Жан-Пол Мара, предвесник на Француската револуција

French Painting of Jean-Paul Marat

Жан-Пол Мара, под влијание на Жан-Жак Русо, е поодреден во предвидувањето на Француската револуција од 1789 година од Шарл Луј Монтеские, Франсоа Волтер и другите просветители. За разлика од нив, отворено и гласно, дваесет и пет години пред време, го употребувал зборот ,,револуција“, тврдејќи дека злото е во самите нешта, дека ,,лекот мора да биде силен“ и дека ,,мора да се удри по коренот“. Од четири илјади   објавени книги пред 1789 година, неговите се најзабележителни по јасноста на повикот на народот на вооружено востание.

Тврдел дека народот има право да стане против оние што го оковале во ропски синџири, дека востанието е највисок чин и најголема обврска и дека народот може да се ослободи само со сопствени сили, не чекајќи помош од другите. Пред Оноре Балзак ја разоткрил страотната власт на златото и парите, пред физиократите ги нападнал шпекулантите, преварантите, банкарите и сите други алчни за профит и пред сите јакобинци ја предвидел нужноста од револуционерен терор во Франција.

На дваесет и осум години од животот ги определил своите политички ставови на кои им останал верен до крајот на животот, станувајќи најголем револуционер-илегалец во историјата на Франција. Деспотизмот го сметал за ,,смртен непријател на народот“, поради што со гнев пишувал за најмоќните владетели во неговото време, критикувајќи ги без страв и Волтер и Дидро, поради нивните славопојки за владеењето на Фридрих Пруски и Катерина II.

Во исто време го критикувал и народот поради тоа што недоволно го користи правото на востание, што толку многу стравува од деспотската власт и што лекомислено ја прифаќа тиранијата. Политиката ја сметал за наука која има сопствени поставки, закономерности и безброј комбинации. Барал секое решение да се проучи трезвено, да се промисли длабоко и да се утврди тактика за негово остварување во практиката.

Битно влијаел врз Француската револуција од 1789 година, пристапувајќи кон неа како практичен политичар, заземајќи ја радикалната страна, најблиската до идеологијата на санкилотите и гневните. Бил уредник и издавач на весникот ,,Пријател на народот“ (l’Ami du Peuple) во првите три години од Револуцијата, а потоа и на весникот ,,Новинар на Француската Република“, сè до неговото убиство во јули 1793 година.

Знаел за себе да каже отворено и пред најшироката јавност: ,,Јас сум стражар на слободата, јас сум око на народот“. Бил јакобински, кордиљерски и монтењарски водач,  пратеник во Конвентот и непосреден учесник во клучните настани на Револуција. Како поддржувач на ,,револуционерната влада“, барал остра пресметка со жирондинците и сите други кои не го прифаќале Конвентот како ,,орган на револуционерната диктатура“. Од него потекнал предлогот да се формира Комитетот за јавен спас и да не се прават никакви остапки на контрареволуцијата. Се смета за најголем противник на жирондинците и на оние што подзастанувале во пресметката со непријателите, што не оделе напред.

Се залагал за социјалната содржина на револуцијата, барајќи новата државна власт да покаже пријателски однос кон сиромашните. Пишувал за оние кои ништо немаат, а ги критикувал оние што имаат сè. Се залагал за отварање јавни работилници во кои треба да се вработуваат невработените лица, како би можеле со свој труд да си го обезбедат опстанокот, без да чекаат социјална помош од другите.

Мнозина го сметале за идеолошки водач на санкилотите и за главен организатор на јакобинскиот терор. Бил под влијание на Мелије, Монтескије, Русо и Мабли, а најмногу соработувал со Робеспјер и Сен-Жист. Подолго време соработувал и со Дантон и Демулен, пред да подзастанат во нивната борба против жирондинците. Во историјата на политичката мисла оставил траги на исклучителен револуционер, политички публицист и посветен пријател на народот.

Револуцијата ја сфаќал на едноставен начин: ,,Спротивставување на угнетувањето – тоа е револуција, тоа е востание“. Се смета за предвесник и на Февруарската револуција од 1848 година, залагајќи се за социјалните права на работниците и нивно излегување на политичка сцена како ,,четврти сталеж“. Од десетмината најпознати личности на  Француската револуција најмалку се пишува за него како позитивна личност. Во трудовите на Елизабет и Роберт Бадентер продолжува и натаму неговото омаловажување како научник: ,,La fausse science de Marat“,[1] омаловажување кое е побиено од страна на Клифорд Конер.

проф.д-р Светомир Шкариќ

[1] Elisabeth Badinter/Robert Badinter, Condorcet – un intelectuel  en politiques, Fayard, Paris, 1988, стр.181

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s