Париска оргија или Париз одново се населува – Артур Рембо

Максимилијан Лис -Улица во Париз во мај 1871 год.

Максимилијан Лис -Улица во Париз во мај 1871 год.

Напред! Пожари во градот повеќе ги нема.

Булевари, кејови и куќи пред вас никнат

врз синилото, на кое една вечер темна

Блесокот на бомби како рој од ѕвезди бликна!

 

Заковете ги мртвите палати во градот!

Стравот минат свежина во поглед ви става.

Еве на вртиопашки придојдува стадо.

Лудувајте:суровоста смешен лик ви дава!

 

Бесни кучки што јадете преврски од рани,

напред во Златните куќи! Јадете и ријте!

Ноќта која сите страсни грчеви ги храни

излегува на улица. Пијаници, пијте,

 

Полни очај! А кога светлината ќе плисне

и, луда, раскошно крај вас ќе откопа азно,

вашата глава над чашка зар нема да висне,

лигавејќи се, со очи загледани в празно?

 

Испијте за Кралицата со газови дрочни!

Слушајте ги икањата глупави и остри!

Чујте како низ ноќите жестоки, без почин,

скокаат старци, лакеи, идиоти прости!

 

О срца валкани, усти ужасни и гнасни!

Мласкајте посилно, усти со смрдеи болни!

Вино за зачмаеноста врз овие маси…

Победници, стомаците со срам ви се полни!

 

Отворете ги ноздрите за мирисот гаден!

Отров врз јажето што шијата ви ја мазни!

Врз вашите детски глави раката ќе падне

на Поетот кој ќе рече: ,,О, нека ве казни

 

Лудилото, никаквеци, бидејќи на Жена

‘и копате низ стомакот, додека од врисок

и грч нејзин се плашите, да не ‘и се кренат

рацете за да се згмечат во ужасен стисок.

 

На таа курва Париз што можат да ‘и сторат

– кралеви, шутови, сифилистичари луди –

Сите ваши партали и отрови што горат?

Таа ќе ве стресе штом ќе почне да се буди!

 

И кога ќе паднете, со истурени црева,

барајќи си ги парите, вџашени и прашни,

црвената блудница градите ќе ги крева

воинствено, тупаници стегајќи си страшни!

 

Откако бесно си играл во танецот страсен

и откако со нож толку удари си добил,

сега лежиш, граду, а низ твојот поглед јасен

зракот на добрината пак одново се пробил.

 

Ги фрлаш, болен граду, од гроб што си се вратил,

кон Иднината двете дојки, убавата глава,

и отвораш врз телото милијарди врати

додека темно Минато благослов ти дава.

 

Кон себе маки големи како магнет влечеш

и од ужасниот живот ти одново пиеш;

низ жилите твои прилив модри црви тече,

во твојата љубов сплет од мразни прсти рие.

 

Тоа не е толку лошо. Црви, црви модри

здивот на твојот Напредок нема да го спречи

како што и Стрикс на Каријатидите бодри

не им го згасна погледот низ кој ѕвезди течат.‘‘

 

И макар што си ужасно огрден од пакост,

и што досега не создал никој толку грубо

од еден град – смрдлив чир во Природата таков,

поетот ти вели: ,,Слава на твојата Убост!‘‘

 

Луњата те посвети, о поезијо врвна!

Огромното движење на силите те чува!

Ти вриеш; напразно смртта завидува стрвна!

Собери ги писоците во трубата глува.

 

Поетот липотот од Проклетниците будни

ќе го преземе, а од Робијашите – крикот;

со љубовен бич ќе удри по жените блудни.

– Крадци! – неговите строфи ќе го кренат викот.

 

– Општество, пак се‘ е во ред: – оргиите врват

низ јавните куќи, крикот претсмртен ги следи;

А гасните светилки, врз ѕидот што е крвав,

кобно горат во бунило кон небата бледи!

 

Мај 1871

Забелешка: ,,Природно е што индивидуалниот револт на Рембо наоѓа потпирка во револуционерните движења на епохата. Уште од првите денови на Париската комуна, Рембо ќе биде со своите чувства на страната на побунетите работници. Според сеќавањата на неговиот пријател Ернест Делае, тој бил одушевен од победата на Комуната: ,,за него оттогаш тоа значеше напредување на човечкиот дух без пречки, без граници за неговите стремежи‘‘. Во тие денови тој составува Устав на Комуната, кој не е сочуван, но за чиј поредок Делае вели дека бил ,,еден вид недржавен социјализам‘‘. Во последните денови на Комуната, кон средината на мај, тој му пишува на Изамбар за помислата да стане работник, помисла што го држи, како што вели тој, ,,додека луд бес ме гони кон битката на Париз кајшто толку работници се‘ уште умираат додека јас ова ви го пишувам‘‘. Неговата ,,Париска оргија‘‘ е страсна тирада заканувачки упатена кон реакцијата чии што трупи навлегуваат во Париз.

Револт е вистински збор за најприсутното чувство во Рембоовата поезија. Во почетокот, во првите песни, тоа е предизвик фрлен кон ,,добриот вкус‘‘ и ,,добрите обичаи‘‘, кон провинцијата и малограѓанскиот начин на живеење. Но многу бргу тој револт прераснува во еден многу поширок бунт: тој ја исмејува државата, општествениот морал, конвенционалноста на љубовта и семејството, идеите на христијанството. Неговиот бунт е бунт против устројството на светот.‘‘ (Влада Урошевиќ)