало да ја протурка толку далеку, колку што ја протурка со оружената револуција.

Енгелс во „Европските работници 1877 година“ вели: „На таа револуција руската влада не може да ѝ избегне, па макар и успеала да го одлoжи нејзиното избивање за година или две“. Значи и Енгелс, анализирајќи го работничкото движење во Европа, „предвидува“ револуција во Русија. Тој е, додуша, голем оптимист во очекувањето на бурна револуција, но не може да му се оспори дека точно предвидел дека „руската револуција не значи само промена на владата во Русија“, што инаку Ленин направи токму така. И понатаму, Енгелс продолжува: „Таа значи исчезнување на голема, иако трома… воена сила“. Ленин можел да види од ова дека не предвидел победа само Маркс, туку и Енгелс.

Пак Енгелс. Во јануари 1878 година тој вели: „Најпосле ги имаме сите елементи на една руска 1789, по која ќе следува 1793… Руската револуција е пред врата“.

И по трет пат Енгелс. Во 1879 тој пишува: „Сакам да им обрнам внимание на европските социјалисти на состојбата во Русија, во која се спрема едно одлучно движење…“ За наведените искази под 5. и 6. точка може да се каже дека овие мисли на Енгелс се совршенство, бидејќи Лениновата Октомвриска револуција не беше ништо друго, освен карикатура на француската 1789. Француската револуција до темел го сруши феудализмот и спречи секакво негово враќање. Додуша, и таа не ги оствари прокламираните „слобода, еднаквост и братство“, меѓутоа тоа не ја оцрнува неа како Лениновата НЕП Октомвриската.

Маркс во писмото до А. Зорге од 27.09.1877 год. пишува: „Русија веќе долго време се наоѓа на прагот на пресвртот; сите елементи се подготвени за тоа“. А тоа Маркс го пишува откога ги простудирал руските прилики од оригинални извори, официјални и неофицијални.

При крајот на својот живот, Енгелс, со исклучителна далековидост, ги предвиде револуционерните потреси во Русија: „И тука доаѓаме до самата срж на нештата. Внатрешниот развој на Русија од 1856 год., поддржана од самата влада, ја заврши својата работа. Социјалната револуција ги направи големите чекори. Русија од ден на ден станува сè повеќе оксидентална; модерни мануфактури, пареа, железница, трансформација на сите видови исплати во парични исплати, и со тоа дробењето на старите темели на општеството се развиваат со сè поголема брзина. Но, со ист степен е и еволуирањето на неспособноста на деспотското царство за новото општество на курсот на формирање. Се формираат опозициски партии, уставни и револуционерни, кои владата може да ги потчини со зголемување на бруталноста. И руската дипломатија го гледа ужасот кога ќе треба да се чуе гласот на рускиот народ и кога поради поставеноста на внатрешните работи, ќе нема време, а ни желба да се грижат за такви детски работи како освојувањето на Константинопол, на Индија и владеењето со светот. Револуцијата од 1848 која заврши на полските граници сега чука на вратите на Русија, а сега има многу сојузници од внатре кои го чекаат вистинскиот момент да ѝ ги отворат вратите“.

И сето тоа не е крај. Русија е чест предмет на анализите на Маркс и Енгелс. Во врска со честите интервенции од Русија на страната на европската реакција, Маркс и Енгелс ја нарекуваат „резерва на европската реакција“. Тука се анализите на Руско-Турската војна на Крим и Кавказ. Маркс се допишува со разни личности од Русија (Ањенков, Вера Засулич, Даниелсон и уште многу други), со кои расправа за можноста руската општина (облик на заедничка земјишна сопственост како индиската општина, германската марка или српската селанска задруга), да се преведе директно на комунистички начин на стопанисување.

Исказот на Мухиќ и Жоглев дека Марксовите „социјални барања биле прифатени каде што тој не прогнозирал“ е исто така неточен! Втората фаза на комунизмот, односно распределбата и производството според потреби е реализирана веќе во капитализмот, барем во државите на благосостојба, и се спроведува. Колку да изгледа парадоксално еве го објаснувањето:

Луѓето често погрешно го толкуваат зборот „потреби“ со значење бесплатна распределба. Тој не значи тоа. Всушност значи дека ако некој има поголемо семејство, ако некој е болен или онеспособен, ако постои одредена објективно определувачка потреба, тие добиваат компензација за тоа. Но, тоа е нешто што работничкото движење веќе го придобило, во основа барем, во Европа – не во САД, но во Европа повеќето држави на благосостојба го признале принципот на потреба и распределбата според потреба во неколку полиња, во здравството и образованието итн. Така принципот на потреба не е критичната работа, социјалдемократијата го освоила на многу места, но она што не го освоила е укинувањето на експлоатацијата.

Advertisements