За живот во Македонија, Стево Пендаровски да си оди

hx-mtpkwСо повисоките плати гарантирани од партијата којашто претендира превласт не се живее подобро, туку се ПРЕЖИВУВА подобро. Политичко-економските рамки – коишто Пендаровски ги спомна – на наемното ропство, спречуваат мнозинството граѓани да живеат подобро, односно ги присилува на борба за преживување. Докази дадов во коавторската моја книга „Аргументи за антифилозофија“ на стр.46. Цитатот од книгата како следен параграф. Маркс со право рекол: „Зголемувањето на надниците доведува до исцрпеност на работниците.“ Доказ кон Марксовото тврдење е експлоатациската метода на капиталистите да го интензивираат процесот на труд, со продолжување на работниот ден или работните смени, интензивирање на работата на самите машини, зголемување на нормата од парче, кратење на дневницата, и во најлош случај селење на капиталот и соодветно на тоа отпуштања.[1]

Марксовата контемплација од Економско-филозофските ракописи (1844) е сè уште кобно веродостојна: „Зголемувањето на надниците доведува до исцрпеност на работниците. Колку што повеќе тие сакаат да заслужат, толку повеќе мораат да го жртвуваат своето време и, потполно да се одрекуваат од секоја слобода, извршувајќи ропски труд во служба на лакомоста. При тоа тие го скратуваат својот живот. Тоа скратување на траењето на нивните животи е поволна околност за работничката класа во целина, бидејќи на тој начин секогаш има потреба од нова понуда. Таа класа мора секогаш да жртвува дел од себе за да сосема не би пропаднала.“

„За да заработат пари потребни за да ги задоволат своите аспирации, американските и британските семејства работат подолги работни часа… Американците, проследени од Британците, работат подолги часови во годината, а жените работат повеќе отколку во другите индустријализирани земји. Во Америка, покрај тоа, сразмерот на работници што остануваат во расположливата работна сила после 60 и всушност над возраста на пензионирање е поголем од оној во повеќето европски земји.

Американските работници одработуваат најдолги часови во индустријализираните нации: 1834 часа по глава во 2000. Врз основа на податоци од Организацијата за економска соработка и развој и Меѓународната организација на трудот, американскиот модел на растечки часови одработени по индивидуа во годината, што изнесува 1824 во 1983, најостро се разликува со тој на европските работници, кои постепено трошат помалку часа на работа, особено во земјите како Норвешка и Холандија каде што часовите одработени во 2002 биле 1371 во Норвешка и 1380 во Холандија.“[2]

„Насилното повишување на надницата би било само подобро плаќање на роб, но тоа нема да придонесе ни за работникот ни за трудот нивно човечко одредување и достоинство.“ (Маркс). Доаѓаме до заклучокот дека дури ни зголемувањето на наемнините не е решение, конкретно во случајов – решение на здравствената и социјалната состојба на американската работничка класа.

Гарантираниот основен доход треба да се сфати како протекционистичка мерка во прилог на капитализмот наспроти вистински социјалистичката мерка на укинување на наемното ропство.  Бранителите на гарантиран основен доход всушност се спасители на давечкиот капитализам. Субвенционирањето на ниско-платените работници е ладење на нуклеарниот реактор на можната револуција.

Нема идеолошки разлики меѓу Стево Пендаровски и Бранимир Јовановиќ од „Левица“, па чудо едно е што двете партии не настапија заеднички против владината коалиција на овогодишните парламентарни избори. Според Бранимир Јовановиќ треба да има „државни инвестиции во инфраструктура за непречен промет на капитал“, мртов труд, што оживува како вампир само со исцицување жив труд, и што толку повеќе живее, колку повеќе ќе исцица од него. И пак на друго место: „Државна помош за приватниот сектор.“ (читај: капитализмот!) Отворањето нови работни места со државна поддршка на домашните фирми не гарантираат повисоки плати за работниците, тоа е толку просто очебијно, што се гледа од претходната политичка мерка каде што партијата што претендира да стане владејачка партија ветува дека со интервенција на државата ќе им се гарантира на работниците повисоки плати за да живеат подобро. Кој тука лаже?! Значи, да сумираме, излегува на виделина според СДСМ дека капитализмот во МК не е ниту способен да креира нови работни места, ниту пак да им овозможи на работниците повисоки плати, и дека овие гарантирани повисоки плати се на сметка на слободното време на работниците, оттука на сметка на нивното здравје, што совршено ни објаснува дека гарантираните повисоки плати НЕ ГАРАНТИРААТ ДЕКА РАБОТНИЦИТЕ ЌЕ ЖИВЕАТ ПОДОБРО.

СДСМ во својата програма вети дека парите ќе ги насочат кон граѓаните така што ќе ги покачат платите, … со враќање на 15% од ДДВ одн. една плата, фер даноци, намалени јавни давачки, евтина струја, укината радиодифузна такса, … што ако не се трагични мерки би биле комични против законот на моќта. Штом социјалдемократите дозволуваат капитализам односно или заработка од камата на позајмени пари или од вработување на наемен труд, тогаш неминовно се случува неприкосновена поларизација на граѓаните во две класи: капиталисти и работници.

Физичарот Виктор Јаковенко во својот труд „Статистичката механика на парите“ докажа дека парите во пазарна економија ја играат истата улога како енергијата во физиката. Како што енергијата е конзервирана во колизии помеѓу молекулите така и парите се конзервирани во деланија на купување и продавање, нешто што е досега познато на сите. Она што не е очигледно е она што ова го имплицира. Јаковенко докажа дека законите на термодинамиката имплицираат дека распределбата на парите помеѓу граѓаните ќе ја следи истата форма како и распределбата на енергијата помеѓу молекулите во еден гас: таканаречената Гибс-Болцманова распределба. Ова звучи многу апстрактно, но што тоа всушност значи?

Она што Гибс-Болцмановата распределба на парите значи е дека малку граѓани ќе завршат со многу пари и многу граѓани ќе завршат со многу малку пари. Тоа значи дека распределбата на пари ќе биде многу нееднаква каква што ја гледаме во секое капиталистичко општество. Всушност, Јаковенко докажа дека распределбата на богатството во С.А.Д. соодветствува многу близу на Гибс-Болцмановата распределба.

Постои мислењето дека богатите граѓани го должат своето богатство на својата интелигенција или напор, но физиката ни кажува нешто друго. Земајќи предвид пазарна економија, тогаш законите на можности значат дека многу пари ќе завршат во рацете на малку граѓани. Кога гледаме во С.А.Д. ние откриваме дека распределбата на богатството е дури понееднаква од она што би го очекувале под Гибс-Болцмановиот закон. Ако Гибс-Болцмановиот закон важи, тогаш би имало милионери, но не и милијардери. Зошто овој диспаритет?

Јаковенковите оригинални равенки претставија економија којашто е прилично како онаа што Маркс ја нарече просто стоковно производство каде што има само купување и продавање. Јаковенко докажа дека ако ги измените овие равенки така што ќе дозволите или заработка од камата на позајмени пари или од вработување на наемен труд, тогаш равенките предвидуваат поларизација на граѓанството во две групи. Големо мнозинство од граѓани, односно работничката класа и ситната буржоазија, ги трпат последиците на Гибс-Болцмановата распределба на доходот. Но, постои втора класа, оние граѓани чиј доход произлегува од капитал, чие богатство следи различен закон, оној што се вика закон на моќта. Повторно, ако погледнеме детално во распределбата на богатството, тогаш ние ја добиваме точно истата распределба предвидена од теоријата на Јаковенко. Ова, како што вели Јаковенко, докажува дека Маркс имал право кога рекол дека современото општество е сочинето од две посебни и спротивставени класи: капиталисти и работници. Според тоа, современата физика покажа дека не само што Маркс бил во право со својата основна економска анализа, но и дека тој бил во право бидејќи неговите заклучоци следат од најосновните закони на физиката, законите на термодинамиката.

„Институциите ќе работат во служба на граѓаните“ и „Ќе има контрола над власта и правда за сите!“ се две идентични флоскули бидејќи без институции во коишто граѓаните непосредно ќе учествуваат во нивната работа не може да има фактичка контрола над власта. Или како што Маркс хируршки прецизно ја сосредоточил лажноста на буржоаската посредничка „демократија“ во следната мисла: „На угнетените работници им е дозволено еднаш на секои четири години да одлучуваат кои точно претставници на угнетувачката класа од богаташи ќе ги претставува и ќе ги угнетува.“ Правото да се гласа не е исто што и правото да се користи власта. Ќе треба многу години пред граѓаните да можат да ги отповикаат ненародните политичари кои реализираа амнестија за политичари инволвирани во најгрубо кршење на неприкосновеното право на живот на граѓани на Република Македонија. Македонските политичари заеднички одлучија да ги зголемат своите плати, платени од граѓаните, па кој ги спречи? Македонскиот парламент не го претставува населението во однос на возраст, пол и класа. Тоа е причина граѓаните да имаат ретко, ако не и воопшто, збор во одлуките на политичарите, коишто влијаат на нив и животите на нивните семејства. Главните спорни прашања како оданочување, војна и мир, се решаваат без да се повикува на јавното мислење. Тоа може да се случува само во парламентарен систем во којшто владеат професионални политичари, а не обичните луѓе.

Демократијата значи целото население да гласа електронски за важни прашања после гледање телевизиска дебата од страна на претставничко студио-собрание. Тоа е овозможено со моќта на технологијата, со мобилните телефони и интернетот. Во едно де факто демократско општество нема да има влада, премиер, претседател, државен водач. Народниот суверенитет ќе се потпира на Народното собрание. Тоа треба да биде граѓанско тело, а не хиерархија на високо платени елитни политичари. Членовите треба да се соочуваат со избори секоја година, како и да се ограничи нивната служба на максимум од 2 години за да се спречи формирање на класа на професионални политичари одвоени од јавноста. Парламентот треба да се избира случајно, а не, како сега, врз основа на систем од партиски списоци.

[1] Социјалдемократските односно кејнзијанистичките економски мерки на Стево Пендаровски и Бранимир Јовановиќ никаде не ги отстраниле, ниту може да ги отстранат многу големите нееднаквости во доход, богатство и животни можности, што досега го аргументирав во текстот Криза за сите: во одговор на Бранимир Јовановиќ. Кејнзијанистичките политики се потчинети на капиталистичката економија и овие политики ќе бидат единствено допуштени ако капитализмот создава профити, но Марксовиот закон за тенденциско опаѓање на профитна стапка го парализира овој идеалистички сон на социјалдемократите. На крајот, кејнзијанистичките политики се во самата нивна суштина не про-работнички, туку змиски отров од про-капиталистички политики, бидејќи во нив отсуствува наjблагородната идеја, идејата за промоција на вистинска демократија на работното место преку укинување на наемното ропство.

[2] George Irvin, Growing Inequality in the Neo-liberal Heartland – Paying the bill: longer working hours and years, Post-autistic Economics Review, Issue no. 43, 2007, 13. Oнлајн верзија: http://www.paecon.net/PAEReview/issue43/Irwin43.pdf

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s