13 јули 1793: Смртта на благородниот Мара

0_66486_c43c9067_orig

Ројалистичкото востание пропадна и во Нормандија и во Бретања. Сепак, од градот Кан се појави Шарлот Кордеј за да го убие Жан-Пол Мара. Без сомнение под влијание од сето она што таа го слушнала против Републиката на санкилотските монтањари, и збунета можеби од чистиот републикански изглед што го имале жирондистите кои дошле во Кан, и каде што таа го запознала Барбару, Шарлот Кордеј пристигнала на 11 јули 1793 во Париз, одлучена да убие еден од истакнатите револуционери.

Жирондистичките историчари, кои сите го мразеле Мара, главниот организатор на револуцијата од 31 мај 1793 која ги донесе јакобинците на власт, измислија дека Шарлот Кордеј била републиканка. Ова е апсолутно неточно. Госпоѓица Мари Шарлот Кордеј д‘Армон припаѓала на голема ројалистичка фамилија, а нејзините два браќа емигрирале. Самата таа, одгледана и едуцирана во манастирот Лабаје-о-Дам во Кан, сега живеела со роднина, мадам Де Бретевиј, која била единствено спречена со страв од јавно декларирање на себеси како ројалист. Сиот таканаречен „републиканизам“ на госпоѓица Кордеј д‘Армон се состои во фактот што таа одбила еднаш да се напие за здравје на кралот и го објаснила своето одбивање велејќи дека таа би била републиканка „ако Французите вредат за република“. Односно, таа била конституционалист, веројатно „Feuillant“. Генерал Вимпф дури ја опишал едноставно како ројалист.

Сè ни укажува да веруваме дека Шарлот Кордеј д‘Армон не го планирала сама атентатот. Кан бил центар на Федерацијата на обединети департмани, организирана против јакобинското Собрание, и многу е веројатно дека бил подготвен заговор за 14 или 15 јули да се убијат на тој ден „Дантон, Робеспјер, Мара и нивните другари“, и дека Шарлот Кордеј знаела за ова. Нејзината посета на жирондистот Дипере, на кого таа му предала одредени летоци и писмо од Барбару – тогаш во Кан – и кого таа го советувала да се повлече во Кан без одложување, ја покажува Шарлот Кордеј како алатка на заговор изведен во Кан од жирондистите (крупните капиталисти) и ројалистите.

Дека заговор постоел, и дека жирондистите знаеле за него, изгледа доволно јасно. Според тоа, на 10 јули 1793, било прочитано писмо на Генералниот совет на Париската Комуна, добиено во Стразбург, и препратено до Париз од градоначалникот на тој град, во кое биле напишани следните пасуси: „Монтањата, Комуната, јакобинскиот клуб и престапничка банда стојат на раб од гробот… Меѓу денес и 15 јули ние ќе танцуваме! Јас се надевам дека ниту една крв освен таа на Дантон, Робеспјер, Мара и дружината ќе биде пролеана.“ На 11 и 12 јули, во жирондистичкиот весник „Хроника на Париз“ веќе имало наговестувања за смртта на Мара.

Првобитниот план на Шарлот Кордеј бил, раскажала таа, да го убие Мара на Шамп-де-Марс, на 14 јули, за време на празнувањето на петте години од почетокот на Револуцијата, или ако тој не е присутен таму, тогаш во Собранието на неговата клупа. Меѓутоа, празникот бил откажан, а Мара, кој боледувал, не присуствувал на собраниските седници.

Тогаш таа му напишала писмо, молејќи го да ја прими, и бидејќи не добила одговор, таа му напишала друго писмо, овојпат играјќи дволично со неговата љубезност, за која таа знаела, или за која нејзините пријатели ѝ кажале. Во ова писмо таа му кажала дека е несреќна, прогонувана, знаејќи со сигурност дека со една таква препорака таа ќе биде примена.

Со ова објаснување и кама скриена во нејзиниот шал, таа отишла на 13 јули, во седум часот приквечер, кај Мара. Неговата сопруга, Симон Еврар, откако се двоумела малку, на крајот ја пуштила младата госпоѓица да влезе во скромната соба на пријателот на народот.

Мара, исцрпен од грозница која ја имал во последните два или три месеци, после живот на ловено диво животно којшто го живеел уште од 1789 година, седел во затворена када, поправајќи докази за идниот број на својот весник на штица поставена преку кадата. Овде Шарлот Кордеј д‘Армон го прободила Пријателот на Народот во гради. Неговата смрт била моментална.

Три дена подоцна, на 16-ти еден друг пријател на народот, Шалие, бил егзекутиран од жирондистите во Лион.

Кордеј била брзо судена и прогласена за виновна. На 17 јули, четири дена после атентатот, таа била егзекутирана на гилотина. Ако нејзината цел со убивањето на Мара била да ја потпомогне каузата на жирондистите, таа не можела повеќе да биде во самозаблуда. Бран од јавна разлутеност ги поплавил жирондистите и ја запечатил нивната судбина. Навидум успиените јакобинци, кои Мара не можел да ги разбуди кога тој бил жив, неочекувано се разбудиле. Три месеци подоцна 21 жирондист, вклучително Брисо и Верњио, биле осудени на смрт од Револуционерниот Трибунал и биле гилотинирани на 30 октомври 1793. Еден од нив, Шарл Елеонор Валазе, се самоубил пред да биде егзекутиран. Во текот на следните месеци, Барбару, Гаде и другите исто така биле заробени и егзекутирани. Атентатот врз Мара го активирал циклусот на насилство којшто кулминирал со Теророт.

Едно од Маратовите најчесто повторуваните пророштва – дека неговиот живот би завршил од рака на убиец – се остварило. На пример во јануари 1790 година, Мара го предвидува своето мартирство кое се случило во 1793 година: „Кутри луѓе! Вие треперите при опасностите кои му се закануваат на вашиот бранител. Илјада наострени мечови во секој момент висат над неговата глава. Но, тој нема да ве напушти. Одржан од чистотата на своето срце, кога фаталниот момент ќе дојде, тој ќе полета кон погубувањето со радоста на еден мартир.“

1421388_3705090202942_17421601_n

Како тој ги поминувал своите последни моменти пред да биде убоден? Својствено нему, тој го уредувал следниот број на својот весник, кој бил објавен како скица.

Наспроти својата ослабена физичка состојба, Мара не изгубил ниту дел од својата остроумност. Неговата последна статија била критика на Комитетот за јавен спас, кој Мара во принцип го поддржувал, но, со исклучок на Луј Антоан Сен-Жист, длабоко не им верувал на неговите членови. Посебно, тој го издвоил Барер како „најопасниот непријател на Нацијата.“ (Publiciste de la République Française,бр. 242, 14 јули 1793) Како што се покажало, опортунистичкиот Барер целосно го потврдил Маратовото последно пророштво со неговата улога во поткопувањето на Јакобинската Република и предизвикувањето на Термидорската реакција.

Датумот на насловната страна на тоа последно издание, број 242 од Publiciste de la République Française, бил 14 јули 1793, четиригодишница од Денот на рушењето на Бастиља. Животот на Мара завршил на возраст од 50 години. Официјалниот полициски список на неговиот имот го запишал сето негово монетарно богатство како две странски монети и еден асигнат со номинална вредност од 25 суа.

Во Мара, народот го изгуби својот најпосветен пријател. Бранителите на жирондистите го претставиле како крвожеден лудак, кој дури не знаел што сака. Но, денес ние знаеме како се направени таквите репутации. Фактот е дека во мрачните години 1790 и 1791, кога тој сфатил дека сето јунаштво на народот не можело да ја скрши кралската власт, Мара почнал да очајува и напишал дека неколку илјади аристократски глави треба да се жртвуваат за да успее Револуцијата. Сепак, во длабочината на неговото срце, тој не бил воопшто крвожеден. Тој само го сакал народот. И тој и неговата храбра сопруга, Симон Еврар, имале љубов далеку подлабока од таа на било кој друг истакнат револуционер, и кон оваа љубов Мара останал верен.

„Боженствена жена, која, трогната од неговата положба кога тој бегал од подрум во подрум, го зела и скрила Пријателот на Народот. Таа му го посветила своето богатство и го жртвувала својот мирен живот.“ Вака Мишле ги цитира зборовите на Албертин, сестрата на Мара, за Симон Еврар.

„Ако мојот брат живееше“, изјавила Албертин, „ниту Дантон, ниту Камиј Демулен“ – ниту ебертистите, ние можеме да додадеме – „ќе беа гилотинирани.“

Иако Мара ги разбирал изненадните настапи на гнев кај народот, и дури ги сметал за неопходни во одредени ситуации, сепак тој се разбира не бил поддржувач на тероризам каков што беше практикуван после септември 1793 година.

Од денот кога Револуцијата започнала, Мара преживувал само со леб и вода, не фигуративно зборувајќи, туку во стварноста. Со оваа љубов за народот која го водела, Мара, кој исто така бил постар од повеќето свои револуционерни другари, и имал повеќе искуство, ги разбирал различни фази на Револуцијата, и го предвидувал она што ќе се случи, далеку подобро од било кој негов современик. Ние можеме да кажеме дека тој бил единствениот од револуционерните водачи кој имал реално разбирање на настаните, и моќ да ги сфати во целина, во нивните заплеткани меѓусебни влијанија.

Дека тој имал одредена доза на суета може да се објасни донекаде од фактот што тој секогаш бил прогонуван, секогаш следен, дури во најголемите денови на Револуцијата, додека секоја нова фаза на Револуција само ја потврдувала точноста на неговите предвидувања. Но, овие се само детали. Посебна особина на неговиот ум била што во секој даден момент тој разбирал што требало да се направи за победа на народната кауза – победа на народната револуција, не на апстрактна теоретска револуција.

Користена литература:

Pëtr Kropotkin, The Great French Revolution 1789–1793, објавена во 1909 година;

Clifford D. Conner, Jean Paul Marat Tribune of the French Revolution, објавена во 2012 година.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s