Обвиненија против Ленин

10847_185774572687_621792687_3055694_2827306_n

Роб Севел напиша статија „Во одбрана на Ленин“, а ние Пријателите на Народот, Лазарус и Мара, напишавме цела книга „Анти-Ленин“, па вие оценете кој ја следел научната совест. Севел тврди во почетокот:

„Нивната задача [на буржоаски историчари и апологети, реформисти, либерали и анархисти] да го дискредитираат Ленин, марксизмот и Руската револуција во интересите на „демократското владеење“ на банкарите и капиталистите“.

Нашата задача, не не‘ интересира задачата на другите, е да покажеме дека Ленин го дискредитирал марксизмот и ја срушил до темел Руската револуција со практикувањето на неговиот волунтаризам и прагматизам за да денес сите мислат дека она што пропадна кон крајот на 1980-тите години беше социјализам а не државен капитализам. Колку иронично за Севел кога вели дека нашата задача е во интерес на „демократското владеење“ на банкарите и капиталистите кога тој самиот подоцна признава дека во 1921 година Ленин со својата Нова економска политика овозможил демократски услови за воскреснување на банкарите и капиталистите и кулаците, а тие демократски услови се економската база на лажниот социјализам кој тој го промовираше – стоковно-паричното производство.

Ленинистот Севел продолжува:

„Друг „непристрастен“ историчар, Ентони Рид, оди дотаму за да тврди, без било каков доказ, дека Ленин бил во малцинство на Партискиот конгрес во 1903 година и едноставно го избрал името „Болшевици“ (рускиот збор за малцинство).“

Во 1906 година здружената Руска социјалдемократска работничка партија (РСДРП) имала 70 000 членови, а во јануари 1917 година, тогаш веќе независна болшевичка партија, официјално изјавила дека нејзиното членство опаднало на 23 600. Една реалистична проценка покажува дека бројот на нејзините припадници се сведил на околу 10 000 па и помалку. (Schapiro, 1970, стр. 73, белешка 4.)

Севел вели дека следното тврдење на историчарот Рид не е ново бидејќи е лажно – затоа што не се потпира на пишувањата на Ленин, туку на она што го кажале професорите Орландо Фигес и Роберт Сервис, двајца „експерти“ за „злата“ на Ленин и Руската револуција. Погледнете само како Севел ја изедначува Руската револуција со Ленин. Тој сосема налудничаво мисли дека ако се напаѓа Ленин со тоа се оди против Руската револуција. Многу налудничава идеја. Напротив, јас и Лазар премногу ја сакаме Руската револуција за да допуштиме заради Лениновиот волунтаризам и прагматизам таа да остане дискредитирана во очите на луѓето денес дека истата пропаднала, т.е. имала неуспешен исход и како марксистички фундаменталисти ќе ја браниме додека имаме сила и ум. Историчарот Рид напишал: „Ленин немал време за демократија, немал доверба во масите и немал скрупули за употребата на насилство“. Сето ова тврдење на историчарот Рид е точно и нема само што истото може да се докаже со пишувањата на Ленин туку и со историски факти.

„Ленин немал време за демократија.“ Точно! Во изборите за руското Уставотворно собрание одржано две недели откако болшевиците ја презеле власта, партијата на социјалистичките револуционери пак се покажала дека е најпопуларната партија ширум земјата, добивајќи 58% од гласовите на населението наспроти 25% за болшевиците. Сепак, во јануари 1918 година болшевиците со државен удар го распуштиле Уставотворното собрание.

„Ленин немал доверба во масите.“ Точно! Ленин го поновува своето залагање за лична диктатура:

„Советската социјалистичка демократија во крајна линија не е неспоива со личното владеење и диктатурата на поединец. Волјата на класата може понекогаш да ја преземе диктатор и сам да ја спроведе поуспешно и да оствари битни резултати“ (31 март 1920) Ленинистите нека се консултираат со Собраните дела на Ленин во 40 тома на македонски јазик за веродостојноста на цитатот и „аргументот-надвор-од-контекст“, а ако немаат срам и покрај оваа негова изјава пак да го бранат, нека замолчат!

„Ленин немал скрупули за употребата на насилство.“ Точно! Во март 1919 година имало сериозни нереди во Петроград, вклучувајќи и штрајкови на работници во путиловските заводи и други индустриски претпријатија. На масовниот состанок од 10-ти март путиловските работници усвоиле резолуција која започнува со зборовите: „Ние, работниците од фабричките заводи на Путилов, изјавуваме пред работничката класа на Русија и светската работничка класа дека болшевичката власт ги издаде идеалите на револуцијата и со тоа ги издаде и измами работниците и селаните во Русија; дека болшевичката власт која владее во наше име, не е власт на пролетаријатот и селаните, туку диктатура на болшевичката партија спроведена со помош на Чека и полицијата… Ние бараме ослободување на работниците и нивните жени, кои се наоѓаат во затворите; одново враќање на слободата на печат, слободата на говор, правото на збор и договор и неповредливост на личноста; пренесување на управата за прехрана на кооперативно здружување и пренесување на власта на слободно избрани совети на работници и селани.“ На 16-ти март 1919, Чека на јуриш ја зазема Путиловата фабрика. Повеќе од 900 работници кои штрајкувале биле уапсени, од кои повеќе од 200 биле егзекутирани без судење во текот на следните неколку дена.

Севел понатаму вели дека сите овие историчари и професори како Рид, Фигес и Сервис ја растурале лагата дека Ленин некако го создал сталинизмот. Не е тоа лага, „драг“ Роберт, туку вистина која ти задава бол во забот кој ти го ремети здравиот разум за да сфатиш дека Сталин е само радикален ленинист а Ленин негов прототип.

Ленин по вториот удар на болеста во средината на декември 1922 година ги издиктирал своите писма до Конгресот во кои побарал три битни и неодложни мерки, а втората била во својство на преуредување на државниот апарат:

„Воопшто не е можно за пет години да се промени административниот апарат во доволна мера, особено не при услови во кои настана нашата револуција… Мене ми се чини дека неколку десетици работници, кои би влегле во ЦК, би можеле подобро од кој и да е друг да се занимаваат со проверување, усовршување и обновување на нашиот апарат.“

Најверојатно прогонет од злокобното чувство дека му се ближи крајот, Ленин бил принуден да богохули против својот дотогаш непопустлив став за „демократски централизам“:

„Ние сме стабилен центар, ние сме посилни во идеи и ние мораме да го практикуваме водството одовде.“

Зарем? Зошто тогаш ќе ти се неколку десетици работници и тоа во ЦК на партијата и одеднаш тие можат подобро од твоите професионални револуционери да се занимаваат со прашања од јавен карактер? Каква историска шлаканица од животот за кабинетскиот револуционер !

Севел раскажува дека во 1926 година Крупскаја (сопругата на Ленин) изјавила дека „ако Ленин беше жив, тој ќе беше во еден од Сталиновите затвори“. Но, има една друга анегдота чија вистинитост има поголема тежина од таа на Крупскаја:

Во романот „Во првиот круг“ (1968) од Александар Солженицин херојот завршува во сталинистички затворенички камп и се жали на постарите затвореници:

„Ленин никогаш немаше да го направи ова.“

Тие му се насмеаја:

„Што мислиш, кој не‘ стави овде?“

Имаме случај кога Ленин сосема автократски бил спремен да се спротивстави на мнозински донесените одлуки во Централниот комитет, па за време на кризата на Викжел во почетокот на ноември 1917 година Ленин се заканил: „дека ќе прибегне на вооружена помош од морнарите во Кронштад“. (Schapiro, 1955, стр. 74 и фуснота 14.)

ЛЕНИН Е ПРОТОТИП НА СТАЛИН

Севел вели дека „Социјалистичката револуција беше преобразена од Ленин од зборови во дела.“

Како? За тоа Севел не дава ниту еден доказ. Всушност Ленин тврди дека не е опасно да се развива капитализам, бидејќи власта останува во рацете на работниците и селаните. Меѓутоа, власта на работниците и селаните нема врска со производството. И кога одредена власт се обновува како професија, таа нема интерес за производство од кој било вид, само професионални интереси. Ленин требал да го знае тоа врз основа на Маркс-Енгелсовиот научен социјализам. Со воспоставувањето на стоковно-паричното производство, Ленин ги вратил работниците повторно во наемно ропство, бидејќи сега работниците мора да ја изразуваат својата вредност во пари, а не во работно време. И бидејќи власта станала работа на професионалци, работа на партијата, тогаш работникот немал повеќе власт во свои раце. Ленин морал да го сфати тоа. Неговото тврдење за „останување на власта во рацете на работниците и селаните“ во истовремено воспоставување на стоковно-парично производство е чист волунтаризам, што нема никаква врска со научен однос кон стопанските категории. Понатаму, Ленин тврди дека со воспоставувањето на капиталистичкиот начин на производство, а власта останува во рацете на работниците и селаните, сопственоста на земјопоседниците и капиталистите не се обновува. И овој дел од неговиот заклучок е целосно произволно тврдење. Кога работниците ја преземаат власта во некоја земја, ако тие не го отстранат стоковно-паричното производство, од нивните редови ќе проникнат земјопоседници и капиталисти. Бидејќи „штом капиталистичкото производство заземе место, тоа не само што ги разделува работниците од средствата за производство, туку се препроизведува во сè поголема мера“, вели Маркс во „Капиталот“. Тоа значи дека Ленин, воспоставувајќи го капиталистичкото производство, иако секој болшевик бил убеден дека социјализмот ќе надвладее, всушност тој ги разделил повторно работниците од своите средства за производство и овозможил ова одделување да се препроизведува во сè поголема мера. Повеќе немало социјализам после Лениновата НЕП.

Според Севел, Ленин станал преку ноќ „најомразениот и најсаканиот човек на земјата.“

Капиталистите и нивните „теоретичари“ треба да му подигнат споменик на Ленин, а не да го критикуваат. Работниците имаат повеќе основа да му се лутат и да го отфрлат Ленин отколку капиталистите и нивните „идеолози“. ЗОШТО?! „Социјализмот како светски процес“ (Програма на СКЈ, стр. 5) пропадна, а никој не ни помислува дека виновник за тоа е „спроведувачот на марксизмот во пракса“ – Ленин. Тој, најлутиот „непријател“ на капитализмот, се претвори во негов спасител, кој му го продолжи животот за цел век. Таа репутација – спасител на капитализмот – неосновано ја ужива Џ. М. Кејнз, кој „му подари живот на демократскиот капитализам и го зацврсти ова општество во епохата, кога му се закануваше смртна опасност“, според зборовите на Сејмур Едвин Харис . Истиот неосновано се смета и за основач на државниот капитализам. Ленин го основал државниот капитализам 17 години пред Кејнз.

Севел не‘ информира: „Ленин го напиша својот познат памфлет „Што да се прави?“ во кој аргументирал за партија составена од професионални револуционери, луѓе посветени на каузата“.

Ленин по вториот удар на болеста во средината на декември 1922 година ги издиктирал своите писма до Конгресот во кои меѓудругото побарал нешто што било противречно на неговото залагање за партија составена од професионални револуционери: „…Мене ми се чини дека неколку десетици работници, кои би влегле во ЦК, би можеле подобро од кој и да е друг да се занимаваат со проверување, усовршување и обновување на нашиот апарат.“

За Маркс „ослободувањето на работничката класа мора да биде дело на самата работничка класа“. Антимарксистичкиот став на Ленин е дека „историјата на сите земји покажува дека работничката класа, исклучиво на своја волја, е способна да развие само синдикална свест“ па „класната политичка свест може да биде побудена кај работниците само однадвор“ од стабилен центар составен од професионални револуционери. Но, историјата иронично се пресметала со дудукот Ленин. Кога во ноември 1922 година се вратил кон нормалниот политички живот после доживеаниот прв удар на артерио-склероза и парализа во мај 1922 година, Ленин почувствувал дека работите во неговата околина не стојат онака како што му биле претставувани во извештаите. Особено го иритирала сè поотворената и повалкана борба за власт на луѓето што претендирале да го наследат и прогресивната бирократизација на државниот апарат, што станувала сè повидлива.

Севел ја објаснува разликата на болшевиците од меншевиците: „Болшевиците верувале дека работниците треба да ја водат револуцијата поддржана од селаните. Тие би формирале „демократска диктатура на пролетаријатот и селанството“, која би предизвикала социјалистичка револуција на Западот. За возврат, ова би ‘и помогнало на Руската револуција“.

Ленин наместо да ги стимулирал селаните тој ги обезхрабрувал преку својот политички и економски волунтаризам. Политичкиот волунтаризам со кој ги обезхрабрил селаните е следниот:

Програмата на партијата на социјалистичките револуционери (ПСР) беше како демократски социјалистичка така и земјоделски социјалистичка по природа. Таа придобила огромна поддршка меѓу руското селанство, кое особено ја поддржило нивната програма за поопштествување на земјата (доделување на селаните слобода на делување на своја сопствена земја и право да поседуваат стока, во случај ако тие се грижат сами за себе и не вработуваат наемна работна сила) наспроти болшевичката програма за колективизација на земјата под државна управа. Во изборите за руското Уставотворно собрание одржано две недели откако болшевиците ја презеле власта, ПСР пак се покажала дека е најпопуларната партија ширум земјата, добивајќи 58% од гласовите на населението наспроти 25% за болшевиците. Сепак, во јануари 1918 година болшевиците со државен удар го распуштиле Уставотворното собрание. Во одговор на овој брутален акт на болшевиците, некои од социјалистичките револуционери користеле насилни средства. Социјалистичката револуционерка Фени Каплан се обидела да го убие Ленин на 30 август 1918. Најголемото востание (Тамбово востание) против болшевиците било предводено од социјалистичкиот револуционер Александар Антонов со масовна поддршка на руското селанство.

Економскиот волунтаризам на Ленин кој ги обезхрабрил селаните е следниот:

Вишоците на жетви, произведени од селаните, биле одземени од владата за да се поддржат силите на болшевиците во граѓанската војна водена како против белогардејците така и против социјалистичката опозиција. Без поттик за селаните да произведуваат вишок на храна, болшевичката влада иницирала конфискување, коешто понатаму го обезхрабрила земјоделското производство. Селаните, се разбира, давале отпор на суровите владини мерки. Селанските востанувања ја запалиле спонтано сосема земјата, почнувајќи во пролетта 1920, протестирајќи против кусоци на храна и владината централизација.

Севел безобразно не сака да спомене дека откако болшевиците ја презеле власта нивното залагање за „демократска диктатура на пролетаријатот и селанството“ го претвориле во залагање со крв и железо за „диктатура на партијата и Ленин“.

Со Лениновиот декрет од 26 март 1918 година било укинато работничкото управување со железницата и бил воспоставен државен систем на бирократска контрола над работната сила. Декретот од 22 април воведува општа воена обврска. Истиот месец е иницирано формирање на централизирана милиција, со полно работно време, што значело создавање професионална полиција. Оттука е јасно дека токму Ленин ја втемелил полициската држава којашто технички ги овозможила Сталиновите чудовишни потфати. Каде е таа „демократска диктатура на пролетаријатот и селанството“ за кое Севел зборува и во која наводно болшевиците верувале?

Севел лаже или сам не е свесен дека не‘ лаже и нас и себе кога вели дека „Ленин се обидел да ги помири фракциите но не успеал.“ Како Ленин можел да помири две фракции, две политички групации (Меншевиците и Болшевиците) кога тој не поднесувал фракции ниту во самата своја партија? На 8 март 1921 година Ленин наредил на Десеттиот партиски конгрес дека сите фракции мора да бидат распуштени и секој кој се противи на партиските одлуки да биде казнуван. Макар тоа биле членови на Централниот комитет на неговата партија. Имаме случај кога Ленин сосема автократски бил спремен да се спротивстави на мнозински донесените одлуки во Централниот комитет, па за време на кризата на Викжел во почетокот на ноември 1917 година Ленин се заканил: „дека ќе прибегне на вооружена помош од морнарите во Кронштад“.

Граѓанската војна во Русија е делумна вина на болшевиците (Ова е очигледно бидејќи Севел само еднаш го спомнува Уставотворното собрание без никаква анализа на контроверзијата околу неговото распуштање. Му доликува ли на еден сериозен историчар еден таков превид?). Велам „делумна“ затоа што војната со белогардејците беше неизбежна. Дел од тие проблеми коишто бараа решенија, значи, беа произлезени од услови делумно створени од „советските лидери“. НЕП не беше единственото решение. Освен со политика, болшевиците се служеа и со физичко уништување за да се справат со проблемите коишто беа делумно предизвикани од самите нив. Зошто „делумно“ ќе видиме подолу.

Како требаа тие да избегнат конфронтација со западните сили во периодот којшто претходи на нови револуции во Европа или Азија? Сигурно не со уништување на социјалистичката опозиција (овие социјалисти стануваат – според болшевиците илегална – опозиција после распуштањето на Уставотворното собрание со државен удар од страна на болшевиците, левите есери и анархистите), туку со консолидација на социјалистичките сили, а на тој начин, во граѓанската војна многу порано ќе беа уништени апологетите на стариот режим.

Од политички аспект, решението на состојбата би било отстапување на болшевиците пред социјалистичката опозиција, и веројатно, повторно основање на Уставотворно собрание (реално барање од населението), а од економски аспект, тоа било укинување на наемниот систем и на село и во град (реално барање од селаните и работниците). Едноставно, тоа би било пораз на политичката економија на болшевиците (една партија и државата како колективен капиталист) промовирана на еден таков дотогаш невиден брутален начин преку физичко и морално уништување на секој противник.

Севел констатира без да објаснува: „Под водството на Ленин и Троцки кој ја организира Црвената Армија од ништо, советите победија, но по ужасна цена. Смртни случаи на фронт, глад, болест, сето тоа комбинирано со стопанска пропаст.“

И волунтаризмот и прагматизмот на Ленин имаа удел во појавата на глад не само Белата армија (Колчак издавал наредби да се срамнат со земја цели села. Во неколку сибирски провинции, 20 000 фарми биле уништени и преку 10 000 селски куќи биле запалени.) Лениновата влада го обврзала селанството да ги предава вишоците на скоро секој вид на земјоделски производ за одредена цена (Prodrazvyorstka). Апсолутната граница на даден производ за лични или домашни потреби била претходно одредувана од државата. Prodrazvyorstka била воведена само за да ја храни урбаната популација, каде што поддршката на болшевичката влада била најсилна, иако и ова е дискутабилно ако ги земеме предвид стрелањата на „саботерските“ работници во штрајк од страна на Лениновата Чека. Напротив, Prodrazvyorstka повеќе му наштетила на земјоделскиот сектор и предизвикала раст на незадоволството кај селаните. Предизвикала и општа глад во 1921, позната како Povolzhye глад, којашто започнала во раната пролет на таа година и траела низ 1922. Франсуа Фуре проценил дека поради гладта умреле 5 милиони луѓе.

Севел измислува: „Наспроти мерките кои биле воведувани за да се победи бирократијата…“ Немало такви мерки контра бирократијата, сите мерки биле пробирократски.

Се разбира, штом е задржан државниот апарат, стариот начин на стопанисување – стоковното производство и со тоа како неизбежен услов капиталистичката општествена поделба на труд, којашто произлегува од приватната сопственост, ете прилика Ленин да војува цел живот против бирократијата и да донесува закони со најстроги санкции и пак ништо да не постигне. Зарем ова не е претерана доверба во законите и казните?! И зарем ова не противречи на Марксовото „Од Каина па наваму казната ниту го заплашила ниту го поправила светот“. Се работи за тоа да се сменат околностите и да се создадат нови во кои човек нема да мора да краде и прима поткуп. Задржувањето на приватната сопственост и како израз на тоа – стоковната размена, сигурно дека не е начин да се одвикнат луѓето од крадење. Впрочем, во општествата со приватна сопственост, темелени на приватната сопственост, најмногу крадат оние кои најмногу и имаат. Само што нивните методи се многу посуптилни, порафинирани, „подостоинствени“ и сл.

Со задржувањето на државата, капиталистичката поделба на труд, Ленин ја предал власта на работничката класа во рацете на бирократијата и потоа предвидува „методи на полагање сметка, методи на казнување поради дефицит, методи на „фаќањето“ поради измама, методи…“ и „подзаплашување на чиновниците“. Значи, Ленин го задржува стариот стопански систем, а после се чуди од каде толку крадење, неработење, неефикасност, чиновништво, бирократија и сл. И сака да ги натера сите да „работат“ со наведените „методи“. Тоа е утопија. И тој, како Прудон, сака да ја укине политичката економија во рамките на самата политичка економија. Човек може само да остане без зборови пред таква кратковидост, да не речам плиткоумност. Заговара државен капитализам, а кога чиновниците ќе почнат да „работат“ по свое се бори против бирократијата. Ги задржува двата најголеми генератори на бирократија – државата и стоковното стопанисување – а потоа се „бори“ против бирократијата. Не е важно што Ленин не го работи тоа свесно. Тој самиот вели: „Од сите вагабонди најопасен е оној кој не е свесен дека е вагабонд“. „Со свој камен по своја глава“ – би рекле ние, Македонците.

Севел како троцкист е пристрастен кога зборува околу содржината на Лениновиот тестамент и го цитира само делот од вистината кој му се допаѓа: „Сталин кој стана генерален секретар“ лично форсиран од Ленин (кој рекол за Сталин според сеќавање на Троцки: „Тој готвач знае добро да подготвува зачини.“), а Севел тврди дека Ленин се противел, како и да е, „има неограничен авторитет концентриран во свои раце и јас не сум сигурен дали тој секогаш ќе биде способен да го користи тој авторитет со доволна внимателност. … Другарот Троцки од друга страна се одвојува не само по извонредната способност тој лично е можеби најспособниот човек од сегашниот ЦК…“

И Ленин продолжува а заради што Севел не сака: „Троцки е бескрајно самоуверен и бескрајно се занесува со чисто административната страна на работата. Тоа негово својство може да доведе до расцеп во Партијата.“

Исто така Севел е лицемерен кога го цитира Ленин во прилог на Троцки а не го цитира Троцки за да дознаеме чија е вината што Сталин „има неограничен авторитет концентриран во свои раце“ и „дали тој секогаш ќе биде способен да го користи тој авторитет со доволна внимателност.“

Во почетокот на 1921 година со забраната на фракции во болшевичката партија и со сè поголемата концентрација на власт во Политбирото (на кое Чека била директно подредена), Лениновото партиско владеење во голема мера се изродило во правец на автократија којашто пророчки ја предвидел Троцки уште во 1903 година кога Ленин ја разединил социјалдемократската партија: „Овие методи, како што ќе видиме, ќе доведат до тоа партиската организација да стане замена за партијата, централниот комитет замена за партиската организација и најпосле диктаторот замена за централниот комитет“. Овој процес, веќе воведен под власта на Ленин, беше заокружен со Сталин.

Севел разбирливо како троцкист и ленинист тврди: „Чудовишна лага е да се сугерира дека сталинизмот е продолжување на демократскиот режим на Ленин како што апологетите на капитализмот тврдат. Во стварноста … Ленин беше иницијатор на Октомвриската револуција а Сталин нејзин гробар. Тие немаа ништо заедничко.“

Чудовишно лажго е Севел. Ленин е прототип на Сталин а Сталин е радикален ленинист. Со создавање на олигархиски политички систем поддржан од политичката полиција и сите други државни органи за безбедност одговорни само на Политбирото, Ленин само ги уништил гаранциите против дегенерацијата на болшевичката елита којашто поседувала апсолутна моќ и ‘и создал неопходни послушни алатки за спроведување принуда. Во април 1918 тоа е Ленин кој иницирал формирање на централизирана милиција, со полно работно време, што значело создавање професионална полиција. Оттука е јасно дека токму Ленин ја втемелил полициската држава којашто технички ги овозможила Сталиновите чудовишни потфати. Тоа е Ленин кој на 8 март 1921 година наредил на Х-от партиски конгрес сите фракции да бидат укинати и секој кој се противи на партиските одлуки да биде казнуван. Тоа е Ленин кој го рекол следното: „Одлучно тврдам дека во основа не постои нескладност меѓу советската демократија и преземањето диктаторски овластувања од страна на поединци“ (28 април 1918). Тогаш за каков демократски режим на Ленин зборува Севел за да не‘ увери дека сталинизмот е посебна доктрина од ленинизмот? Тие се како лице и опачина на монета.

„Комунистите“ од најголеми непријатели на фашизмот, се претворија во извршители на најголемата желба на Адолф Хитлер – тие станаа гробари на марксизмот. Инаку, Хитлер тоа го изјавува на судењето, за обид на воен удар од ноември 1923 во Минхен, кое се одржа во јануари 1924.

На крајот од својата статија „Во одбрана на Ленин“ Роб Севел вели: „Ленин ја комбинира теоријата со акција и ја отелотвори Октомвриската револуција.“

В. И. Ленин е неспорен автор на Октомвриската револуција. Како признание на неговата способност и умешност во изведувањето на истата, научниот социјализам, односно марксизмот е дополнет со поимот „ленинизам“ и е создаден оксиморон „марксизам-ленинизам“. Оваа постапка нема никакво научно оправдување и во науката за општеството релевантен треба да остане само поимот „марксизам“ со кој ќе се означуваат само делата на Маркс и Енгелс, но не и волунтаризмот на разни хохштаплери по нив, кои се кителе со атрибутите: револуционери на пролетаријатот, теоретичари на марксизмот, борци за комунизам, а немале во себе ништо од марксизмот. Треба да се сфати, еднаш за секогаш, дека без марксизмот не е можна никаква комунистичка дејност, никаква работничка револуционерност, никакво научно решавање на општествените проблеми. Тоа се гледаше од Маркс-Енгелсовите дела, а тоа го потврди и падот на „социјализмот“. „Победата“ на капитализмот значи не треба да се сфаќа како доказ за „неправилното“ учење на Маркс и Енгелс, туку како доказ за нивната егзактност во општествената наука и доказ дека не смее да се отстапува во ништо од нивните научни анализи. А Ленин, и сите по него, си дозволија да отстапат и причинија таква светска конфузија, која не е можно да се расчисти, ако не се познаваат Маркс-Енгелсовите научни анализи.

Досега разни „теоретичари“ на марксизмот, и на Исток и на Запад, не се позанимавале со потемелна анализа на настаните по Октомвриската револуција и нивно споредување со Маркс-Енгелсовите дела. Тие не споредиле воопшто што направил Ленин и дали е тоа во согласност со научниот социјализам, односно со марксизмот. Тоа е нивна катастрофална грешка, која работничката класа од цел свет скапо ја плаќа. Заради тоа, а и заради настаните во сите „социјалистички“ земји и конечниот пад на „социјализмот“ се наметнува заклучок дека заслугите на сите опеани, прославени и апотеозирани „револуционери“ од еден Ленин, преку Сталин, Тито, Мао, Хо Ши Мин, Пол Пот, Ким Ил Сунг, Кастро, Гадафи… не биле револуционерни. Спротивно, во светлината на научниот социјализам, нивните заслуги се одредуваат како заслуги на малограѓански бунтаџии, кои во своето агитирање се повикувале на марксизмот, но во практичното делување не знаеле да организираат и спроведат ништо марксистичко.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s