За историската одговорност на Петар Гошев

Petar-Gosevjh

Весникот „Слободен печат“ од 21-22. февруари 2015, на стр. 5-8 објавува интервју со последниот претседател на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ). Уште на почетокот весникот го квалификува Петар Гошев како „првоборец на демократијата и плурализмот“ ,  како „важен актер  во клучните моменти  на македонската историја…“ и „жесток критичар на владеењето на актуелната гарнитура“.

Со жалење констатираме дека весникот не е во право. Ако П.Гошев ја извршеше правилно својата улога на претседател на СКМ тој нема да беше „првоборец за демократија и плурализам“ кои не донесоа ништо добро на мнозинството народ во Македонија освен влошување;  ќе станеше призната фигура во историјата на Македонија а не само „актер“ и немаше да дојде на власт „актуелната гарнитура чиј жесток критичар е тој сега“.

Како водач на „комунистите“ кои требаше да бидат само „авангарда на работничката класа“ П.Гошев требаше да ја  води Mакедониja во остварување на „бескласно комунистичко општество“ што е „крајна цел и историска задача на комунистите“. Така стои во чл.1 став 2 од Статутот на Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ). Како претседател на СКМ тој мораше да го познава марксизмот. На тоа беше обврзан по два документа:

1. По Програмата на СКЈ каде на стр. 261 стои: „Научно-теоретска основа на практичната дејност на комунистите е марксизмот…“ (Македонско издание од 1958.), и 2. По Статутот на СКЈ чиј член 28 одредува: „Комунистот е должен секојдневно марксистички да се образува и изградува“.

На жалост П.Гошев во своето „познавање“ на марксизмот отишол дотаму да увидел дека „Маркс грешел“, па тоа го кажуваше јавно пред сите новинари на Деновите на Македонското новинарство. Со таа изјава ме предизвика да побарам од него пред сите новинари да „каже барем една грешка на Маркс“, но тој не знаеше. И дури по повтореното барање тој тресна: „Маркс предвидувал победа на социјализмот во најразвиените земји а тој победил во најнеразвиените“.  Тоа е слично на Лениновото: „Никаков Маркс и никакви марксисти не можеа да предвидат дека пролетаријатот ќе се здобие со власт во една од најнеразвиените земји“, но тоа не е доказ дека се точни и двете тврдења. Спротивно.Тие се само  доказ дека умови со недоволно познавање на марксизмот можат да кажат идентични апсурди.

За жалење е што Гошев ја заборавил статутарната обврска на СКЈ- СКМ за „стварање на бескласно комунистичко општество“, инаку ќе видел дека демократијата и слободата на човекот е најголема во комунизмот а не во граѓанското општество со парламентарна демократија  и „функционална“ пазарна економија. Во граѓанското општество демократија постои само за оние (под 10% од населението) кои поседуваат повеќе од 80% од националното богатство. За другите, кои се работници, занаетчии, селани и слични, за нив нема демократија бидејќи немаат (или немаат доволно) пари. Не посебно за работниците кои се ставени во состојба на „прост додаток на машината“ или се невработени. Во граѓанското општество важи изреката „Колку пари имаш – толку вредиш“, што, сепак, не е точна. Ете, Тесла и Ајнштајн немале доволно пари а не може да се најде парајлијата, макар колку пари да има, што им е рамен. Во научно организирано општество важи: „Колку знаеш – толку вредиш“. При тоа треба да се има во вид дека во такво општество „вредат“ само оние знаења  кои се засновани на  природните и егзактните науки а не од политиката, правото, економијата, филозофијата, религијата и други идеологии кои во денешно време ништо не решаваат иако никој не им смета во тоа.

Не е важно што П.Гошев зборува во целото интервју. Важно е што тој на соработниците од најтесното партиско раководство им велел: „Доволно е  да  ги овозможиме и да ги организираме првите парламентарни избори, да го трасираме патот на политички  конкурентно и слободно општество со целосно функционална пазарна економија и ние сме ја извршиле нашата главна мисија без оглед на тоа кој ќе победи“. За чудење е кој му дал на Гошев таква „мисија“ и како тој заборавил дека е водач на авангардата на работничката класа, па во тој случај си зема за мисија буржоаски определувања кои одамна требало да бидат во музеј. Со својата непромислена „мисија“ П.Гошев само го озаконува дотогашното наемно ропство на работниците кое го вовел Ленин, и пресекува секаква можност за подобрување на нивната положба. И, се разбира, оневозможува било каква помисла на некакво научно (марксистичко) организирање на општеството. Дотогаш барем постоеше формална можност да се зборува за комунизам а со неговата „мисија“ тој укина секаква можност за тоа.

П.Гошев „увидел“ дека постоечкото општество не е доволно демократско, со што се согласуваме. Но, дека парламентарната демократија со задржување на класните антагонизми е решение за тоа – тука воопшто не се согласуваме. Напротив, и во тоа време, дури и пред П.Гошев, а и денес, сме уверени дека марксизмот е најдемократското и  научно  најисправното  учење за решавање на сите општествени проблеми. А кој довел до негово отфрлање од пракса – тоа требало П.Гошев да го проучи и да превземе мисија да се поправи а не,  без никакво влијание на Западот да стане најдобар неплатен агент на антикомунистичката десница во Македонија. Можете да замислите, прима плата од членарината на членството на СКМ, прима некаква надокнада и како член на некој сојузни партиски и државни органи а ваму извршува најголеми задачи на антикомунистичката десница во светот – го распушта СКМ. Каква иронија! Но, такви беа сите партиски, државни и стопански функционери. До тоа доведува малограѓанската идеологија.[1]

П.Гошев треба да одговара пред својата совест, ако ја има воопшто. Од историска одговорност никого не го болела глава. А да имал совест тој како прв човек на СКМ ќе ги проучел Маркс-Енгелсовите дела (МЕД)  и во нив ќе најдел сè што е потребно да се решат проблемите на општеството. Таму ќе најдел како „општеството да ја постигне својата рамнотежа“ и ќе научел дека тоа не се постига со „функционална пазарна економија“ ниту со „парламентарна демократија“. Ќе најдел дека Маркс буржоаските парламенти ги нарекува „парламентарни дрдорилници“, ќе најдел дека за работникот нема демократија во граѓанското општество па било колку тоа да е „демократско“ бидејќи тој мора да работи  -да произведува за оние кои не знаат да работат но имаат средства за производство во „приватна сопственост“, ќе најдел и тоа дека приватната сопственост над средствата за производство нема никакво друго „оправдување“  освен да ги претвори во робови оние кои немаат приватна сопственост над средства за производство. Ќе нашол и тоа дека средствата за живот не може да се присвојуваат ни со пари  ни со приватна сопственост на средства за производство туку единствено со личен труд – работа на средствата за производство во општествена сопственост. Ќе нашол и дека во социјализмот одн.комунизмот одн. општеството во кое средствата за производство се во општествена сопственост не се произведуваат разменски вредности бидејќи тоа е апсурдно… Да, да ги читал П.Гошев МЕД ќе најдел многу научни работи во нив и тогаш  како „прв човек“ во македонското општество ќе можел да го каже тоа што оди во прилог на мнозинството народ, што го унапредува општеството, што ги укинува општествените антагонизми и овозможува „општеството да ја најде својата рамнотежа вртејќи се околу сонцето труд“ и наука.

Да. П.Гошев можел многу работи да направи подобро и поинаку од онака како што ги направил, но за тоа е потребен  „учен“  ум. А човек стекнува учен ум проучувајќи ги МЕД. Но, за несреќа  на македонскиот народ, иако П.Гошев морал да ги чита Маркс и Енгелс, тој тоа не го правел. И сега НАРОДОТ ќе мора да го прави тоа што тој не го направил иако имал најстрога морална обврска да го прави – да ги проучува МЕД.

Додуша Маркс вели: „Свеста е таква работа до која светот доаѓа макар и да не го сака тоа“, сепак, овие години на владеење на „комунистите“ докажаа дека сите владејачи не му дозволуваат на НАРОДОТ да дојде до свест. И денес, ете, после повеќе од дваесет години „парламентарна демократија“ и „функционална пазарна економија“  НАРОДОТ е во уште потешка положба отколку во времето на „комунистите“. И што е најлошо, тој е убеден дека марксизмот е за тоа виновен а не гледа дека токму во него е спасот.

Не е можно денес да се дојде до свест кога човек  е окружен со мамење и лажење од основно училиште до смрт. Го лажат уште во градинка со „граѓанско општество“ иако Хобс за него кажал дека е „бојно поле на приватниот интерес во војната на сите против сите“. Го лажат и во средното и високото образование дека граѓанското општество е решение за сите општествени проблеми иако тоа ги  генерира сите општествени антагонизми. Го лажат и мас-медиуми, и воспитни фактори, и политичари, и научници, и попови и свештеници од сите верски конфесии. Го лажат и сопствените синови само ако можат да јадат леб без мотика. Како да стекне НАРОДОТ тогаш свест.

Ете, уште овие антикомунисти – иако не бранат да луѓето меѓу себе зборуваат за марксизмот – го исфрлија марксизмот од системот на науки и сега „нема нигде марксизам“. Не можете да најдете никаква марксистичка литература. А уште помалку можете да публикувате нешто во одбрана на марксимот. Тоа е историската „заслуга“ на П.Гошев.

Можам само да искажам огромно жалење како заради страдањата на НАРОДОТ така и заради поништувањето на важноста на сите оние историски настани од 1941 до 1945-та кои се поништени со „мисијата“ на П.Гошев. А најмногу заради непочитувањето на сите оние жртви кои се дадени ширум светот за нов светски поредок врз кои буржоазијата секогаш плукала а сега веќе ги руши и спомениците нивни и брише секакво сеќавање на нив. И е уверена дека настанало нејзиното вечно царство. Како е можно водачот на „комунистите“ да ги остварува желбите на антикомунистите! Навистина во граѓанското општество „сè е можно“.

Да, во право е Изаија: „Кои го водат народот, тие го заведуваат. А кои дозволуваат да бидат водени  – тие ќе пропаднат“.  Што да кажеме и за овој библијски  марксист од пред 2.700 години! Навистина науката ако ја гониш на врата таа влегува низ прозор. Го исфрлија Маркс од системот на науки а не гледаат дека него го има и во Библијата, и во секоја  фамилија бидејќи е научно организирана но се наоѓа во ненаучно опкружување и насекаде во секојдневниот живот. Само треба човек да има ум па да види.

Скопје-Дојран, вторник 14 април 2015

[1] Само за илустрација дека и во Југословенската народна армија (ЈНА) не беше ништо поарно ќе наведам два случаја. 1Магистер на економски науки, мајор, во канцеларија ми изјавува дека Маркс не бил во право. Пресреќен сум што слушам од некого такво нешто и што ќе имам прилика да поразговарам со некого за тоа, па го прашувам: „Што си прочитал од Маркс за да го тврдиш тоа?“ Фрапиран сум од одговорот: Ништо, вели тој. И додава: Но, не мора да прочиташ нешто од некого за да знаеш дека не е во право. Што да каже човек! „Блажени со ум сиромашните“. 2. случај. Потполковник, инаку помошник на Начелникот за финансии на Командантот на Третата Армија. Одреден да решава по жалбата за мојата службена оцена која е намалена од „се истакнува“ во „добар“ и каде по марксизам ми е дадена оценка 3 (тројка). Еден ден ме пристига во Градскиот парк при одењето на „спортско попладне“ и во одење ми вели на српски, иако и двајцата сме Македонци и сме сами: „Гогов, није марксизам само читање дела Маркса и Енгелса“. Не можев да не му  додадам на реченицата: „Него и покорно савијање кичме до земље“. На тоа тој не одговори ништо, но затоа уште од таа 1983-та или 4-та не се поздравувавме и не разговаравме воопшто до пред 2010-та година. Ете, и тие високи офицери на ЈНА  беа потонати во антимарксизам. И не беа само тие. Малограѓанската идеологија „ствара“ чуда. Целото општество беше потонето во неа. Киро  Глигоров  како висок државен и партиски функционер патуваше ширум СФРЈ и ги убедуваше луѓето дека социјалистичкото стоково производство се разликува од капиталистичкото, што никако не може да биде точно.

Изненадувачко е како можеа најенергичните противници на фашизмот од Втората светска војна –комунистите-да се претворат во „гробари на марксизмот“ и посмртно да ја извршат најголемата Хитлерова желба. До комприматација на марксизмот не доведе Западот иако тој беше огорчен противник на истиот. Корените на компромитација на марксизмот започнуваат од Ленин и неговата „нова економнска политика“ и се развиваат за цело време на владеењето на „комунистите“,  додека не доведоа до „пад на социјализмот и враќање на капитализмот“, како што многумина, ако не и сите, погрешно веруваат.  Во тој смисол сите „комунисти“ а посебно раководните, и меѓу нив како најкомпетентни „теоретичарите“ на марксизмот,  требаше да бараат, да проучуваат  и најдат „где је социјализам  пошао у криво“, како вели  Б. Хорват (Загреб). А тоа не е можно без познавање на марксизмот. Но кој марксизам?

Само марксизмот на Маркс и Енгелс е единствено релевантно, научно исправно и во пракса проверено учење кое дава точен одговор на сите проблеми во општеството. Сите други учења, почнувајќи од Ленин и завршувајќи со последниот „најлев“ „теоретичар“ кои заговараат некаков социјализам со пари, се на погрешен колосек. „Во социјализмот не се произведуваат разменски вредности“, велат Маркс и Енгелс. А ако тие постојат во општество кое се одлучило да гради социјализам, тие се само доказ дека тоа општество не е социјалистичко. Поголем доказ не треба од она што се случи во ХХ век – да се сруши  „социјализмот“ во цел свет како кула од карти  иако беше „светски процес“ кој го беа прифатиле многу земји од Европа, Азија, Африка, Јужна и Латинска Америка.

Во спречувањето на тој процес САД и другите капиталистички земји (Велика Британија, Франција и Западна Германија) какви ли не злочини правеа по светот – воени интервенции, соборување на легални влади и воени удари, убиства на свештеници кои проповедаат свето писмо, подршка на секакви политички партии, злочинци, криминалци и сиот џган само ако можеше да се искористи за „антикомунистички“ акции. Се даваше политички азил на секој кој  ќе емигрираше од „социјалистичка“  земја,  иако не знаеше да чита и пишува, само ако изјавеше дека е против комунизмот. Нашите Роми тоа знаеја одлично да го искористат. И на крајот еден  функционер на ЦИА ќе изјави: „Четириесет години работев секој ден мислејќи како да се сруши социјализмот. Ниту еден момент не помислив дека тој може да падне сам од себе“. Се разбира, ќе додадам, само тогаш кога тоа  е буржоаски  социјализам. Инаку во историјата не се случува да се реставрира некој претходен антагонистички систем ако веќе бил сменет со понапреден.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s