Критика на Програмата на „Левица“ (прв дел)

Воведот во Критиката на Програмата на „Левица“ може да се чита овде.

Социјализмот промовиран од една декларирана радикална левичарска а не само реформистичка прогресивна партија треба да тежнее кон укинување на нееднаквостите во доход, права и можности коишто капитализмот (наемното ропство) ги создава. Во Програмата не се кажува како Левица доколку дојде на  власт ќе ја искористи моќта на државните институции да го задуши противењето на оние кои имаат корист од капитализмот, односно како со своите економски политики на прераспределба на приходот на најбогатите (со проработничко законодавство, прогресивно оданочување, итн.) и јавни инвестиции (во патишта, училишта, болници, итн.) финансирани од овој приход би го дисквалификувале Марксовиот закон за тенденциско опаѓање на општата профитна стапка и како ќе ги спречат овие корисници на капитализмот од намерата да преземат цела низа контрамерки за да ги одржат „своите“ профити, интензивирајќи го процесот на труд или преселувајќи го капиталот во странство или оставајќи го капиталот во банка, освен да го направат тоа така што ќе администрираат укинување на капитал односот којшто изразен во хартии од вредност има само општестествено-историски минлив карактер.

Сопственоста е суштинското прашање на социјализмот, односно преземањето на контрола над средствата за производство од страна на производителите, наемната класа. Ова би подразбирало укинување на експлоатацискиот однос на наемен труд, што е логична последица откако корисниците на капитализмот ќе ја загубат својата улога на работодавачи поради поопштествените средства за производство. Значи, укинувањето на наемното ропство – а не некои си економски политики на прогресивни даноци и државни инвестиции во градинки и јавни тоалети (како изјавува Бранимир Јовановиќ) – треба да биде клучната цел. За оваа цел имало веќе историски преседан со укинувањето на ропството преку воведувањето на уставен амандман во Соединетите Американски Држави. Целиот систем на општествени односи врз којшто робовладетелското општество било втемелено се распаднал кога законскиот однос на подвижен имот бил укинат. Ако на истиот начин се укине и законскиот однос на наемно ропство, тогаш целиот поредок на капиталистичките корисници и експлоатација ќе се распадне како кула од карти.

За разлика од реформаторот на јавни јасли и тоалети Бранимир Јовановиќ[1], Левица би требало да бара закон што ќе признае дека трудот е единствениот извор на новата додадена вредност (во којшто случај, логиката за потребата од прогресивни даноци исто така се распаѓа!) Маркс веќе научно докажал дека капиталот воопшто не додава вредност и според тоа, дека трудот е единствениот извор на новата додадена вредност. Поради ова, работниците имаат морално право и исто така треба да имаат законско право над целата вредност којашто тие ја произведуваат и овие права треба да бидат наложени од судовите, судови коишто ќе бидат раководени од пороти составени од работници и судии избрани од работници. Исто така, работниците треба да имаат право да го избираат мнозинството од управниот одбор на секоја фирма и компанија како би спречиле отселување на капиталот (во машини, софтвер и репроматеријали).

Корисниците на капитализмот нема да имаат оправдувања да се бунтуваат поради експропријација бидејќи всушност таа толку озлогласена мерка како репресивна не би се случила. Заштитата на приватната сопственост нема да биде прекршена и таа ќе остане запишана во македонскиот устав. Но, затоа пак, ќе биде промовирано повисоко право, правото на трудот да не биде експлоатиран, едно човеково право коешто е повисоко од друго: „Ние не сакаме да го нарушиме правото на сопственост. Но, кое право на сопственост е посвето од останатите други? Правото на живот. Ние сакаме да се одржи тоа право на сопственост.“ (Жан-Пол Мара во јуни 1793 год. по доаѓањето на јакобинците на власт) Ова повисоко право нема да одземе нечија сопственост, акционерите сѐ уште ќе ги поседуваат своите акции, но за нивна жал нема да добиваат никаков приход од овие акции, бидејќи штом наемното ропство се укине, нивните акции стануваат безвредни поради тоа што тие се хартиен опис на еден општествен однос кој повеќе не постои.

Според горекажаното и на страна од отровните реформистички препораки на Бранимир Јовановиќ, можно е да се има продуктивно, човечко и во основа егалитарно општество. Се разбира, одредени нееднаквости – поради природните разлики меѓу луѓето во нивните способности – се неминовни, но тие се незабележливи во споредба со нееднаквостите во капиталистичкото општество. Важни причини за нееднаквостите во капитализмот се 1) експлоатација на оние кои работат; 2) наследување движен и недвижен имот; 3) невработеноста; 4) возраст и болест; 5) економска експлоатација на жените од страна на мажите; 6) разлики во вештините и способноста[2]; 7) расистичка/родова дискриминација; 8) непотизам и 9) државата.

Програмата на Левица не содржи ниту една политичка мерка со којашто би се укинала економската експлоатација на работниците од страна на нивните газди. Економската експлоатација значи да не бидеш платен за работата што ја извршуваш. Експлоатиран си ако заработените надници ти се пониски од вредноста на производот којшто си го произвел. Но, ако работиш 40 часа неделно и со твоите „надници“ можеш да купуваш стоки и услуги за коишто исто така треба 40 часа за да се произведат, во тој случај не би имало економска експлоатација. Сепак, моменталните надници се многу пониски од вредноста којашто е додадена на произведените стоки и услуги.

Во капитализмот надниците се диктирани од газдите, бидејќи некое работноспособно лице кое е невработено или се плаши од невработеноста (одвратниот парадокс на наемното ропство!) ќе биде подготвено да прифати каква било работа или работни услови. Газдата може да избира од бројни поднесувачи на понуди на работни раце па поради тоа работникот не е способен да преговара за „правична надница“ против чија стапица Енгелс толку спорел[3]. Ако постои кусок на работници тоа би барало од капиталистите да плаќаат повисоки надници, но капиталистот сѐ уште има други опции да ги држи надниците ниски, оставајќи го капиталот во банка или да го пресели бизнисот во некоја земја од Третиот свет. Сите овие фактори ги присилуваат работниците да се продаваат по експлоатациски ниски надници.

Македонската централна банка треба да биде законски задолжена да го стабилизира денарот во однос на просечното општествено потребно работно време и да отпечати на денарските банкноти толку минути колку што фактички денарот претставува. Ова просечно општествено потребно работно време од толку и толку минути ќе ја создава вредноста на еден денар. Левица во својата Програма треба да брани таков економски систем каков што Маркс бранел во својата „Критика на Готската програма“, каде наместо пари ние ќе користиме непреносливи трудови ваучери. Овие трудови ваучери нема да бидат повеќе пари отколку што билетите за театарска претстава се пари, и тие нема да циркулираат, бидејќи ќе бидат пуштени во промет од централната банка за секој поединечен работник во однос на бројот на часови коишто тој ги одработил и за коишто добива назад добра и услуги коишто ја бараат истата трудова вредност по што овие трудови ваучери се поништувани како што билетите за театарска претстава се поништуваат, а не како што демагогот Бранимир Јовановиќ сугерира девампиризација на банкарите без укинување на парите, макар што го признава нивното повампирување сѐ додека парите постојат, за да веднаш во истиот став со идиотско салто мортале западне во контрадикцијата за „народните пари“ кои ќе им ги делат сега метаморфизираните банкари во доброќудни вампири.[4]

[1] Бранимир Јовановиќ: „Државните градинки и вецеа се поттик за капиталистите да плаќаат данок.“ Извор: http://www.makdenes.org/content/article/26937577.html

[2] Маркс во својата „Критика на Готската програма“ пишува дека ако работникот или работничката работи побрзо или подобро, тој или таа треба да добива повисок доход во трудови ваучери, бидејќи тие фактички придонесуваат повеќе труд и поради тоа тие би требало да имаат повеќе доход, а според ова ние гледаме дека секој принцип на еднаквост како овој сè уште се темели на природната нееднаквост меѓу работниците, дека некои работници, како што Маркс пишува, се посилни и побрзи од другите, и поради тоа тие би требало да имаат повеќе доход во трудови ваучери од другите.

[3] Фридрих Енгелс, Праведна надница за праведен работен ден, The Labour Standard, 1881: „Праведна дневница е, под нормални услови, сумата потребна работникот да си осигура средства за опстанок, кои му се потребни, во склад со животниот стандард на луѓето од неговата положба и неговата земја, да ја одржи својата работна способност и продолжувањето на својот вид. Праведен работен ден е она траење на работниот ден и оној интензитет на трудот при кој работникот може да ја троши сета работна сила еден ден, не загрозувајќи ја својата способност идниот ден и наредните денови да даде иста количина труд. Ако капиталистот не може да се договори со работникот, тој може да си дозволи и да чека и живее од она што го има – од својот капитал. Работникот не го може тоа. Тој за живеење ја има само својата дневница и затоа мора да прифати работа во секое време, на секое место и под сите услови што му се поставуваат. Но да испитаме од кој фонд капиталот ги плаќа тие толку премногу праведни дневници. Се разбира, од капиталот. Но капиталот не произведува никаква вредност. Трудот е, покрај земјата, единствен извор на богатство; самиот капитал не е ништо друго освен натрупан труд. Од тоа следува дека работничката дневница се плаќа од трудот и дека работникот добива надоместок од својот сопствен труд. Во склад со она што се нарекува праведност платата на работникот би морала да се состои од производите на неговиот труд. Меѓутоа, според капиталистите тоа не би било праведно. Спротивно, производот на трудот оди во џебот на капиталистот, а работникот од тоа не добива ништо освен мизерни средства за преживување. И резултат на оваа необична „праведна“ конкурентска борба испаѓа така да производот на трудот на оние кои работат се натрупува неизбежно во рацете на оние кои не работат и во нивни раце станува најмоќно средство за поробување точно на оние луѓе кои го создале. Сопственик на средствата за производство – суровините, фабриките и машините – треба да биде самиот работен народ.

[4] Бранимир Јовановиќ, За вампирите и банкарите: „Вампирите не постојат. Банките, да. И ќе постојат, сè додека постојат парите. Треба да им служат на луѓето, а не да им ја пијат крвта.“

$_57

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s