Жан-Пол Мара, совеста на Француската револуција

247393-original1-29eyr

Жан-Пол Мара се сметал себе си за пријател на народот и за вистински граѓанин на парискиот дистрикт Корделиери. Така се преставувал пред пошироката јавност и така се потпишувал под текстовите што ги пишувал, сакајќи да им даде до знаење на неговите противници дека води исклучиво грижа за интересите на народот и дека по своите убедувања е вистински граѓанин, жител на најнапредниот дистрикт на Париз.

Поистоветувањето на Мара со народот започнува уште за време на неговиот престој во Лондон, кога го пишувал делото ,,Ропските синџири“. Но, отворено станал пријател на народот и вистински граѓанин, кога во септември 1789 година започнал да го издава весникот ,,Пријател на народот или вистински граѓанин“ (L’ami du peuple ou le vrai citoyen). Со извесни прекини, весникот излегувал до 22 септември 1792 година, кога официјално се воведува Првата Република на Франција и кога во сила стапи републиканскиот календар за ново мерење на времето. Оттогаш па до смртта, Мара го уредува весникот, „Републикански публицист“, непрестанувајќи и натаму да се претставува како пријател на народот.

Припаѓањето на народот Мара го сметал за своја трајна определба и како човек и како мислител. Како човек сочувствувал длабоко со тешката положба на народот, а како мислител сметал дека секоја добра држава мора да има пријателски однос кон народот, да има пријателска насмевка, а не ,,бирократска гримаса“, како што е случај со голем број современи држави.

Пријателскиот однос кон народот го покажувал нагласено во текот на револуцијата, следејќи ја работата на Уставотворното собрание, на министрите и на одделни личности со поголемо влијание врз тековните настани. Секогаш кога забележувал дека се предлага нешто што е против народот или ако се користи сила против народните бунтови, ако некој министер со конкретни мерки ги штити само интересите на крупната буржоазија или некој кова завера против револуцијата, Мара пишувал анализи и писма, му се обраќал непосредно на народот и барал од него непосредна  акција. Останал пријател на народот засекогаш, без оглед на околностите и опасноста за неговиот живот. Во тоа се состои и неговата најголема вредност, високо вреднувана и од младите поколенија на XXI век, вклучувајќи ги и македонските.

Во август 1789 година го критикувал Проектот на декларацијата за правата на човекот и граѓанинот на Муние, со образложение дека авторот зборува само за правата, за ,,желбата за среќа“, а не кажува ниту збор за должностите. Во Декларацијата ,,треба да се зборува за максимум на правата и за максимум на должностите“ и да се води исклучителна грижа за ,,среќата на народот, како основна цел на општествениот договор“.[1]

Внимавал Уставотворното собрание да не скршне во погрешна насока, третиот сталеж да не се претвори во непријател на народот и да не биде ,,маска на деспотизмот“. Заради тоа, енергично се спротивставувал на предлогот на Лали Толендал да му се додели на Луј XVI звањето – ,,обновител на политичката слобода во Франција“.[2]

Во септември 1789 година го поддржал барањето на пратеникот Жак-Иганациј Гилотин да се отфрли предлогот на Мирабо, Таргет, Клермон-Тонер и Лали Толендал за правото на вето на монархот на законите што ќе ги донесува Законодавниот дом. Мара сметал дека ветото на монархот е неприфатливо, оти Законодавното собрание е претставник на народниот суверенитет, на волјата на народот: ,,Само тоа може да ги анулира законите што ги донело“.[3]

Во ноември 1789 година, Мара пишува против предлозите на Таргет за воведување на слободниот мандат на ниво на дистриктите, арондисманите и на национално ниво. Слободниот мандат  го сметал за неприфатлив, бидејќи избраните претставници можат да се осамостојат и да работат против интересите на народот. Слободниот мандат оди на рака на ,,опресијата и тиранијата“.[4]

Не го поштедувал ниту Лафает, во времето кога бил Генерален командант на полицијата во Париз. Во јануари 1790 година му напишал писмо, обвинувајќи го дека ја злоупотребува националната доверба што ја има како воен генерал и командант на Париската полиција. Не стравувајќи од неговиот авторитет, му укажувал дека се однесува како ,,генерал-играчка“, како командант кој париската полиција ја става во служба на непријателот, спротивставувајќи ги ,,граѓаните едни против други, потпалувајќи ја граѓанската војна“.[5]

Од егзил во Лондон, во мај 1790 година, пишува студија против Жак Некер, министер за финансии. Познавајќи го петнаесет години, уште од времето на првото министерствување, по смената на Тирго, со горчина од странство, констатира дека  неговата политика, како прв министер во владата на Луј XVI, не значи ништо друго освен ,,несреќа на населението, глад и немаштија“.[6]

Во исто време пишува и писмо до претседателот на Уставотворното собрание, критикувајќи ја бавната работа на  Комитетот за подготовка на уставот. Пишува дека е веќе три месеци во Лондон и дека е разочаран што не може да биде од полза за татковината. Бара од претседателот да ја поттикне работата врз Уставот и де преземе итни  мерки за попречување на Комитетот за уставот да стане ,,аполитичен орган“.[7]

Во јуни 1790 година пишува за говорот на Мирабо, по повод смртта на Бенџамин Франклин, оценувајќи го како ,,опасен говорник, со патриотска маска“. Мара го оспорува патриотизмот на Мирабо, поради поддршката на воениот закон и слободниот мандат на пратениците: ,,Со еден збор, тој е без сомнение противник на политичката слобода“.[8]

На 24 јуни 1790 година му напишал писмо на Камиј Демулен, во врска со уставот што се подготвува подолго време во Уставотворното собрание. Во писмото пишува дека ,,еден вистински слободен устав“ мора да обезбеди услови ,,сите закони да бидат поддржани од народот“, односно да се создадат такви претпоставки кои ќе овозможат да дојде до израз ,,националниот дух“, преку консултација на народот за ,,сите основни прашања“. Нарекувајќи го Демулен ,,брат по оружје“, писмото го заклучува со зборовите дека ,,ништо не треба толку да триумфира колку среќата на народот“, како и ништо друго не смее да биде толку свето колку правата на граѓаните и интересите на народот.[9]

Во јули 1790 година ги известил граѓаните на Париз за опасноста од контрареволуцијата, повикувајќи ги да се запишат на листа на доброволци, подготвени во секој момент да им се спротивстават на оние што ја загрозуваат револуцијата. Авторот на писмото побарал поврзување на патриотите, меѓусебно информирање за тоа што се случува во земјата и заедничка борба со сите средства, убеден дека граѓаните со свои сили можат да ја зашитат Франција во целост, независно од каде доаѓа опасноста.[10]

Во август 1790 година пишува за непријателите на револуцијата и ги повикува Французите да ги отворат очите, да видат дека аристократијата е опасна за татковината и за револуцијата. Кажува дека на страната на левицата е само срцето, но не и оружјето и власта. Во ноември истата година забележал дека и Камиј Демулен подзастанал и дека се оддалечува од ревлуцијата, чекор по чекор. Побарал да се слушне гласот на ,,трубите“, да се разбуди нацијата, да станат граѓаните на нозе и ,,Французите да ги отворат очите“.[11]

Во декември 1790 година прави план за ликвидација на контра-револуиционерите во сите места од кралството. Бара од граѓаните да бидат внимателни, да дејствуваат јавно и да ги посочуваат непријателите, да им дадат до знаење дека не стравуваат од нив. Егзекуцијата на контрареволуционерите ја сметал за ,,единствено средство за спас на татковината и за заштита на животите на три милиони граѓани“.[12]

Во март 1791 година пишува за антиреволуционерите во армијата, предводени од  Луј XVI. Од тој момент Мара постојано го набљудува францускиот крал што прави, откривајќи ги неговите врски со европските монархии и заговорот што го правел против револуционерните сили. Мара ќе биде и првиот политички публицист кој ќе го наговести  бегството во странство на францускиот крал во јуни 1791 година. Постојано, кралот го  сметал за непријател на Револуцијата, означувајќи го како ,,голем денунцијатор на конспирацијата против политичката слобода“.[13]

Во април 1791 година, Мара пишува за ,,молитвениот погреб на Мирабо“, обраќајќи му се на народот со следниве зборови: ,,Народе, молете се на господ, вашиот опасен непријател е штотуку погребан. Рикети веќе го нема. Тој е жртва на сопствените предавства…Тој се покажа како најголем монархист, оној што го поддржал воениот закон, суспензивното вето, оној кој бил иницијатор на војната, на независноста на делегатите од нацијата, оној кој ја овозможил емиграцијата, во договор со конспираторите“.[14]

Бил исклучив кон оние кои контактирале или се допишувале со кралот, како што е тоа случај со Мирабо и Лафает. Знаел да ги нападне и научниците, физичарот Волт и хемичарот Лавоазје. Бил нетрпелив и кон Камиј Демулен, кога овој подзастанал во пресметката со жирондинците и еберистите. Најмногу претерал во критиката на Оноре  Мирабо, познат како Ракети, најистакнат противник на Стариот режим. Подоцна, во триесетите години од XX век, Жан Жорес ќе изјави дека ,,Мирабо е единствен голем човек на Револуцијата кој најмалку стравувал од бесилката“.[15]

Погледнато од денешна дистанција, Мара навистина бил пријател на народот,  личност која со право го носи тој редок епитет во политичката теорија. Поради тоа, две  столетија од неговата смрт, неговата личност продолжува и натаму да го привлекува  интересот на оние на кои им се блиски интересите на народот и кои сочувствуваат подлабоко со маките на сиромавите. Наспроти омаловажувањата, и натаму се во пораст симпатиите кон него и неговото дело.

Продолжува да  расте и интересот за Мараовите собрани дела, печатени во Брисел и популаризирани од библиотеката ,,Класиците на социјалните науки“ при Универзитетот во Квебек во Канада, чиј основач е Жан-Мари Тромблеј, универзитетски професор по социологија. Неговите дела пошироко кружат и во Република Македонија, среде студентите, инжинерите и универзитетските професори кои чезнеат да триумфира народната кауза и да се подобри положбата на сиромавите, наспроти владеењето на капиталот, претставничката демократија и партиската држава.

проф.д-р Светомир Шкариќ

[1] Jean-Paul Marat, Oeuvres politiques 1789-1793, Tome I, Pole Nord, Bruxelles, 1989, стр. 57.

[2] Исто, стр. 62

[3] Исто, стр. 120

[4] Исто, стр. 406

[5] Исто, стр. 553

[6] Jean-Paul Marat, Oeuvres politiques, II, Pole Nord, Bruxelles, 1991, стр. 695

[7] Исто, стр. 718

[8] Исто, стр. 897

[9] Исто, стр. 950

[10] Исто, стр. 1093

[11] Исто, стр. 1250

[12] Jean-Paul Marat, Oeuvres politiques, Tome III, Pole Nord, Bruxelles, 1993, стр. 1921

[13] Jean-Pauyl Marat, Oeuvres politiques, Tome IV, Pole Nord, Bruxelles, 1993, стр. 2436

[14] Jean-Paul Marat, Oeuvres politiques, Tome V, Pole Nord, Bruxelles, 1993, стр. 2650

[15] Исто, стр. 865

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s