Мара во акција ноќта на 14-ти јули 1789

Untitled

Како и повеќето Парижани, и Жан-Пол Мара учествувал во револуционерните настани од 13 и 14 јули 1789. Подоцна тој зборувал како ноќта, на 14-ти јули, му успеало со помош на група луѓе на Новиот мост да задржи одреди на драгони и германска коњаница кои се насочувале кон квартот Сен Жермен и Сент Онор. Според Мара, задржувајќи ги коњаничките одреди на мостот, тој многу влијаел врз развитокот на вооружената борба меѓу побунетиот народ и владините трупи. Мара бил храбар учесник во славните јулски денови од 1789 година.

Тие денови владата почнала да собира војска во Париз. Околу Париз, во логорите, распоредила војска од 20 000 луѓе, повеќето швајцарски и германски наемни полкови. Но, во работата се вмешале и народните маси. Доаѓањето на војската било дочекано со громогласни протести. Во Париз бил формиран комитет кој имал задача да води сметка за заговорите на аристократите и да одржува врска со Уставотворното собрание. Револуционерниот вриеж отпочнал и во војската.

На 30 јуни маса од луѓе ослободила од затвор дест гардисти кои биле уапсени поради нарушување дисциплина. Тој ден цела гарда и млади командири преминале на страна на народот. Меѓу нив се наоѓал и подофицерот Лазар Гош, идниот прочуен генерал на револуционерната војска. Поради разнесувањето на најразлични гласини, Парижани живееле во неверојатна напнатост и голема вознемиреност. Тие очекувале секој ден дека војската ќе тргне кон Версај со цел да ги уапси таму пратениците. Се ширеле гласини дека во Бастиља се спремале топови во случај ако во Париз избувнат немири.

На 11 јули со сигурност се дознало дека Некер – министерот за финансии – е отпуштен. Народните маси правилно сфатиле дека тоа било почеток на нов напад од страна на кралскиот двор. Вредило да се предупреди на подготвен контра-удар.

На 12 јули Камиј Демулен бил прв кој повикал на вооружување. Зелениот лист кој Камиј Демулен го откинал во Пале Ројал станал борбен амблем, па на шапките се појавиле зелени кокарди. Кога швајцарскиот наемен полк ја нападнал народната маса во градината на Тиљери, ѕвоната заѕвониле на тревога и го известиле народот за опасноста. Во центарот на градот тргнале работниците од Сен-Антоан и други предградија.

На 13 јули народот извлекол од воениот магацин 28 илјади пушки и се снабдил со неколку топови. Париските избирачи формирале Уставен комитет. Комитетот се обратил на командантот на Бастиља да го предаде оружјето на полицијата и да ги отстрани топовите распоредени по кулите на тврдината, меѓутоа командантот ја пречекал делегацијата со пукање. Тогаш народните маси тргнале кон Бастиља и почнале да ја опколуваат. Гардата се придружила на народот.

Според Никола де Бонвил (1760-1828), оригиналниот промотор на идејата за народна милиција, од 800 000 жители на Париз, на 14-ти јули имало 300 000 вооружени мажи, а според Антоан Барнав (1761-1793) нив ги имало 180 000.

На крајот од денот, после жестоки борби, во кои народот имал многу погинати, Бастиља се предала. Народот не ја окупирал само Бастиља: тој постепено ја разрушил тула по тула, а наскоро на местото каде стоела Бастиља Парижани направиле прекрасен плоштад. На средината на тој плоштад подигнале мермерен обелиск на којшто се врежени зборовите: „Овде се игра“. 14-ти јули станал празник на францускиот народ.

„Меѓу големите работи кои ги окупираат умовите на луѓето, барањето по државните злосторници зема посебно внимание: прогонот вроди со плод, неколку од нив платија за своите злосторства. Нивното казнување беше заслужено без сомневање, но притоа беше повредена праведноста и природата. После овие свирепи сцени кои беа изведени од одмаздата на народот мора да следат официјални судења. Казнувањето на предавниците на нацијата кои сакаат да се бањат во неговата крв или сакаат да гине во глад за да ги збогатат своите пленови треба да биде смрт и уништување, но законско.“

Мара го пишува ова во бр. 2 од својот весник L’Ami du Peuple после физичките ликвидации на предавниците на нацијата како Лонеј, Фулон, Бертје и др. во деновите после 14-ти јули кога озлогласениот затвор Бастиља бил срамнат до земја. Генералниот контролор на финансиите под владеењето на Луј XVI, Жозеф Франсоа Фулон, свесен за омразата на народот после 14-ти јули, побегнува од Париз, но сепак бил заробен од селаните и босоног вратен во општинската зграда на главниот град каде што му дале да пие само забиберуван оцет, а потта на лицето му ја бришеле со коприви. Градоналачникот Баљи и генералот Лафајет се обиделе да му помогнат, но ништо не успеало да ја помири желбата за одмазда кај народот. На крајот, народот го довлечкал Фулон, заедно со зетот Бертје, до плоштадот De Grève. При обидот да го обесат на канделабар, јажето се скинало трипати по ред, па одлучиле да му ја отсечат главата, пред да му ја парадираат убодена на копје со неговата уста затната со сено. Зетот Бертје, инаку државен службеник со задача да обезбедува животни намирници за војската, бил егзекутиран во исто време со Фулон.

Новинарот Елизе Лустало сметал дека отсечената глава на Фулон, со сено набиено во уста, „им пренела поука на тираните за ужасната одмазда на праведно гневниот народ“. Лустало пишувал за праведниот бес на „варваринот“ кој го откорнал растрепереното срце од чудовиштето Бертје де Совињи. Како Бабеф, и тој го сметал убивањето и ваѓањето на срцето на Бертје за дивјаштво, но тоа било праведно дивјаштво. Одговорот на Жорж Руде за овие настани бил дека реакционерните историчари го злоупотребиле убивањето на овие јавни службеници за да ги дискредитираат револуционерните толпи. Во општествено-економската анализа на Руде, револуционерните толпи биле составени од занаетчии, трговци и ситни трговци, луѓе лојални на законот кои биле ниту невработени ниту криминалци, но стабилни кои настојувале да се сочуваат нивните традиционални права. Руде објаснува дека „актите на народна одмазда“ на 14 јули „проследени една недела подоцна од убиството на Фулон и Бертје биле истакнати од реакционерните историчари за да се дискредитираат освојувачите на Бастиља како вагабонди, криминалци или платена толпа во крчмите на квартот Сен Антоан. Ова е легенда која тешко умира; сепак нема доказ што ја поддржува, туку сите докази директно ја побиваат.“ (Rudé, The Crowd in the French Revolution, 1959, p. 56)

FIRST VICTIMS

Опис на сликата: Првите жртви на Револуцијата: маркизот Де Лонеј – гувернер на Бастиља убиен од толпата (лево); Фулон (десно) и срцето на Бертје (долу).

IIC00009330

Опис на сликата: Главата на Жозеф-Франсоа Фулон де Дуе – француски политичар и генерален контролор на финансиите под Луј XVI – убодена на копје и парадирана низ улиците на Париз откако бил обезглавен од страна на толпата за време на Француската Револуција во 1789 година.

IIC00009329

Опис на сликата: Луј Бенињ Франсоа Бертје де Совињи бил земен од бегство и донесен во Париз и масакриран истиот ден пред Hotel de Ville заедно со тестот Жозеф Фулон, чија глава бунтовниците ја носеле пред зетот убодена на копје; тие му пееле на Бертје де Совињи на 22 јули: „Бакни го тато! Бакни го тато!“

Падот на Бастиља ги збркал плановите за соборување на владата, кои ги подготвувал кралскиот двор. 14 јули 1789 година станал прв ден на Француската Револуција. Народното собрание најпосле зајакнало дури после 14 јули. На тој начин, благодарение на истапувањето на народните маси и нивната победа над монархијата, буржоазијата дошла на власт.

„Револуцијата беше направена и поддржана само од најниските класи на општеството – од работниците, занаетчиите, ситните трговци, земјоделците, од плебејците, од оние несреќници кои бесрамните богаташи ги нарекуваат измет (canaille), а кого римските патриции со дрскост ги нарекуваа пролетери. Но, кој некогаш ќе помислеше дека Револуцијата ќе биде направена само во прилог на ситните земјопоседници, законодавците, поддржувачите на криминалот“, напишал Мара после три години од Револуцијата во број 657 од својот весник L’Ami du Peuple.

После овој страшен пораз, кралскиот двор во паника ги прифатил сите отстапки. На 15 јули Луј XVI соопштил пред Уставотворното собрание дека војската ќе биде оддалечена од Париз. Тој ден биле отстранети старата општинска управа и старата полиција. Претседател на париската градска самоуправа станал Баји, член на Народното собрание. Градската безбедност била доверена на одново формираната народна гарда. На нејзино чело Собранието го поставил генерал Лафајет, кој се борел за независноста на Соединетите Американски Држави.

Заземањето на Бастиља послужило како сигнал за почеток на револуција во цела Франција. Примерот на Париз го следиле и други градови. Секаде народот почнал да ги руши месните Бастиљи. Во провинциските градови биле формирани месни самоуправи. На чело на тие управи секаде дошла буржоазијата. Во цела Франција се случило едно исто нешто: народот задавал удари против феудализмот, а резултатите од победата припаѓале на буржоазијата: таа дошла на власт.

Селаните стрпливо чекале уште два месеци да се остварат нивните упатства. Кога во градовите избувнала револуција и ги уништила привилегиите на феудалците, селаните започнале, не чекајќи решение на својот проблем во Париз, самостојна борба против земјопоседниците. Од втората половина на јули во цела Франција отпочнала селанска револуција. Вооружени со вили, копачи, секири, селаните се упатиле кон дворците на аристократите и побарале уништување на сите документи на основа на кои морале да ги исполнуваат омразените долгови. Таму каде што земјопоседниците не се противеле, селаните само ги спалувале документите, а во спротивниот случај нивната вековна омраза ги наведувала да ги спалуваат и рушат замоците на аристократите. Селанската револуција толку бргу се проширила низ цела Франција и им всадила на сите сопственици на имот толку голем страв, што Уставотворното собрание било принудено да ја прекине расправата за уставот и на време да се позанимава со разгледување на селанското прашање.

wat-tyler-and-the-peasants-revolt-1381-c2a9-red-saunders-courtesy-impressions-gallery-bradford

На 4 август била одржана прочуената ноќна седница на Уставотворното собрание. На таа седница аристократите-пратеници се откажале од своите феудални права, кои всушност Револуцијата ги укинала. На ноќната седница од 4 август сите пратеници едногласно го осудиле феудалниот поредок, којшто со векови го угнетувал францускиот народ. Еден по друг тие излегувале на говорницата и се откажувале од своите привилегии. Аристократите се откажале од исклучивото право на лов, сењоријален суд и собирање на многу феудални даноци; црквата се откажала од десетокот, цеховната корпорација од своите исклучиви права. Внатрешните царини и строгите прописи за индустриско производство биле укинати. Таа ноќ прогласена е слободна трговија на пченица, а укинати се данокот на сол, финансиските привилегии и даночните привилегии кои ги имала аристократијата и свештенството. Таа ноќ Собранието ја усвоило одлуката за национализација на црквениот земјишен имот и за еднаквост на сите граѓани пред законот.

На 5 август Уставотворното собрание ја објавило одлуката со којашто „феудалниот поредок се укинува засекогаш“. Истиот ден започната е разработка на текстот на законот за селанското прашање.

„Народот не востанува само затоа што е потиштен во очај од тиранијата. Низ какви ли зла народот не страда пред да почне да се одмаздува! И неговата одмазда секогаш е праведна во својот принцип… И тогаш, дали воопшто може да се споредува меѓу малиот број на жртви кои народот ги пожртвува на правдата во едно востание и безбројните лица кои деспотот ги сведува на беда или ги жртвува на неговиот бес, неговата алчност, неговата слава, неговиот каприц? Што се неколку капки крв што народот ги пушти во Револуцијата за да ја придобие својата слобода, со пороите од крв што го платија Тибер, Нерон, со пороите кои побеснетиот мистик на Шарл IX ги пролеа? Што се неколку ограбени куќи во еден ден од страна на народот, знаејќи дека целата нација го искуси тоа во текот на петнаесет века под трите кралски лози? Што се неколку убиени индивидуи, кога милијарда луѓе се ограбени од договарачите, од вампирите, јавните измамници? Без сомнение филозофијата ја подготви, ја отпочна и ја поддржуваше Револуцијата, тоа не може да се порекнува, но пишувањата не се доволни, треба дела, инаку на што ние ја должиме слободата, ако не на народните насилни востанувања?“ (Жан-Пол Мара)

Advertisements