До граѓаните на Арачиново

„Граѓаните на Арачиново ги блокираат сообраќајниците во протест против ЕВН жалејќи се дека сметките биле високи и дека не можеле да ги платат поради високата стапка на невработеност во селото“, јавуваат штуро весниците. За ситуацијата на Арачиновци „заслужна“ е владата на Р.Македонија и „мислителите“ од општествените „науки“. Сите тие, кога „социјализмот“ почна да се клати, најдоа „решение“ во „самостојна и независна“ Македонија и „пазарно“ стопанисување. Денес Македонија, како и сите поранешни „социјалистички“ републики од СФРЈ и држави во светот, е роб на странскиот капитал. А пазарното стопанисување само ги заостри проблемите.

Во „секое општество кое се базира на пазарна економија, неминовен закон е да се концентрира имотот во сè помал број раце“, а сè поголем број лица да стануваат „платежно неспособни“. Тоа не го знаат ни луѓето од власта а ни „мислителите“ од општествените „науки“, иако Енгелс го напишал тоа уште во 1873 година.

Колку е лошо за НАРОДОТ, скоро катастрофално, кога „мислителите“ и „водачите“ не знаат и не сакаат да читаат марксизам! Впрочем, и „власта“ ги спасува од студирање на марксизам, бидејќи го исфрли од системот на науки, па со остатокот, кој и не е наука, прави што сака. И додека власта има корист што НАРОДОТ не знае марксизам, НАРОДОТ страда катастрофално од незнаењето на власта и „мислителите“.

Работници и граѓани! Мора да ве предупредиме дека се залудни сите штрајкови и блокади, ако го задржувате стариот економски систем – пазарното стопанство. „Социјализмот“ пропадна поради пазарното стопанство, иако работниците не сакаа да го менуваат системот.

Нагласуваме енергично дека сме на страна на невработените Арачиновци, но ги отфрламе заблудите за парите на кои сте робови сите. А вашето штрајкување и блокади се токму за парите – да станете „платежно способни“. Науката вели дека парите се непотребни, ако општеството е организирано комунистички. Според тоа, наметнувајте на власта комунистичко организирање на општеството во кое:

  1. Не постои платен старешински кадар и постојана војска по касарните, а одбранбената функција ја врши секој граѓанин заради што сите работоспособни се вооружени и организирани, по фабрики и месни заедници, за да може да бидат ангажирани веднаш каде што ќе биде потребно;
  2. Не се плаќа никаков данок, освен што се организира згрижување на немоќните (мали деца, старци, повредени, болни и умоболни);
  3. Работното време е многу кратко, бидејќи се вработени сите (деца, инвалиди, старци – „секој според способностите“) поради што човек, можеби, ќе работи еден или два дена во неделата, по два до три часа, да го произведе она што ќе го троши за една недела, а другите денови од седмицата ќе ги користи за одмор (пасивен и активен), посетувања на разни школи и курсеви, вршење различна општествено корисна работа или ќе го користи за свое лично надградување;
  4. Не постои платена полиција, бидејќи работниците ги вршат сите полициски работи како општествена обврска;
  5. Не постои судство, бидејќи не постои приватна сопственост, која создава секакви спорови и конфликти, поради што луѓето се спорат и убиваат. Ситните расправии може да ги среди секој другарски одбор;
  6. Во производството се ослободени сите работни места каде можат да „работат“ мали деца и инвалиди и старци, така што тие не се товар на општеството;
  7. Учениците и студентите работат исто така во производството, заради што можат да учат каде сакаат и што сакаат. Не се издржувана категорија на население, бидејќи ја одработуваат својата егзистенција;
  8. Сите мали деца се згрижени во градинки и „од моментот кога не им е потребна првата мајчина нега се образуваат и работно воспитуваат“ (на работните места наведено погоре во текстот);
  9. За жената, исто како и за децата, се одбираат работни места, кои „не се штетни по нежното женино здравје“, се забранува работа во ноќни смени, се градат ресторани за општествена исхрана и сервиси за хемиско чистење и перење, и на тој начин се симнуваат од нејзиниот грб „трите ќошиња на куќата“ и обезбедува „здравата жена да биде и здрава мајка“.
  10. Се укинува сегашната општествена поделба на труд, според која човекот останува цел живот врзан за едно работно место како да е сè вечно и непроменливо, а што доведува до разни здравствени и социјални оштетувања;
  11. Општествените работи (одбрана и заштита, јавен ред и мир, постапка во случај на природни непогоди и сл.) се организираат како општествена обврска и се извршуваат по потреба. Ги организира органот на просвета, кој оспособувањето на граѓаните за тие работи, го планира и извршува како своја редовна обврска;
  12. Просветата е директно поврзана со производството и науката така да нивното заемно влијание е истовремено. Со тоа се постигнува научните остварувања да се применуваат веднаш во производството штом е тоа можно, без да биде попречувано од некои „цеховски“ или монополски себични интереси. Со секое научно откритие се олеснува положбата на производителот, додека не се постигне „укинување на трудот“. Наставата се ослободува од сите непотребни содржини, кои се веќе преживеани и анахрони. Фабриките стануваат „кабинети“ по производно-техничко образование (ПТО) што го револуционира и производството и образованието.
  13. Со работењето во производство децата ги одработуваат сите материјални добра, кои им требаат подоцна во животот (стан, опрема за станот, автомобил и сл.) и никој тоа не може да им го одземе;
  14. Се ликвидираат сите школски установи, кои не служат за ништо, освен поединци да примаат плата (школи од кои стопанството нема никаква потреба, факултети кои не даваат никакви сознанија како економски, филозофски, правни, факултет за политички науки, факултет за одбрана и заштита и сл.). Ова произлегува од фактот што научнотехничкиот прогрес многу професии ги прави непотребни или наметнува нови. А некои установи остануваат без практични содржини со организација на новото општество (тоа требаше да се случи во лажниот социјализам во Југославија);
  15. Се преземаат мерки за отстранување на сите негативни последици од досегашниот стихиен развој на „општеството“ по луѓето и животната средина (ревитализација на напуштените села и уништени земјоделски и шумски површини и загадени водотекови; релокација на населбите од водоплавни и рамничарски предели; замена на фосилните горива со обновливи и еколошки чисти извори на енергија и др.)

Наброените 15 мерки ќе ги оствареа „комунистите“ ако знаеја марксизам. Но, тие не знаејќи го марксизмот, се претворија во хохштаплери, трчилажговци и непријатели на марксизмот. Затоа тие никогаш и не беа комунисти, туку само млатипари. И како што пропадна нивниот „социјализам“, така и оваа власт, иако се бори против „комунизмот“, ќе доведе до комунизам. Таа како што тера, ќе ги „побуни“ не само Албанците, туку и Македонците.

За да не ви бидат залудно штрајковите и блокадите, организирајте се за спроведување на наброените 15 мерки. Со нив ќе постигнете да не морате никогаш повеќе да „барате“ некој да ви опрости долг, бидејќи никогаш нема да станете нечии должници.

Читајте го напишаното и ширете го меѓусебе. Јавете се и на сè ќе ви биде одговорено без лажење и заведување. Чекаме на вашето јавување.

Лазар Гогов и Томислав Захов, Пријатели на Народот

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s