10 години L’Ami du Peuple (2007-2017)

(Текстот што следи е напишан по повод петгодишниот јубилеј на блогот “L’Ami du Peuple”)

Денес се одбележуваат 5 јубилејни години од настанокот на блогот ,,L’Ami du Peuple’’. Еве што сум запишал на 13 јуни 2007 како цел на блогот:

Heil my good friends! Овде сум од една причина: да зборувам за вистината. Безпредрасудно уште кога босоноги шлапкавме в калта од нашето детство ние потсвесно ја воспримавме и сакавме да ја спознаеме вистината за и околу нас. Неподготвеноста да се соочиш со вистината е канцерогено по сите битијности кои егзистираат за нас, па ако сакате и низ нас; на жалост, покрај живејачкава во комерцијалниот поредок, така и се одвиваат физиките. Отсекогаш, ќе ви се исповестам, дека ме фасцинирале симболиките на Доброто, толку самопрегорно, до врели солзења. Но како и секојпат, тегобностите кои сами по себе ги покренуваат полемиките, и овојпат ме избодеа со своите ножови низ контемплацијата: ако ние луѓето така егзалтирано аплаудираме со раце; а понекогаш през историска иницијатива – и со глави во јуриш кон небеска, за победоносен исход на Доброто, што е тоа што ја чини сета таа еуфоричност и впрочем, најтажното, најмистичното од сите ствари, која е вистината на Доброто: по гибел, што суштински за себе е Доброто?

Ете, мои сакани друшки, за што ќе ви се расприкажува Le Camarade Marat на својот блог, со надежност дека сите ние од исповестиве ќе имаме благодети за кои подеднакво ќе се приврзуваме низ револуционерна мисла, зашто не бездруго Вистината е Револуција.

Your faithfully,

to the last drop of blood,

The People’s Friend

Но, како се зачна идејата за ,,L’Ami du Peuple’’?

Тоа се случи во 2006 година кога го запознав мојот најдобар теоретски и активистички другар Лазар Гогов. Денот беше просветлувачки чија илуминација не се споредува ниту со експлозијата на Царевата (хидрогенска 50-мегатонска) бомба на островот Нова Земја. Карпите кои ми се испречуваа до достигот на научната вистина за општествените грчеви се претворија в пепел. Тоа работно утро како и обично патував до гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија со автобус. Претходниот ден бев испратил писмо до кинескиот амбасадор барајќи поддршка за еден замислен проект за афирмација на укинатите работнички права (во брошурка да ги опишам херојските подвизи на тогашните сè уште неорганизираните работни маси на Париз за време на револуционерна Франција 1789-94). Уште наредното утро ме обзедоа грижи за исходот на овој план. Размислувајќи за ова, вниманието ми беше одеднаш привлечено од возрасен глас на скопски дијалект но мошне умолив. Човекот зад мене се обидуваше да им ги објасни заблудите од минатото околу социјализмот на шивачките кои секое утро патуваа со меѓуградскиот автобус и си ја пееја Рациновата „Денови“ (и многу од моите „социјални“ песни се инспирирани од овие работнички). Во себе воскликнав: „Еcce homo!“ И одлучно решив да приопштам со овој човек. Кога се симнавме од автобус не можев да му пристапам или да го следам, бидејќи ќе отсуствав од часови, и се натажив што никогаш нема да го сретнам мислејќи дека ќе си замине за Скопје. Но, за мое големо изненадување, што беше убаво колку уживањето во убавината на белите хризантеми среде зиме, на враќање од училиште во истиот автобус се наоѓаше и човекот. Мислев дека ќе се симне во Богданци бидејќи не бев сигурен од каде се качил утрото. Веќе кога стигнавме во Стар Дојран, додека уште се возевме, му пристапив со споредно прашање во врска со тоа колку членови има Сојузот на Титови леви сили во Богданци, а тој ми даде леток со негова адреса велејќи ми дека откако ќе го прочитам ќе разберам дека тие се бескорисни. Радо му го прифатив советот и му се заблагодарив за летокот. Се збогувавме. Оттогаш се допишувавме преку писма. Во првото писмо му ја испратив и својата стихотворба „Шивачки“ којашто длабоко го импресионира. Дури на лето во 2007 година мај месец одредени прашања кои не можеа да ми бидат одговорени преку писма ги впив како сунѓер. Длабоко ме трогна неговата судбина којашто му беше загорчена од тогашната општествена интелигенција (СКЈ, ЈНА, УДБА и професорската елита) само поради тоа што беше марксист и го критикуваше системот од марксистички позиции. Мојот гнев кон овој стратум беше неизбежен и му предложив на Лазар да ги публикуваме своите написи и разобличувања на оваа општествена интелигенција преку блог постови.

Како се овоплоти идејата за објавување на нашите написи како блог постови?

Кога за првпат ја видов марксистичката архива на македонски јазик пред воопшто да се пресретнам со Левичарски блог, моите мечти за поубав и похуман свет повторно пуштија корење во срце, и знаев, ја чувствував самопрегорно интуицијата дека тој човек што ја створил страницата како ерудит по марксизам и пред се човек кој ја сфатил суровоста и злочудноста на капитализмот е вистинскиот стимуланс за разгорување на нови сострадалнички срца, дека ете тоа е човекот што ќе ги потстрекне работниците во јуриш по своето Јас, меѓутоа откако се исконфронтирав со југоносталгичари кои немаат ни елементарно познавање од марксизам, со ленинисти кои немаат ни смисла за самокритика за да бидат демократски (неправдата што ни се стори од Нова Искра само поради што имавме различно мислење), со демократски социјалисти кои немаат ни чувство за пропаста на ленинизмот како дијалектички успех, со идеолошки паравани на гнилата социјалдемократија кои немаат друг интерес освен своето его (расколот во Ленка по вина на самите ленкисти кои ја пуштија лисицата-со идентитет), со русофили кои немаат очи да видат дека рускиот капитал е само капитал, со анархисти кои немаат самопочит, откако нивната воздржаност го осуети мојот младешки ум околу можноста за креирање на револуционерна организација и кружоци, сите надежи, очекувања и благодетни исходи ми пропаднаа в очај и гнев, а срцето и умот така измрсени што понекогаш социјализмот ми заликува на бајка, во која работниците, конечно отарасени од своите вампири, сами ги кројат хоризонтите на напредокот во големите, одѕвонувачки фабрички хали. Знам дека исповедта ништо нема да промени, знам дека срцето не може пркосливо да опламени други души, но исто така знам дека и потопениот збор во крв не чини позитивна консеквенца, но сепак во себе, длабоко, сетувам дека изгубив пријатели на народот, спремни другарски да се стопат во пламенот на пожртвуваноста, работниците изгубија пријатели, но најжалосно што за нив во пресрет не ќе се најде револуционерен стратег, имав симпатии кон нив, за луѓе кои со револуционерни идеи ќе им се спротивстават на болвите, но сега кога јавето неминовно го јаде бунџестиот сон, за мене сè е во пропаст. Меѓутоа скоро катаден јас и Лазар се дружевме, расправавме теорија, делевме летоци меѓу работници, разменувавме мислења со нив, и најважно ја пренесовме книгата „Анти-Ленин“ во електронски документ и штом ги уредам фуснотите ќе ја објавиме на блогот. За судбинска ја сметам средбата со својот пријател Лазар Гогов, истомисленик и поддржувач на марксизмот, со кого заедно го отворивме ,,фронтот‘‘ на македонското блогерство против неолибералистите и квазисоцијалистите.

Од досега објавените блог постови (655), покрај скорообјавената коавторска книга „Аргументи за антифилозофија“, ги двоиме следните како клучни записи за марксистичко образовување:

1. Драган Драча, Заблуди на минатото: Критички поглед на Тезите за социјалистичкото стоковно производство.

2. Драган Драча, Дебата за социјалистичката пресметка: Мизесови и Хајекови незасновани обвинувања.

3. Лазар Гогов, Предупредување до сите кои се важни во општеството!

4. Лазар Гогов, Капиталот убива!

5. Лазар Гогов, Буржоаски игри или лицемерието на капитализмот.

6. Лазар Гогов, Ќе опстане ли Македонија како комунистичко општество?

7. Лазар Гогов, Обвинување!

8. Лазар Гогов и Мара, Вистината за политиката.

9. Лазар Гогов, Младинци!

10. Лазар Гогов, Им треба ли на работниците политичка партија?

11. Уредил Мара, Основни црти на комунизмот.

12. Мара, Наспроти дикатурата на капитализмот.

13. Лазар Гогов, За укинувањето на стоковното производство.

14. Лазар Гогов, Буржоаска „демократија“.

15. Пол Кокшот, Алин Котрел, Премин кон социјализам на 21 век во ЕУ.

16. Уредил Мара, Зошто и по 128 години Карл Маркс е релевантен?

17. Ендру Климан, Обидувајќи се да го спасат капитализмот од самиот него.

18. Марија Хаџи-Николова, Положбата на работниците во Македонија.

19. Уредил Мара, Жртвите на капитализмот.

20. Лазар Гогов, Марксизмот, Македонците и името.

21. Лазар Гогов, За опуртунизмот на Робин Худ.

22. Лазар Гогов, Лениновата држава и револуција.

23. Мара, Разгатнување на енигмата НЕП: нејзината причина и нејзините последици.

24. Борис Борисов, Гладта што уби 7 милиони Американци.

25. Лазар Гогов, Медицината и марксизмот.

26. Стивен Роберт Еш, Мит: Капитализмот е најпријателски настроен економски систем кон животната средина.

27. Дејв Захариах, Демократија без политичари?

28. Дејв Захариах, Границите на социјалдемократските политики.

29. Мајкл Линд, Либертаријанизам и фашизам.

30. Мара, Отаде мршата на мизесизмот: Одбрана на научниот социјализам.

Што рекоа другите за ,,L’Ami du Peuple’’:

„Друже чувствувам дека ваков блог и требаше на нашата блогерска заедница. Баш сега ја слушам Bandiera Rossa“, Солза, 12 јули 2007.

„Откако … го посетив твојот блог МНОГУ МИ СЕ ДОПАДНА !! Навистина имаш прекрасни постови (посебно тој КАПИТАЛОТ УБИВА) … не ти зборувам од куртоазија туку искрено ти советувам и ти да продолжш да пишуваш и да најдеш начин да повеќе го промовираш твојот блог“, BadRedBoy, 27 јули 2007.

„Добар блог. Интересен за читање. Аргументирате. Продолжете така и понатаму“, Шепард, 4 октомври 2007.

„Го следам и твојот блог со голем интерес и можам да го издвојам како еден од најквалитетните. …Го ценам твојот напор…“, _redfinger_, 7 ноември 2007.

„Другар, сакам да ти изразам почит за она што го работиш на блогот. …Еден од најсериозните марксисти на блогерајов (како таков те гледам јас)“,.аНТИ, 21 јануари 2009.

„Мара е:

-Голем Човек

-Голем Поет

-Голем Марксист“, Levi Yubo, 3 јуни 2009.

„Гледам дека си многу посветен на својот блог. Не сметам дека треба да им се промени психусот на [некои] индивидуи, но сметам дека треба да се укаже и да се поучи за алтернативата, па да се избере…“, ЛудПатор, 22 септември 2009.

„Томислав Захов е модерен мисловен поет, кој со витешки манири го жигосува погубниот морализам во општеството, кризата на авторитети, неспособноста да се решаваат општествените проблеми.

Захов не се обременува да измислува, туку само да открива; што не ризикува да создава нови метафори, туку да ги покажува вистинските – оние кои постојат меѓу две слики, оние кои можеби отсекогаш и постоеле – ја потврдува Борхесовата дефиниција дека поетската слика што може да ја замисли само еден човек всушност не допира до никого. Само така може да се разбере определбата на Захов да се прогласи за противник на интелектуалниот аутизам, со што некои поети се обидуваат да држат аура на недопирливост, небаре тоа е само друг израз за интелектуално просветлување што го прават пишувајќи песни.

Захов му објавува војна на декадентниот пасивизам и огнено протестира против искривоколчената вистина и дрската безочност“, Георги Барбаровски, 2009.

„Вашиот стил (на Лазар и на Томислав), поетиката, енергијата во секоја реченица просто е вознемирувачки добра, заводлива, жестока. Можеби најдобрите писатели на Блогерај иако не се бавите со книжевност. Понекогаш ги читам вашите постови без намера да ги разберам, туку повеќе да им се радувам. Знам дека не ви е тоа целта ама опасно сте добри пишувачи така што ме навлековте“, Ирена Цветковиќ, 17 ноември 2010.

Пет години секојдневно пребарување на неограничените страници на разни податоци од Интернет, пет години публикување на разни текстови од Маркс-Енгелсовите дела (МЕД) со кои се настојува да се допре до работниот човек (работникот од нива и фабрика, техноинтелектуалецот, медицинарот, егзактнаучникот, младинецот) и да им се „открие“ тоа што тие го работат секој момент. A не го гледаат бидејќи се заробеници на малограѓанската свест, на филистерството. Веруваат во малограѓанските заблуди, во илузиите на филистерот, во секојдневните појави кои не се  такви „како што изгледаат“. Пример парите.

Нема човек кој не е уверен дека „беспари ништо не се може“. А не е така, беспари се може, но без производство не се може. Или „размената“. Сите под размена подразбираат само купување или продавање. Но не е така. Се разменуваат само производи меѓу себе, значи употребни вредности. И кога двајцата разменувачи имаат во раце употребни вредности дури тогаш размената е завршена. А што парите се појавуваат подоцна од размената  и „учествуваат“ во неа тоа не е доказ дека беспари не се може.

На денешно ниво на развој парите се средство за експлоатација на работниците, производителите. Во претходниот став е речено дека во размената учествуваат само сопственици на употребни вредности или сопственици на стоки. Но, со постоењето на приватна сопственост над средствата на производство се оневозможуваат работниците – производителите да бидат сопственици. Тие добиваат само надница со која учествуваат во прометот на мало како купувачи на употребни вредности за одржување на животот…

Петгодишен јубилеј а ние пак мораме да зборуваме за науката. Да, ние секогаш ќе зборуваме за тоа бидејќи тоа е во интерес на народот, во интерес на работникот, во интерес на општеството. И „кога мислата ќе овладее со масите таа станува материјална сила“, вели Маркс. Срам да им биде на сите оние кои се нарекуваа комунисти што не направија „мислата да овладее со масите“ иако сè имаа во свои раце. Срам да им биде и на оние што себе се нарекуваат „доктори“ на општествени науки а немаат абер од марксизмот и не мрднуваат ниту со малиот прст да објаснат нешто на луѓето и да „му го намалат бремето“ на народот. Да, тие нема ни да мрднат бидејќи на нив им е добро вака. Затоа тие и молчат и не го споменуваат марксизмот бидејќи со него би ги изгубиле своите паразитски положби.

Замислете каква глупост: марксизмот исфрлен од системот на науки затоа што „научниците“ од општествените квазинауки не го проучиле. Или ако нешто прочитале – воопшто не го разбрале. Што ли би рекле обичните луѓе, па и докторите на општествени квазинауки, кога медицинарите би ја исфрлиле анатомијата од медицинските науки затоа што некој доктор погрешно применува  некои методи на лечење! А би требало за општествените шарлатани така да се направи, па кога ќе отиде некој од нив на лекар од главоболка овој да му ампутира прст на раката. Сигурно ќе му престане „главоболката“ кога ќе види која метода на лечење е применета.

„Злочин најголем прави оној кој ја скрива научната вистина“, вели Шелинг а Маркс го цитира. Можете да замислите каков злочин прават сите општественици кои го „исфрлија“ марксизмот од системот на науки. Но, научната вистина е таква, ако ја исфрлаш низ врата – таа влегува низ прозор. И таа е тука, само треба да се спознава. Ние, Пријателите на Народот,  правиме што е можно таа да дојде кај што поголем број луѓе. И пријатно сме изненадени кога ќе најдеме свои истомисленици кај многу млади луѓе, за кои би се кажало дека никогаш нема да дојдат на нашите ставови од МЕД, а тие веќе подолго време стојат цврсто на истите. Затоа напред, во дружењето, во контактирањето, во ширењето на марксистичките идеи кои, иако се идеи, не се идеологија.

Поздрав до сите оние кои ја сакаат среќата на народот и работат на нејзиното остварување. Да биде јасно, тоа не се ниту постоечките политички партии ниту политичарите. Тоа се само оние кои ја шираат научната  вистина.

Мара и Лазар, Пријатели на Народот.

Дојран – Скопје, вторник 12 јуни 2012

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s