Политичката мисла на Жан-Пол Мара

10170986_1407269446219710_7876152736289416176_nknk

Политичката мисла на Жан-Пол Мара е содржана во неговите дела ,,За човекот“, ,,Ропски синџири“, ,,Планот за кривичното законодавство“, ,,Подарок на татковината или говор на третиот сталеж“ и ,,Устав или проект на Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот“. Политичко значење има и неговата ,,Пофалба за Монтескије“ од 1785 година, неговите обраќања до францускиот народ, како и бројните написи што ги објавил во  весниците што сам ги уредувал и издавал од септември 1789 до јули 1793 година.

Пред да се зафати со политиката, Мара се занимавал со философијата, пишувајќи есеи и поголеми дела од таа област. Во 1773 година го напишал ,,Философскиот есеј за човекот“, објавен во Лондон, на англиски јазик. Во 1775 година есејот го проширил и напишал  поголемо дело под наслов ,,За човекот“,  во три тома, објавено во Амстердам на фрацуски јазик, а потоа и во Париз. Делото го пишувал на сличен начин како што Хобс го пишувал неговиот есеј за ,,За човекот“ од 1657 година.

И младиот лекар – физиолог го проучувал човекот, тврдејќи дека телото и душата се две рамноправни супстанции, со меѓусебно влијание една врз друга. Ова негово дело е нападната остро од Волтер и Дидро, веднаш по неговото излегување на француски јазик, поради тврдењето дека душата е одделна супстанца. Таквото тврдење е идеалистичко и многу блиско до христијанската мисла против која философите од XVIII век војувале најотворено, критикувајќи ги привилегиите на свештенството и црковните имоти во Стариот режим. Во тоа време во Франција доминирал материјализмот.

Волтер бил поостар во критиките и не бил толерантен кон Мара како кон неговите други современици. Напишал текст против делото ,,За човекот“, критикувајќи го гледиштето на Мара за положбата на човековата душа како одделна супстанца. Служејќи се со иронија и потсмев, моќни средства на критиката, ,,Патријархот од Фарнеј“,   го советувал младиот лекар да не пишува за душата, оти за тоа не е надлежен. Барал тоа да му го препушти на Бога и да не настапува во негово име: ,,Подобро е да се признае дека никој досега не видел каде таа престојува. Подобро би било таа работа да му се препушти на бога. Верувајте ми, единствено тој го знае нејзиното боравиште, но тој не ве определил вас за негов квартирмајстор“.[1]

Изненаден од критиката на француските просветители кои не се разбирале во физиологијата толку колку што се разбирал Мара како лекар, во 1778 година Мара ја појаснува суптилноста на неговото сфаќање на душата и причината за омразата кон него, која траела долго време: ,,Првото мое дело беше посветено на борбата против материјализмот, оти јас го разгледував меѓусебното влијание на душата на телото и телото на душата. Тоа е почетокот на сите мои маки… Јас се борев со принципите на современата философија, и од тоа произлегува изворот на омразата на нејзините апостоли кон мене“.[2]

,,Ропските синџири“ од 1774 година е политичко дело, пишувано под влијание на ,,Општествениот договор“ и романот ,,Емил“ на Жан-Жак Русо. Првото издание од 1774 година е објавено во Лондон на англиски јазик анонимно, а второто во 1792 година во Париз на француски јазик, со име на Мара, кој во тоа време веќе бил доволно познат на француската јавност. Од делото може да се заклучи дека Мара две децении пред револуцијата бил критичко огледало на неговото време и дека за социјалните прашања пишува вистинито, одлучно и полемично, без украси и затскривање на нештата.

,,Ропските синџири“ (The Chains of Slavery) е прво политичко дело на Мара,  проткаено со револуционерен дух. Од делото се гледа дека Мара бил преокупиран со  истите прашања, како и француските философи од XVIII век и дека не заостанувал во согледувањето на нивната тежина и актуелност.

Во делото пишува и за недостатоците на ,,политичкиот устав на Англија“, на кои подоцна, во писмото испратено до претседателот на Уставотворното собрание од 23 август 1789 година ќе инсистира Комитетот за подготовка на уставот да води сметка Франција да не добие толку силен монарх, како Англија. Во писмото предлага пратеници на Уставотворното собрание да го прочитаат  целото дело ,,Ропски синџири“, оти од него може да научат многу за деспотизмот и тиранијата.[3]

Од страниците на ,,Ропските синџири“ извира духот на револуцијата која незапирливо се приближува како ,,временска непогода“. За Мара, револуцијата не е хипотеза, не е ниту обична промена на државното уредување, ниту е збир на реформи. Таа  е движење, средство за спас на народот од деспотизмот и тиранијата. Мара знае кој може и кој треба да ја спроведе револуцијата. Тоа е народот, без внатрешни поделби на сталежи.

Оригиналноста на делото е во убеденоста на Мара за неопходноста од вооруженото востание, во трезвеноста на приодот и во промисленоста на задачите што стојат пред народот. Сево ова е различно од она што го пишувале другите автори во Франција пред 1774 година, вклучувајќи ги и водечките мислители Волтер, Дидро, Хелвециус и Мирабо. Станува збор  за оригинално дело, длабоко промислено, поткрепено со споредбени искуства и разбирливо за обичниот човек, оној што треба да го изведе превратот.

За разлика од другите француски просветители, Мара пошироко го користи терминот ,,револуција“, 25 години пред нејзиното избувнување во Франција. Во исто време тој ја опишува и нејзината суштина: ,,Злото е во самите нешта и лекот мора да биде силен. Треба да се удри по коренот. Треба да се познава народот и неговите права и да се направи нешто за нивна обнова. Народот треба да го земе  оружјето во свои раце, да ги зграпчи сите тирани во кралството и да воспостави нова влада, врз еднаква основа“. [4]

Главната идеја на делото е описот на деспотската власт и на нејзината умешност  народот да го држи врзан за ропски синџири, служејќи се со насилство, лаги и поткуп, својствени за секоја нечесна политика. Тргнувајќи од карактерот на државната власт, Мара ја појаснува водечката мисла, со укажување дека борбата против деспотизмот е природно право и света обврска на народот, дека народот е извор на власта и дека неговите права се постари и позначајни од правата на владетелот.

За разлика од мнозина мислители во тоа време, настанокот на државната власт Мара го поврзува со насилството, а државните закони ги поистоветува со полициските  правила кои им овозможуваат на узурпаторите да го користат мирно тоа што со насилство го ограбиле од другите: ,,Потеклото на државата е во силата. Речиси секогаш некој среќен разбојник е основач на државата и речиси насекаде неговите закони не се ништо друго освен полициски правила со кои го штити мирното владение на она што го ограбил“.[5]

Наспроти ,,грабежливата држава“ на Августин, авторот на ,,Ропските синџири“ се залага за  држава изградена на принципите на рамноправост на луѓето и на пријателскиот однос кон сиромашните: ,,Кога богатството на државата е ограничено на нејзината територија и кога земјата е поделена скоро еднакво меѓу нејзините жители, тогаш секој  има еднакви потреби и исти средства за нивно задоволување. Сограѓаните кои се еднакви во взаемните односи имаат и еднаква независност еден од друг, односно подеднакво ги уживаат благодетите на слободата“.[6]

Луѓето што живеат во немаштија тешко можат да ја развиваат љубовта кон слободата, а без нивна помош не може да се запре и урне деспотската власт. Кога државата е пријателски настроена кон сиромавите тогаш нема деспотија и тиранија: ,,Кога политичките институции го негуваат пријателството кон народот, тогаш владее слободата во државата и таа ќе владее толку долго колку што сонцето ќе го осветлува светот“.[7]

Под влијание на Русо, Мара зборува за ,,држава со скромни размери“, тврдејќи дека само во таква држава може да се изгради ,,идеално-рамноправно општество“. Имајќи го предвид кантонот Нешател, каде што е роден и каде што ја поминал раната младост, Мара заклучува дека малечката држава го овозможува владеењето на правото и  слободата на луѓето, многу повеќе отколку големата држава, држава со пространа територија: ,,Во пространа држава  владетелот не може да се набљудува и поради тоа тој брзо чекори кон апсолутната власт“.[8]

Во ,,Ропските синџири“, Мара оди подалеку од Русо и другите просветители. Освен што го открива насилничкиот карактер на државната власт, тој го открива и нејзиниот класен карактер, осветлувајќи ја разликата меѓу богатите и сиромавите. Богаташите само уживаат во благодетите на општеството, а сиромавите исклучиво се борат да го сочуваат голиот живот. Оттука, главната противрелчност во општеството е противречноста меѓу сиромавите и богатите, а не противречноста помеѓу третиот сталеж и привилегираните сталежи, на што инсистирале философите од XVIII век.

Главната противречност Мара ја извлекува од карактерот на граѓанското општество: ,,Во комерцијалните нации, каде што капиталистите и рентиерите одат секогаш рака под рака со закупците на државните приходи, со финансиерите и берзијанците, во големите градови постојат само две класи граѓани, од кои едната живее во немаштија, додека втората има сè во изобилие; едната ги држи во своите раце сите средства за угнетување, додека другата нема никакви средства за своја заштита“.[9]

Наведува конкретни примери на комерцијализирани нации, како што се Венеција, Џенова, Фиренца и Обединетите провинции. Тоа се земји што влечат големи богаства од Азија, но и земји во кои постојат големи разлики помеѓу богатите како малцинство и сиромавите како мнозинство. Се осврнува и  на  богатството на Козимо Медичи, банкар од Фиренца и спонзор на италијанските скулптори и уметници.[10]

Посебноста на наведеното дело се огледа и во тоа што во него за прв пат во политичката литература се зборува и за пороците на новото општество кое штотуку излегува од пазувите на Стариот режим. Во главата посветена на трговијата, Мара пишува за алчноста на трговците, зеленашите, црноберзијанците, шпекулантите и банкарите: ,,Сите сталежи се обземени од лудилото за поголема заработувачка. И така, нацијата се повеќе се состои од алчни интриганти, основачи на банките и касите за взаемна помош, од проектанти, крадци и преваранти – од оние кои постојано се зафатени  со пронаоѓање на средствата за пљачкосување на затапениот свет, од луѓе кои личниот стандард го градат со дерење на народот“.[11]

Пишува и за ,,ордата на спекулантите“, за преваранти и шверцерите, фатени за тркалото на среќата, луксузот е прекомерното богатство. Голем дел од нив се дегредарираат на толку ниско ниво што се подготвени да го продадат, не само пријателот и братот, туку и целото човештво: ,,Алчноста за златото ги исцрпува срцата и тие стануваат затворени за милост, не го слушаат гласот на пријателството, крвните врски се кинат, луѓето чезнеат само за богатство, подготвени се да продадат сè, вклучувајќи го и самото човештво“.[12]

Главната острицата е насочена против монархискиот деспотизам и неговите методи на угнетување. Мара  покажува како деспотизмот со груба сила ги потчинува слабите и како ја подвојува и парчосува нацијата, предизвикувајќи омраза на еден дел против другиот, како го затапува и расипува народот, држејќи го со помош на свештенството во состојба на замајаност и опиеност.

Во исто време ги опишува и суптилните методи на поткупување и расипување на народот, преку празнување лажни вредности, организирање на игри, лотарија и спектакли,  градење споменици и друго што народот го чувствува како задоволство. Еднаш кога ќе го вкуси задоволството, тој сака да го чувствува секогаш: ,,Граѓанската војна во Англија од 1641 година започна оној момент кога театрите беа затворени“… Спектаклите се фатално училиште за ропството“. [13]

Тиранинот бара постојано нови начини за корумпирање на народот, барајќи нови извори за поткуп и ширење нови лаги: ,,По патиштата сади цвеќе за да може народот да го води во ропство“.[14]

Деспотската власт се одржува најмногу со силата на воените трупи, чија лојалност владетелот ја купува со моќта на парите. Деспотот е недоверлив кон сите и со резерва гледа кон оние што располагат со некаква моќ во неговото кралство. Поставува мрежа на поткажувачи и презема инквизиторски мерки против оние во кои се сомнева, а се сомнева во сите што го опкружуваат, како Хијеронт-тиранинот од Сиракуза: ,,Во очите на тиранинот не постојат невини луѓе“.[15]

Ропството на луѓето е неприродна или ,,насилна состојба“, поради што народите  имаат право да се  креваат на вооружено востание, обидувајќи се повторно да ја освојат  слободата. Мара пишувал и за другите синџири на ропството, како што се заглупувањето на народот, корупцијата, заблудите, предрасудите и лагите. Синџирите ги наметнуваат   оние што ја држат власта, сакајќи во очите на народот да се претстават како негови спасители, глумејќи честитост, хуманост и религиозност.

,,План за  кривичното законодавство“ од 1780 година уште посилно го изразува  револуционерниот дух на Мара, поддржувајќи го правото на угнетените на востание против деспотската власт која е нелегитимна, оти се воспоставува со узурпација и насилство. Легитимна власт може да биде само власта што се потпира врз волјата на народот и што води сметка за правдата и вистината: ,,Дури и во вековите на најголема корумпираност, народот ја сакал правдата, вистината и чесните средства за нејзиното докажување“.[16]

Со ова дело од шеесетина страници, Мара во 1778 година се обраќа до едно швајцарско друштво што наумило да изработи  проект на кривичен законик, во духот  на  книгата ,,Расправа за злосторствата и казните“ од 1764 година на Чезаре Бекарија. На Мара тоа му се допаднало, се огласил на повикот и предложил свој план на кривичното законодавство, во духот на просветителството од XVIII век и своите погледи за државното уредување. Првото издание е објавено во Нешател во 1780, а второто во Париз во 1790 година.

Делото го пишува со желба кривичното право да биде поврзано со природното право, да се укаже на потребата за намалување на  суровоста на казните за обичните луѓе и да се зголемат казните за владетелот и државните службеници кога народот го тиранизираат, кога водат погрешна политика и кога во изобилие ја користат лагата, со која го обмануваат народот и го држат во заблуда. Мара бара казнување на владетелите, кога со тиранска политика ја уриваат државата или ја уништуваат слободата на народот: ,,Тие се виновни, оти таквата нивна политика е кривично дело против љубовта кон татковината“.[17]

Во сите легитимни влади владетелот е прв државен службеник и неговата смрт не менува ништо во државата, оти тој не е суверен, туку е само негов извршител. Поради тоа, нападот на животот на владетелот е ист како и нападот на животот на обичните луѓе: ,,Ако владетелот ја узурпира власта, тогаш тој живее во средина на непријатели и тој мора да биде свесен што го чека. Убиството на владетелот е обично убиство“.[18]

Човекот е врзан за општеството само преку благосостојбата што ја ужива. Благосостојбата е единствената легитимна основа за постоење на одредено општество: ,,Ако човекот во општеството гледа само мизерија, тогаш може слободно таквото општество да го отфрли. Човекот е врзан за животот само преку задоволството. Ако во животот осеќа само тага, тогаш може слободно и животот да го отфрли“.[19]

Мара го определува и односот кон сопственоста. Во ова дело, како и порано во ,,Ропските синџири“,  не бара укинување на приватната сопственост како Мелије и Мабли. На општеството гледал пореално, барајќи само ограничување на крупната сопственост, во интерес на оние што се борат за гол опстанок. Мара не бил комунист-утопист, иако бил близок до санкилотите и гневните во текот на Француската револуција.

Кога е во прашање сопственоста, неговата мисла е суптилна и нијансирана. Мара   го признава  правото на сопственост, но не како неприкосновено и свето право, запишано во закони и декларации, туку како условено право, зависно од правото на опстанок на човекот. Сметал дека на секој му припаѓа само она што му е неопходно за животот: ,,Никаков вишок не ни припаѓа законито, кога другите го немаат најнеопходното“.[20]

Со такво гледање, Мара ја наговестува социјалната функција на сопственоста, пошироко вградена во политичката мисла на XX век, во Вајмарскиот устав од 1919 година. Според Мара, правото на сопственост е законито и легитимно само ако не е во спротивност со правото на опстанок на другите: ,,Правото на сопственост произлегува од правото на опстанок, и поради тоа сè она што е неопходно за продолжување на нашиот живот нам ни припаѓа, а кога другите луѓе не ќе можат да ги задоволат најосновните потреби, никаков одвишок на средства не може да ни припаѓа врз законска основа“. [21]

,,Дар на татковината или говор за третиот сталеж на Франција“ од 1789 година, објавен во јануари 1789 година, во исто време кога и Емануел Сјејес го објавил есејот ,,За третиот сталеж“. Станува збор за пет лекции, од триесетина страници, со кои Мара им се обраќа на неговите сограѓани (concitoyens), напишании во постела, во време кога бил тешко болен и кога очекувал дека се ближи крајот на неговиот живот. Чувствувал дека спаѓа во групата на оние кои имаат право да ги повикат граѓаните, татковината и Французите, да сторат нешто, да станат на нозе и да го запрат деспотизмот.[22]

Пред да умре сакал нешто да ѝ подари на татковината, да биде од полза за нејзината слобода, не сакал да го напушти животот, без да им се обрати на граѓаните со неколку збора: ,,Вие сте сила и богатството на Државата. Само со вашата сила монархот може да биде моќен во светот. Но без вас, само со племството и свештенството, монархот ќе биде обичен господар среде вазалите“.[23]

Бара од сите класи на третиот сталеж да се обединат меѓусебно, да се зближат  едни со други, да соработуваат меѓусебно, да ги согледат заедничките интереси и да ги  мобилизираат заедничките ресурси против деспотската власт. Децидно и јасно ги опоменува дека нивниот непријател сака да ги разедини, да ја намали нивната  моќ, да ги придобие адвокатите, судиите, писателите, философите и научниците  на своја страна, да ги впрегне за себе сите професии што претставуваат ,,светлост, талент, сила и доблест“.[24]

Текстот го завршува со повикот за обединување на сите сили. За разлика од порано, сега не ги напаѓа пороците што со себе ги носи новото општество, што допрва треба да се роди и да профункционира на местото на Стариот режим. Сега бара единство,  ,,братско општество, засновано врз безбедност и владеење на законите, слога и  изобилство на добра, со почит кон јавниот интерес и среќа“. [25]

Во април 1789 година, Мара го пишува ,,Додаток на дарот“, дополнувајќи го првобитниот текст со нови пораки. Во обете брошури пишува за суверената волја на народот, бара здружен настап на сите сталежи на 5 мај 1789 година во Версај. Во тоа време, не го напаѓа Луј XVI, туку сака само да ја почуствува моќта на народот и да ја види неговата сила, кралот да попушти пред оние кои ја поседуваат најголемата моќ. Се работи за тактички потег на Мара, не поразличен од другите повици упатени до францускиот народ пред револуцијата.

,,Устав или декларација за правата на човекот и граѓанинот“, објавен при крајот на август 1789 година е потпрен врз предходните политички дела на Мара и претставува на некој начин нивна синтеза. Со објавувањето на делото пред пошироката јавност, Мара всушност го здружува својот глас со гласовите на другите кои барале од Уставотворното собрание да ја забрза работата и на време да ги донесе основните закони со кои трајно ќе се затре долговековното владеење на тиранијата во Франција. На четириесетина страни, напишано за три недели, делото претставува ,,скица на еден добар устав“, заснована врз споредбена анализа и солидно познавање на прашањата од областа на уставната материја.[26]

Во предговорот, Мара ја критикува бавноста во работата на Редакцискиот комитет на Уставотворното собрание, забележува дека се занимава со споредни прашања, оставајќи ги на страна ,,големите принципи на владеењето и основните закони на државата“. Со предложената скица, Мара дава нов полет за работата на Редакцискиот комитет, барајќи од него да побрза и да ги обелодени ,,здравите политички вредности и  принципи на компетентна администрација која нема да ги крши и игнорира светите права на народот“.[27]

Во скицата за уставот, Мара поаѓа од човековите права, а потоа ги утврдува принципите за организацијата на ,,политичкото тело“, балансирајќи ги меѓусебно властите и одредувајќи ги меѓусебните односи на суверенот и поданиците. Во неговите раце подеднакво се присутни Русо и Монтескије, со нивна помош го гради уставот, со убедување дека обајцата се гении и дека нивната мисла треба да биде основа на ,,еден праведен, рационален и либерален устав што ја одразува природата на нештата“. Умешно  ги ,,помирува“ спротивставените мислители, проектирајќи го уставното здание врз цврсти темели.[28]

Човековите права ги распределува во две групи, тесно поврзани една со друга. Во првата група спаѓаат правата на човекот или природните права, а во втората, правата на граѓанинот или правата што човекот како припадник на политичкото тело. Природните права извираат од природната состојба во која човекот се наоѓа, со чинот на раѓањето, како природно тело, во Хобсова смисла на зборот. Тие извираат од неговите потреби, од потребата да се брани, да остане жив, да се прехрани и да биде облечен, да биде слободен и среќен.

Од друга страна, правата на граѓанинот извираат од социјалниот статус на човекот, од социјалното или политичкото општество, формирано со општествен договор, со цел луѓето да не се уништуваат меѓусебно, да живеат безбедно и во мир. Од социјалниот статус извираат граѓанските права, како што се правото на личната сигурност, правото на заштита од сите видови опресија, правото на лична слобода која на човекот му  овозможува користење на сите морални и физички способности, правото на сопственост  кое овозможува мирно користење на она што човекот го поседува и што го стекнал со свој труд.[29]

Обете групи права претставуваат целост, поради тесната поврзаност на природната состојба (l’état de nature) и социјалната состојба (l’état social), слично на Хобсовите погледи за поврзаноста на природната и граѓанската состојба на човекот. Од клучно значење е тоа што обете групи на права Мара ги определува како граница на државната власт, која не смее да се пречекори. Тоа е услов една земја да има устав во политичка смисла, да има либерален устав или, како што кажува самиот автор: ,,Нема устав без определување на границите и без балансирањето на различните власти кои го сочинуваат политичкото тело“.[30]

По слободите и правата, Мара подетално ја утврдува основата на уставот, укажувајќи дека секое општество се формира со согласност на неговите членови, врз основа на општествен договор (pacte social). Оттука, суверенот го сочинуваат сите членови на државата, од него извира целокупната власт и никому не му е потчинет: ,,Ако народот е вистинскиот суверен, тогаш сите мора да му бидат потчинети“.[31]

Мара пишува поопширно и за структурата на државната власт, за статусот на законодавната, извршната и судската власт, а потоа го определува и карактерот на вооружените сили, изворот на државните приходи и положбата на  општините. На крајот пишува и за слободата на религијата, како право на граѓанинот да ги практикува слободно  религиозните  култови: ,,Општеството треба да ги толерира сите религии, освен оние што го уриваат“.[32]

Мара со восхит пишува за победата од 14 јули 1789 година, укажувајќи дека никој веќе не ќе може да ги оспорува човековите права и дека францускиот народ е моќна и просветена нација: ,,Денес, кога со оружје в рака се здобивме со своите права, кој би можел да нѐ попречи во нивното користење? Благодарејќи на провидението, ние не сме веќе млад народ кој штотуку излегол од шумските длабочини за да формира заедница… Ние сме просветена, моќна нација која чезнее да има такво владеење кое ќе биде способно да ни обезбеди благосостојба“.[33]

Во делото Мара се залага и за сиромавите, укажувајќи на нивната ропска положба, осудени на немаштија и напорна работа. За разлика од мнозинството во Уставотворното собрание, Мара бара имотна еднаквост, ограничување на крупната сопственост и заштита на сиромашните: ,,Не треба да се допушти никаква друга нееднаквост во положбата на луѓето, освен нееднаквоста што произлегува од нееднаквоста на природните способности. Со законот треба да се отстранат големите имотни нееднаквости, одредувајќи ја границата која не сме да се пречекори“.[34]

Под влијание на Русо, авторот на делото сметал дека кражбата е поврзана со правото на сопственост,  чија  суштина се насилството и узурпацијата на она што секој човек треба подеднакво да го користи за сопствен опстанок. Иако е узурпација, Мара, сепак не бил против сите видови сопственост, туку само против крупната сопственост, против вишокот што одреден човек или група ги поседува.

проф.д-р Светомир Шкариќ

[1] Alfred Manfred, Prijatelj naroda, Rad, Beograd, 1965, стр. 53

[2] Исто, стр. 54

[3] Jean-Paul Marat, Les chaîhes de l’esclavages, Edition dite de l.An I: 1792, Paris, 1792, стр. 197-198

[4] Исто, стр.1

[5] Исто, стр. 22

[6] Исто, стр. 24

[7] Исто, стр. 26

[8] Исто, стр. 23

[9] Исто, стр. 53

[10] Исто, стр. 53

[11] Исто, стр. 52

[12] Исто, стр. 51

[13] Исто, стр. 45

[14] Исто, стр. 48

[15] Исто, стр. 191

[16] Jean-Paul Marat, Plan de léglislation criminelle, Rochette, Paris, 1790, стр. 50

[17]Исто, стр. 12

[18] Исто, стр. 15

[19] Исто, стр. 22

[20] Исто, стр.5

[21] Исто, стр. 5

[22] Jean-Paul Marat, Oeuvres politiques 1789-1793, Tome I, Pole Nord, Bruxelles, 1989, стр. 1-28

[23] Исто, стр. 4

[24] Исто, стр. 4

[25] Исто, стр. 27

[26] Исто, стр.69

[27] Исто, стр. 69-70

[28] Исто, стр. 78

[29] Исто, стр. 73-76

[30] Исто, стр. 78

[31] Исто, стр. 83

[32] Исто, стр. 101

[33] Исто, стр.137

[34] Исто, стр.138

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s