Про-кинеските пазарни манијаци од „Antropol.mk“

Про-кинеските пазарни манијаци од „Antropol.mk“ или зошто Кина навистина не е комунистичка

150519113107-04-china-nail-house-0519-super-169

…Левицата ја прифатил[а] позицијата или дека Кина била комунистичка во некој момент во минатото, или дека тоа воопшто никогаш не била.[1]

Прашањето дали Кина е комунистичка или не, било одговорено уште од самиот Мао, се разбира, негативно:

Нашата земја денес практикува стоковен систем, наемниот систем е неегалитарен, исто така, како во осумстепениот наемен размер, итн. Под диктатурата на пролетаријатот таквите нешта можат само да бидат ограничени. Поради тоа, ако луѓето како Лин Пиао дојдат на власт, ќе биде многу лесно за нив да изградат капиталистички систем“,

и логично, после земањето на државното кормило од страна на ревизионистичкото крило на партијата на чело на Денг Сјаопинг не било можно „комунизирање“ на Кина, туку уште поголеми законски слободи за практикување на стоковно-паричниот систем. [Види повеќе: https://okno.mk/node/23852 ]

Според тоа, откако самиот Мао изјавил дека во Кина не постоело комунизам, денес, ниту Антропол, ниту некојси Роланд Боер, ниту самодекларираната – пазарно-манијачка – левица има морално и историско право да прифаќа или спори дали Кина била комунистичка во минатото или пак напреднала во комунизам  на чело со милијардерот Си Џингпинг.[2] За денешниот „комунизам“ со кинески карактеристики, Маркс би изјавил потсмешливо: „Исто така, би можел да се укине папата, а да се пушти да суштествува католицизмот.“

Со Кина владее Комунистичката Партија на Кина, точно, но каква е таа комунистичка партија која допушта наемно ропство за работниците, мирно профитирање на американскиот империјализам во лицето на трудово интензивните корпорации т.н. sweat-shops, и која прима богаташи како свои членови и на чело на партијата поставува капиталист чии банкарски сметки тежат милијарди?!

Комунистичката Партија на Кина со историја од скоро 100 години е таа што раководи со Кина, точно, но Аристотел кажал: ,,Нема ништо пострашно од наоружена неправда“. И како што може да се види: ,,Нема ништо пострашно од незнаење на власт“. А незнаењето е насекаде во светот на власт, дури во една Кина. Без марксизам нема спознание на општеството. И сè додека марксистички необразовани богаташи ја раководат Комунистичката Партија на Кина ќе му бидат неопходни на општеството уште најмалку 100 години да сфати дека социјализам/комунизам не се гради со „кинески карактеристики“ (читај: капитализам!).

Во прво време сè „изгледа“ револуционерно: црвени знамиња на секој чекор, пароли, песни и борбени маршеви. Но, народот вели: „Волкот ги менува влакната, ама не и ќудта“. Тоа важи и за стоковното стопанисување. Тоа е највисока форма на капиталистичко стопанисување и не може да биде социјалистичко, односно комунистичко. Меѓутоа, „комунистите“ го прекрстуваа во „социјалистичко“. И со тоа ги поништуваа придобивките од оружената победа, го воскреснуваа старото општество, а дека не беа свесни. Меѓутоа, последиците си остануваат, па бил некој свесен за тоа или не. Прекрстувањето не помага ништо.

„Ако капиталистичката класа, политички, т.е. со својата државна моќ ја одржува „неправдата во сопственичките односи“, таа не ја создава. Со модерната поделба на трудот, со модерниот облик на размена, со конкуренцијата, со концентрацијата итн., условената „неправда во сопственичките односи“ никако не произлегува од политичкото владеење на капиталистичката класа, туку обратно, политичкото владеење на капиталистичката класа произлегува од овие модерни производствени односи, кои капиталистичките економисти ги прогласуваат за нужни и вечни закони. Ако заради тоа работничката класа го собори политичкото владеење на капиталистите, нејзината победа ќе биде само привремена, само еден момент во служба на самата граѓанска револуција, како anno 1794, сè додека во текот на историјата, во нејзиното „движење“ не бидат создадени материјални услови, кои укинувањето на капиталистичкиот начин на производство, па заради тоа и дефинитивното соборување на буржоазијата, го прават нужно.“ (Маркс)

Втората и многу посилна поента е следната: Маркс и Енгелс тврдеа дека првиот чекор до комунизам е „аболицирање на сопственоста врз земјиштето и искористување на сите ренти од земјата за јавни цели” (2). Фактот е дека денес во Кина не постои приватно сопствеништво врз земјиштето – тоа е во јавна „сопственост”. Можете да добиете временски ограничено право на користење на земјиштето, но не можете да го купите земјиштето како приватна сопственост. (3) Ова може да ги изненади оние кои без размислување сметаат дека Кина е најкапиталистичката земја од сите, дури и покапиталистичка од „слободниот пазар” на САД. За разлика од ова, тргувањето со земјиште – еден од камен темелниците на капиталистичкиот систем – е просто невозможен во Кина. Се разбира, можете да поседувате стан, дури и зграда која стои врз земјиштето, но не и самото земјиште врз кое е изградена. Згора на тоа, во градови како Пекинг и Шангај, забрането е да се инвестира во станбени објекти – во купувањето на дополнителни станови покрај сопствениот дом за правење на пари.

Ова е само навидум „посилна поента“, бидејќи Маркс и Енгелс докажуваа дека првиот чекор до комунизам е аболицирање на земјишната сопственост… но само ако на таа земја не се практикува стоковен систем, односно наемно ропство, во спротивност, тоа е само формално укинување на земјишната сопственост! Кинеските земјоделци повеќе не се членови на комуни и не работат во задруги; таму, добрата повеќе не се распределувани според систем на норми за извршениот труд и ниту бројот на работни часови кои членовите ги придонесуваат во годината не се запишува и нивната жетва повеќе не се заснована на тоа, како во 1960-тите и 1970-тите години кога во народните комуни на Кина бил применуван единствениот пример на марксистички принцип на распределба! Види повеќе: https://okno.mk/node/23852

Покрај тоа, марксистички неписмените преведувачи од Антропол на статијата на Роланд Боер се дрзнале да ги убедуваат читателите дека Кина е комунистичка повикувајќи се на цитирањето на Маркс од страна на Роланд Боер без притоа да проверат дека овој ревизионистички отпадник бил пристрастен во цитирањето одн. го цитирал Маркса надвор од контекст, каде изворно стои:

„Национализацијата на земјата и давање во закуп помали делови на поединци или работни задруги, би довело, при власт на средната класа, само до безобѕирна конкуренција меѓу нив и според тоа би предизвикало одреден пораст на „рентата“ и така би дало можност на присвојувачите да живеат на сметка на производителите.“

И самиот Роланд Боер си ја соголува Ахиловата петица на својата „посилна поента“, кога преточува дека во Кина сепак, „можете да добиете временски ограничено право на користење на земјиштето“ за да немилосрдно практикувате наемно ропство против работниците, низ кое државно земјиште ќе градите приватнопоседувани рудници каде што се случуваат поголемиот број на смртоносни инциденти, над кое ќе подигате трудово-интензивни фабрики и над кое државно земјиште ќе надвиснуваат озлогласените мрежи за самоубијци поставени под балконите на заедничките спални соби на вработените во Foxconn на Аpple. Навистина, Кина е најкапиталистичката земја од сите, дури и покапиталистичка од „слободниот пазар” на САД!!! Види повеќе: https://okno.mk/node/23991

Дека Кина не ги искористува сите ренти од земјата за јавни цели, стојат следниве факти:

1) Кинескиот Џини коефициент растел повеќе од кое било друго азиско стопанство во последните две децении. Растот на нееднаквоста е делумно резултат на урбанизацијата на стопанството како што руралните селаните се селат во градовите.

2) Од 1953 до 2001, додека населението на Кина само се удвои, процентот на градско население се зголеми три пати од 13 на 38%, така што бројот на градското население се зголеми седум пати, до близу половина милијарда. Бројот на големите градови се зголеми пет пати, на скоро 700, а постојните градови значително се зголемија по површина.

3) Јазот на нееднаквост меѓу урбаните и руралните области во Кина е вџашувачки. Во 2002 година, распределбата на доход по глава како во урбана (Џини = .32) така и во рурална Кина (Џини = .38) била поголема од вкупната национална бројка (Џини = .40). Во 2002 година, размерот на просечниот урбан доход спрема руралниот доход по глава достигнал 3:1, што аналитичарите Кан и Рискин го опишуваат како „отстапувачки и речиси невиден во светот во развој“.

4) Во капиталистичкиот развој што погоди многу Кинези, бројот на пролетери кои кинеската влада ги класифицира како оние кои заработуваат помалку од 75 долари годишно, се зголемил во 2004 година за прв пат во 25 години од 800 000 до 30 000 000 луѓе, иако стопанството растело до 9%. Сепак, бројката од 30 000 000 е сериозно ниска проценка. Пореална бројка за 1998 година, користејќи го меѓународниот стандард од 1 долар ПКМ (паритет на куповна моќ) и прилагодувајќи ја поточно на инфлацијата, дава размер од 103 000 000 до 187 000 000 рурални пролетери и од 5 500 000 до 15 000 000 урбани пролетери.

5) Руралните комуни биле уништени до 1983 година, а реалниот изглед за економска несигурност се вратил за многу земјоделци. Меѓу 40.000.000 и 60.000.000 земјоделци немаат воопшто земја да ја обработуваат. Десетици милиони со премалку земја за да преживеат мигрирале во градовите каде, ако имаат среќа, можат да најдат работа, често во експлоататорски претпријатија (таканаречени sweatshops), во растечки неформални и дури илегални сектори, или со градежна мафија. Живеат во гета во перифериите на градовите, фабрички спални (за кои ќе дадеме краток опис во делот „Црниот биланс на жртви на капитализмот“), или на нивните градежни места во бараки или едноставно надвор на отворено. Во тешко погодените фабрички градови како тие од североисточна Кина, проценките за невработеноста се движат до 25%.

Види повеќе: https://okno.mk/node/23931

Овие факти само ја поставуваат државата наспроти кинеските работници како гигантски колективен капиталист! „Модерната држава, каков и да е нејзиниот облик, во суштина е капиталистичка машина, држава на капиталистите, идеален колективен капиталист. Колку повеќе производствени сили таа презема во своја сопственост, толку повеќе станува вистински колективен капиталист, толку повеќе државјани експлоатира. Работниците остануваат наемни работници.“ (Енгелс) Според тоа, и кинеската „комунистичка“ партија има душа на капитал и нејзината желба е оплодување на вредноста. „Каде што самата држава е капиталистички производител, како во експлоатацијата на рудници, шуми, итн., нејзиниот производ е стока и оттука ја поседува специфичната особина на секоја друга стока“ (Маркс).

Најслабиот и во исто време најсмешниот момент во втората и „многу посилна поента“ на Роланд Боер е тврдењето дека во Кина „можете да поседувате стан, дури и зграда која стои врз земјиштето, но не и самото земјиште врз кое е изградена“. Сепак, кинеските „nail houses“ индицираат друга реалност, наместо некаква си замислена комунарска стварност à la Роланд Боер. Секако, во „социјализмот“ со кинески карактеристики, американскиот империјализам може да поседува sweat-shops и дури да се дрзнува да обесува над тоа земјиште мрежи за пролетери-самоубијци, но каков ужас за газдите а каква среќа за пролетерите, што самото земјиште не го поседуваат. Или можеби наместо рентиери одбрале да бидат капиталисти?! Ова прашање треба да си го постави голиот цар на аргументите Роланд Боер!

Третата поента е подетална и се однесува на самото прашање за комунизмот. Тука, би сакал да ги разработам погрешните претпоставки, имено, дека комунизмот е рационална идеја која треба да биде реализирана, дека е идеал кон кој се стремиме и дека е сингуларен. Да започнам со позицијата дека комунизмот е рационална идеја- план кој треба да се актуелизира. Според пуристите, оваа рационалистичка идеја може да се примети кај Маркс, Енгелс, а можеби и Ленин: заедничката сопственост врз средствата за производство, аболицијата на приватната сопственост, постепеното одумирање на државата.

Комунизмот е сингуларен само во смисла дека не е можно изградба на комунизам врз категориите на политичката економија одн. капитализмот. Го цитиравме најгоре Мао во врска со самото прашање за комунизмот. Ќе го цитираме и, сепак, за жал, политички-коректниот спрема капитал-односот, полковникот Гадафи:

„Односот на работниците со сопственикот или производствениот естаблишмент и со нивните сопствени интереси е сличен под сите актуелни услови во светот денес, без оглед на тоа дали сопственоста е приватна или државна. Во двата случаи, производителите се заработувачи на плати, наспроти разликата во сопственоста. Според тоа, оваа промена во сопственоста не го решила проблемот на правото на производителот да користи непосредно од она што тој го произведува. Крајното решение лежи во укинувањето на наемниот систем.“

Интересно е да го спомнеме и дијалектичкото разгледување на К. Маркс што го изложува во својот ,,Капитал‘‘, а кое стои пак во контекст на симбиозната пропорционалност меѓу стоковното производство и капиталистичкото присвојување:

„Во онаа иста мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување“.

Од овој критички параграф према политичката економија може да се заклучи дека кинеските карактеристики на „социјализмот“ во Кина го задржиле ,,присвојувањето‘‘, односно приватната сопственост, а практично и самата политичка економија. Овој резултат станува неизбежен штом стоковното производство не бидува укинато. Инверзивно разгледувано, укинувањето на приватната сопственост неопходи од укинувањето на стоковното производство. Оттука треба да се запази уште една пропорционална детерминација која е чиста импликација на негација на негацијата: премавнување на процесот на акумулација на стоки во процес на производство на употребни вредности заради исчезнување на разменската вредност во економските односи меѓу луѓето. Впрочем овој е процесот на класна борба што треба да го предводи работничката класа за историско отфрлање на капиталот и за себеразотуѓувањето како класа и само во тој процес таа може да ја пронајде гаротата на капиталот.

За Ленин, не можеби, туку никако комунизмот не е сингуларен, сигурно не бил сингуларен од 1921 година кога тој ја иницира Новата економска политика. Револуционерите од различни нијанси гледале на легализацијата на приватната трговија во 1921 година како јасен сигнал дека болшевиците се откажале од идеалите на Револуцијата. Меншевичкиот лидер Фјодор Дан, ослободен од болшевички затвор во јануари 1922 година и набрзо потоа протеран во странство, бил шокиран од глетката на богати Неповци (како што приватните претприемачи биле често нарекувани) како слободно чекорат во помпа низ главниот град.

„Оваа нова приватна трговија јасно се занимава со луксузите на „новите богаташи“, бесрамно издигнувајќи се наспроти заднината од општо осиромашување и ужасен глад… Театрите и концертите се наполнети, жените повторно се покажуваат со луксузна облека, крзна и дијаманти на себе. Шпекулаторот кој вчера беше загрозен со егзекутирање и тивко остана на страна обидувајќи се да избегне привлекување внимание, денес се смета себеси за важен и гордо го покажува своето богатство и луксуз. Ова е очигледно во секој мал обичај. Повторно после неколку години може да се слушне од устите на кочијашите, келнерите и портирите на станиците понизниот израз, кој целосно исчезна од употреба – ваша чест“.

Многу болшевици, збунети од новиот курс на партијата, ги споделуваа чувствата на Дан и горко го дефинираа акронимот НЕП како Нова експлоатација на пролетаријатот. Александар Бармин, млад болшевик, во 1921 година се сеќава на дискусијата околу НЕП со некои од неговите другари:

„Ние чувствувавме дека можеби Револуцијата е предадена, и беше време да ја напуштиме партијата. Капитализмот се враќа. Парите и старата нееднаквост против кои ние се боревме се вратија одново. Ако парите се појавија одново, зарем богатите луѓе не би се појавиле исто така одново? Нели бевме на лизгав терен кој нè доведе до капитализам? Ние си ги поставувавме овие прашања со чувство на вознемиреност“.

За жирондистичкиот Роланд Боер фразите „заедничка сопственост врз средствата за производство, аболиција на приватната сопственост, постепено одумирање на државата“ се „општи слогани, кои се доста непрецизни и се далеку од тоа што може да се нарече детален преглед на комунистичкиот систем.“

Овдека како да духот на Ленин го притиска како мора мозокот на нашиот жирондист со „кинески црти“!

За Ленин постојат „државен капитализам во капитализмот“ и „државен капитализам во комунизмот“. И кој е виновен за тоа што не пишува никаде ништо за „државниот капитализам во комунизмот“? Се разбира, никој друг, туку само Маркс. „Дури Маркс не се сетил да напише ни збор во врска со ова и умрел, не оставајќи ниту еден прецизен цитат и непобитни упатства“. Ете, Ленин како го обвинува Маркс на Единаесеттиот конгрес на РКП(б), пред сите делегати и пред сиот свет.  Маркс и Енгелс кои докажале во многу свои книги дека таму каде што работничката класа ја усвоила власта не се произведуваат разменски вредности, за тоа Ленин не сака да чита. Тоа што Маркс и Енгелс велат дека тие не даваат рецепти за прчварниците на иднината, штом велат дека: „Конституирање на иднината и завршување засекогаш, тоа не е наша работа“, сето тоа и уште многу друго за Ленин не важи. За него важат само „непобитни упатства и прецизни цитати“ од ден на ден, од час на час, што, како и каде да се работи. Да одговориме на овие обвинувања од Ленин против Маркс.

„Најблиски цели на комунистите и на сите пролетерски партии: формирање на пролетаријатот во класа, рушење на капиталистичкото владеење, освојување на политичката власт од страна на пролетаријатот. Теориските поставки на комунистите не почиваат на идеи, на начела кои ги измислил или открил овој или оној поправувач на светот. Тие се само општ израз на вистинските односи на постојната класна борба“, велат Маркс и Енгелс во „Манифестот на комунистичката партија“, напишан уште во 1847 година. Еве „непобитни упатства и прецизни цитати“, кои зборуваат доволно, но се однесуваат на „вистинските односи на постојната класна борба“, а не на „комунистичко производство и распределба“. Да, постои и „комунистичко производство и распределба“, само што не ќе се организираат и спроведуваат веднаш штом работничката класа ја освои политичката власт, туку штом ќе бидат создадени материјални услови за тоа. Комунистичкото „секој спрема способностите, секому спрема потребите“ не е некое начело за „кога свеста на луѓето ќе биде висока“, туку тоа е начело, кое произлегува од еден факт, кој постоел секогаш. Секој може да произведе повеќе отколку што му треба и тогаш може да троши и колку што му треба. Кога тоа не би било вистина, немало човештвото од Адам и Ева да порасне на 6 милијарди луѓе. Според изнесеното, Ленин имал „и непобитни упатства и прецизни цитати“, само што требал студиозно да размисли за тоа како да се организира „комунистичкото производство и распределба“ во дадените услови. Точно е дека „комунистичката револуција се управува според средствата за производство“, но кризите, кои го потресуваат општеството, се доказ дека тие средства за производство се развиени доволно и сега бараат нови општествени односи. И Ленин, кога со револуцијата ги збришал сите препреки за создавање нови општествени односи, односи во кои работникот повеќе не е наемна работна сила и соодветно на тоа стока како и сите други стоки, со враќањето на капитализмот во Советска Русија, го враќа и работникот пак во канџите на капиталистите. Да, тој се теши и себеси и цел свет, заради што снима и говор на грамофонски плочи, кои се дистрибуираат ширум, во кој вели: „Дали не е опасно да се повикуваат капиталистите, не значи ли тоа дека развиваме капитализам? – Да, тоа значи дека развиваме капитализам, но тоа не е опасно, затоа што власта останува во рацете на работниците и селаните, додека сопственоста на спахиите и капиталистите не се реставрира“. Но, тоа е така само во главата на Ленин. Видовме дека Маркс го докажал спротивното и во такви услови пуста побожна желба е разменската вредност да не се развие во капитал.

Значи, Лениновото обвинение против Маркс е неосновано, бидејќи тој не го прочитал ниту она основното што го има во најважните Маркс-Енгелсови дела, а не и да го прилагоди тоа кон „конкретните услови на постојната класна борба“. А кои се тие услови? Поразената капиталистичка класа, која секаде каде што може организира оружен отпор, врши саботажи, внесува забуна и дезорганизација од една страна, а на друга страна разурната земја, големи загуби на човечки животи во најпродуктивната доба од животот, потреба да се обнови производството… Но, тука е оружената победа, поддршката на работничката класа и широките народни маси, не само во својата земја, туку и во цел свет. Во врска со тоа Ленин знае да каже: „Не победивме затоа што бевме појаки, туку затоа што со нас беа работниците од цел свет“. Меѓутоа, поради своето незнаење, победата, само по четири години од Револуцијата, ја претвори во пораз за кој никој на светот не е свесен ни до денес. Вината, значи, не е Марксова, туку е Ленинова. Замислете го неговото глупаво тврдење: „Ако се обнови капитализмот, ќе се обнови и работничката класа“. Како може така да размислува креаторот на Октомвриската револуција! Па, тоа е апсурд. Значи, за да ги научам луѓето за противпожарна борба, треба да им ги запалам куќите!

Маркс и Енгелс се луѓе, кои совесно и темелно ги проучуваат општествените појави и во согласност со сознанијата и дијалектиката на појавите, која е потврдена со низа историски податоци, ги изнесуваат констатациите до кои дошле. Тие не се луѓе, кои пишуваат „прецизни цитати и непобитни упатства“. Затоа Маркс пишува во Предговорот за првото издание на „Капиталот“: „Секоја нација треба да учи од друга. Дури, ако некое општество и успеало да влезе во трагите на природниот закон на своето движење, крајна цел на ова дело му е да го открие законот на економското движење на модерното општество, тоа ниту може да ги прескокне, ниту со наредба да ги укине фазите на природниот развиток. Но, породилните болки може и да ги скрати и да ги ублажи“.

Ленин со Октомвриската револуција „породилните маки ги беше скратил, па и ублажил“. Меѓутоа со НЕП тој направи таков нонсенс, како на породилката да ѝ го врати детето, кое веќе трча, во утроба и ја остави да се пораѓа уште цел век. И повеќе.

Кај Маркс и Енгелс нема „прецизни цитати и непобитни упатства“. Кај нив има само како сонце, јасни заклучоци од секоја анализа, кои може да послужат подобро отколку „прецизни цитати и непобитни упатства“. Но, да ги пуштиме да зборуваат самите Маркс и Енгелс:

1) „Не пишувам рецепти за прчварниците на иднината“, вели Маркс во Предговорот за второто издание на „Капиталот“;

2) „Не пишувам такви мелодрамски бесмислици“, вели Маркс во интервјуто за весникот „Њујорк Трибјун“ во врска со импутацијата дека предвидувал за 20 години во светот да има 100 милиони комунисти, кои цел свет ќе го кренат на револуција;

3) „Немаме намера на човештвото да му даваме конечни закони, однапред фиксирани мислења за организација на општеството во иднина. Од тоа кај нас нема ништо да најдете“, вели Енгелс во интервјуто за весникот „Фигаро“;

4) „Јас никогаш не сум поставил никаков „социјалистички систем““, стои во Маркс-Енгелсовите дела, том 30, стр. 300, што значи дека Маркс и Енгелс никогаш не се впуштале во некои „предвидувања“ или „пророкувања“.

Нашиот жирондист со кинески црти уверува дека Кокшот-Котреловиот „нов социјализам“

претпоставува филозофска револуција која се обидува да ја поткопа лажната рационалност на капитализмот, или впрочем таа на корумпираните социјализми, во корист на вистинската рационалност на комунизмот. Со други зборови, предлага алтернативен рационален модел кој го предизвикува и отфрла капиталистичкиот модел за рационалното. Но, тука е и стапицата, бидејќи овој пристап останува во рамката на тоа што се обидува да го надмине: Марксизмот останува друга форма на рационалност. Дури и ризикува да стане вид на идеализам во кој идејата за комунизам е примарна, наместо нејзината пракса.

Ако Кокшот и Котрел дале непобивлив одговор во „дебатата за економската пресметка во социјалистичкиот комонвелт“, тие фактички излегле од рамката на политичката економија од чиј пазарен синдром денешната (квази)левица боледува. Во исто време, Кокшот и Котрел предупредуваат: „Секоја структурна криза дава поволни прилики за значајно унапредување на положбата на работничката класа. Но, за искажување и спроведување на прогресивни политики неопходно е социјалистичко движење со организаторски и програмски капацитет. Моментално, работите со движењето не стојат така. Ние веруваме дека без политичка економија на работничката класа невозможно е да се формулира доследна политичка програма на работничката класа.

Односно, спротивно на убедувањето на нашиот жирондист со кинески црти, „во очигледно отсуство на алтернатива на капитализмот, практичните борби се докажале како самоограничувачки“ (Ендру Климан).

Негативната димензија на идеалот на комунизмот води кон отфрлање на сите револуции кои се случиле во името на совршената револуција која се наоѓа некаде во неопределената иднина. Овој пристап исто така води кон континуирано занемарување на изучувањето на било каков одржлив начин на историските примери на социјалистичките револуции и градењето на социјализам. Со други зборови, дискусиите кои го замислуваат идеалниот комунизам како пловечки во етер надвор од историјата, ги заменуваат темелните анализи со егзегеза на исечоци од селектирани дела на Маркс, Ленин или Мао кои се вклопуваат во нивната перспектива.

Кокшот и Котрел никаде не индицирале гледиште на комунизам како идеал за да ги отфрлат сите револуции кои се случиле во име на „совршена револуција“. Тие велат за марксизмот на 21 век: „Ние мораме да ги обновиме и славиме успесите на марксистичката политичка економија коишто произлегоа од руското искуство: методот на материјални урамнотежувања употребен во подготовката на петгодишните планови и систематизирани како влезно-излезни анализи од Леонтиеф; методот на линеарно програмирање измислен од Канторович; временските дневници на Струмилин.“ Тие тврдат дека причината зошто дистрибуцијата заснивана на работно време (инаку Марксов концепт од неговата Критика на Готската програма) никогаш не била сериозно применета во поранешниот Советски Сојуз се нејзините радикални егалитарни импликации. Всушност владејачката класа (партиските бирократи, воената структура и општествената интелигенција) во поранешен Советски Сојуз се плашеле дека нивниот привилегиран доход ќе биде загрозен доколку дистрибуцијата заснивана на пресметка врз работно време би била буквално, а не само реторички спроведена. Оттука примената на инпут-аутпут (влезно-излезниот) модел на линеарно програмирање измислен од Канторович и временските дневници на Струмилин биле недвоумечки отфрлени и со тоа архивирани.

Види повеќе за митот за „совршената револуција која се наоѓа некаде во неопределената иднина“ во текстот: Политички коректната Левица индикација за уште една буржоаска партија

Нашиот жирондист со кинески црти Роланд Боер пак ги цитира Маркс и Енгелс надвор од историски контекст „Комунизмот е движењето кое ги укинува условите за постоење на сегашното”. Точно. Комунизмот треба да го направи животот од туѓ труд дел од капиталистичкото минато или предисторијата на човештвото, но тоа никако не е можно врз основа на форсирање живот од туѓ труд како во случајот на „социјализмот“ со кинески карактеристики! „Оваа позиција има сопствена дијалектичка димензија“ (Роланд Боер) само во смислата дека „Во онаа иста мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување“ (Маркс).

(По)станувањето поминува низ Aufhebung со комунизмот на начин кој се наслонува на капитализмот само како на свој предуслов, но истовремено го надминува капитализмот со сосема различен начин на производство.

Од цел текст на Роланд Боер, изгледа би се согласил само со оваа негова мисла што е во склад и со погорецитиранта Марксова мисла за развиените материјални производствени сили како предуслов за надминување на капиталистичките односи на производство, односно наемното ропство. Волунтаристички, токму Ленин се обиде да иницира непосреден премин во комунизам, грешка којашто и самиот ја признал: „Направивме грешка што одлучивме директно да преминеме на комунистичко производство и распределба“ (p.62). Линк до контекстот овде.

Според Кокшот, на што јас и Лазар Гогов се согласуваме, втората фаза на комунизмот, односно распределбата и производството според потреби е реализирана веќе во капитализмот, барем во државите на благосостојба, и се спроведува. Колку да изгледа парадоксално еве го објаснувањето:

Луѓето често погрешно го толкуваат зборот „потреби“ со значење бесплатна распределба. Тој не значи тоа. Всушност значи дека ако некој има поголемо семејство, ако некој е болен или онеспособен, ако постои одредена објективно определувачка потреба, тие добиваат компензација за тоа. Но, тоа е нешто што работничкото движење веќе го придобило, во основа барем, во Европа – не во САД, но во Европа повеќето држави на благосостојба го признале принципот на потреба и распределбата според потреба во неколку полиња, во здравството и образованието итн. Така принципот на потреба не е критичната работа, социјалдемократијата го освоила на многу места, но она што не го освоила е укинувањето на експлоатацијата, односно првата фаза на комунизмот или производството и распределба на трудот, средствата за производство и потрошувачка според работно-временска пресметка а не монетарна. Во која смисла? Под претпоставка дека социјалистите ја освоиле политичката власт, вредноста на денарот ќе се стабилизира во однос на работно време, денарските банкноти ќе го имаат своето работно време отпечатено на нив. Ова веднаш ќе го покрене прашањето во главите на македонските работници: зошто сум јас само платен 20 или 30 минути за секој час што го одработувам? Прашањето за експлоатација ќе се крене на врвот на политичката агенда.

Што се однесува до нашиот став за укинувањето на стоковното производство е идентичен со Марксовиот и тоа се применува уште во првата фаза на комунизмот. Доволно е оној со научна совест да ја прочита Критиката на Готската програма; според тоа укинувањето на стоковното производство не може да се идентификува со комунистичко производство и распределба според потреби:

„Овдека она со што имаме работа е комунистичко општество не онакво што се развило врз своја сопствена основа, туку обратно, какво што тоа излегува токму од капиталистичкото општество; значи, со комунистичко општество, кое во секој однос – економски, морален, духовен – ги носи, белезите на старото општество од чија утроба излегува. Сообразно со тоа, поединечниот производител – по одбивањата – го добива назад токму она што му го дава нему. Она што тој му го дал е неговиот индивидуален квантум на трудот. На пример, општествениот работен ден се состои од збирот на индивидуалните работни денови. Индивидуалното работно време на одделните производители е оној дел од општествениот работен ден што тој го дава, неговиот удел во него. Тој од општеството добива потврда дека тој дал толку и толку труд (по одбивањето од неговиот труд за заедничките фондови), и врз основа на оваа потврда зема од општествените залихи на средства за потрошувачка точно онолку колку што чини трудот. Истиот квантум труд што му го дал на општеството во една форма, го добива тој назад во друга форма.“

Станува премногу лесно да се дефинира комунизмот на одреден начин, дека е ова и ништо друго, а притоа да се отфрли сè што не ги задоволува тие стандарди.

Ако комунизмот е движењето кое ги укинува условите за постоење на сегашното, тогаш дали навистина кинескиот социјализам е социјализам? Од сите наши горенаведени аргументи јасно е дека социјализмот со кинески карактеристики е буржоаска флоскула! И само во таа смисла Кокшот го критикува венецуелскиот естаблишмент и PSUV односно дека тамошното социјалистичко движење не знае како да ги укине условите за постоење на наемното ропство:

„Се разбира, економски модел дизајниран да одговори на проблемите на една развиена социјалистичка индустриска економија како СССР не може да биде директно применет на Венецуела. Она што тој може да придонесе е да им даде на луѓето таму одредени идеи каде процесот на социјалистичка преобразба може да заврши. Тој може да ги предупреди да избегнат одредени економски грешки коишто биле направени во СССР и Источна Европа: бидејќи оние кои не учат од историјата се осудени да ја повторат. [Види повеќе: https://okno.mk/node/23820 ]

Кога едно општество подлежи на транзиција кон социјализам, постојат одлуки коишто мора да се донесат, крстосници на патот коишто мора да се изберат. Ако се избере погрешен сет на потези, вие ќе завршите во ќорсокак. Прекинот на патот кон социјализам може да ве одведе на друг пат евентуално којшто ќе ве врати кон капитализам. Сите ние знаеме дека ова се случи во неколкуте обиди од 20-от век за придвижување кон социјализам. Најлошото нешто е што последиците на одлуките не се веднаш очигледни кога тие се донесуваат. Ова значи дека, скоро секогаш, луѓето може да мислат дека тие сè уште се на вистинскиот пат.“ Види повеќе: Venezuela and New Socialism

Земјите со подолга историја на социјалистичка власт, како СССР и Кина, преминуваат од една во друга од овие варијации во различни временски периоди. Но, поентата е дека различните можности за социјализам отвориле богата историја на социјалистички револуции.

Напротив, поентата којашто Роланд Боер ја промашил е нужноста да се одговори на прашањето зошто овие земји преминуваат од една во друга од овие варијации во различни временски периоди. Различните можности за социјализам отвориле само богата историја на можности за социјалистички револуции!

Првичното прашање треба да биде „дали мислите дека Кина станува комунистичка?”. Наместо некоја форма на рационализам, праксата треба да биде актуелизирана, станувањето наместо бидувањето, мултиплицитетот на вистини наместо едната сингуларна вистина – тоа се карактеристиките на комунизмот кои сакам да ги нагласам. Со други зборови, како што Јермаков изјави во момент на откровение: комунизмот е „потрага по точниот пат кон непознатото”.

Кина не станува комунистичка бидејќи „комунистите не формираат одделна партија спротивставена на другите работнички партии. Тие немаат интереси различни од тие на пролетаријатот. Тие не воспоставуваат било какви свои секташки принципи со цел да го дефинираат и изменат пролетерското движење.“ (Маркс и Енгелс)

Не без основа Џон Кенет Галбрајт обвинил: „Водењето на политика, која привидно ги штити работниците, може во очите на јавноста да ги претвори синдикалните водачи, обични битанги и апаши, во ‘великани‘ на синдикалното движење“.

Растот на нееднаквоста во Кина е резултат на црвената буржоазија која ги контролира лостовите на власта и во исто време допушта некои кинески милијардери да цутат. Најбогатиот кинески капиталист Лианг Венген, инаку кандидат за Централниот комитет на комунистичката партија на Кина, чесно си признал: „Мојата сопственост, дури мојот живот, припаѓаат на Партијата“, одговарајќи на прашањето на новинарите околу судирот помеѓу интересите на партијата и него самиот како бизнисмен. Но, просто не постои судир помеѓу партијата и бизнисмените. Напротив, постои многу скапоцена кохезија за која укажуваат сите докази. Нивните интереси се истоветни бидејќи и партијата има душа на капитал и нејзината желба е оплодување на вредноста. „Каде што самата држава е капиталистички производител, како во експлоатацијата на рудници, шуми, итн., нејзиниот производ е стока и оттука ја поседува специфичната особина на секоја друга стока“ (Маркс).

Јермаков дава многу лоша небулозна изјава на Јермаков кога вели дека комунизмот е „потрага по точниот пат кон непознатото“. Тој не се обѕирнува на Марксовиот аргумент дека „во некое општество власта ја има оној што располага со таканаречената општествена репродукција, со она што се вика вишок на вредност“, каков што е случајот со кинеското општество. Црното сонце на Денг Сјаопинг, чии фотони, од разни номинални директори и проектанти, се тука за да ги култивираат капиталистичките садници, совршено се вклопува со симболичноста на Крлежиното сонце, кое е „светилка над темниот пат што води кон гробот“.

„Општеството нема да ја најде својата рамнотежа додека не почне да се врти околу Сонцето – труд“  (Маркс)

Корисна литература за положбата на работничката класа во Кина:

  1. Ендру Климан, Геноцидно-злосторничка сино-еуфорија.
  2. Томислав Захов, На Исток ништо ново (прв, втор, трет, четврти, петти дел).
  3. Мара, Јапонија попрво во комунизам отколку Венецуела, Сиризина Грција, Кастрова Куба, Северна Кореја, НР Кина и др. земени заедно.
  4. Лазар Гогов, Анти-Ленин.

[1] Роланд Боер, Дали Кина е комунистичка?, Превод: Редакцијата на Антропол, англиска верзија овде.

[2] Осумнаесеттиот Национален конгрес на комунистичката партија на Кина само што заврши во Пекинг. Си Џингпинг (59), и Ли Кекианг (57), ќе го преземат кормилото на државата. Дебатата во рамките на водството ќе продолжи околу тоа по кој пат Кина да тргне: кон целосно пазарно стопанство отворено за глобалниот капитал. Според гледиштето на мас-медиумите и „експертите“ на Западот, новите седум луѓе од комитетот се благонаклонети кон статус кво: ако бродот плови, не го поправај. Се разбира, новиот лидер Си Џингпинг зборува за доближување до народот, за нула толеранција кон корупцијата, намалување на нееднаквоста итн. Сепак, сите кинески лидери го велат ова кога ја преземаат оваа положба. Нема доказ дека Си Џингпинг ќе направи што било од ова. А нам не ни треба доказ да покажеме дека кинеското општество целото е корумпирано, доволно е тоа што ги знаеме импликациите на трговијата: самоволна проценка, намалување на надниците, стечај, лихварство, паразитизам, несолидарност, нарушено здравје и др.

Таткото на Си, Си Џонгсун бил реформистички комунистички лидер кој бил изолиран за време на Културната револуција. Рехабилитиран од Денг Сиаопинг, тој станал гувернер на Гуангдонг каде придонесувал во иницијативните стопански реформи на Шенжен во 1980-те години. Си бил поддржан од шангајската фракција на партијата, позната за својата пазарна ориентација и од поранешниот претседател Џианг Цемин.

Пред една година, кога Пекинг го проучувал дванаесеттиот петгодишен план, Си поддржува забрзување на „стопанските реформи“, имено нов модел на раст презентиран во проектот „Кина 2030“ со Кинескиот државен совет и Светска банка. Овој извештај е јасен чекор кон целосно пазарно стопанство кое драстично ја намалува улогата на државата и дури повеќе ја отвора домашната економија за странскиот капитал. Аргументот на синолошките „експерти“ на конвенционалната економика е дека само ова ќе ја оспособи Кина да избега од таканаречената „стапица на средниот доход“. Тие мислат дека „испливувачките стопанства“ можат да растат брзо со инвестиции на голем капитал и извози користејќи евтин труд и нова технологија – Кинескиот модел. Види повеќе: https://okno.mk/node/23852

Advertisements