Научноста на марксизмот и волунтаризмот на ленинизмот

1010588_10201441155381680_86040320_n

Цел ХХ век е во знакот на настанувањето и пропаѓањето на социјализмот. И додека ХIX век заврши во јасно одредување на поимот комунизам, општествените науки на ХХ век не успеаа да одредат јасно што всушност се случи со социјализмот. Затоа цел свет денес е уверен дека „социјализмот пропадна и се врати капитализмот“, што не е точно. Увереноста за неточноста на тврдењето за социјализмот и неговото пропаѓање го темелиме на историскиот развој. Имено, ако не се случило да се врати првобитната заедница по пропаста на ропството, оваа после феудализмот и тој после капитализмот тогаш никако не е можно да по пропаѓањето на социјализмот се врати капитализмот. Што всушност се случи и се случува?

Непобитен факт е дека творец и изведувач на „првата победоносна револуција на пролетаријатот“ – Октомвриската, е Ленин. Поради тоа, сите дејци од општествените науки го сметаат Ленин за „прв кој го применил марксизмот во пракса“ и неговите мерки на организирање, извршување и зацврстување на револуцијата, под поимот ленинизам, ги  прилепуваат до марксизмот и ствараат поим „марксизам-ленинизам“ кој научно не е правилен од причина што марксизмот и ленинизмот се два неспоиви поими. Во што се состои неспоивоста на марксизмот и ленинизмот?

Неспоивоста се состои во научноста на марксизмот и волунтаризмот на ленинизмот. Додека Маркс и Енгелс со најсовесни анализи на сите општествени процеси и со огромна способност за апстрактно мислење го согледуваат развојот на секоја категорија на политичката економија, кај Ленин воопшто не постои такво нешто. Спротивно, кај него постојат произволни тврдења кои со ништо не ги докажува, но кои имаат кобни последици за оружената победа на пролетаријатот. Всушност со своите произволни тврдења, кои се земаат за практична стопанска политика, тој до темел ја поништува оружената победа на пролетаријатот. Едноставно, го реставрира капитализмот. Тоа негово реставрирање на капитализмот цел свет го зема како „спроведување на марксизмот во пракса“ и „градење на социјализам“ поради што цел свет се поделува во два блока – блок на бранители и блок на противници на социјализмот. А всушност социјализам нема никаде. Ете, кога научниците не ја вршат совесно својата работа во општеството се создава таква конфузија која никако не е можно да се расчисти ако се оди по умот на квазинаучниците од општествените дејности.

Во трудовите „Прилог кон критиката на политичката економија“ и „Капиталот“, Маркс дал така јасни одредувања за сите категории на политичката економија, и ја дал нивната генеза  што не е можно да се погреши во поглед на нивната примена. Меѓутоа, Ленин, неговите соработници и сите наредни имитатори, до еден Киро Глигоров, го отфрлаат Маркс, го прифаќаат капитализмот и сите категории на политичката економија ги прекрстуваат во „социјалистички“ уверени дека „тоа не е опасно бидејќи власта останува во рацете на работниците и селаните, додека сопственоста на спахиите и капиталистите не се реставрира“ (Ленин, Дела, том 34, стр.134. Понатаму Л 34/134). Тоа Ленин ќе го потврди на многу места и со тоа ќе докаже дека или не прочитал или не разбрал многу важни работи од Маркс-Енгелсовите дела. (Понатаму МЕД)

За воведувањето капитализам во Советска Русија самиот Ленин ќе рече: „Тоа е капитализам кој го дозволивме ние“ (Л 35/219), притоа воведувајќи поими „државен капитализам во капитализмот“ и „државен капитализам во комунизмот“ (Л 35/187). Такви бесмислености кај Маркс и Енгелс воопшто не е можно да се најдат.

Во том 19 и 20 разгледувајќи го настанувањето и развојот на разменската вредност, Маркс ќе заклучи: „Во едноставното одредување на разменската вредност и парите латентно е содржана спротивноста на наемнината и капиталот и пречките кои му стојат на патот при излагањето на самиот систем му се својствени на истиот. Исто така е побожна како и глупава желбата да разменската вредност не се развие во капитал или трудот кој произведува разменски вредности не се развие во наемен труд“ (МЕД 19/134). Ако ова Марксово разгледување не можел Ленин да го најде во времето кога бил во Швајцарија, Франција или Англија, тогаш можел да го најде во негово време во Русија „Капиталот“ каде  јасно стои: „Во било какви услови да е произведен производот кој во промет влегува како стока – било врз основа на првобитна заедница, или робовско производство, или ситноселанско и ситнобуржоаско, или капиталистичко – тоа во ништо не го менува нивното својство како стоки, а како стоки тие треба да поминат низ процесот на размената и да ги променат облиците кои него го пратат“ (МЕД 23/273). И во првиот том исто така на стр. 510 стои јасно: „Капиталистичкиот процес на производство, разгледуван во својата поврзаност или како процес на репродукција, не произведува само стоки, само вишок на вредност, тој го произведува и репродуцира самиот капиталистички однос: на една страна капиталистот, на другата наемниот работник“ (МЕД 21/510).

Воопшто не е јасно како можел Ленин да премине преку така јасни укажувања и да смета дека „враќањето на капитализмот во Русија не е опасно бидејќи тоа е капитализам што го дозволуваме ние“, болшевиците. Ако за скептиците не може да е веројатно дека Ленин го отфрлил марксизмот или не го познавал доволно, денешната состојба со „социјализмот“ е доказ дека тој погрешил не еднаш туку безброј пати. И тоа не на ситно туку катастрофално. Впрочем и неговите зборови: „Никаков Маркс и никакви марксисти не можеа да предвидат дека пролетаријатот ќе се здобие со власт во една од најнеразвиените земји“ (Л 35/217) докажуваат дека тој нема никакво уважување за марксовото учење. А, ете, праксата како „критериум за секоја теорија“ докажа дека не Ленин, туку Маркс бил во право.

Врз основа на Маркс-Енгелсовите анализи како и на денешната состојба со „социјализмот“ се наметнува неизбежен заклучок дека марксизмот во општествените науки е исто така егзактен како што се математиката, физиката и др., во системот на природните науки. Сите отстапувања од марксизмот се покажаа кобни за пролетаријатот. Иако „социјализмот беше светски процес“ (по Програмата на Сојузот на комунистите на Југославија), а СССР – по изјавите на неговите челници – ја градеше веќе „третата фаза од комунизмот“, денес буржоазијата од цел свет ликува бидејќи го „победи социјализмот“. Каква заблуда! Поради таа заблуда, капиталистите, сакајќи да ја уништат Октомвриската револуција, извршуваат заедничка интервенција на четиринаесет капиталистички земји против младата Советска република, но претрпуваат пораз. (Замислете апсурд при тоа – во интервенцијата учествуваат заедно САД, Велика Британија и Франција како сојузници од Првата светска војна и Германија, во истата противник а во интервенцијата сојузник. Навистина во буржоаското општество „сè е можно“).

Поради таа заблуда во Втората светска војна, најјаките капиталистички држави (САД, Велика Британија и Франција) ќе дозволат на фашистичка Германија односно Хитлер да прави што сака низ Европа, ќе си играат војна низ Северна Африка три години и ќе го отворат вториот фронт во Европа дури во јуни 1944-та година од страв да „социјализмот“ кој го скрши ‘рбетот на фашистичка Германија и веќе се наоѓаше пред Берлин, не избие на Атланскиот Океан. Да, и така дефектен тој „социјализам“, во кој се произведуваа разменски вредности – спротивно на учењето на Маркс и Енгелс, беше опасен за буржоазијата и таа настојуваше да го спречи на секој начин. Само изненадува фактот како капиталистите ги прифатија денешните „комунисти“ како бизнисмени а не ги прифаќаа „новите буржуи“ кои под фирмата на национализација им ги одземаа имотите на старите богаташи и го задржуваа стариот систем произведувајќи разменски вредности. Одговорот е во фактот што и тие не знаеја ништо од марксизмот и им веруваа на секој збор на „комунистите“, кои исто така не го познаваа марксизмот.

По поразот на интервенционистите, Ленин ќе изјави: „Победивме не затоа што бевме појаки туку затоа што пролетаријатот од цел свет беше со нас“, што е вистина. Вистина која се состоеше во протестите на работниците и широките народни маси во капиталистичките земји против интервенцијата, во саботажите на работниците во фабриките за оружје и воена опрема, во дезорганизацијата на железничкиот транспорт што спречуваше дотур на воена опрема и оружје на интервенционистите и одбивањето на докерските работници да ја товарат опремата наменета за интервенционистите.

И на така обединетиот светски пролетаријат, Ленин со својата „нова економска политика“ му забива нож во грбот, отварајќи го процесот на разединувањето – стоковното производство во „социјализмот“ кое „секој возрасен поединец во општеството го претвара во посебно општество кое потоа истапува само за себе“ (МЕД 7/105). „Oтворената бреша во поредокот на светскиот капиталистички систем“ Ленин цврсто ја затвара, сменувајќи ги само господарите кои ќе ги експлоатираат работниците. И после тоа, секој кој смета дека ЦИА го сруши социјализмот, мора да е празноглавец кој верува во секоја американска лага. Воопшто не е важно што Ленин тоа го прави од незнаење бидејќи и самиот вели: „Од сите протуви најопасен е оној кој не е свесен дека е протува“. Ленин со „НЕП“ ја исполнува желбата на буржоазијата и го поразува, не само пролетаријатот во Советската република, туку пролетаријатот во цел свет. Но, да го оставиме Ленин.

Се поставува прашање како тоа не го гледаа „научниците“ од општествените „науки“ во цел свет и во средината и крајот на ХХ век. Па, дури ни денес. И денес ги напаѓаат марксизмот и Маркс но никако не можат да докажат никаква грешка на Маркс. Тие само го поистоветуваат  ленинизмот со марксизмот и, грешките и намерните превиди на Ленин и ленинизмот му ги припишуваат неосновано или злонамерно на Маркс. Тоа не е наука туку криминал. Се поставува прашање како така несовесно може да постапуваат доктори на економски, филозофски, политички и други општествени науки не само во цел ХХ век туку и денес во втората деценија на ХХI-ви век? Само за пример, докторот на економски науки М.Несторовски изјавува: „Маркс живеел и работел во едно друго време и пренагласеното навраќање на него не е оправдано“. Слично нешто изјавува и академикот Таки Фити за весникот „Шпиц“. После такви изјави човек мора да се запраша какви се интелектуалните перформанси на таквите доктори на науки кои само негираат нешто, но не изнесуваат аргументи во прилог на нивното негирање.

Очигледно е, ако се сака „светот да ја најде својата рамнотежа вртејќи се околу сонцето труд“, како вели Маркс – тогаш треба да се пристапи кон сериозна анализа на случувањата со „социјализмот“ во ХХ век. А не да се применува бесмислениот буржоаски практицизам кој не може ништо да реши и кога нема никаков организиран противник а од системот на науки да се исфрла марксизмот наместо ленинизмот. И уште кај нас општествените „интелектуалци“ молчат, додека на Западот се јавуваат бројни интелектуалци кои печатат книги во прилог на марксизмот и  Маркс. Меѓутоа, не е решението во тоа, ниту пак во воведувањето на некојси квазимарксизам каков што се применуваше во „социјализмот“ и кој доведе до неоснована компромитација на вистинскиот марксизам (учењето на Маркс и Енгелс). Потребно е формирање тело кое ќе ги превземе сите потребни мерки за оживотворување на вистинскиот марксизам и негова примена во пракса. Тоа ќе доведе до радикални промени кои ќе спречат секакво манипулирање со народот по пат на политика и нема повеќе да се провоцираат бесмислени конфликти меѓу разни национални, верски и други социјални групи и покрај постоењето на целосна демократија каква во буржоаското (граѓанско) општество не може ни да се замисли.

Пријателите на Народот

Дојран – Скопје

Среда, 3 септември 2014.

Advertisements

One thought on “Научноста на марксизмот и волунтаризмот на ленинизмот

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s