Политички коректната Левица индикација за уште една буржоаска партија

Ако „главната и долгорочна цел на Левица е да воспостави социјализам (општествена сопственост и демократско планирање на производството и распределбата)“, тоа сигурно и никако не е можно да се постигне со „решенија од реформиски карактер“. Претставувањето на социјализмот како главна но долгорочна цел е безобразна демагогија на Левица што силно потсетува на буржоаското (малограѓанското) размислување на одредени членови на „реал-социјалистичката“ номенклатура од кои Левица посакува да се дистанцира, но залудно, бидејќи застапуваат урамниловка на закржлавени ганглии.

Уште во „реал-социјализмот“ на Левица (тој е реал-социјализам само во главите на авторите на Програмата на Левица но не и според ниту една дефиниција на социјализмот дадена од Маркс и Енгелс), дури и меѓу офицерите, постоеја лица кои стоеја потполно на анти-марксистички позиции, а беа на високи положби со чинови мајори, потполковници и полковници. Еден „реал-социјалистички“ полковник, магистер на економски „науки“, делегат во Собранието на град Скопје, началник на финансиската служба во Скопската армиска област, доста „снаодлив“ да дојде до пари и до разни добивки (при одењето на Југословенската народна армија (ЈНА) од Р. Македонија „единствен офицер на ЈНА, кој си отиде со најмногу германски марки в џеб, успеа да ги продаде становите во Белград и викендичката во Маврово) тврдеше: „Не е можно да се укинат парите и трговијата. Нема јас за еден домат да одам во Струмица. Не може распределба „спрема потребите“, затоа што мојот син ќе бара ДЦ-9. Комунизмот ќе настане кога ќе дојде критичната ноќ на комунизмот“ и долг ред на бесмислици, со кои докажуваше дека ништо не прочитал од марксизмот. Тие „реал-социјалисти“ не беа ништо друго освен неплатени агенти на анти-комунистичката десница.

Ова не беше чудно и беше сосема лесно сфатливо од причина што малограѓанското капиталистичко општество – што во праксата постоеше – ги наметнуваше своите „вистини“, кои наоѓаа место и во ЈНА, која како дел на општеството, не можеше да биде имуна на тие појави: „Во рамките на општествена состојба во која владее капиталистичкото производство и кај некапиталистичките производители владеат капиталистички претстави…“ (Маркс)[1] Не беше трагично што офицерите имаат такви сфаќања, беше трагично тоа што кога сè ќе им се напишеше што не беше во согласност со марксизмот, не сакаа да го прочитаат напишаното и да го споредат со Маркс-Енгелсовите дела.

Социјализам дефиниран како „општествена сопственост и демократско планирање на производството и распределбата“ воопшто не претставува долгорочна цел. Производството и распределбата според потреби е реализирана веќе во капитализмот, барем во државите на благосостојба, и се спроведува. Колку да изгледа парадоксално еве го објаснувањето: Луѓето често погрешно го толкуваат зборот „потреби“ со значење бесплатна распределба. Тој не значи тоа. Всушност значи дека ако некој има поголемо семејство, ако некој е болен или онеспособен, ако постои одредена објективно определувачка потреба, тие добиваат компензација за тоа. Но, тоа е нешто што работничкото движење веќе го придобило, во основа барем, во Европа – не во САД, но во Европа повеќето држави на благосостојба го признале принципот на потреба и распределбата според потреба во неколку полиња, во здравството и образованието итн.

Така принципот на потреба не е критичното прашање што треба да се решава, социјалдемократијата го решила на многу места, но прашањето што не го решила е укинувањето на експлоатацијата, односно првата фаза на комунизмот или производството и распределба на трудот, средствата за производство и потрошувачка според работно-временска пресметка а не монетарна. Во која смисла? Под претпоставка дека социјалистите ја освоиле политичката власт, вредноста на денарот ќе се стабилизира во однос на работно време, денарските банкноти ќе го имаат своето работно време отпечатено на нив. Ова веднаш ќе го покрене прашањето во главите на македонските работници: зошто сум јас само платен 20 или 30 минути за секој час што го одработувам? Прашањето за експлоатација ќе се крене на врвот на политичката агенда. Како што гледаме, социјализмот не е воопшто долгорочна цел ниту пак се воведува со политички указ туку е предвиден со преодни мерки чија примена не бара долг рок.

Untitled

Стадиумот 1 ја прикажува во главни црти сегашната ситуација. Стадиумот 2 – ситуацијата во текот на која се применуваат преобразувачките мерки коишто се опишани во Кокшот-Котреловата „Програма за премин кон социјализам на 21 век“. Стадиумот 3 е состојбата опишана во „Кон нов социјализам“ (1993), преведена и на македонски јазик.

Неразбирливо е како може авторите на Програмата на Левица да го имаат социјализмот предвид само како главен и долгорочен идеал додека во исто време застапуваат решенија од реформски карактер на наемното ропство (за кое Маркс и Енгелс велат дека е „најсвирепо и најнемилосрдно од сите облици на потчинетост“), решенија со кои всушност тие индиректно бранат и потпомагаат општествено-економски систем којшто нема врска со Маркс-Енгелсовите заклучоци и којшто е потполно спротивен на нивната главна и долгорочна цел.

Затоа Маркс е во право кога вели во „Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта“: „Традицијата на сите мртви генерации го притиска како мора мозокот на живите. И токму кога изгледаше дека се окупирани со тоа да се преобразат себеси и работите, да создадат нешто што досега не било, токму во такви епохи на револуционерната криза тие со страв ги повикуваат во своја служба духовите на минатото, ги позајмуваат од нив имињата, борбените пароли, костумите, за да преоблечени во тоа прекрасно руво и со помош на позајмениот јазик, би извеле нова светско-историска сцена“.

Да, тоа е така, но само со малограѓанските револуционери. Пролетерски револуционер не смее и не може да прави така – тој го има марксизмот, кој мора да го проучува, и во согласност со него, да делува. И кој така не прави, тој не е пролетерски револуционер. Тој е малограѓански бунтаџија, хохштаплер и заводник, кој го заведува народот наместо да му ја кажува јасно научната вистина.

Левица како типично граѓанска (буржоаска) либерална партија е парадоксална во својот критички поглед на „реал-социјалистичкото“ минато, глорифицирајќи ги некритички токму неисправните работи додека со лицемерниот јазик на политичка коректност ја негира/отфрла историски оправданата диктатура на пролетаријатот како општествена самозаштита за одбрана од специјалната војна против СФРЈ и симултано запаѓајќи во противречност со тоа што ја прифаќа антифашистичката борба на физичко уништување на непријателот додека ја отфрла антикапиталистичката борба на физичко уништување на сите хибридни елементи на странска и внатрешна реакција коишто се служеле со најрационални видови на субверзија и терор во послевоена Југославија[2]. Овие помодарски „левичари“ како да заборавија на славната реченица од Комунистичкиот манифест дека историјата на секое досегашно општество е историја на класните борби“, дека „буржоаските историчари одамна … го изложија историскиот развиток на таа борба меѓу класите“[3]. Авторите на Програмата на Левица го игнорираат овој контекст на диктатурата на пролетаријатот.

Нормално, за модерните, либерални сфаќања, диктатурата на пролетаријатот е вчудоневидувачка фраза, но треба да се има на ум дека со истата анализа, ние сме биле едно време и сѐ уште сега живееме под диктатура на буржоазијата (живи докази се мартирите на слободата како Мумиа Абу-Џамал, Лин Стеварт и Челзи Менинг). Според Маркс и Енгелс, постоењето на која било влада подразбира диктатура на една општествена класа над друга. Според тоа, без да заобиколуваме со јазикот на политичката коректност, суштинското прашање е која класа е во доминирачка улога, а не класификацијата на авторитарност!!!

При одобрувањето на искуството со работничкото самоуправување, авторите на Програмата на Левица дошле до мошне погрешна констатација поистоветувајќи го овој политички облик со економско ослободување на трудот, а без ова, секакво работничко самоуправување или социјализам е апсурд и фатална заблуда. Авторите на Програмата на Левица требале да истакнат дека работничкото самоуправување не може да постои паралелно со нивното робување за наемнини (покрај експлоатацијата преку камата на долг како и земјишна рента): „Општеството тогаш се сфаќа како апстрактен капиталист. Надницата е непосредна последица на отуѓениот труд, а отуѓениот труд е непосредна причина на приватната сопственост. Според тоа, со отпаѓањето на приватната сопственост отпаѓа и наемнината.“ (Маркс, Економско-Филозофски ракописи, 1844 год.)

Од ова произлегува круцијалниот заклучок дека диктатурата на пролетаријатот (мнозинската победа на пролетаријатот на изборен циклус) мора да се искористи и да биде ставена во функција на основниот историски процес на економско ослободување на трудот и дека само тоа е основната, детерминирачка гаранција за класната содржина на новата власт без истата да се преобрази во про-буржоаска квинслишка партија налик СИРИЗА, и за нејзиниот демократски карактер.

Очигледно Левица не ја научила најважната грешка од минатото: Класичните и подемократски мнозински механизми на демократијата не гарантираат дека работните луѓе ќе владеат. Ако класната структура на македонското општество не е поволна за про-социјалистичкото движење на работните луѓе, односно не е срушено наемното ропство, тогаш тоа нема да успее макар добиле класични и подемократски мнозински механизми на демократијата. Доказ од историјата е неуспешната еманципација на робовите, жените, сиромашните селани и занаетчии во услови на директната демократија во античка Атина. Неуспехот на атинската демократија не се должел на природната слабост на директната демократија, туку, прво, на фактот дека директната демократија останала делумна, опфаќајќи само дел од населението, и второ, директната демократија никогаш не била завршена со соодветна економска демократија, бидејќи „демократија постои кога сиромашните, а не имотните, се владетели“ (Аристотел).

[1] „…Во својот последен роман „Селани“, Балзак, кој воопшто е забележлив со своето длабоко размислување на реалните односи, успешно прикажува како малиот селанец, за да ја зачува наклонетоста на својот лихвар, бесплатно му врши различни работи и си мисли дека со тоа не му подарува ништо, зашто неговиот сопствен труд не му причинува никакви расходи во готово. Така лихварот од своја страна со едно мавање отепува две муви. Заштедува трошоци во готово за наемнина и селанецот, кој поради тоа не може да ги обработи своите нивје, сѐ повеќе го упропастува, и сѐ подлабоко го заплеткува во лихварската пајажина.“ (Карл Маркс, Капиталот, том трети, Мисла, Скопје, 1976, стр.38)

[2] Иван Бабановски, Југославија како објект на специјалната војна, Млад Борец, Скопје, 1982 год.

[3] Карл Маркс, Писмо до Вајдемаер, 1852 год.

$_57

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s